20-26 ЈУЛИ 2026
ПЕСНА 133 Да му служиме на Јехова од младоста
Донеси мудри одлуки за образованието
Паметниот внимава на своите чекори (ИЗР. 14:15)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Кои фактори и библиски начела треба да ги земеме предвид кога одлучуваме дали да стекнеме дополнително образование.
1-2. а) Какви одлуки треба да донесат младите? б) На што се однесува изразот „дополнително образование“? (Види во „Појаснување“.)
„ШТО сакаш да работиш кога ќе пораснеш?“ Ако си млада личност, веројатно многу пати ти го поставиле ова прашање. Најдобриот начин да го користиш својот живот е да одлучиш да му служиш на Јехова полновремено. Но, ќе треба да се грижиш и за твоите материјални потреби (2. Сол. 3:10). Без сомнение, веќе си размислувал што би можел да работиш во иднина.
2 За да можат да најдат работа, некои млади — обично откако ќе се советуваат со родителите — одлучуваат да стекнат дополнително образование по завршувањето на задолжителното.a Можеби си се прашал дали треба да стекнеш дополнително образование. Ако да, какво? Во оваа статија ќе разгледаме библиски начела кои можат да ти помогнат да донесеш мудри одлуки во врска со твоето образование. Иако оваа статија првенствено е наменета за млади, таа може да им помогне на сите христијани кои размислуваат дали да стекнат дополнително образование. Начелата можат да им користат и на родителите за да им помогнат на своите деца да донесат мудри одлуки.
ДАЛИ ТРЕБА ДА СТЕКНЕШ ДОПОЛНИТЕЛНО ОБРАЗОВАНИЕ?
3. Зошто можеби некои христијани размислуваат да стекнат дополнително образование?
3 На некои места може да се заработи доволно за живот без дополнително образование. На други места, пак, дополнителното образование може да помогне некому да најде работа со подобра плата или со подобро работно време. Тоа може да му овозможи на еден христијанин да поминува повеќе време во проповедничкото дело или во други теократски активности. Сепак, дополнителното образование си носи со себе тешкотии и бара одредени жртви.
4. Кој е одговорен да одлучи дали еден христијанин треба да стекне дополнително образование? (Види ја и фуснотата.)
4 Библијата вели дека секој мора да преземе одговорност за своите одлуки и постапки (Гал. 6:5). Значи, секој возрасен христијанин мора самиот да донесе одлука дали ќе стекне дополнително образование.b Исто така, родителите се одговорни за одлуките во врска со образованието на нивните малолетни деца (Еф. 6:1). Освен тоа, тие можат да им помогнат на своите деца да донесат мудри одлуки за тоа дали да стекнат дополнително образование кога ќе пораснат (Изр. 22:6).
5. Кога треба некој да почне да размислува за дополнително образование, и зошто? (Види ја и сликата.)
5 Честопати, уште пред да завршат со задолжителното образование, младите треба да донесат одлука дали ќе продолжат со школувањето. Се разбира, мудро е младите да разговараат за тоа со своите родители доволно рано пред да донесат одлука. Ова ќе им даде доволно време заедно да размислат за опциите што им стојат на располагање. Можеби ќе имаат можност да изберат средно училиште или насока што ќе ги подготви за нивното идно образование или вработување. Дали одлуката треба да биде донесена пред младите да завршат со задолжителното школување? (Изр. 21:5). Не мора да значи. Некои одлучиле прво да го завршат школото, да најдат работа и да почнат со пионерска служба, а дури потоа да одлучат дали да стекнат дополнително образование. Некој може да размисли за таа опција дури и подоцна во животот.
Родителите му помагаат на своето дете да донесе мудри одлуки во врска со дополнителното образование (види во пасус 5)
6. Што може да му помогне некому да донесе мудра одлука во врска со дополнителното образование?
6 Што може да ти помогне да донесеш мудра одлука во врска со дополнителното образование? Моли се за тоа (Јак. 1:5). Исто така, размисли за овие два чекора. Прво, искрено преиспитај ги твоите мотиви (Пс. 26:2). Второ, внимателно размисли за позитивните и негативните страни на образованието што го имаш на ум (Изр. 14:15). Да ги разгледаме овие чекори еден по еден.
ПРЕИСПИТАЈ СИ ГИ МОТИВИТЕ
7. За што треба да размислат христијаните ако имаат желба да стекнат дополнително образование?
7 Ако размислуваш да стекнеш дополнително образование, важно прашање што треба да си го поставиш е: „Зошто сакам да стекнам вакво образование?“ Многумина се школуваат дополнително за да можат да најдат работа во која ќе уживаат или која ќе биде добро платена. Дали ваквите мотиви се погрешни? Не мора да значи (1. Тим. 5:8). Сепак, Библијата нѐ предупредува да не паднеме во замката на материјализмот и да не бараме сигурност во овој свет (Изр. 23:4, 5; 1. Тим. 6:8-10; 1. Јов. 2:17). Ако твојот мотив е да стекнеш богатство или углед, не само што би можел да се чувствуваш празно туку би можел и да си го нарушиш пријателството со Јехова.
8-9. а) Како треба христијаните да гледаат на образованието? (Матеј 6:33). б) Што учиш од она што го кажале Џозефина, Морин и Ирис?
8 Како тогаш треба да гледаме на образованието? Ништо не треба да ни биде поважно од тоа да му служиме на Јехова (Мат. 22:37, 38; Фил. 3:8). Затоа, на образованието гледај како на нешто што ќе ти помогне да се издржуваш додека со цело срце му служиш на Јехова. (Прочитај Матеј 6:33.)
9 Забележи што им помогнало на некои христијани да задржат исправно гледиште за дополнителното образование. Џозефина од Чиле вели: „Дополнителното образование ми помогна да му служам на Јехова во уште поголема мера. Избрав школување што нема да ме спречи да ги остварам моите духовни цели“. Една сестра по име Морин, одлучила да оди на курс за фризерка кој траел една година. Зошто? Таа вели: „Имав цел да служам онаму каде што има поголема потреба. Затоа барав курс што ќе ми помогне да ја остварам таа цел. Откако ја завршив обуката, работев како фризерка за да заштедам пари и да можам да се преселам. Кога се преселив онаму каде што има поголема потреба, школувањето што го завршив ми помогна да најдам работа“. Ирис, која учела за стоматолог вели: „Дополнителното образование можеби си има некои свои предности, но никогаш нема да те направи вистински среќен. Формулата е едноставна: Ако Јехова ти е на прво место во животот, успехот и задоволството се загарантирани“. Кога пријателството со Јехова ни е најважното нешто во животот, ќе носиме одлуки кои ќе ни помогнат да бидеме среќни засекогаш.
РАЗМИСЛИ ЗА ПОЗИТИВНИТЕ И ЗА НЕГАТИВНИТЕ СТРАНИ
10. Како може да ти помогне начелото од 5. Мојсеева 32:29 кога одлучуваш дали да стекнеш дополнително образование?
10 Можеби имаш на ум некое конкретно образование кое сакаш да го стекнеш. Но, добро е да земеш предвид и други можности, било во истата област било во некоја друга. (Спореди со Изреки 18:17.) Денес постојат многу повеќе можности за образование од порано, како на пример онлајн курсеви. И не заборавај да размислиш дали би можел да се издржуваш себеси без дополнително образование. На пример, Јоана од Финска не стекнала дополнително образование. Таа вели: „Кога завршив со школувањето, се вработив со скратено работно време и почнав да служам како пионер. Имав различни работни места и гледав како Јехова секогаш си го одржува ветувањето дека ќе се грижи за нашите потреби“. Кога одлучуваш дали и какво дополнително образование да стекнеш, имај на ум дека сите одлуки имаат и позитивни и негативни страни. Затоа прашај се: „Дали има повеќе позитивни отколку негативни страни?“ (Прочитај 5. Мојсеева 32:29; 1. Кор. 10:23). Да разгледаме неколку фактори што ќе ти помогнат да добиеш одговор на тоа прашање.
11. Зошто е важно да размислиш колку време седмично ќе треба да одвојуваш за школувањето? (Види ги и сликите.)
11 Распоредот. Размисли колку часови седмично ќе трошиш за настава, пракса и домашни задачи. Дали ќе ти остане време за духовните активности и за обврските во семејството? (Фил. 1:10). Дали школувањето толку многу ќе те исцрпи што ќе бидеш премногу уморен за да се подготвуваш за состаноците и да ја проучуваш Библијата? Тоа му се случило на Џероз од Индија. Тој вели: „Ми беше тешко редовно да учествувам во проповедничкото дело и да останам сконцентриран на собраниските состаноци. Понекогаш ги пропуштав состаноците. Денес сметам дека не вредеше да потрошам толку многу време и сила за тоа школување“. Но, некои видови школување не одземаат многу време — некои се со скратен распоред, а други со малку домашни задачи. На пример, Ребека од Мозамбик е задоволна со нејзиниот избор на образование. Таа вели: „Наставата траеше само два часа дневно. Тоа ми овозможи да продолжам да служам како општ пионер“.
Ако планираш да стекнеш дополнително образование, размисли дали ќе имаш доволно време за сите важни обврски (види во пасус 11)
12. Кои прашања би било добро да си ги поставиш за да можеш да го искористиш времето на најдобар начин? (Проповедник 12:1).
12 Должината. Размисли колку месеци или години ќе ти бидат потребни за да го завршиш школувањето. Дали со стекнувањето на тоа дополнително образование ќе го искористиш твоето време на најдобар можен начин? (Еф. 5:15-17). Дали школувањето ќе ти овозможи да му го дадеш на Јехова твоето најдобро додека си млад, можеби така што ќе служиш како пионер? (Прочитај Проповедник 12:1.) Дали постојат пократки опции за образование во истата област? На некои стручни школи и занаетчиски курсеви можеш да ги добиеш потребните вештини побрзо и за помалку пари отколку на универзитет. Марио од Чиле вели: „Избрав школување што траеше две години и беше поевтино од универзитетските студии. Имав часови само четири дена седмично, и тоа ми овозможи да служам како пионер додека траеше школувањето“.
13. Што би можело да се случи ако школувањето е далеку од твојот дом?
13 Локацијата. Можеби ќе најдеш школување во близина на твојот дом. Но, што ако најдеш школување во друг град? Што ако треба да живееш со други студенти? Биди свесен дека тоа што ќе се отселиш од твоето семејство може да те стави во голема духовна опасност, особено ако живееш со луѓе кои не му служат на Јехова (Изр. 22:3; 1. Кор. 15:33). Матијас од Мозамбик завршил курс кој траел една година и не бил скап. Сепак, тој жали за таквата одлука. Зошто? Матијас вели: „Во текот на школувањето морав цело време да живеам во интернат. Секој ден бев на искушение да правам работи што не му се допаѓаат на Јехова. Им препорачувам на другите да изберат школување за кое нема да биде потребно да живеат далеку од семејството“. Една сестра од Русија вели: „Бидејќи живеев дома со моите родители, а не со други студенти, избегнав најразлични проблеми и искушенија“. Уште една можност би била да избереш школување што е онлајн.
14. Како може начелото од Лука 14:28 да ти помогне да донесеш добра одлука?
14 Финансиските трошоци. Некои курсеви не се скапи, а некои можеби се финансирани од владата. Така можеш да стекнеш вештини што ти се потребни за да најдеш работа без да потрошиш многу пари. Но честопати, дополнителното образование е скапо. Исто така, може да има и други трошоци. На пример, можеби ќе треба да земеш приватни часови за да се подготвиш за приемен испит. Некои видови школување се толку скапи што студентите ќе треба со години да го отплаќаат долгот. Адилсон од Мозамбик жали за неговиот избор на школување. Тој вели: „За да плати за моето четиригодишно школување, моето семејство мораше да штеди на храна и на други основни работи“. Додека размислуваш за некој вид школување, прашај се: „Колку ќе чини? Дали јас или моето семејство ќе можеме да си го дозволиме тој трошок? Дали има некоја поевтина опција?“ (Прочитај Лука 14:28.) „Ако мора да се задолжам, колку време ќе ми треба да го исплатам долгот? Дали подоцна кога ќе се вработам ќе заработувам доволно за да можам да се издржувам и да го отплатам долгот за школувањето?“ (Изр. 22:7).
15. Зошто треба да размислиш какви се можностите за вработување пред да одлучиш каков вид на образование ќе избереш?
15 Можностите за вработување. Размисли за тоа кои професии се бараат во местото каде што живееш или сакаш да живееш. Дали дополнителното образование навистина ќе ти помогне да најдеш работа? Преку некои видови школување не се добива многу практична обука. Наместо тоа, наставата претежно е теоретска и се концентрира на интелектуални, академски или филозофски теми (Кол. 2:8). Една сестра од Индија вели: „Образованието што го стекнав не ми помогна да ги развијам практичните вештини што ги бараат работодавачите. Поради тоа, не можев да најдам работа во областа за која се школував“. Од друга страна, некој вид школување можеби ќе ти помогне да стекнеш практични вештини, но можноста за вработување во таа област е мала. Сублим од Централноафриканската Република завршил обука за поправање на клима-уреди. Сепак, тој вели: „Онаму каде што живеам повеќето луѓе сами си ги поправаат работите и затоа не е лесно да се најде работа“.
16. Зошто е добро да размислиш за тоа каква работа веројатно ќе најдеш откако ќе го завршиш школувањето?
16 Размисли и за тоа каква работа веројатно би нашол. Дали ќе уживаш во неа? (Проп. 3:12, 13). Каква ќе биде работната средина? Дали таму владее натпреварувачка атмосфера? Дали работата што ќе ја вршиш е ризична или стресна? Колкава е вообичаено платата за таа работа? Дали тоа ќе ти биде доволно за да се издржуваш? Дали ќе треба постојано да добиваш дополнително школување за да ја задржиш работата? А што е најважно, дали таа работа ќе ти овозможи на прво место во животот и понатаму да ти биде Јехова? (Проп. 12:13). Се разбира, кога е тешко да се најде работа, не можеме да бидеме премногу пребирливи. Сепак, изборот што ќе го направиш во поглед на образованието може да влијае врз твоите можности за вработување во иднина. Табита од Индија избрала шестмесечен курс за шиење. Таа вели: „Сметав дека тоа што ќе работам како кројачка ќе ми помогне да служам како пионер. Секогаш ќе има потреба од кројачи. Освен тоа, самата ќе можам да го изберам работното време и не е потребна голема инвестиција за да почнам да работам“. Курсот ѝ помогнал на Табита да најде работа со која можела да продолжи да служи како пионер.
17. а) Како можеш да ги најдеш потребните информации за да донесеш мудра одлука во врска со образованието? б) Кои библиски начела можат да ти помогнат да донесеш добра одлука? (Види ја рамката „Библиски начела кои ќе ти користат“.)
17 Во оваа статија разгледавме различни фактори во врска со дополнителното образование. Како можеш да ги најдеш потребните информации за да донесеш мудра одлука? Ќе можеш добро да се информираш така што ќе ја посетиш соодветната институција или нејзината интернет-страница. Провери ги огласите за работа за да дознаеш какви се можностите за вработување во таа област. Исто така, би можел да се советуваш со оние што завршиле слично школување или го работат она што ти би сакал да го работиш (Изр. 13:10). Прашај ги кои се позитивните и негативните страни од тоа образование или вработување. Разговарај и со други кои му служат на Јехова со радост (Изр. 15:22). Какво образование и вработување препорачуваат тие? Можеби дури ќе спомнат некој вид на работа за која ти не си размислил.
18. Што ќе нѐ направи вистински среќни?
18 Како што видовме, дополнителното образование има позитивни и негативни страни. Затоа, моли се и размисли за опциите што ги имаш. Не заборавај — иако дополнителното образование може да ти обезбеди одредена финансиска сигурност, единствениот начин да бидеш вистински среќен е да бидеш близок пријател со Јехова (Пс. 16:9, 11). Тој секогаш ќе се грижи за своите слуги, без разлика какво образование имаат (Евр. 13:5). Доколку си одлучил да стекнеш дополнително образование, што може да ти помогне да останеш близок со Јехова за време на школувањето? Ова ќе го разгледаме во следната статија.
ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце
a ПОЈАСНУВАЊЕ: Во оваа и во следната статија, изразот „дополнително образование“ се однесува на секое школување или обука што е дополнување на образованието кое го обезбедува државата. Во тоа спаѓаат разни курсеви, факултетско образование, стручни школи, школување што се добива на работното место и слично.
b Во минатото, нашите публикации им препорачуваа на Сведоците да не стекнуваат одредени видови дополнително образование. На пример, во статијата „Родители — каква иднина сакате да имаат вашите деца?“ која излезе во Стражарска кула од 1 октомври 2005 год., беше дадено предупредување во врска со опасностите од високото образование. Иако опасностите сѐ уште постојат, стекнувањето дополнително образование е лична одлука. Пред да донесе одлука, секој христијанин — а во случај на малолетните деца, главата на семејството — треба да се моли во врска со одлуката и да размисли за библиските начела, како и за тоа што сѐ ќе биде потребно за да може да го заврши школувањето. Никој, вклучувајќи ги и старешините, не треба да ги осудува браќата и сестрите кои ќе решат да стекнат дополнително образование (Јак. 4:12).