27 ЈУЛИ — 2 АВГУСТ 2026
ПЕСНА 56 Нека те води вистината!
Остани духовно јак додека стекнуваш дополнително образование
Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор (ФИЛ. 3:16)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Ќе разгледаме четири библиски начела што ќе ти помогнат да останеш духовно јак доколку решиш да стекнеш дополнително образование.
1-2. а) Ако одлучиш да стекнеш дополнително образование, што треба да продолжиш да правиш? б) Што значи „да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор“? (Филипјаните 3:16).
НЕКОИ Јеховини слуги, по завршувањето на образованието што е задолжително во нивната земја, одлучиле да стекнат и дополнително образование. Тие можеби сметаат дека таквото образование ќе им помогне да најдат работа со која ќе можат да се издржуваат во службата за Јехова. Ако и ти си одлучил да стекнеш дополнително образование, што можеш да правиш за да останеш близок со Јехова? (Јак. 4:8а). Без сомнение, ти веќе си се соочил со испити на верата во текот на твоето досегашно школување. Сега ќе треба да „[продолжиш да одиш] со истиот вообичаен чекор“, односно да продолжиш верно да му служиш на Јехова исто како досега. (Прочитај Филипјаните 3:16.)
2 Грчкиот израз преведен со „да одиме со истиот вообичаен чекор“, честопати се користел во воената терминологија за да се опише група војници кои заедно маршираат. Ако одлучиш да стекнеш дополнително образование, ќе треба, така да се каже, да продолжиш да маршираш напред во службата за Јехова, а не да стоиш во место или пак да се повлечеш. Во оваа статија ќе разгледаме четири библиски начела кои ќе ти помогнат во тоа. Овие начела не се нешто ново за тебе. Ти веќе си ги применувал во минатото и ќе треба да продолжиш да ги применуваш додека стекнуваш дополнително образование, а и откако ќе завршиш со школувањето.
ЗАДРЖИ ДОБРИ ДУХОВНИ НАВИКИ
3. Што би можело да се случи додека стекнуваш дополнително образование?
3 Што би можело да се случи. Додека стекнуваш дополнително образование, ќе бидеш многу зафатен и ќе имаш повеќе обврски во текот на денот. Бидејќи сигурно ќе сакаш да бидеш успешен во школувањето, би можел да почнеш да гледаш на службата за Јехова како на нешто што е помалку важно. Дури би можел да почнеш да ги запоставуваш собраниските состаноци, службата на проповедање, личното проучување и молитвата (Отк. 2:4).
4. Што значи да бидеме „секогаш зафатени во делото на Господарот“? (1. Коринќаните 15:58).
4 Прочитај 1. Коринќаните 15:58. За да можеш да се движиш напред кога возиш велосипед, мора постојано да вртиш со педалите. Слично на тоа, за да задржиш добар однос со Јехова, мора постојано да бидеш зафатен во службата за него. Токму затоа, Библијата нѐ поттикнува да бидеме „секогаш зафатени во делото на Господарот“. Ова не значи дека е важно само колку време ќе поминуваш во теократските активности туку и како гледаш на нив, односно дали им даваш приоритет. Не заборавај дека пред сѐ си слуга на Јехова, а потоа ученик (Мат. 22:37). Една млада сестра по име Саманта вели: „Си ветив себеси дека, ако образованието почне да ми влијае врз службата за Јехова, ќе прекинам со школувањето“.
5. Што ќе ти помогне да останеш зафатен во службата за Јехова?
5 Што можеш да правиш пред да започнеш со дополнителното образование. Погрижи се Јехова и понатаму да биде на прво место во твојот живот. Прашај се: „Каков план имам за редовно да се подготвувам и да присуствувам на состаноците, да проповедам и да ја читам Библијата?“ (Ис. Нав. 1:8; Мат. 28:19, 20; Евр. 10:25). Исто така, размисли за следново: Што ти помагаше да најдеш време за овие активности во текот на твоето досегашно школување? Ако сметаш дека некои работи си можел да ги правиш подобро, што би сменил сега? Биди решен да останеш зафатен во службата за Јехова додека стекнуваш дополнително образование. Дај му соодветно внимание на твоето образование, но не на сметка на твоето пријателство со Јеховаa (Мат. 6:24).
6. Како би можел да се преиспиташ дали Јехова сѐ уште е на прво место во твојот живот? (Види ја и сликата.)
6 Во текот на дополнителното образование, редовно преиспитувај се, можеби еднаш месечно, за да увидиш дали Јехова сѐ уште ти е на прво место во животот. Труди се да ги забележиш дури и малите знаци на опасност. На пример, прашај се: „Дали често ги пропуштам состаноците или доцнам на нив? Дали размислувам за школските задачи за време на собраниските состаноци? Дали сум почнал да ги следам состаноците само преку видеоконференција?“ Исто така, прашај се: „Дали сега поретко се молам и поретко ја читам Библијата за разлика од порано? Дали одам во служба само затоа што морам и гледам да завршам со неа што е можно побрзо?“ Ако на некое од горенаведените прашања одговори со „да“, веднаш направи промени. Не дозволувај образованието да ти стане поважно од службата за Јехова.
Не дозволувај образованието да ти стане поважно од службата за Јехова (види во пасус 6)
ЧУВАЈ СИ ЈА „СПОСОБНОСТА ЗА РАСУДУВАЊЕ“
7. Како дополнителното образование може да влијае врз твоето размислување?
7 Што би можело да се случи. Во зависност од школувањето што си го избрал, дополнителното образование може да те изложи на човечка филозофија и „празна измама“, вклучувајќи ги и атеизмот и теоријата за еволуција (Кол. 2:8). Исто така, тоа би можело да те наведе да се потпираш повеќе на себе отколку на Јехова. Еден млад брат се сеќава: „Не учевме само вештини туку и начин на размислување, кој честопати не беше во склад со Јеховиното размислување. На пример, бевме поучувани дека успехот во животот зависи од нас самите. Во таквиот начин на размислување немаше место за Јехова. Поради тоа, ми стана потешко да се потпирам на него“.
8. Зошто е важно „да ја зачуваш способноста за расудување“? (Изреки 5:1, 2).
8 Прочитај Изреки 5:1, 2. Библијата те предупредува „да ја зачуваш способноста за расудување“. Обично чуваме нешто што е во опасност да биде оштетено или да ни биде одземено. Токму тоа е случај и со твојата способност за расудување (1. Пет. 5:8). Ставовите на луѓето од овој свет можат да ти ја поткопаат верата во поглед на моралните вредности и потеклото на животот, па дури и да те наведат да се сомневаш дали постои Бог. Луѓето можеби ќе се обидат да те наведат да мислиш дека нивниот начин на размислување е на „повисоко ниво“. Но всушност, „мудроста на овој свет е глупост пред Бог“ (1. Кор. 3:18-20).
9. Како можеш да си ја зачуваш способноста за расудување?
9 Што можеш да правиш пред да започнеш со дополнителното образование. За да си ја зачуваш способноста за расудување во текот на дополнителното образование, важно е да имаш цврста вера во библиските учења уште пред да почнеш со тоа образование. Затоа преиспитај се со прашања, како на пример: „Зошто верувам во Бог? Зошто сум уверен дека Библијата е негова Реч? Што ме уверува дека е многу подобро да живеам според мерилата од Библијата, а не според мерилата на луѓето од овој свет?“ Исто така, размисли за следново: Без сомнение, ти веќе си бил изложен на размислувањето на луѓето од светот во текот на твоето досегашно школување. Прашај се: „Кога другите ќе тврдеа дека еволуцијата е факт, дали ми се појавуваа сомнежи во врска со постоењето на Бог? Кога соучениците ме тераа да правам нешто погрешно, дали ми беше тешко да ги одбијам?“ Ако сметаш дека некои работи си можел да ги правиш подобро, како можеш сега да си ја зајакнеш увереноста дека библиските учења се точни и дека секогаш се за твое добро? Додека стекнуваш дополнително образование, биди решен да си ја зачуваш способноста за расудување (2. Тим. 2:16-18).b
10. Како можеш и во текот на школувањето да ја зачуваш способноста за расудување?
10 Во текот на дополнителното образование, редовно преиспитувај се. Прашај се: „Дали врз мене влијае однесувањето на луѓето кои не ги почитуваат Божјите мерила? Можам ли да препознаам кои учења се само човечки филозофии? Дали сум потполно уверен дека само Божјето Царство може да ги реши проблемите на човештвото?“ За да си ја зачуваш способноста за расудување, продолжи длабоко да ја проучуваш Божјата Реч. Тоа ќе ти помогне да бидеш уверен дека сето она што го вели Библијата е вистина (1. Тим. 4:15).
ДОБРО КОРИСТИ ГО ВРЕМЕТО
11. Зошто може да ти биде тешко мудро да го користиш времето додека стекнуваш дополнително образование?
11 Што би можело да се случи. Дополнителното образование може да ти одземе голем дел од времето, особено кога се подготвуваш за испити или кога треба да завршиш некој проект во краток рок. Ако не го користиш мудро времето, би можел да се ставиш под голем стрес, па дури и потполно да се исцрпиш. Токму затоа, многу е важно да се грижиш за своето физичко и емоционално здравје.
12. Што треба да вклучиш во својот распоред за добро да го користиш времето? (Ефешаните 5:15, 16).
12 Прочитај Ефешаните 5:15, 16. Поради многуте обврски, може да ти биде тешко добро да го користиш времето. Затоа треба да бидеш урамнотежен. На пример, иако е важно да одвоиш време за учење, уште поважно е да одвоиш време за семејството и за твоите соверници (Пс. 133:1; Изр. 18:1). Се разбира, најважно од сѐ е да се грижиш за своите духовни потреби (Мат. 6:33). Освен тоа, можеби имаш обврски во семејството и на работното место. Исто така, треба да се грижиш за своето здравје така што доволно ќе се одмараш и умерено ќе вежбаш (Проп. 4:6; 1. Тим. 4:8). Затоа треба добро да го планираш своето време.
13. Што ќе ти помогне да го користиш своето време на најдобар можен начин?
13 Што можеш да правиш пред да започнеш со дополнителното образование. Според Библијата, планирањето води до успех (Изр. 21:5). Имајќи го тоа на ум, направи си реалистичен распоред уште пред да почнеш со дополнителното образование. За да успееш во тоа, размисли колку добро го планираше времето во текот на досегашното школување. Ако сметаш дека некои работи си можел да ги правиш подобро, што би сменил сега? Биди решен ти да имаш контрола врз твоето време, наместо времето да има контрола врз тебе.c
14. Со кои прашања би можел да се преиспиташ?
14 Во текот на дополнителното образование, редовно преиспитувај се. Прашај се: „Дали имам време за доволно да се одмарам и да вежбам? Дали ми останува време за да се дружам со браќата и сестрите? Дали навреме ги завршувам школските задачи? Ако не, дали причината е тоа што имам премногу обврски или затоа што имам навика да ги одложувам? Дали моите пријатели и семејството сметаат дека треба да направам промени во начинот на кој го користам времето?“ Без разлика дали треба да направиш промени во твојот распоред или треба да стекнеш поголема самодисциплина, направи го тоа веднаш. Би можел дури и да разговараш со некој што знае добро да го планира своето време (Изр. 11:14).
ПРОДОЛЖИ ДА ОДИШ СО МУДРИТЕ
15. Додека стекнуваш дополнително образование, што би можело да се случи?
15 Што би можело да се случи. Во текот на школувањето, соучениците можеби ќе сакаат да те вклучат во своето друштво. Можеби ќе бидеш на искушение да им се придружиш. На крајот на краиштата, имаш многу заедничко со нив, особено ако голем дел од твоето време си заедно со нив на часовите. Можеби дури ќе мислиш дека имаш повеќе заеднички работи со нив, отколку со соверниците. Сепак, треба да бидеш претпазлив. Иако со соучениците ја делиш училницата, не ги делиш нивните вредности. И колку повеќе време минуваш со нив, толку повеќе нивното размислување може да влијае врз тебе (1. Кор. 15:33). Тоа му се случило на Мајкл, кој четири години учел за електричар. Тој вели: „Поминував повеќе од 40 часа седмично со луѓе кои користеа вулгарен говор, слушаа музика што не е за христијани и немаа почит кон жените. Сето тоа, почна да влијае врз моето размислување“.
16. Што учиме од Изреки 13:20?
16 Прочитај Изреки 13:20. Библијата нѐ предупредува дека лошото друштво може да ни создаде многу проблеми. Од друга страна, „кој оди со мудрите, ќе стане мудар“. Поуката е јасна — оние со кои поминуваме време влијаат врз нас, било добро, било лошо. Затоа, биди близок пријател со оние што ти го мислат најдоброто, односно со оние што, исто како тебе, со сето срце му служат на Јехова (Пс. 101:6, 7; 119:63).
17. Што ќе ти помогне да се чуваш од лошо друштво?
17 Што можеш да правиш пред да започнеш со дополнителното образование. Одлучи какви граници ќе си поставиш во однос на друштвото. Еден Сведок по име Трентон вели: „Се однесувам љубезно со моите соученици, но не поминувам време со нив после часовите. На нив гледам само како на соученици, а не како на блиски пријатели“. Какви граници ќе си поставиш ти? За да можеш да одговориш на тоа прашање, размисли какви граници си имаше поставено во текот на досегашното школување. Ако сметаш дека некои работи си можел да ги правиш подобро, што би сменил сега? Биди решен да продолжиш „да одиш со мудрите“ и да не минуваш многу време со оние што не го сакаат Јехова.d
18. Кои прашања е добро редовно да си ги поставуваш? (Види ја и сликата.)
18 Редовно преиспитувај се со следниве прашања: „Дали сум премногу близок со соучениците? Дали почнувам да зборувам, да размислувам или да постапувам како нив? Што мисли Јехова за моето пријателство со нив?“ (Пс. 1:1). Ако забележиш негативни промени кај себеси, веднаш преземи нешто. Погрижи се твоите најдобри пријатели да бидат меѓу оние кои го сакаат Јехова исто како тебе. Освен тоа, немој да се колебаш да им сведочиш на твоите соученици. Ти си во најдобра позиција да им помогнеш да ја дознаат вистината.
Немој да се колебаш да им сведочиш на твоите соученици (види во пасус 18)e
ПОДГОТВИ СЕ
19. Како можеш да се подготвиш за духовните опасности во текот на дополнителното образование? Наведи пример.
19 Еден мудар планинар се подготвува пред да тргне на планинарење. Иако не може да ја предвиди секоја ситуација со која ќе се соочи, тој е во добра форма, соодветно е облечен и има цел — знае каде сака да стигне. Слично како него, и ти можеш да се подготвиш пред да почнеш со дополнителното образование. Задржи цврста вера, носи ја „сета Божја воена опрема“ и имај цел — не да го постигнеш она што светот го смета за успех, туку да му носиш слава на Јехова со сѐ што правиш (Еф. 6:11-13; 1. Кор. 9:26, 27; 10:31).
20. Како можеш да се испитуваш дали си во верата?
20 Библијата нѐ поттикнува: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Кор. 13:5). Токму тоа можеш да го правиш додека стекнуваш дополнително образование. Како? Така што редовно ќе се преиспитуваш на сите подрачја што беа спомнати во оваа статија. Дали имаш добри духовни навики? Дали се чуваш од таканаречената мудрост на овој свет? Дали добро го користиш времето? Дали избираш пријатели меѓу соверниците и дали се чуваш од лошо друштво? Овие прашања треба да си ги поставиш без разлика дали си на училиште, на работа или на некое друго место. Биди решен да останеш цврст во верата без оглед на твоите околности. Можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе те благослови за трудот што го вложуваш (Изр. 3:5, 6).
ПЕСНА 87 Да се храбриме на состаноците!
a Некои предлози за тоа како да останеш зафатен во службата за Јехова има на jw.org во статијата „Младите прашуваат... Што треба да правам по крштавањето? — Прв дел: Продолжи со твоите добри навики“
b Некои предлози за тоа како да ја зачуваш способноста за расудување има во статијата „Не дозволувај да те измами ’мудроста на овој свет‘“, која излезе во Стражарска кула од мај 2019.
c Некои предлози за тоа како да си ги организираш активностите во текот на денот, види во поглавје 21 со наслов „Како да си го планирам времето?“, во книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1.
d Некои предлози за тоа како да носиш мудри одлуки во врска со друштвото, види во лекција 48 со наслов „Мудро бирај ги своите пријатели“, во книгата Радувај му се на животот засекогаш.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра која учи за фризерка користи прилика за тактично да ѝ сведочи на една соученичка.