13-19 ЈУЛИ 2026
ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам
Обликувај ја својата совест со библиските начела
Секој ќе го носи својот товар (ГАЛ. 6:5)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како библиските начела можат да ни помогнат да си ја обликуваме совеста за да носиме добри одлуки.
1-2. а) Каков дар добиле Адам и Ева? б) Како требало да покажат благодарност за тој дар?
ЖИВОТНИТЕ се водат по инстинкт. Многу машини можат да бидат програмирани да функционираат на одреден начин. Но, со луѓето е поинаку. Кога нѐ создал, Јехова ни дал посебен дар што многу го цениме. Тој дар е слободната волја, односно способноста самите да носиме одлуки во животот. Од Библијата дознаваме дека првиот човек, Адам, бил создаден според Божјиот лик (1. Мој. 1:26, 27). Како суштества обдарени со разум, и Адам и неговата жена Ева, биле создадени со способност самите да носат одлуки.
2 Јехова не им дал на Адам и Ева список со многу закони. Тој само им рекол да се грижат за Земјата, да ја наполнат со свои деца и да го почитуваат неговото право да поставува разумни ограничувања за тоа што смеат, а што не смеат да прават (1. Мој. 1:28; 2:16, 17). Како требало Адам и Ева да покажат благодарност кон оној што ги обдарил со слободна волја? Со оглед на сето она што им го дал Јехова, тие требало да им бидат послушни на тие основни заповеди од љубов кон него и од желба да го радуваат (Изр. 23:15).
3. Како Адам и Ева ја користеле слободната волја?
3 Од Библијата дознаваме дека Адам и Ева не ја користеле слободната волја на мудар начин. Напротив, тие одлучиле да не му бидат послушни на Јехова. Таквата одлука не ја донеле од љубов и од благодарност кон Јехова, туку од себичност (1. Мој. 3:1-7). Последиците од таа одлука ги чувствуваме до ден-денес (Рим. 5:12).
4. а) Според Галатите 6:5, што мора сите ние да правиме? б) Кој друг дар од Јехова ќе го разгледаме во оваа статија?
4 Животот денес може да биде многу комплициран бидејќи секој ден мора да носиме многу одлуки. (Прочитај Галатите 6:5.) Некои одлуки се поедноставни, а некои посложени. Како можеме да носиме одлуки кои ќе го радуваат Јехова? Прво, мора да признаеме дека ни е потребна Јеховината помош (Изр. 16:3; Ерем. 10:23). Дури и Исус, кој бил совршен, знаел дека му е потребна помош од Бог (Евр. 5:7). Бидејќи не сме совршени, ние имаме уште поголема потреба од Јеховиното водство. Освен што нѐ создал со способност да носиме одлуки, Јехова ни дал уште еден дар — совеста. Сега да видиме како таа може да ни помогне да носиме добри одлуки.
ШТО Е СОВЕСТ?
5. а) Што е совест? б) Како ни помага совеста? (Римјаните 2:14, 15).
5 Совеста е внатрешно чувство кое ни помага да знаеме што е исправно, а што погрешно. Дури и луѓето кои не знаат ништо за Божјите закони имаат совест (2. Кор. 4:2). Нашата совест е како внатрешен судија кој може да нѐ обвини или да нѐ оправда за нешто што сме го помислиле или направиле. (Прочитај Римјаните 2:14, 15.) Освен тоа, совеста може да нѐ предупреди да не направиме нешто што знаеме дека е погрешно (1. Сам. 26:8-11). Исто така, таа може да нѐ поттикне да направиме нешто што знаеме дека е исправно. Самото тоа што имаме слободна волја не значи дека секоја одлука што ќе ја донесеме ќе го радува Јехова. Нашата совест треба да ни помогне да процениме која е разликата помеѓу добра и лоша одлука.
6. Каков проблем има во врска со нашата совест?
6 За жал, има еден проблем во врска со нашата совест. Исто како што ние сме несовршени, и нашата совест е несовршена. Врз неа можат негативно да влијаат нашата култура, начинот на кој сме воспитани и нашите погрешни желби. Библијата вели дека совеста може да стане „слаба“, „извалкана“, „затапена“, „запечатена со вжештено железо“ или „нечиста“ (1. Кор. 8:12; Тит 1:15; 1. Тим. 4:2, фус.; Евр. 10:22). Една таква совест не може да даде добро водство. Таа е како неточен часовник кој треба да се штелува. Слично на тоа, и ние треба да ја „штелуваме“ нашата совест за да може добро да функционира (1. Пет. 3:16). Како би можеле да го правиме тоа?
КАКО ДА ЈА ОБЛИКУВАМЕ НАШАТА СОВЕСТ
7-8. а) Што ќе ни помогне да си ја обликуваме совеста? б) Како ни помагаат библиските начела? Наведи пример. (Види ја и сликата.)
7 Како можеме да си ја обликуваме совеста? Мора редовно да ја читаме Библијата и да учиме што е исправно, а што погрешно од Јеховина гледна точка. Тоа што ќе ги проучуваме Божјите закони, ќе ни помогне да разбереме како размислува Јехова. Но, како што спомнавме во претходната статија, законите можат да имаат ограничена примена. Токму затоа мора да ги бараме начелата врз кои се темелат законите, бидејќи така подобро ќе разбереме како размислува Јехова и каков став има за работите (Иса. 55:9).
8 Нашиот живот би можел да се спореди со патување низ пустина во која нема ни патишта ни патокази. Положбата на сонцето и на ѕвездите донекаде би можела да ни помогне да знаеме во кој правец треба да се движиме за да стигнеме до нашата цел. Но, многу подобро е да имаме мапа на која се наведени некои обележја на подрачјето низ кое минуваме. Таквата мапа ќе ни помогне да бидеме сигурни дека одиме во исправна насока, а ќе ни помогне и да забележиме доколку сме тргнале во погрешна насока. Нашата цел во животот е да го радуваме Јехова. Библијата е како мапа која ни помага да одиме во исправната насока. Библиските начела се како обележјата на подрачјето. Ако ги земаме предвид тие начела, ќе можеме да стигнеме до нашата цел.
Библиските начела се како обележја на патот кои ни помагаат да бидеме сигурни дека одиме во исправната насока (види во пасус 8)
9. Што друго може да ни помогне да си ја обликуваме совеста? (Римјаните 9:1).
9 За исправно да си ја обликуваме совеста, потребна ни е помошта од Божјиот свет дух. (Прочитај Римјаните 9:1.) Светиот дух ќе ни помогне да разбереме како гледа Бог на работите. Освен тоа, ќе ни даде желба и сила да постапуваме во склад со Јеховината волја (Фил. 2:13). Но, како можеме да ја добиеме помошта од Јеховиниот свет дух?
10. Како можеме да добиеме свет дух? (Лука 11:10, 13).
10 Моли се за свет дух. (Прочитај Лука 11:10, 13.) Можеме да бидеме уверени дека Јехова изобилно ни го дава својот свет дух (Јован 3:34). Тој великодушно им дава свет дух на оние што му се послушни (Изр. 1:23; Јак. 1:5). Но, што друго ќе ни помогне да си ја обликуваме совеста?
11. а) Која треба да ни биде најважната цел во животот? б) Зошто треба да се погрижиме нашата совест да биде обликувана и исправно да функционира?
11 Секогаш труди се да ја имаш Јеховината наклоност (Изр. 8:34, 35). Тоа треба да ни биде најважната цел во животот. Ако ја имаме на ум таа цел во секоја ситуација од нашиот живот, тоа може да ни помогне да си ја обликуваме совеста. Совеста која е добро обликувана се состои од ум кој се труди да размислува онака како што размислува Јехова и од срце на кое му е важно како тој се чувствува. Имајќи на ум колку е комплициран животот денес, сфаќаме колку е важно да имаме добро обликувана совест. Честопати треба да носиме одлуки за работи кои не се спомнати во Библијата. На пример, треба да донесеме одлуки во врска со забавата, работата, образованието и односите со другите. Како да бидеме сигурни дека на Јехова ќе му се допаднат нашите одлуки во врска со овие работи? (2. Кор. 1:12).
12. Што ќе ни помогне да знаеме дали нашата совест нѐ води во исправен правец? (Ефешаните 5:10).
12 Длабоко размислувај за она што го читаш од Божјата Реч (Пс. 49:3). Кога ја читаш Библијата, труди се да ги најдеш начелата кои ќе ти помогнат да разбереш како размислува Јехова. (Прочитај Ефешаните 5:10.) Додека се справуваме со најразлични проблеми во животот, библиските начела можат да ни откријат дали нашата совест ни помага да носиме исправни одлуки (Изр. 2:4-9, 11-13). Овие начела можат да ни помогнат да си ја остриме и коригираме нашата совест за таа да нѐ води во исправен правец (Евр. 5:14).
13. Што не треба да правиме? Наведи пример.
13 Немој првин да донесеш одлука, па потоа да бараш начела кои би ја поддржале. Не би сакале да бидеме како Израелците кои останале во Јуда по уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Тие му рекле на Еремија: „Јехова, твојот Бог, нека ни каже по кој пат да одиме и што да правиме“ (Ерем. 42:3-6). Меѓутоа, тие веќе имале одлучено што ќе прават. Бидејќи не им се допаѓало она што Јехова им кажал да го прават, тие не го послушале и си терале по свое. Тоа водело до катастрофални последици (Ерем. 42:19-22; 43:1, 2, 4). Што учиме од ова? Пред да донесеме одлука, треба да истражиме кои библиски начела ни откриваат како размислува Јехова и потоа да постапиме во склад со тоа.
14. Зошто треба да носиме одлуки на темел на библиските начела?
14 Носи одлуки на темел на библиските начела (Мат. 7:24-29; Јак. 1:23-25). Кога носиме одлуки на темел на библиските начела, дозволуваме да нѐ води светиот дух. Како резултат на тоа, Јехова и понатаму ни го дава својот свет дух (Дела 5:32). Но, ако не постапуваме во склад со водството од Јеховиниот дух, би можеле да го „жалостиме“ светиот дух, односно да му се спротивставуваме (Иса. 63:10; Дела 7:51; Еф. 4:30). Во тој случај, Јехова дури би можел и да ни го одземе светиот дух (Пс. 51:11; 1. Сол. 5:19). Тоа би било катастрофално бидејќи нам ни е неопходна силата што доаѓа преку светиот дух (Еф. 3:16).
КАКО ДА НАЈДЕМЕ СООДВЕТНИ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА
15-16. а) Како можеме да најдеме соодветни библиски начела? б) Кои библиски начела можат да му помогнат на еден интересент да престане со пушењето?
15 Добро користи ги алатките за истражување. Пред да можеме да ги примениме библиските начела, најпрво треба да ги најдеме во Библијата. На пример, да речеме дека твојот интересент не може да сфати зошто треба да престане со пушењето. Тој можеби си мисли: „Во Библијата не пишува ништо за пушењето. Тогаш, од каде знаеме дека тоа е погрешно?“ Како можеш да му помогнеш да најде соодветни библиски начела со чија помош ќе може да разбере дека пушењето е погрешно? Една корисна алатка е Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци. Покажи му го на интересентот поднасловот „Пушење“, каде што ќе може да ја најде статијата „Што мисли Бог за пушењето?“ (Види во Стражарска кула од 1 јуни 2014.) Додека ја чита таа статија, кои стихови и начела ќе може да ги најде?
16 Еве пет начела кои се спомнати во таа статија: 1) Не треба да им робуваме на смртоносни навики (Рим. 6:16). 2) Треба да избегнуваме сѐ што може да му наштети на нашето тело (2. Кор. 7:1). 3) Јехова сака да му служиме со сета душа (Мат. 22:37). 4) Не треба да им наштетуваме на другите со нашите постапки (Мат. 22:39; 1. Кор. 10:24). 5) Јехова може да ни даде сила да постапуваме исправно (Фил. 4:13). Според тоа, иако во Библијата не пишува ништо за пушењето, библиските начела можат да му помогнат на твојот интересент да сфати како размислува Јехова во врска со таа навика.
17. Како можат оние што планираат да се венчаат да најдат библиски начела кои ќе им помогнат во подготовките?
17 Како можат оние што планираат да се венчаат да најдат соодветни библиски начела кои ќе им помогнат да донесат добри одлуки? Прирачникот за истражување може да биде од помош и во оваа ситуација. Кај поднасловот „Венчавки и свадби“ се наведени повеќе статии кои содржат библиски начела. Еве шест начела што идниот брачен пар би можел да ги земе предвид: 1) Сѐ што ќе се случува на венчавката треба да биде за слава на Јехова (1. Кор. 10:31, 32). 2) Нашата облека треба да биде соодветна, пристојна и да не предизвикува непријатно чувство кај другите (1. Тим. 2:9; 1. Пет. 3:3, 4). 3) Не треба да се обидуваме да се истакнуваме како што прават луѓето во светот на Сатана (Јован 17:14; Јак. 1:27; 1. Јов. 2:15, 16). 4) Сите активности треба да бидат добро организирани (1. Кор. 14:40). 5) Свадбата не треба да биде разуздана забава на која има опивање (Гал. 5:21). 6) Младенците треба да одредат некој да биде одговорен да го надгледува настанот (Јован 2:8, 9).
18-19. а) Која друга алатка може да ни помогне? б) Како можеш да ја користиш оваа алатка за да најдеш библиски начела кои ќе ти помогнат да донесеш добри одлуки во врска со прославите? (Види ја рамката „Можете ли да ги препознаете начелата?“)
18 Уште една алатка која им е корисна на многумина е книгата Библиски стихови за нашиот живот. Во неа се наведени стихови од Библијата кои се групирани под најразлични теми. Откако ќе избереш некоја тема, ќе видиш список со прашања и стихови кои можат да ти помогнат да разбереш кои библиски начела важат во тие ситуации.
19 На пример, можеби не си сигурен дали е исправно да присуствуваш на некоја прослава. Ако ја отвориш темата „Празници и прослави“, ќе го најдеш поднасловот „Прослави што не се прифатливи за христијаните“. Разгледај некои од информациите кои се наведени во делот „Зошто е погрешно да учествуваме во празници и прослави кои се поврзани со лажната религија? (1. Кор. 10:21; 2. Кор. 6:14-18; Еф. 5:10, 11)“. Под тој дел се дадени примери за такви прослави. Кај поднасловот „Патриотски празници и прослави“, се наведени библиски начела кои можат да ти помогнат да донесеш исправна одлука доколку си поканет на некоја прослава. На пример, можеби станува збор за прослава по повод некој значаен настан од историјата на некоја земја, церемонија во знак на сеќавање на некоја војна, или пак церемонија со која на луѓе им се оддава славата што му припаѓа само на Бог. Многу сме благодарни што Јеховината организација ни дава такви алатки кои ни помагаат да си ја обликуваме совеста!
ПОКАЖИ ДЕКА ИМАШ ДОБРО ОБЛИКУВАНА СОВЕСТ
20. Како можеме да покажеме дека нашата совест е добро обликувана?
20 Многу сме благодарни што Јехова ни ја дал слободната волја како дар. Но, сфаќаме и дека мора да си ја обликуваме совеста за да можеме да го радуваме Јехова со начинот на кој ја користиме слободната волја. Ако совеста ни е добро обликувана, ќе ни помогне да носиме одлуки кои ќе му носат слава на Јехова и ќе бидат во склад со неговата волја. За да успееме во тоа, потребна ни е помошта од Јеховиниот свет дух. Затоа, мора да продолжиме да го молиме за свет дух и потоа да постапуваме во склад со водството што ни го дава. Библиските начела исто така можат да ни помогнат да си ја обликуваме совеста. Да дадеме сѐ од себе да ги користиме овие дарови од Јехова на најдобар можен начин. Тогаш ќе видиме од колку голема помош може да ни биде Божјата Реч во животот! (2. Тим. 3:16, 17; Евр. 4:12).
ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“