Петок, 16 октомври
Срцето нека не ти застрани на нејзините патишта. Немој да заталкаш на нејзините патеки (Изр. 7:25)
Извештајот од Изреки поглавје 7 покажува што може да му се случи на кој и да било слуга на Јехова. Еден христијанин може да направи сериозен грев, а потоа да си мисли дека тоа се случило „одеднаш“. Или би можел да каже: „Едноставно, се случи“. Но, ако размисли за она што навистина се случило, веројатно ќе сфати дека донел неколку немудри одлуки кои воделе до престапот. Тој можеби се дружел со пријатели кои не го сакаат Јехова. Или можеби забавата која ја избирал, интернет-страниците кои ги посетувал или местата на кои одел не биле добри за еден христијанин. Исто така, можеби престанал да се моли, да ја чита Библијата, да оди на состаноците или да учествува во службата на проповедање. Исто како што било случај со младото момче опишано во Изреки, и тој христијанин, всушност, не направил грев „одеднаш“. Која е поуката за нас? Треба да се чуваме не само од гревот туку и од чекорите кои водат до грев. Токму ова го објаснил Соломон веднаш откако опишал што му се случило на младото момче (Мат. 5:29, 30; w24.07 16, пас. 10-11).
Сабота, 17 октомври
Тоа богатство го имаме во земјени садови (2. Кор. 4:7)
Кое е тоа богатство? Тоа е проповедничкото дело за Царството со кое се спасуваат животи (2. Кор. 4:1). Што се земјените садови? Тие ги претставуваат Божјите слуги кои им ја пренесуваат добрата вест на другите. Во времето на Павле, трговците користеле глинени садови за во нив да пренесуваат вредни работи, како на пример храна, вино и пари. На сличен начин, Јехова ни ја доверил скапоцената порака за добрата вест. Со Јеховина помош, ние можеме да ја добиеме силата што ни е потребна за да продолжиме да проповедаме. Понекогаш, може да чувствуваме страв од човек или страв дека луѓето нема да сакаат да нѐ слушаат. Како можеме да го надминеме ваквиот страв? Размисли за молитвата на апостолите кога им било наредено да не проповедаат. Наместо да му подлегнат на стравот, тие го молеле Јехова да им помогне да зборуваат со смелост. Јехова веднаш им одговорил на молитвата (Дела 4:18, 29, 31). Ако понекогаш имаш страв од човек, треба да го молиш Јехова да ти помага да ги сакаш луѓето за да можеш да го победиш стравот (w24.04 16, пас. 8-9).
Недела, 18 октомври
Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое (Мат. 6:9)
Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да го светиме неговото име. Ние сакаме да им кажуваме на другите дека ужасните работи што Сатана ги кажал за Јехова се злобни лаги (1. Мој. 3:1-5; Јов 2:4; Јован 8:44). Додека проповедаме, имаме силна желба да им кажеме на сите кои нѐ слушаат кој е Јехова и каков е тој навистина. Сакаме сите да знаат дека неговата најистакната особина е љубовта, дека неговиот начин на владеење е праведен и исправен, и дека неговото Царство наскоро ќе му стави крај на сето страдање и ќе донесе мир и среќа за човештвото (Пс. 37:10, 11, 29; 1. Јов. 4:8). Кога им ги кажуваме на луѓето овие работи за Јехова, ние го светиме неговото име. Исто така, радосни сме бидејќи знаеме дека го правиме она што треба да го правиме како Јеховини сведоци (w24.05 18, пас. 12).