Прашања од читателите
Кога народите ќе објават „мир и сигурност“?
Како што разгледавме во статијата „Прашања од читателите“, која излезе во едно неодамнешно издание на Стражарска кула,a Јехова наскоро ќе ја стави „неговата замисла“ во срцата на „десетте рогови“ (сите политички сили), имено, својата моќ и власт да му ја дадат на „црвениот ѕвер“ — Обединетите нации. Овој ѕвер е наречен и „кипот на ѕверот“ (Отк. 13:14, 15; 17:3, 16, 17). Потоа, „десетте рогови“ и ѕверот кој добил нова моќ ќе ја уништат лажната религија низ целиот свет. Дали народите ќе објават „мир и сигурност“b пред или откако ќе биде уништена лажната религија? (1. Сол. 5:3).
Едноставно кажано, не знаеме кога точно ќе се случи објавата за „мир и сигурност“. Ако ги знаевме сите детали, не би имало потреба да бдееме и да останеме будни. Но, Исус неколку пати ги советувал своите следбеници да бдеат (Мат. 24:42; 25:13; 26:41). А сега, подетално да го разгледаме пророштвото што апостол Павле под водство на светиот дух им го напишал на Солуњаните.
Павле напишал: „Кога ќе зборуваат: ’Мир и сигурност!‘ — тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување“ (1. Сол. 5:2, 3). Во нашите публикации, зборовите на Павле честопати беа објаснети на следниов начин: Објавата за „мир и сигурност“ ќе биде дадена кратко пред големата неволја, која ќе започне со уништувањето на Големиот Вавилон — сите лажни религии во светот. Исто така, беше објаснето дека оваа објава ќе биде последниот знак дека големата неволја само што не започнала.
Но, по внимателно истражување на оваа тема, се чини дека има уште еден можен начин како да го разбереме ова. Можеби објавата за „мир и сигурност“ ќе се случи откако ќе биде уништена лажната религија. Зошто можеме да дојдеме до таков заклучок? Еве некои можни причини.
Каква улога има лажната религија во војните во светот? Библијата објаснува: „Во [Големиот Вавилон, односно ’големата блудница‘] се најде крвта... на сите што беа убиени на земјата“ (Отк. 17:1, 5; 18:24). Низ историјата, големата блудница, односно лажната религија, ги поддржувала војните меѓу народите и честопати била причина за насилство и тероризам. Значи, таа била причина за војни и насилство, а не за мир и сигурност. Затоа, се поставува прашањето: Дали народите ќе објават „мир и сигурност“ дури откако ќе биде уништен Големиот Вавилон? Тоа е можно, но не можеме да тврдиме со сигурност.
Што ќе следи по објавата за „мир и сигурност“? Павле вели: „Тогаш ненадејно ќе ги снајде уништување“ (1. Сол. 5:3). Ако народите објават „мир и сигурност“ пред да биде уништена лажната религија, тогаш ќе помине некое време пред самите народи да бидат уништени. Но, бидејќи Павле вели дека нивното уништување ќе биде „ненадејно“, односно брзо и неочекувано, можно е дека народите ќе објават „мир и сигурност“ откако ќе биде уништена лажната религија.
Како ќе реагира Јеховиниот народ на проречените настани? Павле рекол: „Вие, браќа, не сте во темнина, па тој ден да ве затече како што би затекол крадци“ (1. Сол. 5:4). Размисли за следново: Ако објавата за „мир и сигурност“ се даде откако ќе биде уништена лажната религија, тогаш Јеховиниот народ ќе знае дека уништувањето на народите само што не започнало. Сепак, од гледна точка на народите, нивното уништување ќе дојде како крадец — ненадејно, без предупредување.
Тогаш, што може да очекуваме? Во блиска иднина, „десетте рогови“ и ѕверот, кој ќе добие голема моќ, ќе ја уништат лажната религија. Тоа ќе го означи почетокот на големата неволја. Исто така, знаеме дека во одреден момент народите ќе објават „мир и сигурност“. Кога ќе се случи тоа? Разгледавме две можности. Првата можност е дека објавата ќе биде дадена пред да биде уништена лажната религија. Втората можност е дека објавата ќе биде дадена откако политичките сили потполно ќе ја уништат лажната религија. Ќе треба да чекаме за да видиме што ќе се случи. Честопати, библиските пророштва потполно ги разбираме кога ќе почнат да се исполнуваат или откако веќе се исполниле. (Спореди со Јован 12:16.)
Во меѓувреме, она што е најважно е да му останеме верни на Бог, а не кога точно ќе биде дадена објавата за „мир и сигурност“. Мора „да бдееме и да бидеме трезвени“ за да бидеме потполно подготвени без разлика како ќе се одвиваат настаните (1. Сол. 5:6).
a Види во „Прашања од читателите“ од Стражарска кула од ноември 2025.
b Начинот на кој се изразил Павле не ја исклучува можноста да има повеќе објави, а не само една.