Децата се „наследство од Јехова“
НА ШТО помислуваш кога ќе го чуеш зборот „наследство“? Можеби помислуваш на пари, имот или на некој скапоцен предмет кој ти е оставен во наследство од некој сакан член на семејството. Наследството е нешто скапоцено и сигурно би сакал добро да се грижиш за него.
Библијата ги нарекува децата „наследство од Јехова“ (Пс. 127:3). Родителите кои го сакаат Јехова ги сметаат своите деца за скапоцен подарок од него. Затоа прават сѐ што можат за да ги заштитат и да се грижат за нив во физички, емоционален и духовен поглед.
За жал, некои родители денес не ги сметаат своите деца за дар од Бог (Иса. 49:15; 2. Тим. 3:1-3). Други можеби вложуваат труд за да се грижат за своите деца, но не им е лесно бидејќи се соочуваат со разни тешкотии. Кои се некои тешкотии со кои се соочуваат родителите? Што очекува Јехова од родителите? Како можат родителите да успеат во воспитувањето на своите деца?
ТЕШКОТИИ
Притисок од семејството и од околината. Во некои делови од светот, луѓето имаат поголема почит кон родителите со повеќе деца. Поради тоа, брачните парови можеби се под притисок од семејството или од соседите да имаат многу деца, иако можеби не се во состојба да се грижат за толку деца.
Загриженост за иднината. Во земји каде стапката на смртност на деца е висока поради неисхранетост, болести или ограничена здравствена нега, некои брачни парови имаат многу деца за да бидат сигурни дека барем некои од нив ќе преживеат. Други парови можеби одлучуваат да имаат многу деца за да бидат сигурни дека тие ќе се грижат за нив кога ќе остарат. Ова особено е случај во земјите каде што државата не пружа никаква помош за постарите.
Планирање на семејството. На други места, некои парови немаат голем избор на средства кои спречуваат бременост. На други им се достапни средства за контрацепција со лош квалитет и затоа се плашат да ги користат поради можните лоши последици по здравјето. А некои пак, не можат да си дозволат да купат такви средства бидејќи се многу скапи.a
ШТО ОЧЕКУВА ЈЕХОВА ОД РОДИТЕЛИТЕ?
Поминувајте време со секое свое дете
Грижете се за потребите на вашите деца. Јехова им ја доверил на родителите одговорноста да се грижат за материјалните потреби на своите малолетни деца. Тој очекува родителите напорно да работат за да обезбедат храна, облека и место за живеење за секое дете. Исто така, Јехова очекува родителите да ги воспитуваат своите деца. Затоа, родителите кои се Сведоци не ги праќаат тукутака своите деца во интернатски училишта. Наместо тоа, тие прават сѐ што можат нивните деца да живеат дома додека растат и се школуваат, и им помагаат да научат вештини и да добијат поуки кои ќе им користат во животот. Исто така, поминуваат време со секое од децата за тие да се чувствуваат сакано и безбедно. Во исто време, Јехова е разумен и не очекува родителите да бидат богати во материјален поглед. Всушност, родителите што Јехова ги избрал да се грижат за неговиот сакан Син не биле богати во материјален поглед, но биле трудољубиви (Мат. 13:55, 56; Лука 2:24).
Библиско начело: „Навистина, ако некој не се грижи за своите, а посебно за домашните, се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тим. 5:8).
Јехова разбира дека на родителите можеби ќе им биде потребна практична помош кога ќе остарат. Всушност, еден начин на кој децата можат да покажат почит кон своите родители е така што ќе се погрижат да ја добијат помошта што им е потребна кога ќе остарат (2. Мој. 20:12; 1. Тим. 5:4). Меѓутоа, Јехова се радува кога родителите главно размислуваат за тоа како тие ќе се грижат за своите деца, наместо за тоа како нивните деца би можеле да се грижат за нив (2. Кор. 12:14).
Поучувајте ги за Јехова. Родителите имаат одговорност и да им помагаат на своите деца да го сакаат Јехова и да му служат. За Јехова, тоа е најважната работа за која родителите треба да ги поучат своите деца (5. Мој. 6:6, 7).
Библиско начело: „Воспитувајте ги [своите деца] со стега од Јехова и помагајте им да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4).
ЈЕХОВА САКА ДА УСПЕЕТЕ
Однапред разговарајте колку деца сакате да имате
Планирајте однапред. Ако сакате да имате деца, внимателно размислете за вашите околности. На пример, дали ќе имате доволно пари за храна, облека и школување на повеќе деца. Ако не, тогаш како брачен пар разговарајте дали да имате помалку деца за да можете на секое дете да му ја обезбедите грижата што Јехова ја очекува. Секако, Јехова разбира дека во животот не оди сѐ онака како што сме планирале (Проп. 9:11). Но, тој ќе го благослови вашиот труд да бидете успешни родители.
Библиски начела: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија“ (Изр. 21:5, фус.).
„Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има со што да ја доврши?“ (Лука 14:28).
Јехова нека биде на прво место во вашето семејство. Погрижете се обожавањето на Јехова да биде најважното нешто за вашето семејство. Ако веќе имате деца, бидете решени да го поучувате секое од нив да го сака Јехова. Помогнете им внимателно да слушаат и да учат на собраниските состаноци. Секоја седмица, одржувајте ја Семејната вечер посветена на Јехова. Поучувајте ги децата како да проповедаат. Не очекувајте постарите деца или некои други роднини да ги вршат одговорностите што вие ги имате како родители. Потребни се време и труд за да ги поучите своите деца да го сакаат Јехова, но благословите се големи.
Библиско начело: „За мене нема поголема радост од тоа да чујам дека моите деца живеат според вистината“ (3. Јов. 4).b
Имајте доверба во Јехова. Сеедно дали планирате да имате деца или веќе имате, бидете уверени дека Јеховините мерила се поважни од локалната култура или обичаи.
Потребни се време и труд за да се грижите за духовните потреби на своите деца
Ако одлучите да го ограничите бројот на деца што ќе ги имате, бидете уверени дека Јехова ќе се грижи за вас кога ќе остарите. Спротивставете се на притисокот да гледате на децата како на некој вид „пензиско осигурување“. Не треба да се плашите дека ќе нема кој да се грижи за вас. Јехова ветил дека ќе го прави тоа, а тој секогаш си ги исполнува своите ветувања (Ис. Нав. 23:14).
Библиски начела: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:5, 6).
„Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“ (Пс. 37:25).
„Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Мат. 6:33).
Децата се скапоцен дар кој Јехова им го доверил на родителите. Јехова сигурно многу се радува кога родителите се грижат за своите деца онака како што сака тој. Тие со љубов се грижат за физичките, емоционалните и духовните потреби на своите деца; планираат колку деца ќе имаат; и верно ги ставаат Божјите барања пред локалната култура или обичаи. На тој начин, родителите кои му служат на Јехова покажуваат дека нивните деца се скапоцен подарок — „наследство од Јехова“.
a Секој брачен пар сам одлучува колку деца ќе има, кога ќе ги има и дали да користи некоја контрацептивна метода што не предизвикува абортус. Никој не треба да ги осудува за нивните лични одлуки (Рим. 14:4, 10-13). Освен тоа, христијаните кои се во брак треба да го имаат на ум советот од 1. Коринќаните 7:3-5.
b Иако зборот „деца“ кој е спомнат во овој библиски стих се однесува на христијанските ученици, родителите го чувствуваат истото за своите деца кои му служат на Јехова.