13-19 АПРИЛ 2026
ПЕСНА 52 Нашиот завет кон Јехова
Значењето и важноста на крштавањето
Правете ученици, крштавајќи ги (МАТ. 28:19)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме какво значење има крштавањето, зошто е важно и што вклучува.
1. Што покажува дека крштавањето е едно од основните библиски учења?
НИЕ многу се радуваме кога новите се крштаваат! Дали си знаел дека првите христијани чувствувале иста таква радост кога на првиот состанок на христијанското собрание виделе дека се крштаваат многу луѓе? Во таа прилика, апостол Петар одржал говор во кој објаснил дека крштавањето е многу важно (Дела 2:38, 40, 41). Апостол Павле напишал дека „основното учење за Христос“ го вклучува „учењето за крштавања“ (Евр. 6:1, 2). Иако крштавањето е едно од основните библиски учења, треба добро да го разбереме. Зошто?
2. Зошто е важно добро да го разбереме библиското учење за крштавањето?
2 Исто како што добриот темел може да помогне една куќа да биде цврста, тоа што добро ќе го разбереме крштавањето може да ни помогне да имаме цврста вера. Без разлика дали напредуваме кон крштавање или сме крстени веќе многу години, потребно е да знаеме зошто крштавањето е многу важно. Затоа, во оваа статија ќе одговориме на следниве прашања: Какво значење има крштавањето? Што вклучува крштавањето? И, зошто треба да се крстиме во името на Таткото, на Синот и на светиот дух?
КАКВО ЗНАЧЕЊЕ ИМА ТВОЕТО КРШТАВАЊЕ
3. Што покажуваш со своето крштавање?
3 Со твоето крштавање јавно покажуваш дека си ја прифатил вистината за Јехова Бог и за Исус Христос, дека си се покајал за своите гревови и дека си го променил својот начин на живот за да му служиш на Јехова. Исто така, покажуваш дека сфаќаш дека Бог го користи Исус за да нѐ спаси од гревот и од смртта, и дека во молитва си му ветил на Бог дека ќе ја вршиш неговата волја заедно со неговата организација. Откако си го дал тоа ветување, односно завет, и си се крстил, ти си почнал да чекориш по патот што води во вечен живот.
4. Што претставува потполното потопување под вода? (Види ја и сликата.)
4 При твоето крштавање, ти си бил потполно потопен под вода и потоа подигнат од неа,a како да си бил погребан, а потоа воскреснат. (Спореди со Колошаните 2:12.) Крштавањето симболично ги претставува големите промени што си ги направил во својот живот. Во која смисла? Кога си потопен под вода покажуваш дека си прекинал со својот поранешен начин на живот. А кога излегуваш од водата, започнуваш нов начин на живот во кој најважно ќе ти биде да ја вршиш Божјата волја.
Кога се крштаваш, ти завршуваш со поранешниот начин на живот и почнуваш нов начин на живот посветен на извршувањето на Божјата волја (види во пасус 4)
5. Зошто трудот што го вложуваш за да се подготвиш за крштавање може да се спореди со трудот што го вложил Ное за да ја изгради арката? (1. Петрово 3:18-21).
5 Прочитај 1. Петрово 3:18-21. Во некоја смисла, трудот што го вложуваш за да се подготвиш за крштавање може да се спореди со трудот што го вложил Ное за да ја изгради арката. Ако од неодамна си почнал да учиш за Јехова, можеби ти се чини дека е тешко да ги исполниш условите за крштавање исто како што градењето на арката била тешка задача за Ное. Дали навистина е неопходно да вложиш толкав труд? Да. Зошто го велиме тоа? Размисли за Ное. Бог му кажал на Ное како точно да ја изгради арката, и Ное требало тесно да ги следи тие упатства за да го преживее Потопот. Ное можел да ја изгради арката бидејќи имал вера во Јехова, му бил послушен и бидејќи Јехова му помагал. Слично како Ное, и ти можеш успешно да направиш сѐ како што заповедал Бог (1. Мој. 6:22).
6. Во која смисла крштавањето може да те спаси?
6 Во стих 21, апостол Петар напишал дека крштавањето нѐ спасува. Се разбира, самиот чин на потопување во вода не носи спасение, ниту пак само по себе те чисти од гревовите. Само крвта на Исус може да те исчисти од гревовите (1. Јов. 1:7). Сепак, крштавањето е многу важно бидејќи Јехова заповедал да го правиме тоа и служи како „молба упатена до Бог за чиста совест“. Јехова со задоволство ќе ти го даде она што си го побарал од него. Во таа смисла, крштавањето те спасува, односно ти овозможува да живееш засекогаш.
ШТО ВКЛУЧУВА КРШТАВАЊЕТО
7. Како треба да се извршува крштавањето?
7 Освен барањето за целосно потопување, Библијата не дава многу детали во врска со крштавањето. Сепак, таа ни помага да знаеме што е соодветно во таа прилика. На пример, библиските начела им помагаат на кандидатите за крштавање да знаат како да се облечат, а на присутните да знаат како да се однесуваат (1. Кор. 14:40; 1. Тим. 2:9). Денес, крштавањето обично го извршува еден старешина, но не сакаме да им придаваме преголема важност на оние што ја извршуваат таа задача (1. Кор. 1:14, 15). Крштавањето е важечко без разлика колку луѓе се присутни во таа прилика (Дела 8:36).
8. Кои прашања им се поставуваат на кандидатите за крштавање, и зошто? (Дела 2:38-42; види ја и сликата).
8 Од Библијата дознаваме дека за да постигнеме спасение треба да ја објавуваме, односно јавно да ја изразуваме нашата вера (Рим. 10:9, 10). Затоа е соодветно да го направиме тоа при нашето крштавање, кое е клучно за нашето спасение! Од таа причина, на кандидатите за крштавање им се поставуваат две прашања. Првото е: „Дали си се покајал за своите гревови и си му го заветувал својот живот на Јехова, и дали прифаќаш дека можеш да бидеш спасен само преку Исус Христос?“ Ова прашање се фокусира на тоа како едно лице се подготвило за крштавање и е слично на поттикот што Петар им го дал на луѓето на Педесетница. Второто прашање е: „Дали сфаќаш дека со своето крштавање стануваш Јеховин сведок и дел од Јеховината организација?“ Ова прашање нѐ потсетува дека, за да живееме во склад со нашиот завет, треба да го следиме водството од Јеховината организација и да му служиме на Бог заедно со соверниците, исто како што правеле христијаните од првиот век. (Прочитај Дела 2:38-42.) Оние кои на двете прашања ќе одговорат со „да“ ги исполнуваат условите да се крстат.
При твоето крштавање, ти јавно ја изразуваш твојата вера (види во пасус 8)d
9. Кои чекори треба да ги направи секој што сака да ја стекне Божјата наклоност?
9 Уште пред да почнеш да учиш за вистината, можеби си водел релативно добар живот и никогаш не си направил некои сериозни гревови. Или, можеби си пораснал во вистината со родители кои ти помогнале да го засакаш Јехова. Дали сепак треба да се покаеш и да се крстиш за да ја стекнеш Божјата наклоност? Да. Без оглед на тоа како сме живееле или пораснале, сите сме наследиле грев кој нѐ отуѓува од Бог (Пс. 51:5). Но, кога подобро ќе го запознаеме Јехова, во нас се раѓа желба да имаме добар однос со него и да ја ставиме неговата волја пред својата. Тоа нѐ поттикнува да се покаеме за поранешниот начин на живот и да ги направиме потребните промени, односно да почнеме да живееме на начин кој му се допаѓа на нашиот небесен Татко. Дури тогаш можеме да се крстиме (Дела 3:19).
10. Што треба да правиш ако претходно си се крстил како припадник на друга религија?
10 Ако претходно си се крстил како припадник на некоја друга религија, сепак треба да се крстиш како Јеховин сведок. Зошто? Бидејќи тогаш не си ја разбирал во потполност вистината за Јехова Бог и за Исус. Освен тоа, дури и ако во молитва си му ветил на Бог дека ќе ја вршиш неговата волја, твоето ветување не се темелело на точно разбирање на неговата волја. Кога апостол Павле сретнал некои луѓе во Ефес кои претходно се крстиле без да ја разбираат вистината за Исус, тој се погрижил тие повторно да се крстатb (Дела 19:1-5). На сличен начин, и денес, едно крштавање е важечко само ако се темели на точното познавање на Божјата волја.
„ВО ИМЕТО НА ТАТКОТО И НА СИНОТ И НА СВЕТИОТ ДУХ“
11. Што значи некој да се крсти „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“? (Матеј 28:18-20).
11 Исус заповедал новите ученици да се крстат „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“. (Прочитај Матеј 28:18-20.) Што мислел со тоа? Во Библијата, зборот „име“ честопати укажува на нечиј углед. Исто така, може да укажува на нечија положба или авторитет. Според тоа, кога се крштаваме во името на Јехова и на Исус, тоа значи дека сме свесни дека тие ги имаат правото и моќта да ни кажат што да правиме. А кога се крштаваме во името на светиот дух, тоа значи дека го следиме неговото водство. Сега да видиме подетално како можеме да го правиме тоа.
12. Што е потребно за да се крстиме во името на Таткото? (Откровение 4:11; види ја и сликата).
12 Во името на Таткото. Ова значи дека сме уверени дека Јехова е наш небесен Татко кој ни го дал животот. Тој е Семоќниот Бог, Творецот кој создал сѐ. (Прочитај Откровение 4:11.) Сфаќаме дека тој е оној што ги слуша молитвите, и со почит го користиме неговото име кога му се молиме и кога им зборуваме на другите за него (Пс. 65:2). Сепак, потребно е уште нешто за да се крстиме во името на Таткото. Оние што го слушале Петар на Педесетница веќе знаеле за Јехова, но требало да сфатат дека Јехова дава вечен живот само преку Исус Христос (Рим. 5:8).
По твоето крштавање, продолжи да му бидеш послушен на Таткото (види во пасус 12)
13. Што е потребно за да се крстиме во името на Синот? (Види ја и сликата.)
13 Во името на Синот. Ова значи дека сме уверени дека Исус е единородниот Син Божји. Исус е „патот“, односно единствениот преку кого можеме да имаме блиско пријателство со Јехова (Јован 14:6). Исус е и нашиот Откупител, оној кој умрел за нас за да можеме да добиеме живот. Токму затоа, сакаме секој ден од нашиот живот да го следиме неговиот пример, а не само дента кога сме се крстиле (1. Јов. 2:6). Затоа ревносно проповедаме исто како Исус и не дозволуваме ништо да нѐ спречи во тоа (Лука 4:43). Ние сме дури спремни да издржиме прогонство, бидејќи верно му служиме на Бог (2. Тим. 3:12). Покажуваме почит кон Исус како „глава на собранието“, и затоа спремно го следиме водството на оние што тој ги поставил да предводат и да се грижат за неговите следбеници (Еф. 4:8, 11, 12; 5:23).
По твоето крштавање, продолжи да му бидеш послушен на Синот (види во пасус 13)
14. а) Што е потребно за да се крстиме во името на светиот дух? (Види ја и сликата.) б) Какви други крштавања има за помазаниците? (Види ја рамката „Други крштавања за помазаниците“.)
14 Во името на светиот дух. Ова значи дека ја прифаќаме вистината за светиот дух. Тој не е личност, ниту пак дел од некое тројство, туку силата што ја користи Бог. Знаеме дека светиот дух ги водел пророците и писателите на Библијата да ги кажат или да ги запишат Јеховините мисли (2. Пет. 1:20, 21). Затоа редовно ја читаме Библијата и живееме според нејзините учења. Освен тоа, внимаваме да не направиме сериозни гревови бидејќи тоа не само што ќе го спречи Божјиот дух да влијае врз нас туку и врз целото собрание (Еф. 4:30).
По твоето крштавање, продолжи да го следиш водството на светиот дух (види во пасус 14)
15. На што треба да бидеме решени?
15 Ако веќе си се крстил, продолжи да се потсетуваш зошто крштавањетоc е толку важно и продолжи да живееш во склад со ветувањето што си му го дал на Јехова кога си му се заветувал и си се крстил. Но, што ако сѐ уште не си се крстил? Дали нешто те спречува во тоа? Во следната статија ќе видиме како можеш да продолжиш да напредуваш кон крштавање.
ПЕСНА 161 Твојата волја за мене е најважна
a Грчкиот збор баптисма, што е преведен со „крштавање“ значи „потопување под вода“. Според тоа, крштавањето претставува потполно потопување во вода, а не само попрскување со вода како што поучуваат некои религии.
b Тие луѓе во Ефес биле крстени со „Јовановото крштавање“ (Дела 19:3). Јован Крстител ги поттикнал Евреите да се покаат за гревовите што ги направиле против Мојсеевиот закон и ги крстил оние што се покајале (Мар. 1:4, 5). Но, Јовановото крштавање престанало да важи кога бил укинат Мојсеевиот закон. Оттогаш наваму, Бог одобрува само „едно крштавање“ кое води до спасение (Еф. 4:5).
c На jw.org и во JW Library® види ја статијата „Што е крштавање?“ во рубриката „Одговор на библиски прашања“.
d ОПИС НА СЛИКАТА: На еден собир, кандидатите за крштавање стојат за јавно да ја изразат својата вера.