6-12 АПРИЛ 2026
ПЕСНА 82 „Нека свети вашата светлина“
Како да им помогнеме на роднините кои не се Сведоци
Да не се откажеме од правење добро (ГАЛ. 6:9)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Како да задржиме добри односи со нашите роднини кои не му служат на Јехова, и како да им помогнеме во духовен поглед, доколку тоа е можно.
1-2. Што можеби ни ги нарушило односите со роднините кога првпат сме ја чуле вистината?
ИСУС му го рекол следново на еден човек кој сакал да стане негов следбеник: „Оди си дома кај своите роднини и раскажи им за сѐ што направи Јехова за тебе“ (Мар. 5:19). Исус го рекол тоа бидејќи бил свесен дека луѓето имаат природна желба да ги споделуваат добрите вести со своите роднини.a
2 Дали се сеќаваш како се чувствуваше кога првпат ја слушна добрата вест? Веројатно едвај чекаше да им ја кажеш на другите! Сепак, твоите роднини можеби не реагирале позитивно. Или, поради начинот на кој си им ја пренел вистината, тие можеби се навредиле или вознемириле. Ако ова ти се случило и тебе, оваа статија ќе ти помогне да знаеш што можеш да правиш за да му останеш верен на Јехова, а сепак да задржиш добри односи со твоите роднини.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија ќе разгледаме: 1) како сочувството може да нѐ поттикне да покажеме личен интерес за нашите роднини кои не се Сведоци, дури и ако тие не сакаат да учат за Јехова; 2) што ќе ни помогне да разбереме што стои зад нивните негативни зборови и постапки; 3) како тоа што ќе бидеме стрпливи и нема да губиме надеж може да им помогне на нашите роднини да ја прифатат вистината; и 4) како можеме да им покажеме дека ги сакаме.
СОЧУВСТВОТО НЕКА ТЕ ПОТТИКНЕ ДА ИМ ПОМАГАШ
4. Како Исус постапувал со луѓето кои не биле заинтересирани за неговата порака?
4 Исус не се откажал брзо од оние што не биле заинтересирани за неговата порака. Тој се споредил себеси со работник на лозје кој вложил голем труд околу една смоква за таа да даде плод (Лука 13:6-9). До моментот кога ја кажал оваа споредба, Исус веќе некое време се обидувал да им помогне на Евреите да развијат вера во него и да станат негови ученици. Зошто продолжил да се обидува да им помогне? На Исус му било жал за луѓето, и тоа го поттикнало да биде стрплив со нив.
5. Што го поттикнало Исус да покаже сочувство за своите сонародници?
5 Исус сочувствувал со своите сонародници бидејќи верските водачи не им помогнале да развијат вистинска вера во Бог. Исус видел дека луѓето биле „како овци без пастир“ (Мар. 6:34). Кратко пред својата смрт, тој дури плачел за Ерусалим затоа што знаел дека повеќето од неговите жители ќе го изгубат својот живот бидејќи немале вера (Лука 19:41-44). Ако и ние како Исус, имаме сочувство за нашите роднини, ќе бидеме поттикнати да им помагаме.
6. Зошто треба да бидеме стрпливи со нашите роднини кои не се Сведоци? (Галатите 6:9).
6 Прочитај Галатите 6:9. Дури и ако роднините сѐ уште не се заинтересирани за нашите верувања, треба да бидеме стрпливи со нив и „да не се откажеме од правење добро“. Знаеме дека е потребно време за некој да ги надмине длабоко вкоренетите предрасуди и да изгради вера. Можеби во минатото и ти си бил „без надеж и без Бог во светот“ (Еф. 2:12). Но некој бил стрплив со тебе и ти помагал. Ако си стрплив со твоите роднини, можеби и ти ќе имаш прилика да им помогнеш да дознаат повеќе за Јехова.
ОБИДИ СЕ ДА ГИ РАЗБЕРЕШ
7. Што можеби ги спречило браќата на Исус да веруваат во него?
7 Браќата на Исус веројатно чуле за чудата што тој ги направил во Галилеја (Лука 4:14, 22-24). Но во почетокот, тие не верувале во него (Јован 7:5). Зошто? Библијата не кажува. Но, таа открива најмалку две работи што спречувале некои Евреи да станат ученици на Исус. Некои се плашеле дека ќе бидат отфрлени од заедницата (Јован 9:18-22). Други го познавале Исус уште од дете и им било тешко да поверуваат дека тој е испратен од Бог (Мар. 6:1-4). Можеби и браќата на Исус биле под влијание на тие ставови. Вакви слични работи можат да влијаат и врз нашите роднини.
8. Зошто можеби нашите роднини кои не се Сведоци зборуваат или постапуваат лошо со нас?
8 Размислувај што стои зад нивните зборови и постапки. Браќата на Исус можеби биле меѓу роднините кои во една прилика за него рекле дека „се мрднал од умот“ (Мар. 3:21). Зошто можеби дошле до таков заклучок? Од контекстот се гледа дека Исус бил толку зафатен со проповедање и лекување на луѓето што немал време дури ни да јаде (Мар. 3:20). Дали неговите роднини мислеле дека е фанатик? Можно е. Можеби и нашите роднини мислат дека премногу сериозно ја сфаќаме нашата религија. Ако така мислат за нас, треба со нашите зборови и постапки да им покажеме дека сме разумни.
9. Што би можело да им помогне на нашите роднини да си го сменат мислењето за нас? (1. Петрово 3:1, 2; види ги и сликите).
9 Твоето однесување нека зборува наместо тебе. Нашите љубезни зборови и постапки можат да ги поттикнат роднините да си го сменат мислењето за нас. (Прочитај 1. Петрово 3:1, 2.) Еден сопруг кој не е Сведок би можел да се чувствува запоставено или вознемирено кога неговата сопруга присуствува на собраниските состаноци или оди во служба на проповедање. Бидејќи таа не сака тој да се чувствува така, можеби ќе направи промени во распоредот на нејзините духовни активности за да поминува повеќе време со него. На пример, би можела да учествува во службата на проповедање кога нејзиниот сопруг е зафатен или кога не е дома. Со тоа што е флексибилна и разумна, една сестра би можела да му помогне на својот сопруг да си го смени мислењето за Сведоците.
Љубезните зборови и постапки можат да поттикнат еден сопружник кој не му служи на Јехова да си го смени мислењето за Сведоците (види во пасус 9)g
10. Како можеме да го следиме примерот на Исус кога некој зборува лошо за нас?
10 Немој да мислиш дека мора да одговориш на секоја критика. Кога другите лажно го обвиниле дека премногу јаде и пие, Исус не се налутил, ниту пак се обидувал да докаже дека не се во право. Наместо тоа, ги поттикнал луѓето да размислат за фактите (Мат. 11:19). Исто така, со својот пример им покажал дека води урамнотежен начин на живот. (Спореди со Јован 2:2, 6-10.) Слично на тоа, ако другите кажуваат лоши работи за тебе, не мора секогаш да докажуваш дека не се во право. Наместо тоа, со своите постапки покажи им на роднините дека си урамнотежен и среќен, и остави самите да си донесат заклучок. Тоа може да им помогне да сфатат дека лошите работи што ги чуле за нас не се точни.
ОСТАНИ СТРПЛИВ И НЕ ГУБИ НАДЕЖ
11. Како постапувал Исус со своите браќа?
11 Од евангелијата се гледа дека Исус бил стрплив со своите браќа. На пример, тие очигледно биле присутни во Кана кога го направил своето прво чудо (Јован 2:11, 12). Но, како што спомнавме претходно, браќата на Исус не верувале во него. Сепак, тој не престанал да се грижи за нив. Од Библијата дознаваме дека, околу три години по неговото прво чудо во Кана, Исус зборувал љубезно со своите браќа (Јован 7:5-8).
12. Што може да ни помогне да не губиме надеж дека некои наши роднини еден ден ќе одлучат да му служат на Јехова?
12 Тоа што знаеме колку е голема милоста на Јехова, може да ни помогне да не губиме надеж за нашите роднини. Кога ќе биде уништена лажната религија, тие можеби ќе се сетат дека сме им кажувале за тој настанb (Отк. 17:16). Откако ќе почне големата неволја, можеби дури и ќе одлучат да му служат на Јехова заедно со нас! Но, ако нашите роднини сега се соочуваат со тешкотии, сигурно ќе направиме сѐ што можеме за да им помогнеме. Кога ќе сфатат дека навистина ги сакаме, можеби ќе бидат спремни да дознаат нешто повеќе за Библијата.
ПОКАЖИ ИМ ДЕКА ГИ САКАШ
13. Иако сме зафатени во службата за Јехова, на што треба да внимаваме?
13 Иако сме многу зафатени во службата за Јехова, не сакаме на нашите роднини да им оставиме впечаток дека немаме време за нив или дека повеќе не ги сакаме (Мат. 7:12). Како можеме да им покажеме дека се грижиме за нив? Да разгледаме неколку начини.
14-15. На кој начин можеме да покажеме дека ги сакаме нашите роднини кои не се Сведоци? Наведи пример.
14 Биди во контакт со нив и покажувај им дека ги сакаш. Нашата љубов кон роднините можеме да ја покажеме така што редовно ќе комуницираме со нив. На пример, понекогаш би можеле да им испратиме порака заедно со неколку слики од некој наш одмор, патување или дружење со пријателите. Еден скромен подарок или убаво писмо можеби ќе биде доволно за да си го подобриме односот со нив. Со вакви или слични постапки им покажуваме дека ги сакаме.
15 Размисли за примерот на Ана, една сестра во Ерменија. Членовите на нејзиното семејство минуваат многу време заедно, особено на родендени и празници. Кога Ана станала Јеховин сведок, роднините мислеле дека нивниот однос ќе се смени поради нејзината нова вера. Исто така, биле загрижени како нејзината одлука да стане Сведок ќе ѝ влијае на иднината. Што прави Ана во врска со тоа? Таа вели: „Кога ги посетувам роднините, им кажувам некои работи од мојот живот и со што сум зафатена. Исто така, ги канам кај мене на гости и ги запознавам со моите пријатели. Како резултат на тоа, повеќето од моите роднини добро ги познаваат оние со кои сум блиска и се чувствуваат пријатно со нив“. Ана додава: „Многу од моите роднини рекоа дека гледаат колку сум среќна, и повеќе не се загрижени за мене“.
16. Како Исус покажал дека е вистински заинтересиран за својот брат Јаков? (Види ја и фуснотата.)
16 Покажи им дека ти се важни. Откако воскреснал, Исус му се појавил на својот брат Јаков и со тоа покажал дека е вистински заинтересиран за него (1. Кор. 15:7). Можеш ли да си замислиш како се чувствувал Јаков кога сфатил дека Исус не се откажал од него? Оваа средба веројатно го уверила дека Исус е Месијата. Потоа, Јаков можеби им помогнал на други членови од неговото семејство да дојдат до исправен заклучок за тоа кој навистина е Исусc (Дела 1:14).
17. Како можеме да го примениме начелото од Римјаните 12:15? (Види ја и сликата.)
17 Прочитај Римјаните 12:15. Ако на нашите роднини им покажеме дека се грижиме за нив кога тоа најмногу им е потребно — и во добро и во лошо време — можеби ќе им помогнеме да си го сменат ставот кон нас.d На пример, кога ќе им се роди дете, можеме да покажеме дека се радуваме со нив така што ќе им честитаме и ќе им дадеме подарок. Кога ќе им почине некој близок, можеме да ги утешиме со нашите зборови, да им испратиме картичка, а би можеле и да им понудиме практична помош. Освен тоа, не треба да заборавиме редовно да им се јавуваме, да им праќаме пораки или да ги посетуваме, особено кога минуваат низ некоја тешка ситуација.
Ако на твоите роднини им покажеш дека се грижиш за нив кога тоа најмногу им е потребно, можеби ќе си го сменат ставот за тебе и за твојата вера (види во пасус 17)h
18. Како можеме да го следиме примерот на ученикот Андреј?
18 Запознај ги со некои соверници. Кога Андреј сфатил дека Исус е Месијата, воодушевено го запознал својот брат Петар со него (Јован 1:40-42). Можеме ли и ние да направиме нешто слично? На пример, би можеле одвреме-навреме да поканиме некој роднина на собраниски состанок или на јадење со нашите пријатели. Кога ќе ги запознае нашите соверници, ќе види дека Сведоците се нормални, пристојни луѓе.
19. Како треба да се однесуваме со нашите роднини дури и ако тие не разбираат потполно некои од нашите верувања? (1. Петрово 3:15).
19 Прочитај 1. Петрово 3:15. Членовите на нашето семејство можеби нема потполно да разберат зошто не правиме некои работи, но секогаш ќе го памтат тоа што сме им покажале добрина и почит. Исто така, можеби ќе го ценат тоа што вложуваме труд да бидеме со нив во други прилики. На пример, не можеме да учествуваме во некои небиблиски прослави и обичаи, но можеме да ги посетуваме, да јадеме заедно и да им даваме подароци во други прилики.
НЕ КРЕВАЈ РАЦЕ ОД СВОИТЕ РОДНИНИ
20. Зошто примерот на Јаков нѐ охрабрува?
20 Јаков ја пропуштил приликата да му се придружи на Исус во службата што ја вршел додека бил на Земјата, но подоцна станал негов ученик (Гал. 1:18, 19; 2:9). Иако не бил еден од првите ученици на Исус, Јаков очигледно ги прифатил неговите учења. На пример, под водство на светиот дух, тој напишал писмо во кое се спомнуваат поуки кои се слични на оние што ги кажал Исус во Проповедта на гората.e
21. Зошто не треба да кренеме раце од нашите роднини кои не му служат на Јехова?
21 Дури и ако даваме сѐ од себе за да покажуваме добрина кон нашите роднини, тие можеби сѐ уште ќе бидат нељубезни кон нас и нема да сакаат да учат за Јехова. Зошто не треба да кренеме раце од нив? Затоа што секогаш кога им покажуваме добрина, го следиме примерот на нашиот милостив Бог, Јехова и на неговиот Син, Исус (Лука 6:33, 36). Ако продолжиме да им покажуваме љубов, можеби со текот на времето ќе си го сменат мислењето за нас. Освен тоа, тие можеби ги памтат работите што порано сме им ги кажале за Јехова. Доколку не кренеме раце од нив, можеби еден ден ќе одлучат да му служат на Јехова заедно со нас и тоа ќе ни донесе голема радост!
ПЕСНА 60 Дело што живот значи
a Во оваа статија, изразот „роднини“ се однесува и на членовите на потесното семејство.
b Види ја статијата „Што знаеме за тоа како Јехова ќе суди во иднина?“, која излезе во Стражарска кула од мај 2024, стр. 11, пас. 11-13.
c По смртта и воскресението на Исус, најмалку двајца од неговите браќа, Јаков и Јуда, ја прифатиле вистината.
d Види ја рамката „Дали да присуствуваш на некоја венчавка или погреб?“
e Спореди Јаков 1:2 со Матеј 5:11, 12; Јаков 1:19 со Матеј 5:22; Јаков 1:22; 2:24 со Матеј 7:21; Јаков 2:13 со Матеј 5:7; 6:14, 15.
f Повеќе информации за тоа како да постапиш во такви ситуации можеш да прочиташ во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 мај 2002 и од 15 ноември 2007.
g ОПИС НА СЛИКАТА: Пред да оди во служба на проповедање, една сестра со задоволство подготвува јадење за својот сопруг.
h ОПИС НА СЛИКАТА: Истата сестра одвојува време и за да ја посети свекрвата која не е Сведок.