ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w26 Мај стр. 26-31
  • Почитувај ги одлуките на другите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Почитувај ги одлуките на другите
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2026
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ПОРАДИ КОИ ЛИЧНИ ОДЛУКИ БИ МОЖЕЛЕ ДА ГИ ОСУДУВАМЕ ДРУГИТЕ?
  • ЗОШТО ДА ГИ ПОЧИТУВАМЕ ЛИЧНИТЕ ОДЛУКИ НА ДРУГИТЕ?
  • КАКО ДА ПОКАЖЕМЕ ПОЧИТ ЗА ГЛЕДИШТАТА НА ДРУГИТЕ?
  • Радувај го Јехова со своите одлуки
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Одлуки од кои се гледа дека се потпираме на Јехова
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2023)
  • Верата ни помага да носиме мудри одлуки
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
  • Донесувај одлуки со кои ќе го славиш Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2026
w26 Мај стр. 26-31

3-9 АВГУСТ 2026

ПЕСНА 113 Мирот — Божји дар

Почитувај ги одлуките на другите

Зошто го осудуваш својот брат (РИМ. 14:10)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да видиме како да покажеме почит кон соверниците кога носат одлуки со кои не се согласуваме.

1-2. Зошто нашите лични одлуки понекогаш се разликуваат од одлуките на други браќа и сестри?

ДАЛИ некогаш си се почувствувал дека си неправедно осуден поради некоја одлука што си ја донел? Дали некогаш ти си осудил некој соверник поради одлуката што тој ја донел? Без сомнение, повеќето од нас потврдно би одговориле и на двете прашања.

2 Не треба да нѐ изненадува тоа што понекогаш нашите одлуки се разликуваат од одлуките што ги носат други браќа и сестри. Зошто? Бидејќи секој од нас е уникатен и, како резултат на тоа, си има свое лично мислење. Под влијание на културата, семејните околности и личните искуства секој од нас си има оформено свои гледишта. Но, не треба да дозволиме различните гледишта што ги имаме да го загрозат мирот и единството во собранието (Еф. 4:3).

3. Од која причина би можеле да осудиме некој соверник за одлуката што ја донел?

3 Кога некој наш соверник ќе донесе одлука со која ние не се согласуваме, можеби ќе сметаме дека треба да го убедиме да си го смени мислењето, или пак ќе зборуваме со другите дека сме загрижени за него поради одлуката што ја донел. Веројатно тоа не го правиме од лоши мотиви. Ние ги сакаме нашите браќа и сестри, и им го посакуваме најдоброто (Изр. 17:17). Затоа, не сакаме да донесат одлука за која подоцна ќе зажалат или која би можела духовно да им наштети.

4-5. Што треба да правиме ако некој соверник одлучи да направи нешто што се разликува од она што ние би го направиле?

4 Треба ли да разговараме со некој наш соверник ако сметаме дека не донел добра одлука? Тоа ќе зависи од повеќе фактори. На пример, ако сме дознале дека планира да направи нешто со што би прекршил некоја библиска заповед, тогаш од љубов кон него треба да се обидеме да му помогнеме да си го исправи мислењето (Изр. 27:5, 6). Но што треба да правиме ако некој одлучи да направи нешто со што не прекршува Божја заповед, туку едноставно се разликува од она што ние би го направиле. Одговорот го наоѓаме во стихот на кој се темели оваа статија — ние не го осудуваме нашиот брат (Рим. 14:10).

5 Сепак, можеби ни е тешко да ја почитуваме неговата одлука. Во оваа статија ќе видиме зошто треба да ги почитуваме одлуките на другите и како можеме да го правиме тоа. Но прво, да разгледаме некои ситуации во кои се вклучени лични одлуки кои можат да нѐ наведат да ги осудуваме нашите браќа и сестри.

ПОРАДИ КОИ ЛИЧНИ ОДЛУКИ БИ МОЖЕЛЕ ДА ГИ ОСУДУВАМЕ ДРУГИТЕ?

6-7. Наведи ситуации поради кои би можеле да ги осудуваме другите за нивните одлуки.

6 Како што спомнавме на почетокот, можеби имаме цврсти ставови за одредени работи поради околностите во кои сме израснале или искуствата кои сме ги имале во животот. Би можеле да си мислиме дека другите имаат исти гледишта како нас. Но, тоа можеби не е случај. Да разгледаме неколку ситуации. Ситуација 1: Пред да ја дознае вистината, еден брат растел со татко кој бил алкохоличар. На едно дружење, братот гледа како некои браќа и сестри пијат алкохол. Тој е вознемирен и им вели дека она што го прават е погрешно. Ситуација 2: Една сестра се изборила со тешка болест. Подоцна, дознава дека друга сестра ја има истата болест. Таа сака да ѝ помогне и затоа ѝ врши притисок да се лекува на истиот начин како неа — било преку одреден вид исхрана, било со лекови или на природен начин. Ситуација 3: Еден брат припаѓал на некоја лажна религија. Тој повеќе не сака да има ништо со таа религија. Но кога дознава дека еден соверник присуствувал на погреб во црква, тој е вознемирен.a

7 Да разгледаме уште неколку ситуации. Ситуација 4: Еден брат растел во време кога повеќето луѓе сметале дека е несоодветно за мажите да имаат брада или за жените да носат панталони во формални прилики. Иако братот е свесен за неодамнешната промена во врска со ова, тој упорно им кажува на другите дека браќата не треба да имаат брада и дека сестрите треба да носат фустани или сукњи кога учествуваат во теократски активности. Ситуација 5: Еден старешина познавал брат кој стекнал високо образование и подоцна ја напуштил вистината. А сега, еден млад брат од неговото собрание одлучил да се запише на факултет. Старешината е загрижен, и се обидува да ги убеди младиот брат и неговите родители да се премислат.

8. а) Што би можело да предизвика еден родител да почне да критикува други родители? б) Како нашиот критизерски став би можел да се одрази врз собранието?

8 Размисли за следнава ситуација која би можела да влијае врз родителите. Ситуација 6: Како родител, даваш сѐ од себе за да ги воспиташ децата со стега од Јехова и да им помогнеш да го усвојат неговиот начин на размислување (Еф. 6:4). Но ти изгледа дека други родители кои се Сведоци се попопустливи од тебе. На пример, тие им дозволуваат на своите деца покасно да се враќаат дома, да играат видеоигри во кои нема насилство или да имаат мобилен телефон уште од рана возраст. Поради тоа, твоето дете смета дека ти си премногу строг. Ти вели: „Зошто не си како родителите на мојот другар?“ Поради ваквата ситуација би можел да почнеш да ги критикуваш другите родители. Факт е дека која било лична одлука на еден христијанин што се разликува од нашата би можела да доведе до несогласување. На пример, би можеле да критикуваме како некој ги троши парите, колку често оди на одмор или каква забава избира. Но, не смееме да дозволиме нашите чувства да ни станат поважни од единството во собранието.

9. Зошто не треба да ги осудуваме другите за одлуките што ги носат поврзани со личните работи? (Види ја и сликата.)

9 И покрај тоа што одлуките на еден христијанин може да се разликуваат од одлуките на друг, тоа не мора да значи дека едниот е во право, а другиот греши (Рим. 14:5). Кога станува збор за Јеховините мерила христијаните се поттикнати еднакво да размислуваат (2. Кор. 13:11). Но тоа не значи дека, во врска со личните работи, треба исто да размислуваме. Нашите лични одлуки можеме да ги споредиме со изборот што го правиме кога сакаме да патуваме до одредено место. Честопати, има неколку начини како да стигнеме до иста дестинација. Ние го избираме она што ни се допаѓа и што е во склад со нашите можности. Слично на тоа, браќата и сестрите можат да донесат различни одлуки во поглед на личните работи, но крајната цел е иста — сакаме да му угодиме на Јехова. Затоа, не ги осудуваме другите за личните одлуки што ги носат (Мат. 7:1; 1. Сол. 4:11).

GPS апликација на еден телефон која покажува повеќе патишта и начини на транспорт кои водат до иста дестинација.

Различни патници можат да изберат различни начини за да стигнат до одредена дестинација; на сличен начин, додека му служат на Јехова, христијаните можат да донесат различни одлуки за лични работи (види во пасус 9)


ЗОШТО ДА ГИ ПОЧИТУВАМЕ ЛИЧНИТЕ ОДЛУКИ НА ДРУГИТЕ?

10. Според Јаков 4:12, на што немаме право и зошто?

10 Библијата ни дава неколку причини зошто треба да ги почитуваме личните одлуки на другите. Да разгледаме неколку од нив. Ние немаме право да им судиме на другите за лични работи. (Прочитај Јаков 4:12.) Јехова е праведниот Законодавец и Судија. Само тој има право да поставува мерила и правила за животот. Значи браќата и сестрите му полагаат сметка на Јехова, а не на нас (Рим. 14:10). Ние немаме право да ги осудуваме и критикуваме другите на темел на нашите лични мерила и ставови.b

11. Како можеме да придонесеме за единството во собранието? (Види ја и сликата.)

11 Јехова сака неговите слуги да бидат обединети, а не идентични. Всушност, нашиот Бог ја сака разноликоста! Во творештвото гледаме доказ за тоа. На пример, нема две снегулки што се потполно исти. А така е и со луѓето. Од преку осум милијарди луѓе на Земјата нема двајца што се потполно исти по изглед или однесување. Јехова нѐ создал да бидеме различни. Тој не сака да бидеме копија еден на друг. Но сака да бидеме обединети. Затоа, не дозволуваме разликите да нѐ разединат, туку придонесуваме за мир. Поважно ни е единството во собранието, отколку нашите лични мислења и вкусови (Рим. 14:19).

Браќа и сестри од различни раси и на различна возраст уживаат во заеднички оброк. Некои од нив пијат алкохол, а други не. Некои браќа имаат брада, а некои не.

Јехова нѐ создал да се разликуваме еден од друг, но тој сака да бидеме обединети (види во пасус 11)


КАКО ДА ПОКАЖЕМЕ ПОЧИТ ЗА ГЛЕДИШТАТА НА ДРУГИТЕ?

12-13. Што треба да имаме на ум ако сметаме дека некој згрешил? (Галатите 6:1; види ја и рамката „Кога не се согласуваш со нечија одлука“).

12 Кога другите носат одлуки за лични работи. Прашај се: „Дали мојот соверник згрешил или едноставно донел поинаква одлука?“ Ако направил грешка со која прекршил некоја библиска заповед, прашај се: „Дали јас можам да му дадам мудар совет на темел на Библијата? Или некој друг, како на пример некој старешина, е во подобра положба да го направи тоа?“ Ако ти си оној што може да му помогне, обиди се да зборуваш со него, но на љубезен начин. (Прочитај Галатите 6:1.) Меѓутоа, честопати можеби ќе увидиш дека соверникот едноставно донел поинаква одлука, одлука која не е во склад со твоето гледиште. Ако тоа е случај, не го критикувај и не зборувај негативно за неговата одлука. Почитувај го неговото право да одлучува за себе и не го осудувај (Рим. 14:2-4).

13 Размисли за следнава споредба: Ако одиш во ресторан со некој пријател, дали би инсистирал тој да ја порача истата храна што ти си ја порачал? Не, го почитуваш неговото право да избере што сака да јаде. На крајот на краиштата, она што ќе го избере да го јаде нема некое големо влијание врз тебе. А сега, ако улогите се сменети, веројатно не би сакал твојот пријател да порача храна за тебе на темел на неговиот вкус. На сличен начин, можеме да покажеме почит кон другите така што ќе им дозволиме да носат лични одлуки без да се обидуваме да им го наметнеме нашето мислење.

Кога не се согласуваш со нечија одлука

Ако не се согласуваш со одлуката на некој соверник, размислувај за следниве прашања. Можеби ќе увидиш дека тоа ќе ти помогне да не се грижиш непотребно (Гал. 6:5).

  • Дали со неговата одлука прекршил библиска заповед?

  • Како околностите во кои израснал влијаат врз неговата одлука?

  • Дали неговата одлука навистина ќе му наштети, или само си го замислувам најлошото сценарио?

  • Кои добри резултати можат да произлезат од неговата одлука?

  • Дали тој згрешил или едноставно донел поинаква одлука од онаа што јас би ја донел?

  • Ако донел погрешна одлука, дали јас сум оној што треба да му помогне да си го исправи мислењето?

14. Како можеш да придонесеш за единството кога носиш одлуки за лични работи? (1. Коринќаните 8:12, 13).

14 Кога ти носиш одлуки за лични работи. Можеш да придонесеш за единството така што ќе даваш сѐ од себе да не ги навредуваш другите. (Прочитај 1. Коринќаните 8:12, 13.) Понекогаш, можеби си свесен дека одлуката што сакаш да ја донесеш е дозволена, односно прифатлива. Но, ако со тоа би го навредил својот брат, дали би била и корисна?c (1. Кор. 10:23, 24). Во таков случај, наместо да инсистираш на своите права, размисли како твојата одлука ќе влијае врз другите (Рим. 15:1). Но, нели веќе рековме дека другите треба да ги почитуваат нашите одлуки за лични работи? Да. Тие треба да ги почитуваат нашите одлуки како што и ние треба да ги почитуваме нивните. Но треба и да го имаме на ум советот од Библијата, кој се наоѓа во Римјаните 12:18, каде што пишува: „Колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“. Затоа, во разумна мера правиме сѐ што можеме за да го зачуваме мирот со другите и да не ги навредуваме непотребно.

15. Како старешините можат да придонесат за единството во собранието? (1. Коринќаните 4:6).

15 Старешините покажуваат почит за одлуките на другите. Старешините придонесуваат за единството во собранието така што не поставуваат правила за лични работи и не одат „преку она што е напишано“ во Библијата. (Прочитај 1. Коринќаните 4:6.) Исто така, тие не одат преку библиските совети објаснети во нашите публикации. Освен тоа, кога некој соверник ќе побара помош, старешините внимаваат да не се потпираат само на своето лично искуство кога даваат совет. Наместо тоа, тие го темелат советот на Божјата Реч (Иса. 48:17, 18).

16. Како еден старешина може да покаже почит за одлуките на старешинството?

16 Еден старешина, исто така, покажува почит за одлуките што ги донело старешинството. Откако старешинството се молело за свет дух, ги разгледало и применило упатствата кои се темелат на Библијата, и донело одлука, секој старешина треба да ја поддржи таа одлука дури и кога неговото лично мислење не е прифатено од мнозинството (Еф. 5:17). Освен тоа, старешините се трудат тесно да ги следат теократските упатства и да не се обидуваат да ги толкуваат според своето мислење. На пример, еден старешина не би извадил од контекст една реченица од нашите публикации со цел да го поддржи своето лично мислење.

17. Како ни користи тоа што ги почитуваме одлуките на другите?

17 Како што видовме, секој од нас е уникатен. Секој еден од нас си има свои гледишта и вкусови. И таа разноликост е убава. Тоа што сите сме израснале во различни околности и сме различни како личности го прави собранието прекрасно место во кое сите се чувствуваме пријатно. Затоа, не дозволуваме разликите да нѐ разединат, туку придонесуваме за мир. Внимаваме да не ги навредуваме другите и ги почитуваме нивните одлуки во врска со лични работи. Кога го правиме тоа, добиваме награда за нашиот труд — уживаме во среќно и обединето собрание (Пс. 133:1; Мат. 5:9).

КАКО СЛЕДНИВЕ СТИХОВИ МОЖАТ ДА НИ ПОМОГНАТ ДА ГИ ПОЧИТУВАМЕ ГЛЕДИШТАТА И ОДЛУКИТЕ НА ДРУГИТЕ?

  • Јаков 4:12

  • Галатите 6:1

  • 1. Коринќаните 4:6; 8:12, 13

ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш

a Повеќе фактори можат да влијаат на одлуката на еден христијанин дали да присуствува на погреб или на венчавка во црква. Види ја статијата „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од 15 мај 2002.

b Понекогаш старешините имаат одговорност да им судат на оние кои ги прекршиле библиските заповеди. Сепак, старешините имаат на ум дека тоа го прават во името на Јехова, според неговите праведни мерила, а не според своите. (Спореди со 2. Летописи 19:6.)

c Други примери можеш да најдеш во книгата Радувај му се на животот засекогаш, лекција 35, точка 5.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели