1-7 ЈУНИ 2026
ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост
Зошто можеме да бидеме среќни дури и кога нѐ мразат
Среќни сте кога луѓето ве мразат (ЛУКА 6:22)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Зошто можеме да бидеме среќни кога нѐ мразат поради тоа што му служиме на Јехова.
1. Што рекол Исус, и зошто тоа нѐ изненадува?
ВО ПОЗНАТАТА Проповед на гората, Исус рекол: „Среќни сте кога луѓето ве мразат“ (Лука 6:22). Оние што го слушале сигурно биле изненадени од овие зборови. Се разбира, никој не сака другите да го мразат. Тогаш, зошто Исус ги кажал тие зборови? Добро е да го разгледаме ова прашање бидејќи денес многу луѓе ги мразат следбениците на Исус. Во оваа статија ќе видиме зошто луѓето нѐ мразат, и зошто можеме да бидеме среќни дури и тогаш.
ЗОШТО НЀ МРАЗАТ
2-3. Која е една причина зошто вистинските христијани се прогонувани, и како тоа би можело да влијае врз нашето гледиште за противниците? (Јован 16:2, 3).
2 Нѐ мразат бидејќи му служиме на Јехова. Во врска со оние што ќе ги прогонуваат, па дури и ќе убиваат некои од неговите следбеници, Исус рекол: „Не го запознале ниту Таткото ниту мене“. (Прочитај Јован 16:2, 3.) Кој е, всушност, виновен за омразата кон Божјиот народ? Сатана, „богот на овој свет“ (2. Кор. 4:3, 4). Тој ги заслепува луѓето за да не можат да ја разберат вистината за Јехова и ги наведува да им се противат на оние што го познаваат и го сакаат Бог (Јован 8:42-44). Како би можело ова да влијае врз нашето гледиште за противниците? Тоа што знаеме дека тие се измамени, ќе ни помогне да не ги мразиме и ние нив.
3 Размисли за примерот на Павел,a кој живее во земја во која нашето дело е забрането. Бидејќи продолжил верно да му служи на Јехова, го уапсиле, сурово го тепале и го ставиле во самица со месеци. Павел сега вели: „Јасно ми е дека противењето е поради тоа што Сатана и демоните се обидуваат да нѐ спречат да му служиме на Јехова. Се чини дека повеќето од оние што работат во затворите не нѐ мразат. Тие само си ја извршуваат својата работа“. Еден брат во Хрватска, кој доживувал сурово прогонство од неговите родители кои не се Јеховини сведоци, вели: „Со текот на времето, сфатив дека Сатана е мојот вистински непријател, а не моите родители“ (Еф. 6:12).
4. Што можеме да научиме од примерот на Исус и на Стефан? (Види ја и сликата.)
4 Ние не ги мразиме нашите противници. Всушност, поттикнати сме да се молиме за нив (Мат. 5:44). Во врска со ова, можеме да учиме од Исус и од Стефан. Додека бил прикован на маченичкиот столб од страна на римските војници, Исус се молел: „Татко, прости им“ (Лука 23:34). Исус го молел Јехова да им прости на војниците на кои им било наредено да го погубат. Тој можеби мислел и на оние од толпата кои, поттикнати од неговите непријатели, извикувале дека треба да биде погубен. Исус сфатил дека овие луѓе, всушност, не знаеле што прават. Слично на ова, Стефан го молел Бог да им прости на оние што имале намера да го погубат (Дела 7:58-60). Дали Јехова ги услишил молитвите на Исус и на Стефан? Да. Многумина од оние кои биле вклучени во судењето и погубувањето на Исус подоцна се покајале, покажале вера во Исус и се крстиле (Дела 2:36-41). И, барем еден човек кој го одобрувал погубувањето на Стефан — Савле од Тарс — станал христијанин и искрено се покајал за ужасните работи што ги направил во незнаење (1. Тим. 1:13).
Исто како што Исус и Стефан се молеле за оние што ги прогонувале нив, и ние можеме да се молиме за оние што нѐ прогонуваат нас (види во пасус 4)
5. Што учиш од искуството на Сезар?
5 Јехова нѐ услишува и нас кога се молиме за оние што ни се противат. Да го разгледаме искуството на Сезар, кој живее во Венецуела. Поради вистината, татко му многу им се противел нему, на мајка му и на неговите браќа и сестри. Сезар вели: „Мајка ми беше добра сопруга и добра мајка. Иако секогаш го ставаше Царството на прво место, таа никогаш не го запоставуваше татко ми. Таа нѐ поучи мене и моите браќа и сестри да го почитуваме нашиот татко. Исто така, нѐ поучи да му бидеме послушни сѐ додека тој не побара да направиме нешто што Јехова не го одобрува“. По неколку години, татко му на Сезар почнал да го менува својот став. Сезар вели: „Еден ден, откако сесрдно се помолив, го прашав татко ми дали би сакал да ја проучувам Библијата со него. Не можам да опишам колку бев радосен кога ми рече дека сака“. Со текот на времето, татко му на Сезар се крстил. Факт е дека нема сите противници да направат такви промени. Но некои од нив го менуваат својот став откако ќе видат дека со почит зборуваме со нив и дека убаво се однесуваме. Многу сме среќни кога ќе го направат тоа. Едвај чекаме да видиме како Јехова, милосрдниот Судија на целата земја, ќе ги привлече таквите лица кон себе (1. Мој. 18:25).
6. Според Марко 13:13, од која друга причина нѐ мразат луѓето?
6 Нѐ мразат бидејќи го почитуваме Исус. Исус рекол дека сите луѓе ќе ги мразат вистинските христијани „поради [неговото] име“. (Прочитај Марко 13:13.) Името на Исус ги претставува неговите особини и неговото право да биде Цар на Божјето Царство. Нас нѐ мразат луѓето кои имаат доверба во човечките владетели наместо во оној кого Јехова го избрал да владее, Исус Христос. Исус владее како Цар на Божјето Царство од 1914 год. Наскоро, тој ќе ги отстрани сите владетели кои го отфрлаат неговото владеење.
7-8. Зошто некои Божји слуги се исмевани од луѓето? (Јован 15:18-20; види ги и сликите).
7 Нѐ мразат бидејќи го отфрламе светот на Сатана. Исус објаснил дека луѓето ќе ги мразат неговите следбеници бидејќи „не [се] дел од светот“. (Прочитај Јован 15:18-20.) Исто како христијаните од првиот век, ние ги отфрламе безбожните ставови, како и однесувањето и говорот на луѓето од овој свет. Поради ова, многу браќа и сестри се исмевани на работа или на училиште (1. Пет. 4:3, 4). Сепак, ние се радуваме што некои противници со текот на времето го менуваат својот став и почнуваат да нѐ почитуваат.
8 Да го разгледаме примерот на Игнасио во Централна Америка. Во неговото училиште, еден професор со години го исмејувал поради неговите високи морални мерила. Но, пред Игнасио да матурира, професорот го прашал како успеал да живее според библиските начела во таква непријателска околина. Игнасио објаснил дека на Божјите закони гледа како на заштита. Потоа го поканил професорот да дојде на еден собраниски состанок. Игнасио многу се изненадил кога видел дека професорот дошол. Професорот бил толку воодушевен од љубовта и срдечноста на собранието што продолжил да доаѓа на состаноците. Подоцна, бидејќи почнал да ја проучува Библијата, и професорот се соочил со противење. Но, тој продолжил духовно да напредува и со текот на времето се крстил.
Без оглед на нашата возраст, можеме да бидеме храбри и да ја браниме нашата вера (види во пасус 8)b
9-10. а) Од која друга причина се разликуваме од луѓето во светот на Сатана? б) Што можеме да научиме од примерот на апостол Павле?
9 Ние се разликуваме од луѓето во светот на Сатана и поради тоа што сме неутрални во поглед на политиката и војните (Јован 18:36). Во склад со советот од Римјаните 13:1, ние сме им послушни на законите во државата. Сепак, како христијани, не заземаме страна во политиката и затоа не се кандидираме за политички функции, ниту пак гласаме на избори. Зошто? Бидејќи сме му верни на Јехова и на неговото Царство со кое владее Христос. Многу Јеховини сведоци се во затвор поради нивната вера. Но, и покрај тоа што се во затвор, нашите браќа и сестри продолжуваат да проповедаат. Така го следат примерот на апостол Павле, кој неколку години бил во куќен притвор и во затвор (Дела 24:27; 28:16, 30). Тој продолжил да им ја објавува добрата вест на сите кои го слушале, меѓу кои имало и затворски чувари, судски службеници, управители, цареви, а можеби дури и службеници на римскиот император Нерон (Дела 9:15).
10 Слично на тоа, нашите браќа и сестри кои се во затвор им проповедаат на сите што ќе ги слушаат, вклучувајќи ги и судиите и затворските чувари. Еден брат, кој бил во затвор повеќе од шест години затоа што останал политички неутрален, рекол дека на времето што го поминал во затвор не гледал како на казна, туку како на задача од Јехова за да ги најде искрените лица. Колку ќе бидеме среќни ако Јехова нѐ користи за да им ја пренесе добрата вест на таквите луѓе! (Кол. 4:3). Да разгледаме кои други причини ги имаме за да бидеме среќни дури и кога нѐ мразат затоа што му служиме на Јехова.
ЗОШТО МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ СРЕЌНИ ДУРИ И КОГА НЀ МРАЗАТ
11. Како тоа што доживуваме прогонство ни ја зајакнува верата? Наведи пример.
11 Знаеме дека тоа што нѐ мразат е исполнување на библиски пророштва. Во првото пророштво кое е запишано во Библијата, Јехова прорекол дека Сатана и неговото симболично потомство, односно оние што го следат него, ќе ги мразат луѓето што го сакаат и му служат на Јехова (1. Мој. 3:15). Како што е запишано во четирите евангелија, Исус честопати ја потврдувал вистинитоста на тие пророчки зборови (Мат. 10:22; Мар. 13:9-12; Лука 6:22, 23; Јован 15:20). И во други библиски книги пишува дека христијаните ќе бидат прогонувани (2. Тим. 3:12; Јак. 1:2; 1. Пет. 4:12-14; Јуда 3, 17-19). Затоа не сме изненадени кога нѐ прогонуваат. Наместо тоа, среќни сме што се исполнува она што е проречено во Библијата. Тоа нѐ уверува дека му служиме на вистинскиот Бог. Една сестра што живее во земја во која нашето дело е ограничено вели: „Кога му го заветував животот на Јехова, знаев дека порано или подоцна ќе се соочам со прогонство. Затоа, не сум ниту исплашена ниту изненадена кога доживувам неволји“. Еден од многуте луѓе што ѝ се противеле бил и нејзиниот сопруг. Тој ја омаловажувал и ѝ ја запалил Библијата и библиската литература. Но, таа не се исплашила и не се повлекла туку напротив, нејзината вера се зајакнала (Евр. 10:39). Таа вели: „Прогонството е проречено и затоа знаев дека ќе се случи. Тоа што доживеав прогонство ме увери дека припаѓам на вистинската религија“.
12. Што му помогнало на еден брат да истрае под прогонство?
12 Иако очекуваме да бидеме прогонувани, сепак, понекогаш може да ни биде тешко да истраеме. Еден брат го напишал следново во врска со времето додека бил во затвор: „Понекогаш бев толку потиштен и загрижен, што само плачев“. Што му помогнало на овој брат да истрае? Тој рекол: „Многу се молев. Секое утро го започнував со молитва. Во текот на денот, се молев секогаш кога ќе се соочев со некоја тешка ситуација. Освен тоа, кога ќе се налутев поради некоја неправда што ќе ја доживеев, ќе се заклучев во тоалетот и ќе се молев“. Исто така, нашиот брат размислувал за добриот пример што го оставиле многу Божји слуги во минатото и во наше време, кои истрајале кога биле прогонувани. Тоа му помогнало и нему да истрае под прогонство и да го почувствува мирот што Исус им го ветил на своите следбеници (Јован 14:27; 16:33).
13. Што може да ни помогне да истраеме и покрај омразата?
13 Нашата љубов кон Јехова и кон соверниците ни помага да истраеме и покрај омразата. Сѐ до својата смрт, Исус го сакал својот Татко со сето свое срце. А ги сакал и своите пријатели (Јован 13:1; 15:13). Ако развиеме таква љубов за Јехова и за нашите браќа и сестри, и ние ќе можеме да истраеме и покрај омразата. Како? Одговорот ќе го добиеме ако го разгледаме примерот на апостол Павле.
14. Што му помогнало на Павле да му остане верен на Јехова кога се соочил со смртта?
14 Кратко пред да биде погубен, Павле му го напишал следново на својот драг пријател Тимотеј: „Бог не ни даде дух кој нѐ прави плашливи, туку дух кој ни дава сила, љубов“ (2. Тим. 1:7). Со тие зборови, апостол Павле сакал да каже дека силната љубов што еден христијанин ја има кон Јехова може да го поттикне да истрае кога ќе се соочи со многу тешки ситуации (2. Тим. 1:8). Без сомнение, љубовта што Павле ја имал кон Јехова му помогнала да му остане верен на вистинскиот Бог и храбро да се соочи со смртта (Дела 20:22-24).
15. Како нашите браќа и сестри денес покажуваат несебична љубов еден кон друг? (Види ја и сликата.)
15 Многу ги сакаме браќата и сестрите кои остануваат верни кога се соочуваат со прогонство. Некои од нас спремно се изложуваат на опасност за своите соверници, како што Акила и Прискила си го ризикувале животот за Павле (Рим. 16:3, 4). На пример, многу браќа и сестри во Русија одат во судниците за да ги охрабрат соверниците што се уапсени. Кога една сестра што била уапсена видела голема група браќа и сестри пред зградата на судот, толку многу била трогната што некое време останала без зборови. Несебичната љубов на соверниците ја зајакнала токму тогаш кога ѝ било потребно. Навистина, многу сме среќни што љубовта што ја имаме е посилна од омразата што ја доживуваме!
Дури и во земји каде што нашето дело е забрането или ограничено, нашите браќа и сестри покажуваат несебична љубов кон соверниците (види во пасус 15)c
16. Зошто апостол Петар рекол дека оние што се малтретирани затоа што му служат на Бог имаат причина да бидат среќни? (1. Петрово 4:14).
16 Знаеме дека Бог се радува кога истрајуваме иако нѐ мразат. (Прочитај 1. Петрово 4:14.) Апостол Петар рекол дека оние што истрајуваат кога се малтретирани затоа што му служат на Бог имаат причина да бидат среќни. Зошто? Таквото малтретирање е доказ дека го имаат Божјиот дух. Петар знаел како е да го имаш Божјето одобрување и да истраеш под прогонство. Кратко по Педесетница 33 год. од н.е., еврејските храмски стражари биле испратени да ги уапсат Петар и другите апостоли затоа што проповедале. Но, Петар храбро ги бранел своите верувања (Дела 5:24-29). Дури и откако биле истепани, тој и другите апостоли не престанале да проповедаат. Напротив, тие се радувале бидејќи биле „достојни да поднесат срам поради [Исусовото] име“. И ние може да се радуваме кога истрајуваме во неволји (Дела 5:40-42).
17. Што им кажал Исус на своите ученици ноќта пред да умре?
17 Ноќта пред да умре, Исус им кажал на своите ученици: „Кој ме сака мене, него ќе го сака и мојот Татко, и јас ќе го сакам“ (Јован 14:21). Едвај чекаме да дојде времето кога луѓето нема повеќе да нѐ мразат, туку ќе нѐ сакаат затоа што му служиме на Јехова! (2. Сол. 1:6-8). Дотогаш, да бидеме решени да ги имаме на ум причините поради кои можеме да бидеме среќни кога нѐ мразат.
ПЕСНА 149 Победничка песна
a Некои имиња се сменети.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Одглумена сцена на која е прикажано како Игнасио му сведочи на својот професор.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Одглумена сцена на која е прикажано како браќа и сестри ѝ даваат поддршка на една сестра додека полицајки ја носат во затвор поради нејзината вера.