25-31 МАЈ 2026
ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“
Покажувај разборитост и ќе го радуваш Јехова
Кој ги согледува работите разборито, наоѓа добро (ИЗР. 16:20)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Како покажувањето разборитост може да ни помогне успешно да се справиме со тешки ситуации.
1-2. Што е разборитост, и како таа може да ни користи?
ДАЛИ некогаш си имал чувство дека не си ја добил почитта што ја заслужуваш? Дали некогаш некој погрешно те проценил или постапил лошо со тебе? Или, дали некогаш си се соочил со ситуација што те исплашила? Ако да, веројатно знаеш колку е тешко да реагираш на исправен начин. Но благодарение на Библијата, можеме да развиеме една особина што може да ни помогне во вакви и во многу други ситуации — разборитост.
2 Разборитоста е способност добро да се процени некоја ситуација, да се види она што не се гледа на прв поглед. Таа ни помага да разбереме зошто можеби нешто се случило и зошто можеби некој постапил на одреден начин. Како резултат на тоа, можеме да реагираме мудро. На пример, таа може да ни помогне да знаеме кога да кажеме нешто, а кога да молчиме (Пс. 4:4; Изр. 10:19). Може да ни помогне да не реагираме бурно кога некој ќе нѐ вознемири и да не се навредуваме брзо. А може да ни помогне и да прифатиме совет и исправка (Изр. 19:20). Кога покажуваме разборитост, го радуваме Јехова. Исто така, тоа ни користи нам, а и на луѓето околу нас, особено во ситуации кога сме на искушение да изреагираме избрзано и бурно. Да разгледаме три библиски извештаи кои покажуваат како разборитоста може да ни помогне да бидеме понизни, да останеме смирени и да имаме потполна доверба во Јехова.
ПОКАЖИ ПОНИЗНОСТ НАМЕСТО ГОРДОСТ
3. Кој бил Нааман?
3 За да постапуваме исправно, треба да ја отфрлиме гордоста (1. Пет. 5:5). Како разборитоста може да ни помогне во тоа? Да го разгледаме примерот на Нааман. Тој живеел во Сирија, земја која се наоѓала северно од Израел. Нааман бил влијателен човек, заповедник на сириската војска. Но тој страдал од една ужасна кожна болест — лепра (2. Цар. 5:1).
4. Како Нааман покажал разборитост?
4 Жената на Нааман имала за слугинка едно израелско девојче. Тоа ѝ кажало дека во Израел има пророк кој може да го излекува нејзиниот сопруг (2. Цар. 5:2, 3). Нааман можел да си помисли: „Што корисно може да ми каже едно девојче, и тоа од народ што е наш непријател?“ Но Нааман подлабоко размислил за она што го слушнал. Наместо гордо да го отфрли она што го кажало девојчето, тој покажал понизност и сериозно размислил за нејзините зборови. Нааман добил дозвола од царот на Сирија да оди во Израел и да побара лек за својата болест (2. Цар. 5:4, 5).
5. Што се случило кога Нааман отишол во Израел?
5 Нааман дошол кај израелскиот цар Јорам со надеж дека ќе биде излекуван од тешката болест. Но Јорам помислил дека царот на Сирија само сака да започне кавга со него. Кога пророкот Елисеј слушнал за ова, му порачал на Јорам да го испрати Нааман кај него (2. Цар. 5:6-9). Сепак, работите воопшто не се одвивале како што очекувал Нааман. Елисеј дури не ни излегол од својата куќа за да го пречека и да зборува со него. Наместо тоа, испратил гласник да му каже што треба да прави за да биде излекуван (2. Цар. 5:10).
6. а) Зошто можеби Нааман покажал гордост кога ги слушнал упатствата од гласникот? б) Како слугите на Нааман покажале разборитост, и кој бил резултатот? (2. Царевите 5:13, 14).
6 Отпрвин Нааман не реагирал добро на упатствата што му ги дал гласникот. Извештајот вели „Нааман се разлути... и си замина лут“ (2. Цар. 5:11, 12). Зошто постапил така? Можеби сметал дека не му била покажана почитта што ја заслужувал како воен заповедник од висок ранг. Освен тоа, Нааман можеби сметал дека, со упатствата што му ги дал, Елисеј не покажал почит кон Сирија. Како и да било, Нааман сакал да се откаже и да се врати дома. Но неговите слуги покажале разборитост и го замолиле добро да размисли како ќе постапи. Нааман се понизил и постапил според упатствата на Елисеј. Како резултат на тоа, бил излекуван! (Прочитај 2. Царевите 5:13, 14.)
7. Што учиме од она што се случило со Нааман? (Изреки 22:4; види ги и сликите.)
7 Што учиме од овој извештај? Ние покажуваме разборитост кога го гледаме она што не се гледа на прв поглед. Исто така, покажуваме разборитост кога не дозволуваме да нѐ контролираат емоциите. А разборитоста може и да ни помогне да покажеме понизност. Оној што е понизен признава дека не знае сѐ и е поспремен да бара помош од другите, особено од Јехова. Нааман сѐ уште не бил слуга на Јехова, а сепак покажал разборитост. Како? Така што понизно ги послушал другите: израелското девојче, своите слуги и, најважно од сѐ, Јеховиниот претставник Елисеј. Нааман успеал да си ја проголта гордоста и донел одлука што била за негово добро. Според тоа, ако некој ни даде совет на темел на Библијата со кој не се согласуваме или ако добиеме теократско упатство кое не го разбираме, добро би било да застанеме и да се прашаме: Дали со начинот на кој реагирам покажувам понизност или гордост? (Прочитај Изреки 22:4.)
Исто како што Нааман понизно ги слушал другите, така и ние треба да слушаме кога добиваме совет, кога другите ни кажуваат за некој проблем и кога добиваме упатства од Божјата организација (види во пасус 7)
ОСТАНИ СМИРЕН НАМЕСТО ДА СЕ ГНЕВИШ
8. Во какви околности може да ни биде тешко да останеме смирени?
8 Разборитоста може да ни помогне да останеме смирени и да не реагираме гневно во ситуации што ќе нѐ вознемират. Мора да признаеме дека не е секогаш лесно да останеме смирени; можеби со право сме вознемирени ако другите кажале или направиле нешто нељубезно или неправедно (Еф. 4:26). Да разгледаме како Давид и Авигеја покажале разборитост во една напната ситуација.
9. Како постапил Навал со Давид?
9 Замисли си ја следнава ситуација: Додека бегаат од Саул, Давид и неговите луѓе живеат во пустината Фаран (1. Сам. 25:1). Додека се таму, тие покажуваат добрина кон еден богат човек по име Навал така што му ги штитат стадата и овчарите (1. Сам. 25:15, 16). Во периодот кога се стрижат овците, Давид испраќа гласници кај Навал, му посакува добро и понизно замолува да им даде нешто за јадење (1. Сам. 25:6-8). Но Навал не покажува никаква благодарност за сето она што Давид и неговите луѓе го направиле за него. Тој грубо одговара на таа молба, па дури и ги навредува Давид и неговите луѓе! (1. Сам. 25:10, 11).
10. Како Авигеја и Давид покажале разборитост? (1. Самоилова 25:32, 33; види ја и сликата.)
10 Да беше ти на местото на Давид, како ќе се чувствуваше? Лесно може да сфатиме зошто Давид толку се разгневил. Тој бил човек со силни емоции и во оваа прилика толку се налутил што сакал да го убие Навал (1. Сам. 25:13, 21, 22). Всушност, Давид бил на пат да го направи токму тоа кога го пресретнала Авигеја, жената на Навал. Како таа покажала дека е разборита? Авигеја знаела дека Давид е добар човек и сфатила зошто толку се разгневил. Затоа направила сѐ што можела за да му помогне да си го смири гневот. Му дала многу дарови и понизно му укажала на некои работи (1. Сам. 25:18, 23-31). Давид покажал разборитост така што внимателно ја сослушал и сфатил дека нејзините зборови се одраз на Јеховиното гледиште за таа ситуација. Како резултат на тоа, Давид се смирил и не направил сериозна грешка. (Прочитај 1. Самоилова 25:32, 33.)
Со тоа што покажале разборитост во една напната ситуација, Давид и Авигеја спречиле голема трагедија (види во пасус 10)
11. Како разборитоста може да ни помогне кога нешто ќе нѐ вознемири? (Изреки 19:11).
11 Што учиме од овој извештај? Разборитоста може да ни помогне да останеме смирени дури и во ситуации кога имаме оправдани причини да бидеме лути. Таа може да ни помогне да размислиме за последиците од нашите зборови и постапки. (Прочитај Изреки 19:11.) Кога Авигеја го потсетила Давид како Јехова гледа на таа ситуација, тој успеал да си го смири гневот. Ако тебе нешто те вознемирува, спротивстави се на искушението да постапиш непромислено (Јак. 1:19). Тоа што ќе се молиш и ќе одвоиш време да размислиш како Јехова гледа на ситуацијата, веројатно ќе ти помогне да се смириш.
12. Како можат другите да ни помогнат да покажеме разборитост и да останеме смирени?
12 Јехова преку Авигеја му помогнал на Давид подобро да ја разбере ситуацијата. На сличен начин, тој може да употреби некого за да ни помогне и нам подобро да разбереме некоја ситуација. Затоа, кога нешто ќе те вознемири, пред да реагираш на одреден начин, би можел да разговараш со некој зрел христијанин — некој што може да ти помогне да гледаш на работите пообјективно (Изр. 12:15; 20:18). Од друга страна, ако имаш прилика да му помогнеш на некој пријател кој е во таква ситуација, следи го примерот на Авигеја. Потруди се да му помогнеш на твојот пријател да гледа на ситуацијата од Јеховина гледна точка. Јехова сигурно ќе го благослови трудот што го вложуваш да им помогнеш на другите да покажат разборитост и да останат смирени.
ИМАЈ ДОВЕРБА НАМЕСТО СТРАВ
13. Како разборитоста може да ни помогне да се справиме со нашите стравови?
13 Понекогаш, ќе се соочиме со ситуации што ќе нѐ исплашат. Разборитоста може да ни помогне да се справиме со нашите стравови така што ќе имаме на ум дека сите страшни настани од овој свет се ништо во споредба со Јеховината огромна моќ (Пс. 27:1). Јехова може да ни помогне во која било ситуација, дури и во таа што ни изгледа безизлезна. Ова може да го видиме од она што му се случило на пророкот Јона. Тој бил духовна личност, но му била потребна разборитост за успешно да изврши една тешка задача.
14. Зошто можеби Јона не сакал да ја прифати задачата што Јехова му ја дал?
14 Јехова му дал на Јона една тешка задача: да оди во Ниневија и да им објави на нејзините жители порака на осуда (Јона 1:1, 2). За да стигне од Израел до асирскиот град Ниневија, Јона требало да пешачи отприлика цел месец. А какви биле Асирците? Тие биле познати како агресивни и насилни луѓе. Градот Ниневија дури бил наречен „крволочниот град“ (Наум 3:1, 7). Доколку ти беше на местото на Јона, како ќе се чувствуваше? Наместо да ја прифати задачата, Јона одлучил да побегне (Јона 1:3).
15. Како Јона стекнал поголема доверба во Јехова? (Јона 2:6-9).
15 Додека Јона бегал од задачата, се случило нешто неверојатно. Јехова му го спасил животот на чудесен начин и му ја покажал својата огромна моќ (Јона 1:15, 17). Јона научил нешто многу важно. Тој успеал да се справи со стравот поврзан со задачата во Ниневија така што се концентрирал на фактот дека Јехова може да го заштити од секоја опасност. (Прочитај Јона 2:6-9.) Кога Јехова му дал втора шанса да ја прифати задачата, Јона не се двоумел. Тој веднаш отишол во Ниневија каде што постигнал неверојатен успех (Јона 3:5).
16. Како разборитоста може да ни помогне кога сме уплашени од некоја ситуација? (Изреки 29:25; види ги и сликите).
16 Што учиме од овој извештај? Не сакаме да дозволиме стравот од човек ниту што и да е друго да нѐ спречи да му бидеме послушни на Јехова. (Прочитај Изреки 29:25.) Разборитоста му помогнала на Јона да се справи со стравот од задачата и да мисли на тоа дека Јехова може да му помогне. На сличен начин, ние може да се справиме со нашите стравови ако размислуваме за тоа како Јехова ни помогнал и нѐ заштитил во минатото. Исто така, можеме да размислуваме за примери на браќа и сестри кои успешно се справиле со тешки ситуации или извршиле тешки задачи така што се потпирале на Јеховаa (Евр. 13:6). Затоа, да покажуваме разборитост така што ќе се потпираме на Јехова во сѐ и ќе им помагаме и на другите да го прават истото.
Од примерот на Јона учиме дека разборитоста може да ни помогне да прифатиме водство од Бог и успешно да се справиме со некоја тешка ситуација (види во пасус 16)
ПРОДОЛЖИ ДА СТЕКНУВАШ РАЗБОРИТОСТ
17. Како може да стануваме сѐ поразборити?
17 Како што веќе разгледавме, разборитоста може да ни помогне успешно да се справиме со тешки ситуации. Како може да стануваме сѐ поразборити? Јехова совршено покажува разборитост и ни помага да ја стекнеме оваа особина преку својата Реч и својот свет дух (Неем. 9:20; Пс. 32:8). Тој ни дава совети кои можат да ни помогнат да внимаваме на нашите одлуки и да ги контролираме нашите емоции (Пс. 119:97-101). Кога внимателно размислуваме за она што е запишано во Библијата и го молиме Јехова за неговиот моќен свет дух, стекнуваме разборитост. Ова ни помага јасно да ги проценуваме работите и да знаеме како да се справиме со нив. На тој начин, она што го кажуваме и го правиме ќе биде одраз на Јеховиното размислување (Изр. 21:11, фус.).
18. Што си решен да правиш?
18 Да продолжиме и понатаму да ја цениме оваа особина и да го молиме Јехова да ни помага да ја развиваме (Пс. 14:2). На тој начин, никогаш нема да скршнеме од „патот на разборитоста“ (Изр. 21:16). Освен тоа, ќе бидеме уште порешени да ја покажуваме во секое време и во секоја ситуација. Како резултат на тоа, ќе го радуваме Јехова и ќе ни биде добро.
ПЕСНА 42 Молитвата на Божјиот слуга
a На пример, во рубриката „Животни приказни на Јеховини сведоци“ во JW Library® или на jw.org прочитај го искуството на Георгиј Порчуљан (на српски јазик).