27 АПРИЛ — 3 МАЈ 2026
ПЕСНА 99 Стотици илјади браќа
Подготви се за предизвиците по крштавањето
Моите чекори нека се држат за твоите патеки (ПС. 17:5)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Како можат христијаните да се подготват за предизвиците на кои можеби ќе наидат по своето крштавање.
1-2. Кои чекори може да ги преземеме за да се подготвиме за предизвиците на кои можеби ќе наидеме? Наведи пример.
НИЕ сме свесни дека сѐ додека живееме во овој свет на Сатана, ќе имаме тешкотии. Во тоа можат да бидат вклучени и проблеми што можеби ќе се појават меѓу нас и нашите соверници. За да не ни се наруши пријателството со Јехова, мора да бидеме подготвени за таквите предизвици.
2 Да разгледаме еден пример. Како слуги на Јехова, ние сме поттикнати да бидеме подготвени за природни катастрофи. Како се подготвуваме? Прво, треба да дознаеме какви природни катастрофи можат да го зафатат подрачјето на кое живееме. Ова е особено важно ако неодамна сме се доселиле во некое место. Откако ќе утврдиме кои катастрофи би можеле да се случат, треба да направиме план како би постапиле во секоја од тие катастрофи (Изр. 21:5). Слично на тоа, треба да утврдиме на кои предизвици можеби ќе наидеме како Јеховини сведоци и да се подготвиме уште сега за да бидеме спремни доколку ни се случат. Така, тие предизвици нема да имаат толкаво влијание врз нас и нема да му наштетат на нашето пријателство со Јехова (Пс. 17:5). Да разгледаме три можни предизвици и како да се подготвиме за секој од нив.a
АКО НЕКОЈ БРАТ ИЛИ СЕСТРА ТЕ ПОВРЕДИ
3. Со каков предизвик би можеле да се соочиме во собранието?
3 Дали се сеќаваш како се чувствуваше кога за првпат присуствуваше на состанок и ја забележа љубовта меѓу Јеховиниот народ? Беше ли уверен дека ја најде вистината? (Јован 13:35; Кол. 3:12). Тоа било случај со Бланка.b Но, по крштавањето ѝ се случило нешто што не го очекувала. Таа вели: „Една сестра беше многу груба со мене. Исто така, забележав дека зборува негативно за другите. Бев шокирана, бидејќи од моето проучување на Библијата научив дека Јеховините сведоци се трудат да се сакаат едни со други и да бидат во мир“. Се разбира, браќата и сестрите вложуваат голем труд да развиваат христијански особини, но тие не се совршени (Еф. 4:23, 24; 1. Јов. 1:8). Порано или подоцна, веројатно ќе се случи да кажат или да направат нешто со што ќе те повредат (Јак. 3:8). За жал, поради вакво нешто, некои толку многу се вознемириле што престанале да му служат на Јехова.
4. Што може да направиме за да бидеме подготвени доколку се случи некој брат или некоја сестра да нѐ повреди? (Ефешаните 4:32).
4 Што можеш да направиш за да бидеш подготвен доколку се случи некој брат или некоја сестра да те повреди? Длабоко размислувај за советот запишан во Ефешаните 4:32 (прочитај) и научи да ги покажуваш тие особини. Ако даваш сѐ од себе да останеш љубезен и да бидеш милостив и сочувствителен, сигурно ќе избегнеш непотребни недоразбирања со другите. Освен тоа, постави си за цел брзо да простуваш. Што може да ти помогне во тоа? Размислувај за тоа колку често ти бараш простување од Јехова за твоите грешки и колку спремно тој ти простува (Мат. 6:12). Ако имаш на ум колку често Јехова ти простува тебе, ќе ти биде полесно и ти да им простуваш на другите.
5. Кое библиско начело може да ни помогне ако некој нѐ повреди? (Изреки 19:11; види ги и сликите).
5 Прочитај Изреки 19:11. Библијата вели дека, ако се чувствуваме повредено или навредено, разбирањетоc може да ни го стивне гневот. Ова начело ѝ помогнало на Рима, која била крстена само неколку години. Таа вели: „Кога браќата или сестрите ќе кажат или ќе направат нешто поради кое јас се чувствувам повредено, веднаш помислувам на Изреки 19:11. Размислувам за нивното минато и за околностите во кои се наоѓаат, и се трудам да сфатам зошто можеби постапиле на таков начин. А се трудам и да одам во служба со нив. Тоа ми помага подобро да ги запознаам“. Тоа е навистина убав предлог — подобро да ги запознаеш браќата и сестрите уште сега. Колку подобро ги разбираш, толку полесно ќе ти биде да им простиш ако направат нешто со што ќе те повредат.
Ако имаш недоразбирање со некој од собранието, покани го да одите заедно во служба (види во пасус 5)
6. Што може да ни помогне да имаме убави односи со другите во собранието?
6 Што можеш да правиш за да имаш убави односи со браќата и сестрите во собранието? Додека подобро ги запознаваш, концентрирај се на нивните убави особини. (Спореди со Изреки 10:12; Рим. 12:10; Фил. 2:2, 3.) Забележи како ова му помогнало на еден брат по име Марк откако се крстил. Кога почнал да поминува повеќе време со браќата и сестрите од неговото собрание, почнал да ги забележува нивните мани. Што му помогнало на Марк да не се спрепне поради тоа? Тој вели: „Сфатив дека маните на моите браќа и сестри се многу мали во споредба со лошите работи што ги прават луѓето во овој свет. Затоа одлучив да не се преокупирам со ситните грешки на моите соверници. Наместо тоа, почнав да се фокусирам на нивните добри особини“. Ако и ти правиш така, ќе имаш убави односи со другите во собранието.
АКО ТИ НЕДОСТАСУВА НЕШТО ШТО СИ ГО ОСТАВИЛ ЗАД СЕБЕ
7. Што може да води до тоа да почне да ни фали она што сме го оставиле зад себе?
7 Кога си ја дознал вистината, без сомнение си почувствувал олеснување што си го оставил зад себе злобниот свет на Сатана. Можеби ти е тешко да сфатиш како може некој да сака повторно да се врати во него. Сепак, кога минуваш низ тешкотии, можеби ќе почнеш да се присетуваш, па дури и да копнееш по некои работи кои си ги оставил за да му служиш на Јехова. (Спореди со 4. Мојсеева 11:4-6.) На пример, некои одлучиле да се откажат од својата успешна кариера која им одземала премногу време. Други, имале блиски пријатели кои се одалечили од нив затоа што почнале да ја проучуваат Библијата. А трети, успеале да надминат некоја зависност која, иако била нечиста, им пружала одредено задоволство. Колку би било жалосно ако еден христијанин дозволи нешто од неговото минато да го оддалечи од Јехова! Што можеш да правиш уште сега за никогаш да не се вратиш на она што си го оставил зад себе, сеедно со што ќе се соочиш?
8. Што учиме од примерот на Авраам и Сара?
8 Во Библијата се запишани примери на верни Божји слуги на кои можело да почне да им фали она што го оставиле зад себе. На пример, Авраам и Сара ја послушале Јеховината заповед да заминат од убавиот и утврден град Ур и да живеат во шатори (Евр. 11:8, 9). Се разбира, тие можеби во некои ситуации се присетувале на удобниот начин на живот во Ур. Но, ако постојано мислеле на тоа или ако копнееле по минатото, можеле да бидат на искушение да се вратат во Ур. Меѓутоа, тие се концентрирале на иднината (Евр. 11:15, 16).
9. Како гледал апостол Павле на работите што ги оставил зад себе? (Филипјаните 3:7, 8, 13).
9 За да му служи на Јехова, апостол Павле направил голема промена во животот. Пред да стане христијанин, тој се школувал кај Гамалиел, познат и почитуван учител по Законот (Дела 22:3). Павле имал можност да се искачи на многу висока положба во јудаизмот (Гал. 1:13, 14). Но, кога ја прифатил добрата вест, го оставил сето тоа зад себе. Дали од тој момент животот секогаш му бил лесен? Не. Токму луѓето од неговиот народ го тепале, го затварале и го мразеле (2. Кор. 11:23-26). Ако често размислувал за тоа колку полесен му бил животот пред да стане христијанин, можеби ќе заклучел дека тоа што почнал да го следи Исус било грешка. Наместо тоа, Павле се концентрирал на огромната чест што ја имал да биде следбеник на Христос Исус, и гледал напред кон прекрасната иднина која го очекувала. Тој бил потполно уверен дека таквите благослови далеку ги надминувале сите жртви што ги направил. (Прочитај Филипјаните 3:7, 8, 13.)
10. За што треба често да размислуваме? (Марко 10:29, 30; види ги и сликите).
10 Која е поуката? Ако почнеш да размислуваш за работите од кои си се откажал за да станеш христијанин, труди се да се сетиш и зошто си се откажал од нив (Проп. 7:10). Спореди го она што си го оставил зад себе со благословите што си ги добил откако си ја запознал вистината. Си стекнал блиско пријателство со Севишниот Владетел на универзумот (Изр. 3:32). Опкружен си со духовно семејство кое те сака. (Прочитај Марко 10:29, 30.) И, имаш надеж за прекрасна иднина! (Иса. 65:21-23). Ако често размислуваш за благословите што ги имаш поради тоа што му служиш на Јехова, помалку ќе ти недостига она што си го оставил зад себе.
Наместо да копнееш по работите кои си ги оставил зад себе, уживај во скапоцената служба што ти ја дал Бог (види во пасус 10)e
11. Што учиш од примерот на Розмари?
11 Една сестра по име Розмари се крстила кога имала околу 50 години. Забележи што ѝ помогнало да не копнее по работите кои ги оставила зад себе. Таа вели: „На почеток ми фалеше Божиќ бидејќи тоа секогаш беше време кога уживав со семејството. Уживав да им давам подароци на моите сакани. Бев многу среќна кога децата ќе се собереа околу накитената елка и ќе видев како очињата им свенуваат од радост додека ги отвараат подароците“.d Што ѝ помогнало на Розмари да го надмине ова? Таа вели: „Си најдов начин како да го заменам Божиќ. Секоја година на различен ден го собирам целото семејство, им давам подароци и им кажувам зошто ги ценам“. Розмари се соочила и со друг предизвик. Таа вели: „Кога ја запознав вистината, пријателите што ги имав престанаа да се дружат со мене. Одвреме-навреме ми недостигаа и се чувствував осамено“. Што ѝ помогнало? Таа си направила план да оди во служба со различни сестри. Розмари вели: „Така стекнав нови пријатели кои ги сакам и ги ценам“. Што можеш да научиш од нејзиниот пример? Можеби ти недостасуваат некои работи кои те правеле радосен пред да ја дознаеш вистината. Но, најверојатно ќе можеш да ги замениш со нешто многу подобро (Фил. 4:8, 9). И не заборавај: Со Јехова секогаш добиваш многу повеќе отколку што губиш.
АКО НЕКОЈ ГО НАПУШТИ ЈЕХОВА
12. Која ситуација во собранието може да биде особено тешка?
12 Кога си станал Јеховин сведок, без сомнение си бил многу среќен што повеќе не си дел од овој злобен свет, туку си се придружил на една група луѓе кои поучуваат за вистината и се трудат да постапуваат исправно (Иса. 65:14). Сепак, може да се случи некој од собранието да направи сериозен грев. Некој може дури да биде отстранет од собранието (1. Кор. 5:13). Забележи како една таква ситуација влијаела врз една сестра по име Самара. Таа вели: „Кратко откако се крстив, еден старешина направи сериозен грев и беше отстранет од собранието. За малку ќе се спрепнев бидејќи не можев да сфатам како е можно еден старешина да му згреши на Јехова и да го повреди собранието“. Се разбира, ние не треба да се сомневаме дека нашите браќа и сестри го сакаат Јехова и сакаат да му останат верни (1. Кор. 13:4, 7). Сепак, мора да бидеме реални; секоја година некои лица се отстранети од собранието. А може да ти биде особено тешко ако некој што ти е близок или некој што си го сметал за пример, го напушти Јехова.
13. Како може да се зајакнеме уште сега за да не се спрепнеме ако некој што ни е близок го напушти Јехова?
13 Како можеш да се подготвиш уште сега за да не се спрепнеш ако некој што ти е близок го напушти Јехова? Продолжи да го зајакнуваш твојот личен однос со Јехова (Јак. 4:8). Не дозволувај твоето пријателство со Бог да зависи од постапките на некој друг. На пример, иако честопати можеме да го обожаваме Јехова како семејство и како собрание, секој од нас лично треба да има навика редовно да му се моли на Јехова и да ја чита Библијата (Пс. 1:2; 62:8).
14. Што учиме од примерот на апостол Петар? (Јован 6:66-68).
14 Можеме да извлечеме поука на начинот на кој реагирал апостол Петар кога многу ученици престанале да го следат Исус. Во тој момент, можеби и самиот Петар бил малку збунет. Но забележи што кажал според Јован 6:66-68. (Прочитај.) Петар не се концентрирал на она што го направиле другите, туку се концентрирал на вистините што ги дознал од Исус. Благодарение на тоа, не се спрепнал. Слично и денес, постапките на другите не ја намалуваат вредноста на вистината која си ја дознал со помош на Божјата организација. Држи се цврсто за таа вистина. Самара, која ја спомнавме претходно, вели: „Секогаш се потсетувам дека погрешните постапки на едно лице не се слика ни за целото собрание, ни за организацијата, ни за Јеховините особини“.
15. Што учиш од примерот на Емили?
15 Да го разгледаме примерот на Емили. Само една седмица откако таа се крстила, мајка ѝ го напуштила семејството и била отстранета од собранието. Емили вели: „Не можев ни да си замислам дека може да се случи такво нешто. Тоа е најтешката ситуација што сум ја доживеала. Многу ми недостига мајка ми“. Што ѝ помогнало на Емили? Таа вели: „Не сум сама. Имам поддршка не само од татко ми туку и од други браќа и сестри од собранието, кои ми се како семејство. Сите се соочуваме со тешкотии. Затоа е важно да бидеме блиски еден со друг и да се храбриме“ (1. Пет. 5:9). Не чекај да дојде некој предизвик за да го зајакнуваш пријателството со твоите браќа и сестри. Прави го тоа уште сега. Така, што и да се случи, ќе има кој да ти помага и да те теши.
16. Што треба да имаме на ум? (Види ја и сликата.)
16 Не заборавај дека Јехова ги укорува оние што ги сака (Евр. 12:6). Тој сака сите што се отстранети од собранието да се вратат (2. Пет. 3:9). Затоа, ако некој што ти е близок е отстранет од собранието, биди уверен дека старешините ќе направат сѐ што можат за да му помогнат да се врати кај Јехова (2. Тим. 2:24, 25).
Ако некој што ти е близок е отстранет од собранието, не заборавај дека старешините сакаат да му помогнат да се врати кај Јехова (види во пасус 16)f
17. Во што може да бидеме сигурни?
17 Разгледавме само неколку предизвици со кои можеби ќе се соочиш по крштавањето. Точно, некои можеби изгледаат застрашувачки, но нема причина да се плашиш. Има многу нешта што можеш да ги направиш за да се подготвиш. И никогаш не заборавај дека на располагање ја имаш најголемата можна помош: Јехова Бог! Тој веќе ти помогнал и сака да ти помага во сета вечност! (1. Пет. 5:10). Секогаш ќе ти ги дава силата и истрајноста кои ти се потребни за да се соочиш со која и да било тешкотија. Ако и понатаму му дозволуваш на Јехова да ти помага, ниту еден предизвик нема да може да те оддалечи од него! (Пс. 119:165; Рим. 8:38, 39).
ПЕСНА 154 Љубов без крај
a Иако оваа статија главно е наменета за оние кои се крстиле неодамна, сите ние може да извлечеме корист од неа.
b Имињата се сменети.
c Ако имаме разбирање, нема брзо да се навредиме кога некој ќе ни каже нешто нељубезно или ќе постапи лошо со нас. Наместо тоа, ќе се трудиме да сфатиме зошто можеби лицето постапило на таков начин. Тоа ќе ни помогне да останеме смирени и да простуваме.
d Сите ние, а не само оние кои водат библиски курсеви, треба да им помагаме на интересентите и на оние кои неодамна се крстиле да се чувствуваат сакано во собранието. Види ги пасуси 15 и 16 од статијата „Сите можеме да им помагаме на интересентите да се крстат“, која излезе во Стражарска кула од март 2021.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Додека е во служба, една сестра забележува еден спортски тим на игралиште и се присетува на времето кога и самата таа се натпреварувала. Подоцна, таа ѝ сведочи на една спортистка со која можеби порано биле во ист тим.
f ОПИС НА СЛИКАТА: Двајца старешини се на посета кај еден човек кој е отстранет од собранието и го охрабруваат да се врати кај Јехова.