Која била Марија Магдалена?
Што вели Библијата:
Марија Магдалена била верен следбеник на Исус Христос. Нејзиното име, Магдалена, веројатно доаѓа од името на градот Магдала (можеби Магадан), кој се наоѓал во близина на Галилејското Море. Марија можеби некогаш живеела таму.
Марија Магдалена била една од жените кои патувале со Исус и со неговите ученици и им помагале во материјален поглед (Лука 8:1-3). Таа со свои очи го видела погубувањето на Исус, и била меѓу првите кои го виделе откако воскреснал (Марко 15:40; Јован 20:11-18).
Дали Марија Магдалена била проститутка?
Библијата не кажува дека Марија Магдалена била проститутка. Сѐ што знаеме во врска со нејзиниот живот пред да стане христијанка е дека Исус истерал седум демони од неа (Лука 8:2).
Од каде дошло верувањето дека Марија Магдалена била проститутка? Векови по нејзината смрт, некои дошле до заклучок дека таа е жената која му ги измила нозете на Исус со своите солзи и му ги избришала со својата коса. Името на оваа жена не е спомнато во Библијата, и таа веројатно била проститутка (Лука 7:36-38). Сепак, нема никаков библиски доказ дека станува збор за истата жена.
Дали Марија Магдалена била „апостол на апостолите“?
Не. Католичката црква ја нарекува „Света Марија Магдалена“, како и „апостол на апостолите“ затоа што била меѓу првите кои им ја пренеле на апостолите веста за воскресението на Исус (Јован 20:18). Но, ова не значи дека била апостол. И, никаде во Библијата не е наречена апостол (Лука 6:12-16).
Пишувањето на Библијата било завршено кон крајот на првиот век од нашата ера. Но, во шестиот век, Црквата си дала за право да ја прогласи Марија Магдалена за светица. Во некои записи од вториот и третиот век — кои не се дел од библискиот канон — се спомнува дека некои од апостолите на Исус ѝ биле љубоморни на Марија. Ваквите измислени приказни не се темелат на Светото писмо.
Дали Марија Магдалена му била жена на Исус Христос?
Не. Всушност, Библијата јасно ни дава до знаење дека Исус не бил женет.a
a Види ја статијата „Дали Исус бил женет и дали имал браќа и сестри?“