Светлат како светила во Градот на светлината
Fluctuat nec mergitur или „Го удираат бранови, но не потонува“ е мотото на градот Париз.
СЛИЧНО на еден брод, во изминатите 2.000 години Париз храбро се соочувал со безброј луњи однадвор и внатрешни буни за да остане на површината. Сега, како еден од најубавите градови на светот, Париз е омилен заради неговата грандиозна архитектура, булеварите нанижани со дрвја и најпрочуените музеи. Некои го сметаат за сврталиште на поети, сликари и филозофи. Други се насладуваат од неговите деликатеси и се восхитуваат на неговата висока мода.
Историски гледано, Париз е бастион на католицизмот. Пред двесте години, поради неговата пресудна улога во европското интелектуално движење познато како Просветленост, Париз бил наречен Градот на светлината. Денес, свесно или несвесно, повеќето парижани се под поголемо влијание на филозофијата што датира од тоа време отколку на религијата.
Меѓутоа, човечката мудрост не ги просветлила животите на луѓето, како што се очекувало. Многумина денес бараат просветленост од еден друг извор. Веќе 90 години, Јеховините сведоци ‚светлат како светила‘ во Париз (Филипјаните 2:15). Слично на вешти морнари, тие мораат постојано да се приспособуваат кон променливите текови или настани за да ги качат на бродот „пожелните работи од сите нации“ (Агеј 2:7, NW).
Град полн со предизвици
Во 1850 година Париз бил град со 600.000 жители. Денес бројот на населението, заедно со предградијата, изнесува над девет милиони. Поради таквиот раст Париз станал француски град со најголема разновидност. Тој е светски центар на високото образование, во него се наоѓа еден од најстарите универзитети на светот и дом е на 250.000 студенти. Некои париски предградија, во кои има многу станбени повеќекатници што се карактеризираат со деликвенција и невработеност, ја претставуваат мрачната страна на Париз. Несомнено, на Јеховините сведоци им се потребни вештина и приспособливост за добрата вест да им ја презентираат на сите видови луѓе на привлечен начин (1. Тимотеј 4:10).
Секоја година Париз го посетуваат по над 20 милиони туристи. Тие возбудено се искачуваат на Ајфеловата кула, се шетаат по должината на реката Сена или се задржуваат во попатните кафулиња и бистроа, впивајќи го амбиентот. Сепак, секојдневното темпо на живеење на парижаните може да биде прилично трескаво. „Луѓето секогаш брзаат“, објаснува Кристијан, полновремен министер. „Кога се враќаат од работа, тие се исцрпени.“ Не е лесно да се разговара со овие зафатени луѓе.
Но, еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат Јеховините сведоци во Париз е да стапат во контакт со луѓето во нивните домови. Некои згради се опремени со интерфон. Меѓутоа, поради сѐ поголемиот криминал, станбените згради често имаат кодирани влезови и пристапот е невозможен. Ова, несомнено, придонесува за фактот што односот на некои подрачја е 1 Сведок на 1.400 луѓе. Затоа сѐ повеќе се користи сведочењето по телефон и неформалното сведочење. Дали Јеховините сведоци можат да пуштат нивната „светлина да светли“ и на други начини? (Матеј 5:16).
Можностите и местата за неформално сведочење изобилуваат. Мартин видела една жена која изгледала потиштено додека стоела на една автобуска постојка. На жената штотуку ѝ умрела единствената ќерка. Мартин ѝ дала една брошура која ја содржела библиската утешителна надеж за воскресение. Потоа немала никаков контакт со неа неколку месеци. Кога повторно ја видела жената, Мартин можела да започне библиска студија со неа. И покрај противењето од сопругот, жената станала Сведок.
Плодоносно неформално сведочење
Парискиот систем за јавен превоз е еден од најефикасните на светот. Прочуеното Метро превезува по 5.000.000 луѓе секој ден. Се вели дека централната париска подземна станица, Шатле-ле-зал е најголемата и најпрометната на светот. Можностите да се сретнат луѓе таму се многубројни. Александра го користи метрото секој ден за да оди на работа. Еден ден правела муабет со еден млад човек кој бил неизлечиво болен од леукемија. Александра му дала трактат за надежта во Рајот. Шест седмици секој ден воделе библиска дискусија во истото време на истото место. Потоа еден ден човекот престанал да доаѓа. Кратко потоа, неговата сопруга ѝ телефонирала на Александра и ѝ кажала да дојде во болница, бидејќи сопругот ѝ бил во критична состојба. За жал, Александра стигнала предоцна. По неговата смрт, сопругата на тој човек се преселила во Бордо, во југозападна Франција, каде што почнале да ја посетуваат локалните Сведоци. Колку прекрасна вест било за Александра кога по една година чула дека вдовицата станала крстен христијански Сведок на Јехова, со надеж да го види сопругот во воскресението! (Јован 5:28, 29).
Една постара христијанка разговарала со Рената во воз додека патувала од Париз за Лимож, во центарот на Франција. Во својата родна Полска, Рената пет години студирала теологија, хебрејски и грчки јазик, но ја изгубила својата вера. Три месеци пред тоа, таа му се помолила на Бог. Иако не била вистински заинтересирана за она што ѝ го кажала постарата сестра и мислејќи дека нема повторно да чуе за неа, Рената ѝ го дала својот телефонски број. Меѓутоа, сестрата била упорна и се погрижила кратко потоа некој да ја посети Рената. Кога една брачна двојка Сведоци ја посетиле, Рената си помислила: ‚Што ли ќе ме поучат тие?‘ И покрај тоа што била школувана на семинарија, Рената била понизно привлечена од библиската вистина. „Веднаш сфатив дека тоа беше вистината“, објаснува таа. Сега е среќна што ја споделува библиската порака со другите.
Мишел земала часови по возење. Другите кандидати во нејзиниот клас по теорија на возење почнале да разговараат за секс пред бракот. Мишел го изразила своето неодобрување. Една седмица подоцна, нејзината инструкторка, Силви, ја прашала: „Да не си ти Јеховин сведок?“ Силви била импресионирана од гледиштето на Мишел темелено на Библијата. Била започната библиска студија и по една година Силви се крстила.
Бројните паркови и градини во Париз обезбедуваат прекрасен амбиент за разговор со луѓето. Искористувајќи една пауза, Жозет отишла во паркот, каде што се шетала една постара госпоѓа, Алин. Жозет ѝ објаснила за прекрасните ветувања што се наоѓаат во Библијата. Била договорена библиска студија, и наскоро Ајлин напредувала до тој степен што се крстила. Сега, на 74-годишна возраст, Алин е многу продуктивен општ пионер, среќна што ја споделува христијанската вистина со другите.
Светлина за сите нации
Сведоците во Париз не треба да пловат до далечни земји за да уживаат во богатата културна разновидност. Речиси 20 проценти од населението се странци. Има христијански собранија и групи на 25 јазици.
Осетот и досетливоста честопати придонесуваат за добри резултати во оваа посебна задача на евангелизирање. Една жена Сведок од Филипини си направила свое посебно подрачје. Додека пазари, може да почне голем број библиски студии на тој начин што започнува разговор со другите Филипинци во продавниците.
Се исплати да се преземе иницијатива во проповедањето. Во декември 1996, откако дознале дека во градот доаѓа еден прочуен светски циркус, Сведоците од едно собрание кое зборува странски јазик решиле да се обидат да стапат во контакт со изведувачите. Една вечер после претставата, тие можеле да разговараат со артистите кои се враќале во својот хотел. Резултатот од оваа иницијатива било тоа што поделиле 28 Библии, 59 христијански книги, 131 брошура и 290 списанија. На крајот од тринеделниот престој, еден акробат прашал: „Како можам да станам Јеховин сведок?“ А друг изјавил: „Јас ќе проповедам во мојата земја!“
Да се најде скриеното богатство
Каде и да погледнат, посетителите на Париз можат да откријат прекрасни архитектонски богатства од минатите ери. Меѓутоа, поскапоцените работи сѐ уште чекаат да бидат пронајдени. Аниза дошла во Франција со тетин ѝ, кој е дипломат. Дома редовно ја читала Библијата. Еден ден, додека набрзина излегувала од дома, една пионерка ѝ го дала трактатот Зошто можеш да имаш доверба во Библијата. Се договориле да се видат следната седмица и била започната библиска студија. Аниза наишла на големо противење од семејството. Напредувала во студијата до тој степен што се крстила. Како гледа таа на предноста да ја споделува вистината со другите? „Во почетокот делото на проповедање ми беше тешко, затоа што сум срамежлива. Сепак, читањето на Библијата ме стимулира. Не можам да бидам мирна ако не го правам тоа.“ Таквиот став е карактеристика на многу Сведоци во Париз, кои се „обилно вработени во делото Господово“ (1. Коринќаните 15:58).
Библиската вистина ги осветлува и станбените населби на периферијата на Париз, каде што се пронаоѓаат и други „скапоцени камења“. Со цел да земе назаем некакви снимки, Брус отишол кај некој свој пријател, кој штотуку станал Јеховин сведок. Наоѓајќи го пријателот како со некои свои познаници дискутира за Библијата, Брус го слушал разговорот. Ја прифатил понудата на библиска студија, но имал проблеми. „Многу добро ме знаеја во тој крај. Мојот најстар брат секогаш се тепаше, а јас организирав бучни забави. Како другите ќе го прифатат фактот дека сум станал Сведок?“ И покрај упорните барања да организира забави, Брус престанал да се занимава со тоа. Еден месец подоцна почнал да проповеда: „Сите во тој крај сакаа да знаат зошто сум станал Сведок“. Набрзо потоа се крстил. Со текот на времето, добил предност да ја посети Школата за оспособување слуги.
Трагањето по богатство може да бара големи напори. Но, колкава само радост е кога работата се исплати! Жаки, Бруно и Дамијен работеле како пекари во Париз. „Беше невозможно да се стапи во контакт со нас бидејќи цело време работевме и никогаш не бевме дома“, објаснува Жаки. Патрик, општ пионер, видел дека на најгорниот кат од една зграда има некои собички и заклучил дека барем во една од нив живее некој. Неговите упорни обиди да дојде до станарите донеле добри резултати кога едно попладне конечно стапил во контакт со Жаки, кој таму престојувал привремено. Каков бил резултатот? Тројцата пријатели станале Сведоци и можеле да најдат друга работа која им овозможувала да имаат поцелосен удел во теократските активности.
Смирување на луњата
Неодамна, некои медиуми во Франција ги прикажуваа Јеховините сведоци како опасен религиозен култ. Во 1996, Сведоците со цело срце учествуваа во дистрибуцијата на повеќе од девет милиони примероци од еден специјален информативен трактат со наслов Јеховини сведоци — што треба да знаете. Резултатите беа многу позитивни.
Беа вложени посебни напори да се контактира со секого. Многу службеници го изразија своето ценење за Сведоците. Еден општински советник напишал: „Јеховините сведоци направија добро што го дистрибуираа овој трактат. Со него ги расчистија работите“. Еден лекар коментирал: „Веќе долго време го чекав ова!“ Еден човек од подрачјето на Париз напишал: „Случајно го прочитав Јеховини сведоци — што треба да знаете. Би сакал да дознаам повеќе и да ја искористам понудата на бесплатна домашна библиска студија“. Една жена напишала: „Ви благодарам за чесноста“. Една госпоѓа, католичка, им рекла на Сведоците: „Ах! Конечно одговоривте на тие лаги!“
Посебна радост за многу млади Сведоци од подрачјето на Париз беше проповедничката кампања организирана за Католичкиот светски ден на младите во 1997. Иако температурата беше над 35 Целзиусови степени, околу 2.500 Сведоци зедоа учество. За само неколку дена, на млади луѓе од сите делови на Земјината топка им врачија 18.000 примероци од брошурата Книга за сите луѓе. Освен што даде убаво сведоштво за Јеховиното име и го посеа семето на вистината, кампањата ги одушеви младите Сведоци. Една млада сестра, која го скратила својот одмор за да има целосен удел во овие посебни напори, напиша: „Јехова има на Земјата среќен народ, кој својата сила ја користи за да го фали неговото име. Овие два дена, толку исполнети и богати, вредеа колку сите годишни одмори за еден цел животен век!“ (Псалм 84:10).
На 28 февруари 1998 беше одбележана 65-годишнината од издавањето на еден декрет од страна на Хитлер со кој беа забранети Јеховините сведоци во Германија. Сведоците во Франција го искористија тој датум за во изнајмени сали јавно да ја презентираат видеокасетата Јеховините сведоци стојат цврсто наспроти нацистичкиот напад, во која има детали за прогонствата што ги доживеа Јеховиниот народ. Беа дистрибуирани над седум милиони покани. Историчари и бивши затвореници од логори изнесоа трогателни сведоштва. Во подрачјето на Париз беа присутни речиси 5.000 лица, вклучувајќи и приличен број луѓе кои не се Сведоци.
Голем број луѓе во Париз многу ја ценат духовната светлина и среќни се што објавителите на Царството силно светат како светила. Како што изјавил Исус: „Жетвата е голема, а работници малку“ (Матеј 9:37). Одлучниот дух на Јеховините сведоци во совладувањето на предизвиците да проповедаат во градот го прави Париз Град на светлината во една посебна смисла, на Јеховина фалба.
[Слика на страница 9]
Градско собрание
[Слика на страница 9]
Музеј Лувр
[Слика на страница 9]
Опера Гарниер
[Слики на страница 10]
Споделување на библиската порака со зафатени луѓе секаде каде што можат да се најдат