Исправно гледај на Божјата милосрдност
ЛЕКАРОТ бил љубезен и многу загрижен. Според најдобрата проценка, веќе било крајно време неговата пациентка да биде оперирана за да си го спаси животот. Кога таа се двоумела и го поставила прашањето во врска со трансфузијата на крв, тој се изненадил. Кога му објаснила дека од религиозни причини не може да прифати операција со трансфузија на крв тој се вчудовидил. Се напрегал размислувајќи како да ѝ помогне. На крајот се сетил. Рекол: „Знаете, ако не прифатите трансфузија на крв, ќе умрете. Вие тоа не го сакате, нели!“
„Се разбира не“ — одговорила пациентката.
„Но очигледно, ако ја прифатите, ќе се ставите наспроти вашите религиозни верувања, до кои држите. Па, еве ви го мојот предлог. Зошто не прифатите трансфузија на крв и на тој начин си го спасите животот. Потоа, исповедајте му се на Бог за вашиот грев и покајте се. На тој начин пак ќе си останете во вашата религија“.
Добронамерниот лекар сметал дека нашол совршен одговор. Бил свесен дека неговата пациентка верува во еден милосрден Бог. Сигурно, ова било соодветна прилика да се искористи Божјата милосрдност! Но дали неговиот предлог бил разумен како што се чинел?
Размислуваме ли и ние понекогаш на овој начин?
Понекогаш можеме да се затечеме себеси како размислуваме на начин на кој размислувал овој лекар. Можеби сме заплашени од некакво неочекувано противење на училиште или на работа. Или можеби сме се нашле во некаква конфузна ситуација и сме под притисок да направиме нешто што ја повредува нашата совест. Фатени во небрано, можеме да го одбереме полесниот пат и да направиме нешто што знаеме дека е неисправно, со намера подоцна да побараме простување.
Некои поединци, пак, можат да бидат искушани од сопствените погрешни склоности. На пример, еден младич може да се постави себеси во ситуација во која може силно да биде искушан да направи неморал. Наместо да се бори против својата неисправна желба, може да ѝ се препушти, со намера подоцна да ги исправи работите со Бог. Некои отишле толку далеку што направиле сериозен грев и покрај тоа што знаеле дека веројатно ќе бидат исклучени од христијанското собрание. Веројатно размислувале: „Ќе оставам да помине некое време, потоа ќе се покајам и повторно ќе ме примат“.
Сите овие ситуации имаат две работи како заедничко. Како прво, ваквите поединци потклекнале, наместо да се борат да го прават она што е исправно. Како второ, сметале дека откако ќе направат нешто што е погрешно, Бог автоматски ќе им прости само ако тие тоа го побараат.
Кое е исправното гледиште?
Дали ова покажува исправно ценење за Божјата милосрдност? Размисли само на момент што е милосрдноста. Исус рекол: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Апостолот Јован објаснил како оваа милосрдност делува кога рекол: „Ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот“ (1. Јованово 2:1). Затоа, ако поради несовршенство паднеме во грев, можеме да дојдеме кај Бог во молитва и да го замолиме за простување на темел на Исусовата жртва.
Дали тоа сепак значи дека не е важно дали грешиме или не, ако после тоа бараме простување? Никако. Сети се што се вели на почетокот од цитатот: „Ова ви го пишувам за да не грешите“. Јован во понатамошниот текст ни ја открива Јеховината љубезна подготовка за тоа како тој постапува со нашата несовршеност. Сепак, мораме колку што можеме повеќе да се напрегаме да избегнуваме да грешиме. Инаку ќе покажеме жалосно непочитување спрема Божјата љубов, слично на оние на кои се осврнал Јуда, а кои ја искористиле Божјата незаслужена доброљубивост како изговор за недозволено однесување (Јуда 4).
Ако ја користиме Божјата милосрдност како еден вид сигурносна мрежа која секогаш ќе нѐ дочека без обѕир што ќе направиме, ја обезвреднуваме Божјата милосрдност при што правиме гревот да не изгледа толку лош. Вакво нешто е далеку од вистината. Апостолот Павле му рекол на Тит: „Бидејќи се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе, учејќи нѐ да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век“ (Тит 2:11, 12).
Павле покажал ценење за Божјата милосрдност со начинот на кој се борел против сопственото несовршенство. Рекол: „Туку го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден“ (1. Коринтјаните 9:27). Павле не го сфатил несериозно тоа што одвреме–навреме бил врзан за гревот. Што е со нас?
Исусовиот став
Во една прилика Исус покажал како тој гледал на идејата да се компромитира она што е исправно и да се тргне по полесниот пат со намера да се избегне страдањето. Кога на своите ученици им говорел за својата претстојна жртвена смрт, Петар се обидел да го одврати велејќи му: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“ Како реагирал Исус? „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазан, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!“ (Матеј 16:22, 23).
Со тоа што остро го укорил Петар, Исус на извонреден начин покажал дека одбил да го одбере полесниот пат кој вклучувал да ѝ се спротивстави на Божјата волја. Извештајот покажува дека тој непоколебливо го следел исправниот пат, поднесувајќи постојани напади од Сатана. На крајот бил исмејан, свирепо претепан и пострадал маченичка смрт. Но, тој не направил компромис и поради тоа можел да го понуди својот живот како откупнина за нас. Се разбира дека тој не го претрпил сето тоа за ние да бидеме ‚милостиви кон себеси‘ кога ќе се појават потешкотии или искушенија!
За Исус е речено: „Тебе Ти омиле правдата, а омрзна беззаконието“ (Евреите 1:9). Да се одбере полесниот пат обично вклучува беззаконие. Затоа, ако ние навистина го мразиме беззаконието — како и Исус — секогаш ќе одбиеме да направиме компромис. Во книгата Соломонови изреки Јехова вели: „Биди мудар, синко, и радувај го срцето мое, — и јас ќе имам што да му кажам на оној, што ме клевети“ (Соломонови изреки 27:11). Исусовата урамнотежена, но непоколеблива праведност му донела голема радост на Јеховиното срце. И ние на сличен начин можеме да го израдуваме Јехова ако го следиме Исусовиот пат на беспрекорност (1. Петрово 2:23).
Научени преку истрајност
Апостолот Петар напишал: „Затоа радувајте се, макар сега да сте малку во скрб — ако е потребно —, во разни искушенија, та вашата вера испитана, да излезе подрагоцена од нетрајното злато, па било тоа да е испитано и преку оган, за пофалба и чест и слава, кога ќе се појави Исус Христос“ (1. Петрово 1:6, 7). Поради тоа што сме несовршени и живееме среде Сатановиот свет, постојано ќе бидеме соочувани со проблеми и искушенија. Како што покажува Петар, тоа може да има и корисна цел. Ја испитува нашата вера, откривајќи дали таа е слаба или цврста.
Освен тоа, ни користи и за да нѐ научи нешто. Исус ‚се научил на послушност преку она, што пострада‘ (Евреите 5:8). И ние можеме да се научиме на послушност, а исто така да имаме доверба во Јехова ако истраеме под искушение. А овој процес на учење ќе продолжи сѐ додека не се заврши, како што рекол Петар: „Бог . . . да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи“ (1. Петрово 5:10).
Меѓутоа, ако направиме компромис кога сме под искушение, тогаш откриваме дека сме страшливи или слаби, дека ни недостасува силната љубов кон Јехова и праведноста, или ни недостасува самосовладување. Сите овие слабости сериозно го загрозуваат нашиот однос со Бог. Навистина, Павловото предупредување може да се покаже точно и во нашиот случај: „Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови“ (Евреите 10:26). Колку е подобро да не се направи грев во даден момент, отколку да се препуштиме на слабоста и да се изложиме на ризикот да ја изгубиме сета надеж за понатамошен живот!
Непоколеблива беспрекорност
Во времето на пророкот Даниел, тројца Евреи биле искушани со страшна смрт доколку не обожаваат еден идол. Како одговориле тие? „Нашиот Бог, Кому Му служиме, е силен да нѐ спаси од вжарената печка, па и од твојата рака, царе, ќе нѐ избави. Ако пак и тоа не се случи, извесно нека ти е, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил нема да му се поклониме“ (Даниил 3:17, 18).
Тие зазеле ваков став поради тоа што сакале да го прават она што е исправно. Ако тоа би водело до тоа да бидат убиени, нека биде така. Верувале во воскресението. А ако Бог ги ослободел, уште подобро. Но нивниот цврст став бил непоколеблив. Тоа би требало секогаш да биде случај со Божјите слуги.
Во денешно време, некои од оние кои одбиле да направат компромис биле затворани, мачени, па дури и убиени. Други материјално се жртвувале, претпочитајќи да останат сиромашни место да станат богати по цена на жртвување на праведните начела. Што се случило со христијанката која ја спомнавме на почетокот на оваа статија? Таа го ценела љубезниот, иако погрешен мотив на лекарот, но не ја компромитирала својата вера. Наместо тоа, го почитувала Јеховиниот закон што ѝ помогнало да ја одбие операцијата. За среќа, некако заздравела и продолжила активно да му служи на Јехова. Меѓутоа, кога го зазела овој став, таа не знаела каков ќе биде исходот, но сепак била подготвена да му ја препушти на Јехова целата ситуација.
Што ѝ помогнало да остане цврста и под притисок? Не се обидела да се потпре на своите сопствени сили, ниту би требало тоа да го стори било кој Божји слуга. Запомни, „Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде“ (Псалми 45:1). Колку е подобро да му се обратиме на Бог за помош додека сме под искушение отколку да направиме грев и потоа да го молиме за милосрдност!
Да, никогаш да не се однесуваме лекомислено спрема Божјата голема милосрдност. Наместо тоа, да развиваме искрена желба да го правиме она што е исправно, дури и наспроти неволји. Тоа ќе го продлабочи нашиот однос со Јехова, ќе ни даде поука која ни е потребна за вечниот живот и ќе покаже исправно почитување за Божјата милосрдност. Такво мудро однесување ќе го израдува срцето на нашиот небесен Татко.
[Слика на страница 24]
Апсолутната доверба во воскресението им помогнала на тројцата Евреи да ја зачуваат беспрекорноста