Проречен глад
ВО ПОСЛЕДНИВЕ години визијата на глад на еден болен начин стана позната во светските новински извештаи. Се појавија незаборавни слики на страдања од Етиопија и од други места. Во 1992, светското внимание беше свртено на трагичните жртви на гладот во Сомалија, предизвикани од сушата и од војната. Весникот International Herald Tribune во септември 1992 извести: „Никој не знае колку Сомалијци умреле, но Црвениот крст известува бројка од преку 100.000. Стотици, ако не и илјадници, умираат секој ден“.
Бројките не можат вистински да ја изразат бедата и болката на поединците кои се вклучени. Ивет Пјерпаоли, европски претставник на Refugees International, во списанието на ОН, Refugees, напишала: „Во Њујорк или Женева, прашањето за бегалците се појавува доста јасно; наведени се бројки, а нивните нули тешко се сфаќаат. Но на оддалеченост од илјадници милји, на границите на земјите каде повеќе нема контрола, емоциите те стегаат во грлото, а големината на страдањето те тера да вриснеш“.
Иако Црвениот крст вели дека неговите напори за помош во Сомалија претставуваат најголема операција за хуманитарна помош што е некогаш организирана, многу набљудувачи се жалат дека општата слика е премалку помош и предоцна. Пјерпаоли се жали: „Земјите дарители молчат, изморени да поддржуваат една Африка која се распаѓа. . . . Ги обвинуваат Африканците за нивното лошо управување, лакомоста на нивните водачи, наизглед бескрајните конфликти“.
Библијата прорекла време кога нема да има оскудица на храна „од едно место во друго“ (NW). Овие оскудици на храна, заедно со многу други настани, како што се војните, земјотресите и болестите, покажуваат дека е близу Божјето Царство (Лука 21:11, 31). Библијата понатаму покажува дека под тоа добротворно Божје Царство ќе има изобилство на храна за целото човештво. „Ќе има пченица на земјата во изобилство“, напишал псалмистот. „По врвовите горски ќе се лелее нејзиното класје“ (Псалми 72:16, ДК).