18-24 МАЈ 2026
ПЕСНА 35 Проценете што е најважно
Не заборавај што е најважно
Трудете се да разберете што е Јеховината волја (ЕФ. 5:17)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Како да останеме сконцентрирани на духовните активности и покрај работите кои би можеле да ни го одвлечат вниманието.
1-2. Како може некоја работа што е важна да ни го одвлече вниманието од она што е поважно?
ЗАМИСЛИ дека ти ѕвони мобилниот додека возиш. Повикот можеби е важен, но сфаќаш дека во тој момент ти го одвлекува вниманието. Што ќе направиш? Мора да одлучиш што е поважно. Во тој момент, поважно е да останеш сконцентриран на возењето.
2 Животот ни е полн со активности што се важни. Но знаеме дека најважно е редовно да учествуваме во нашите духовни активностиa (Мат. 6:33). Јеховините слуги, слично како внимателните возачи, се трудат да препознаат што може да ги спречи да останат сконцентрирани на патот што е пред нив (Изр. 4:25; Мат. 6:22).
3. Како ќе ни помогне оваа статија?
3 Никој од нас не сака да му биде одвлечено вниманието од духовните активности. Сепак, има многу работи кои лесно можат да ни го одвлечат вниманието (Лука 21:34-36). Затоа, со цел да останеме сконцентрирани на нашата служба за Јехова, ќе разгледаме: 1) што би можело да ни го одвлече вниманието, 2) што му помогнало на Исус да не му биде одвлечено вниманието од она што е најважно и 3) како можеме да го следиме примерот на Исус.
ШТО МОЖЕ ДА НИ ГО ОДВЛЕЧЕ ВНИМАНИЕТО?
4-6. Кои работи лесно би можеле да ни го одвлечат вниманието?
4 Сите ние имаме многу работи во животот на кои треба да им посветиме внимание. На пример, можеби имаме здравствени проблеми или пак некои семејни или лични работи за кои треба да се погрижиме. Се разбира, овие работи се важни и треба да одвоиме време за нив. Но, дали тие би можеле да ни го одвлечат вниманието од духовните активности? Да, доколку се преокупираме со нив и дозволиме да ни го одземат сето наше време и сила.
5 Освен тоа, многумина од нас се лично погодени од политички немири, економски кризи, ширење на заразни болести и постојани конфликти кои се обележје на овој свет (2. Тим. 3:1). Кога доживуваме вакви работи, може да станеме толку многу загрижени што постојано ќе размислуваме за нив.
6 Можеби познаваме некои луѓе на кои животот од корен им се променил поради ваквите настани. Разбирливо е дека тие се емоционално исцрпени поради она што го доживеале. Јехова не ги создал луѓето да живеат под постојан притисок или стрес. Не е ни чудо што, поради таквите проблеми, некои чувствуваат дека повеќе не можат да водат нормален живот. Затоа, некои се обидуваат да се ослободат од стресот така што поголемиот дел од времето го минуваат на забава и рекреација. Што може да правиме ако и ние се чувствуваме вака? Да разгледаме како примерот на Исус може да ни помогне да не ни биде одвлечено вниманието од духовните активности.
КАКОВ ПРИМЕР НИ ОСТАВИЛ ИСУС
7. Кои работи можеле да му го одвлечат вниманието на Исус?
7 Многу работи можеле да му го одвлечат вниманието на Исус, како на пример општествените и политичките прашања. Во негово време, многу луѓе биле сиромашни и болни (Мат. 14:14; Мар. 14:7). Тие доживувале неправди од страна на Римјаните и од своите сонародници. Кога виделе дека Исус има моќ да прави чуда, луѓето сакале да го направат нивен цар (Јован 6:14, 15). Освен тоа, Исус бил мета на Сатана, кој се обидел да го искуша така што му понудил да стане владетел на светот (Мат. 4:8, 9). Исто така, апостол Петар, еден од најблиските пријатели на Исус, во една прилика го поттикнал да го избере полесниот пат, велејќи му: „Биди милостив кон себе, Господару“ (Мат. 16:21, 22).
8. Кои три работи му помогнале на Исус да не му биде одвлечено вниманието од она што е најважно?
8 Кои три работи му помогнале на Исус да не му биде одвлечено вниманието од она што е најважно? Прво, го усвоил Јеховиниот начин на размислување (Јован 8:28; 14:9). Второ, бил зафатен со духовни активности (Мат. 9:35). И трето, задржал на ум што е навистина важно (Јован 4:34). На пример, Исус решително ги отфрлил искушенијата од Сатана и не го прифатил добронамерниот совет на Петар што не бил во склад со Јеховината волја (Мат. 4:10; 16:23). Освен тоа, Исус не дозволил ставовите, зборовите и постапките на луѓето да го спречат да ја изврши Божјата намера. Вистина е дека нам денес вниманието можат да ни го одвлечат поинакви работи. Но, ако го следиме примерот на Исус, и ние нема да дозволиме ништо да ни го одвлече вниманието од она што е најважно.
КАКО МОЖЕ ДА ГО СЛЕДИМЕ ПРИМЕРОТ НА ИСУС
9. Што значи подобро да разбереме што е Јеховината волја? (Ефешаните 5:17).
9 Научи да размислуваш како Јехова. Тоа може да ти помогне да разбереш што е Јеховината волја. (Прочитај Ефешаните 5:17.) Ако ја читаме Божјата Реч и размислуваме за неа, можеме да дознаеме што му се допаѓа на Јехова. Дури и ако во Библијата не пишува ништо за околности кои се исти како нашите, сепак можеме да дознаеме како сака Јехова да постапиме. Како? Така што подобро ќе се запознаеме со начинот на кој размислува Јехова и ќе постапуваме во склад со тоа.
10. Што ќе ни помогне да дознаеме како размислува Јехова?
10 Можеме да дознаеме како размислува Јехова така што ќе ја проучуваме Библијата и ќе размислуваме за тоа како тој постапувал со луѓето (Ерем. 45:5). Додека читаме некој извештај, може да се прашаме: „Што учам од ова за Јехова? Што треба да сменам за да гледам на работите како што гледа тој?“ Се разбира, неговиот начин на размислување е повисок од нашиот (Иса. 55:9). Затоа, со право го молиме да нѐ поучи како да ја вршиме неговата волја (Пс. 143:10). Исто така, го молиме да ни помогне да го усвоиме неговиот начин на размислување (1. Јов. 5:14).
11. Што не сака Јехова да ни се случи?
11 Јехова сака да бидеме подготвени кога ќе дојде крајот на овој свет. Токму затоа, не сака ништо да ни го одвлече вниманието од она што е поважно (Мат. 24:44). Тој не сака да се преокупираме со грижи (Мат. 6:31, 32). Затоа, кога сме претерано загрижени за здравјето, работата, домот или други лични и семејни работи, Јехова ни нуди практична помош. Тој нѐ поттикнува да бараме од него мудрост и сила за да се справиме со проблемите (Пс. 55:22; Изр. 3:5-7).
12. Кој е еден начин на кој можеме да се справиме со грижите поради настаните во светот? (Матеј 5:3).
12 Остани зафатен со духовни активности. Сите ние сме до одредена мера загрижени поради настаните во светот врз кои немаме никаква контрола. Затоа, со цел да не ни биде одвлечено вниманието од такви работи, се концентрираме на нашите духовни активности. Можеме да бидеме среќни ако ги задоволуваме духовните потреби со кои Јехова нѐ создал. (Прочитај Матеј 5:3.) Таквите потреби можеме да ги задоволиме така што го запознаваме Јехова преку проучување на неговата Реч, Библијата, и така што правиме сѐ што можеме во службата за него. На тој начин го радуваме Јехова бидејќи мудро го користиме нашето време (Изр. 23:15).
13. Како би можеле добро да го користиме нашето време?
13 Како христијани, решени сме добро да го користиме времето што го имаме (Еф. 5:15, 16, фус.). Но, сфаќаме дека Библијата не нѐ поттикнува само на тоа мудро да го користиме времето за секојдневните работи. Таа нѐ поттикнува и да внимаваме како го користиме времето пред Јехова да му стави крај на овој злобен свет. Како можеме најдобро да го искористиме нашето време? Ако трошиме многу време за постојано да сме во тек со сите лоши работи што се случуваат, би можело да се случи да се обесхрабриме, да ни биде одвлечено вниманието од духовните активности и да ни се намали ревноста. Многу подобро би било да го ограничиме времето што го трошиме за да ги следиме вестите. На тој начин, ќе имаме повеќе време и сила за духовните активности кои нѐ изградуваат. Исто така, добро би било да размислиме како да ја зголемиме службата секогаш кога тоа е можно. На пример, би можеле да правиме повеќе повторни посети. Сфаќаме дека е многу важно да ја користиме секоја прилика за да им помагаме на луѓето „да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4).
14. Како ни користи тоа што сме зафатени со духовни активности? (Види ја и сликата.)
14 Кога сме зафатени со духовни активности, тоа ни помага да имаме урамнотежено гледиште за времето во кое живееме. Иако гледаме дека има политички немири, економски кризи и ширење на заразни болести, не сме премногу загрижени бидејќи знаеме дека сите тие работи се доказ дека библиските пророштва се исполнуваат. Наместо вниманието да ни биде одвлечено поради претеран страв, ние сме уверени дека Јехова ќе им стави крај на тие работи и дека наскоро ќе воспостави рај на Земјата. Дотогаш остануваме смирени бидејќи знаеме дека Јехова ќе ни помага да истраеме (Пс. 16:8; 112:1, 6-8).
И покрај вознемирувачките настани во светот, остани сконцентриран на духовните активности (види во пасус 14)b
15. Како ќе ни помогне тоа што ќе бидеме разборити? (1. Петрово 4:7).
15 Задржи на ум што е навистина важно. Повеќето луѓе денес се преокупирани со забава и воопшто не размислуваат за крајот на светот кој е сѐ поблиску. Иако не е погрешно да се забавуваме, треба да бидеме разборити за да не дозволиме да ни влијае гледиштето на луѓето од светот. (Прочитај 1. Петрово 4:7.) Тоа ќе ни помогне да не поминуваме премногу време на забава и рекреација, туку да носиме мудри одлуки. Таквите одлуки ќе покажат дека размислуваме како Јехова и дека сме сфатиле што е навистина важно (2. Тим. 1:7).
16. На што се концентрирал Исус додека се приближувала неговата смрт?
16 Исус секогаш имал на ум што е најважно. Во текот на последните тешки часови пред својата смрт, тој бил потполно сконцентриран на тоа да му остане верен на Бог и да ја изврши Божјата волја. Од таа причина, тој сесрдно се молел. За разлика од Исус кој останал буден, неговите ученици заспале бидејќи биле исцрпени од тага (Лука 22:39-46; Јован 19:30).
17. Зошто многумина денес користат социјални мрежи, но што би можело да им се случи? (Види ја и сликата.)
17 Слично како учениците на Исус, и ние понекогаш може да се чувствуваме емоционално исцрпени. Настаните кои се обележје на последните денови можат да ни создадат многу грижи. За да ја намалат загриженоста, голем број луѓе поминуваат време на социјални мрежи. Тие ги користат за да останат во контакт со пријателите и семејството и за да споделуваат вести, слики и друго. Освен тоа, на социјалните мрежи може да се гледаат многу видеоклипови и да се играат игри. Но, има толку многу нови работи за гледање и читање што некои луѓе секој ден трошат голем дел од своето време и сила за да останат во тек. За да задржиме урамнотежено гледиште за социјалните мрежи, може да се прашаме: „Дали начинот на кој ги користам социјалните мрежи ме освежува или ми го одвлекува вниманието од она што е навистина важно?“
Доброто просудување ни помага социјалните мрежи, забавата и рекреацијата да не ни го одвлечат вниманието (види во пасус 17)
18. Зошто ни е потребно добро просудување кога избираме забава?
18 Добро е понекогаш да си одвојуваме време за забава и рекреација. Но, треба мудро да избереме што ќе гледаме на телевизија или на интернет или какви игри ќе играме, како и колку време ќе трошиме на нив. На пример, откако сме изгледале еден видеоклип на некоја онлајн платформа се појавува друг и може да сме на искушение непрекинато да гледаме видеоклипови. Во некои од нив може да биде прикажано насилство или неморал. Тоа му се случило на еден брат во Азија. Најпрво, тој почнал да гледа видеоклипови со инсерти од филмови на една онлајн платформа. Како што продолжил да ги гледа видеоклиповите што му се појавувале од платформата, по некое време наишол на неморални сцени. Со текот на времето, почнал да гледа порнографија. За среќа, со помошта од старешините и поддршката од блиските пријатели, тој презел решителни мерки — ги избришал тие апликации и го ограничил времето што го поминува на телефон. Ова искуство покажува зошто ни е потребно добро просудување кога избираме забава.
19. Што може да се случи ако трошиме премногу време на рекреација?
19 Потребно е да носиме мудри одлуки и кога станува збор за рекреација и годишни одмори. На сите ни е потребно повремено да се опуштиме и да се одмориме. Тоа е корисно за нас и за нашето здравје. Но ако премногу се фокусираме на рекреација, ризикуваме да станеме неурамнотежени и повеќе време да минуваме на тоа отколку на поважните работи (Фил. 1:10). Секој мора да одлучи за себе што ќе прави и колку време ќе потроши на тоа. Кога носиш такви одлуки, прашај се: „Дали времето што го трошам на рекреација и годишни одмори покажува дека добро ги просудувам работите? Дали проценувам што е најважно и се подготвувам за крајот на овој свет?“
20. Како ќе ни користи ако даваме сѐ од себе за ништо да не ни го одвлече вниманието од духовните активности?
20 Многу ќе ни користи ако даваме сѐ од себе за ништо да не нѐ спречи редовно да учествуваме во нашите духовни активности (Иса. 48:17). Со Јеховина помош, ќе можеме подобро да се справиме со проблемите во животот. Нема да бидеме премногу загрижени поради настаните во светот и нема да трошиме премногу време на рекреација. Затоа, и понатаму да бидеме решени да размислуваме како Јехова, да останеме зафатени со духовните активности и да задржиме на ум што е навистина важно. Тоа ќе ни помогне да не ни биде одвлечено вниманието и „да го [освоиме] вистинскиот живот“ (1. Тим. 6:19).
ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!
a ПОЈАСНУВАЊЕ: Нашите духовни активности се однесуваат на сѐ што е директно поврзано со нашето обожавање на Јехова, како на пример проучувањето на Библијата, состаноците, Семејната вечер посветена на Јехова и службата на проповедање. Ние го обожаваме Јехова и кога ги градиме и ги одржуваме нашите места за состаноци, кога ги поддржуваме акциите за помош при катастрофи, кога служиме како доброволци на конгресите или кога служиме во Бетел.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брачен пар не дозволува вознемирувачките настани во светот да му го одвлечат вниманието од службата на проповедање.