ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Јехова ме учи од младоста
ЗАЧУДЕНО гледав во ливчето што ми го даде братот. На ливчето пишуваше: „Дејвид Сплејн, 8 април 1953 — ’Светот е осуден на пропаст‘“. „Што е ова?“, го прашав. А тој ми рече: „Темата на говорот што треба да го изнесеш во Теократската школа за служба“.a „Ама, јас не побарав да учествувам во школата!“, му одговорив.
Но, да не брзам многу — да почнеме од почеток. Роден сум за време на Втората светска војна, во Калгари (Канада). Кон крајот на 1940-тите, еден млад пионер, по име Доналд Фрејзер, тропна на нашата врата и мајка ми веднаш прифати да ја проучува Библијата. Таа многу ја сакаше вистината, но имаше сериозни проблеми со здравјето, поради што не можеше да прави многу во собранието. Но, и покрај тоа, во 1950 год. се крсти. За жал, помалку од две години подоцна, почина. Во тоа време, татко ми не беше Јеховин сведок, но се согласи Сведоците да го организираат погребот на мајка ми.
Неколку дена по погребот, една постара сестра по име Алис, која беше помазаник, ме покани да одам на состанок. Таа ме познаваше зашто на викендите одев на состаноци со мајка ми кога ѝ беше добро. Го прашав татко ми дали може да одам со Алис на состанок. Се согласи и одлучи да дојде со мене „само еднаш“ за да му се заблагодари на братот што го одржа говорот за погребот на мајка ми. Таа вечер се одржуваа Теократската школа и Состанокот за Нашата служба. Тоа беше полн погодок за татко ми, зашто претходно тој беше на еден курс за јавно говорење и беше одушевен од она што го чу на состанокот. Татко ми реши да доаѓа на тој состанок секоја седмица. Но, малку по малку, почна да доаѓа и на другите состаноци.
Во тоа време, братот што ја водеше Теократската школа за служба на почетокот од состанокот ги читаше на глас имињата на браќата што учествуваа во Школата, и секој од нив ќе речеше: „Присутен“. Една вечер, го замолив братот на следниот состанок да го прочита и моето име. Тој многу ме пофали, но ме праша дали сфаќам што ќе значи тоа за мене.
Немав поим дека сум се пријавил да држам говори во Школата. Јас само сакав да ми го прочитаат името. Следната седмица, беше прочитано и моето име, и гордо реков: „Присутен!“ По состанокот, многу браќа и сестри дојдоа да ме пофалат. Неколку седмици подоцна, го добив ливчето со мојата прва задача — како што спомнав на почетокот.
Ме фати паника! Во тоа време, во Теократската школа немаше читање на Библијата, туку од браќата се очекуваше да подготват говор од шест до осум минути. Татко ми ми помогна да си го подготвам говорот и ме натера да го вежбам дваесет пати. По говорот, добив многу корисни совети. Низ годините, Јехова ме обучуваше преку татко ми, преку способни браќа и сестри и преку својата организација.
ЈЕХОВА ПРОДОЛЖУВА ДА МЕ ОБУЧУВА
Алис, која ја спомнав претходно, ме обучуваше кога почнав да одам во служба. Во тоа време, бевме поттикнати да му прочитаме три стиха на станарот и потоа да му понудиме книга. Кога мене ќе ми дојдеше ред да зборувам на некоја врата, Алис ќе го почнеше разговорот и потоа ќе ме замолеше да го прочитам првиот стих. Откако ќе го прочитав, јас ќе продолжев со разговорот, ќе ги прочитав вториот и третиот стих и ќе понудев публикација. Подоцна научив и самиот да започнувам разговори. Кога татко ми се крсти кон крајот на 1954 год., тој продолжи да ме поучува во службата. Како самохран родител, правеше сѐ што можеше за да ми всади љубов кон Јехова. Кога се работеше за теократски активности, татко ми беше многу дисциплиниран. Кога ќе дојдеше време за состанок, немаше збор дали ќе одиме или не. А сабота и недела наутро одевме во служба.
На училиште бев просечен ученик. Но, некои од работите што ги научив во текот на моето дванаесетгодишно образование, многу ми помогнаа подоцна во животот. На пример, добро научив собирање и одземање. Исто така, стекнав солидно познавање за англиската граматика. А часовите по англиски и креативно пишување до ден-денес ми помагаат во задачата што ја имам во Одделот за пишување.
Честопати ме прашуваат од каде ми е љубовта кон музиката. Ми ја всадија мајка ми и татко ми. Кога имав седум години, кратко одев на часови по пијано. Но, мојата професорка не беше баш задоволна од мојот напредок и му предложи на татко ми да престанам со часовите. Сега ми е јасно зошто. Во тоа време, не бев толку мотивиран да учам.
Неколку месеци подоцна, татко ми ми најде друга професорка. Кај неа земав часови не само по пијано туку и по пеење, и многу добро ми одеше. Имав пријатен сопрано глас и освоив неколку награди. Почнав да учам музика за да можам подоцна јас да давам часови и така да се издржувам во полновремената служба. Но, сфатив дека тоа што ќе учам хармонија, историја на музика и копмозиција ќе ми одзема многу време. Затоа, во 1963 год. решив да престанам со часовите и почнав со општа пионерска служба.
РАДОСТА ОД ПИОНЕРСКАТА СЛУЖБА
Откако една година служев како општ пионер, бев именуван да служам како специјален пионер во Капускасинг (Онтарио). Служев заедно со Даниел Скинер, кој беше дупло постар од мене. Од него научив многу за тоа како е организирано собранието. Бев именуван да служам во Одборот на собранието кога имав само 20 години, и затоа требаше многу да учам. Радосен сум што организацијата сега повторно става акцент на тоа да се обучуваат млади браќа. Ако вложуваат труд, Јехова ќе може да ги користи уште од младоста.
Животот во Капускасинг не беше секогаш лесен. Во зима, температурите можеа да паднат до -44°C. Но, понекогаш знаеше и да се „потстопли“ и да дојде до -33°C. Јас и Даниел речиси секаде одевме пеш. Една од многуте убави работи што ги доживеав во оваа служба беше тоа што се запознав со една сестра по име Линда Кол, која подоцна стана Линда Сплејн.
Линда беше ревносен објавител и имаше многу добри повторни посети. Беше дарежлива, срдечна и дружељубива. Мајка ѝ, Голди, беше верна сестра. Отпрвин, татко ѝ, Ален, се противел на вистината. Но, и покрај неговото противење, Голди редовно ги носела на состаноци Линда и нејзините двајца браќа Џон и Гордон, и ги поучувала како да сведочат. Во некој период од животот, Голди, Линда, Џон и Гордон имаа служено како пионери. Со години подоцна, и Ален ја прифати вистината и правеше сѐ што можеше за собранието.
Во 1965 год., бев на Школата за именувани браќа, каде што добив дополнителна обука. Школата се одржуваше во Бетелот во Канада и траеше еден месец. Таму, ми предложија да пополнам молба за школата Гилеад. Никогаш не ни помислував да бидам мисионер, зашто сметав дека не ме бива за таа служба. Но, ја пополнив молбата и бев примен во 42. клас на Школата. На Гилеад, од нашите инструктори редовно добивавме извештаи за нашиот напредок. Во првиот извештај што го добив, бев поттикнат, додека трае Школата, да научам сѐ што можам за организацијата. И, за едно 21-годишно момче тоа беше совет на место.
Меѓу другото, на Гилеад учевме и за односи со медиумите, со радиостаниците, со ТВ-станиците и со печатот. Многу ми беше интересно. Во тоа време, немав претстава колку ќе ми користи таа обука во иднина. Но, за тоа ќе ви раскажам подоцна.
ОДАМ ВО СЕНЕГАЛ
Неколку дена по дипломирањето, јас и Мајкл Хеле, добивме задача да служиме како мисионери во Сенегал (Африка). Во тоа време, таму имаше околу 100 објавители.
По неколку месеци откако пристигнавме во Сенегал, бев повикан да служам во подружницата еден ден седмично. „Подружницата“ беше само една просторија во мисионерскиот дом. И покрај тоа, Емануел Патеракис, кој во тоа време ја надгледуваше подружницата, секогаш ме потсетуваше дека подружницата ја претставува Јеховината организација во таа земја. Еднаш, брат Патеракис реши да им напишеме писмо со охрабрување на мисионерите. Во тоа време, не беше лесно ниту евтино да се прават копии од писмата. Затоа, секое писмо го отчукавме на машина за пишување. Тоа не беше мала работа, особено затоа што не беше дозволено да ги бришеме грешките. Ако згрешевме, цело писмо го чукавме од почеток!
Доцна вечерта, кога се спремав да си тргнам накај мисионерскиот дом, брат Патеракис ми даде еден плик. Ми рече: „Дејвид, има едно писмо за тебе од организацијата“. Подоцна, кога го отворив пликот, внатре имаше едно од писмата што јас ги пишував. Од таа случка научив да ја ценам организацијата, без разлика дали подружницата е мала или голема.
Заедно со други мисионери во Сенегал (1967)
Се спријателив со многу браќа и сестри од собранието, и обично во сабота навечер се дружевме. Со радост се навраќам на тие времиња. Сѐ уште сум во контакт со мнозина од нив. Францускиот што го научив таму многу ми користи кога посетувам разни подружници низ светот.
Во 1968 год., јас и Линда се веривме. Неколку месеци се обидував да најдам работа со скратено работно време за да се издржуваме како пионери во Сенегал. Но, во тоа време, ретко вработуваа странци. На крајот, откако се вратив во Канада, се венчавме и добивме задача да служиме како специјални пионери во провинцијата Њу Бранзвик, во Едмунстон, мало гратче на границата со провинцијата Квебек.
На нашата венчавка (1969)
ПИОНЕРСКА СЛУЖБА ВО ЊУ БРАНЗВИК И ВО КВЕБЕК
Во Едмунстон немаше локални објавители, а имаше само по некој библиски курс. Католицизмот имаше силно влијание на речиси секое поле од животот на луѓето. Скоро на секоја куќа имаше знак: „Не примаме Јеховини сведоци“. Но, во тоа време не беше толку нагласено дека треба да го почитуваме тоа и затоа одевме во секоја куќа, без разлика дали имаше знак или не. Секоја седмица, една католичка организација во локалниот весник објавуваше: „Да ги избркаме Јеховините сведоци од нашиот град!“ Ни беше многу јасно на кого се мислеше, зашто во градот единствени Сведоци бевме Виктор и Велда Норбег и јас и Линда.
Никогаш нема да заборавам кога првпат ни дојде покраинскиот надгледник на посета. На крајот од седмицата ни рече: „Можеби најмногу што можете да направите додека сте тука е да им ги разбиете предрасудите на луѓето“. И оттогаш, тоа си го поставивме за цел. И успеавме! Малку по малку, луѓето почнаа да ја гледаат разликата помеѓу понизните Јеховини сведоци и горделивите католички свештеници. Сега во тој град има мало собрание.
На тоа изолирано подрачје останавме околу една година. Но, потоа нѐ замолија да служиме во едно големо собрание во градот Квебек. Со гостољубивите браќа и сестри од тоа собрание си поминавме убави шест месеци. Потоа почнавме со патувачка служба.
Следните 14 години ги посетувавме покраините во провинцијата Квебек. Тоа беа возбудливи времиња! Делото во Квебек беше во полн ек, и беше сосема нормално неколку семејства од истото собрание да се крстат!
НЕ ГО ЗАБОРАВАМЕ ТРУДОТ НА ВЕРНИТЕ БРАЌА И СЕСТРИ
Многу е лесно да ги сакаш браќата и сестрите кои живеат во францускиот дел на Канада. Тие се отворени, ведри и полни со енергија. Меѓутоа, им требаше храброст да ја прифатат вистината. Мнозина од нив се соочија со силно противење од семејството. На некои наши млади браќа и сестри родителите им поставија услов: „Или престани да проучуваш со Јеховините сведоци или оди си одовде!“ Речиси никој од нив не попушти под тој притисок. Уверен сум дека Јехова многу се гордее со нив!
Не може а да не ги спомнам верните општи и специјални пионери кои во тоа време служеа во Квебек. Повеќето од нив дојдоа од други делови на Канада и мораа да научат француски јазик. Освен тоа, требаше да ги научат и локалната култура и начин на размислување, кои главно беа под влијание на католицизмот.
Специјалните пионери често добиваа задача да служат на изолирани подрачја, каде што немаше објавители. Поради предрасудите, им беше тешко да најдат сместување, а уште потешко да најдат работа со скратено работно време. Дури и новите брачни парови живееја во ист стан со уште двајца, четворица или шестмина други Сведоци за да си ги делат трошоците. Не можеа да си дозволат сами да плаќаат стан. Тие пионери беа многу ревносни. Кога ќе почнеа библиски курс со некого, ги вложуваа сите сили за да му помогнат. Сега во Квебек има доволно локални објавители, и затоа многу од тие пионери се преселија на други подрачја каде што има поголема потреба од објавители.
Кога бевме во покраинското дело, во сабота наутро се трудевме да одиме во служба со тинејџерите од собранието. Така можевме од прва рака да видиме со какви проблеми се соочуваат. Некои од тие драги браќа и сестри сега служат во друга земја како мисионери или имаат други одговорни задачи.
Во тоа време, некои собранија не можеа да ни ги надоместат патните трошоци, и понекогаш се случуваше на крајот од месецот да останеме без пари. Кога ќе се случеше тоа, потполно се потпиравме на Јехова, зашто само тој ни ја знаеше ситуацијата. И никогаш не нѐ изневери. Секогаш ќе се најдеше некакво решение за да патуваме до следното собрание.
УЧАМ ОД ВЕРНИ БРАЌА
Како што спомнав претходно, многу ми помогнаа часовите за односи со јавноста кои ги имавме на Гилеад. Додека служев во Квебек, имавме многу прилики да дадеме добро сведоштво на радио, на телевизија и во печатот. Често соработував со Леонс Крепо, кој исто служеше како патувачки надгледник и кој одлично соработуваше со медиумите. Кога требаше да зборуваме со некој член од управата на некој медиум, наместо да се постави како професионалец, Леонс ќе речеше: „Господине, јас и мојот соработник сме верски лица. Ние не знаеме многу за медиумите. Но, имаме задача да ги известиме луѓето дека ќе се одржи голем конгрес на Јеховините сведоци. Многу ќе ни значи ако ни помогнете“. Со таквата понизност ни се отворија многу врати.
Подоцна, подружницата ме додели да соработувам со брат Глен Хау. Тој беше еден од нашите адвокати кој работеше на тешки случаи, а такви случаи обично го привлекуваа вниманието на медиумите. Многу ми користеше обуката на Гилеад и искуството што го стекнав со Леонс. Ми беше чест да соработувам со брат Хау. Тој бестрашно ја бранеше организацијата во судските случаи. Но, што е најважно, многу го сакаше Јехова.
Во 1985 год. бевме доделени да служиме во една покраина во западниот дел на Канада, близу каде што живееше татко ми. Така ни беше полесно да се грижиме за него. Тој почина три месеци подоцна. Продолживме да служиме во покраините во тој дел од Канада сѐ до 1989 год. кога, на наше изненадување, бевме поканети да служиме во Бетелот во САД. Тоа значеше крај за патувачката служба во која бевме речиси 19 години. Во тој период, престојувавме во стотици домови и уживавме во илјадници оброци со нашите гостопримливи браќа и сестри. Многу сме им благодарни на сите што го отворија својот дом за нас и ја делеа својата трпеза со нас!
СЕ СЕЛИМЕ ВО САД
Кога стигнавме во Бруклин, добив задача да служам во Одделението за служба. Многу сум благодарен за обуката што ја добив таму. Една работа што ја научив беше никогаш да не се водам по претпоставки, туку најпрво да ги проверам сите факти. Потоа, во 1998 год. добив задача да служам во Одделот за пишување, каде што сѐ уште многу учам. Неколку години имав чест да му помагам на брат Џон Бар, кој беше координатор на Одборот за пишување. Никогаш нема да ја заборавам обуката што ја добив од него и времето што го поминавме заедно. Тој навистина во сѐ се трудеше да го следи примерот на Исус.
Со Џон и Милдред Бар
Вистинско задоволство е да соработувам со понизните браќа и сестри во Одделот за пишување. Тие секогаш се молат за своите задачи и свесни се дека сѐ што постигнуваат е благодарение на Јеховиниот дух, а не на нивните способности.
Диригирам со хорот на годишниот состанок за 2009 год.
Давам Библии на меѓународниот конгрес во 2014 год. во Сеул (Јужна Кореја)
За мене и за Линда е вистинска чест што можевме да ги посетиме нашите верни браќа и сестри во 110 земји. Од прва рака ја почувствувавме љубовта на мисионерите, на членовите на одборите на подружниците и на другите браќа и сестри кои се во полновремена служба. За нас е огромен благослов тоа што можевме да ги видиме ревноста и непоколебливоста на локалните објавители кои го ставаат Царството на прво место и покрај војните, економските проблеми и прогонството. Нема сомнение дека Јехова многу ги сака!
Сите овие години, Линда ми е огромна поддршка додека ги извршувам моите задачи. Таа многу ги сака луѓето и секогаш гледа да помогне некому. Многу ја бива и неформално да започнува разговори. Им има помогнато на многумина да го запознаат Јехова, а им има помогнато и на некои кои претходно биле неактивни. Таа ми е вистински дар од Јехова! Како што старееме, јас и Линда многу сме им благодарни на помладите браќа и сестри кои ни помагаат кога патуваме и на други практични начини (Марко 10:29, 30).
Кога размислувам за изминативе осум децении, многу сум благодарен. И јас како псалмистот велам: „Боже, ти ме учеше од мојата младост, и сѐ досега зборувам за твоите чудесни дела“ (Пс. 71:17). И ќе продолжам да го правам тоа сѐ дури сум жив.
a Денес, ваквата обука е дел од состанокот Нашиот живот и служба како христијани.