Што се „клучевите на царството“?
Што вели Библијата
„Клучевите на царството“, кои понекогаш се нарекуваат „клучевите од небесното царството“, се однесуваат на овластувањето на луѓето да им се отвори пат да влезат во Божјето Царство (Матеј 16:19, Превод на МПЦ; Дела 14:22).a Исус му ги дал на Петар „клучевите на царството небесно“. Ова значи дека Петар добил овластување да открие дека верни луѓе, кога ќе го примат Божјиот свет дух, ќе добијат можност да влезат во небесното Царство.
За кого биле употребени клучевите?
Петар, на темел на овластување кое го добил од Бог, им отворил пат на три групи луѓе да влезат во Царството:
Евреи и еврејски преобратеници. Кратко по смртта на Исус, Петар поттикнал едно мноштво Евреи да прифатат дека Исус е оној што Бог го избрал да владее со небесното Царство. Петар им покажал што мора да прават за да бидат спасени. Со тоа им отворил пат да влезат во Царството, и илјадници го прифатиле она што тој им го зборувал (Дела 2:38-41).
Самарјани. Петар подоцна бил испратен кај Самарјаните.b Тој повторно употребил еден од клучевите на Царството кога, заедно со апостол Јован, се молел „за нив да добијат свет дух“ (Дела 8:14-17). Со ова на Самарјаните им била дадена можност да влезат во Царството.
Не-Евреи. Три и пол години по смртта на Исус, Бог му открил на Петар дека и не-Евреите ќе добијат можност да влезат во Царството. Поради тоа, Петар употребил еден од клучевите така што им проповедал на не-Евреите, и со тоа отворил пат за нив да примат свет дух, да станат христијани и да добијат можност да бидат дел од Царството (Дела 10:30-35, 44, 45).
Што значи некој да влезе во Царството?
Оние што ќе влезат во Царството стануваат совладетели на Исус на небото. Библијата претскажала дека тие ќе седат на престоли и „ќе царуваат над земјата“ (Лука 22:29, 30; Откровение 5:9, 10).
Погрешни мислења за клучевите на Царството
Погрешно мислење: Петар одлучува кој може да оди на небото.
Факт: Библијата вели дека Исус Христос, а не Петар, „е одреден да им суди на живите и на мртвите“ (2. Тимотеј 4:1, 8; Јован 5:22). Всушност, самиот Петар рекол дека Исус „е оној кого Бог го постави за судија на живите и на мртвите“ (Дела 10:34, 42).
Погрешно мислење: Небото чекало на Петар да одлучи кога ќе ги употреби клучевите на Царството.
Факт: Кога Исус зборувал за клучевите на Царството, му рекол на Петар: „Што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“ (Матеј 16:19, Превод на МПЦ). Иако некои сметаат дека оваа изјава покажува дека небото постапувало онака како што ќе одлучел Петар, изворните грчки глаголи покажуваат дека одлуките на Петар се само одраз на она што веќе е одлучено на небото.
Библијата и на други места покажува дека Петар ги следел упатствата од небото кога ги користел клучевите на Царството. На пример, тој постапил според упатството од небото кога го употребил третиот клуч (Дела 10:19, 20).
a Во Библијата зборот „клуч“ понекогаш се користи како симбол за авторитет или одговорност (Исаија 22:20-22; Откровение 3:7, 8).
b Религијата на Самарјаните се разликувала од Јудаизмот, но содржела некои учења и обичаи пропишани со Мојсеевиот закон.