УЧИ ОД ИСУС
Ќе има мир во целиот свет
Секој сака да живее во свет во кој владее мир. Низ историјата, светските водачи вложувале напори да им стават крај на конфликтите и да воспостават мир. И понекогаш успевале. Но, само на кратко. Дали некогаш ќе има мир во целиот свет? Да! Да видиме што можеме да научиме од Исус.
Што ќе направи Исус
Од Библијата дознаваме што ќе направи Исус наскоро за да воспостави мир во светот.
„[Исус] ќе биде... Кнез на Мирот. Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот... ќе му нема крај“ (Исаија 9:6, 7). Како Цар на Божјето Царство, Исус ќе воспостави глобален мир кој никогаш нема да биде нарушен.
„Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош... и секој што нема помошник“ (Псалм 72:12-14). Исус ќе ја искористи својата власт за да воспостави вистинска правда и за да им стави крај на војните, насилството и страдањата.
„Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“ (Исаија 2:4). Кога Исус ќе владее, сите луѓе ќе учат како да живеат во мир, а не да војуваат.
За да дознаеш како Исус ќе донесе мир и што може да значи тоа за тебе, гледај го краткиот видеоклип Што е Божјето Царство?
За што поучувал Исус
Уште денес, учењата на Исус им помагаат на милиони луѓе да живеат во мир. Во својата позната Проповед на гората, Исус кажал начела кои ни помагаат да бидеме во мир со другите. Да разгледаме неколку примери.
„Среќни се миротворците“ (Матеј 5:9). Исус ги поттикнал своите следбеници не само да не влегуваат во конфликти туку и да градат мир.
„Прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24). Исус нѐ поучил брзо да ги решаваме несогласувањата. За да бидеме во добар однос со Бог, неопходно е да бидеме во мир со другите.
„Не судете, за да не бидете судени“ (Матеј 7:1). Исус нѐ предупредил да не им судиме престрого на другите ниту да очекуваме да прават нешто што ние самите не го правиме зашто тоа може да води до конфликти. Тој нѐ поучил да простуваме (Лука 6:37).
Во целиот свет има луѓе кои живеат во склад со учењата на Исус. Дури и на места каде што има насилство и поделби, тие учат да ги решаваат конфликтите на мирен начин, да простуваат и да покажуваат љубов дури и кога другите постапуваат лошо.
За да видиме како учењата на Исус им помогнале на некои луѓе да најдат мир, прочитај ја статијата „Како да најдеш мир и покрај војните и конфликтите“.