ПРЕДЛОГ ЗА ОВОЈ МЕСЕЦ
Што ќе ни помогне да ги разбереме споредбите од Библијата
Библијата содржи стотици споредби. Сепак, на многумина им е тешко да ги разберат (Мат. 13:13). Што може да ти помогне да го разбереш исправното значење на тие споредби? Обиди се со следниве чекори:
Размисли за темата и за тоа со што е споредена. На пример, во Откровение 3:3 доаѓањето на Исус е споредено со доаѓањето на еден крадец.
Утврди каква сличност постои меѓу темата и она со кое таа е споредена. Размисли зошто некоја работа е споредена со друга и што им е заедничко.
Извлечи исправен заклучок. Понекогаш, некој може погрешно да разбере некоја споредба. Во примерот даден погоре, Исус не доаѓа за да украде нешто. Напротив, контекстот покажува дека неговото доаѓање е споредено со доаѓањето на крадец во таа смисла што ќе биде неочекувано и ненајавено.