Рибарење на луѓе во Егејското Море
СО КОПНЕНИОТ дел од Грција на север и запад, островот Крит на југ и Турција на исток, Егејското Море опфаќа огромно подрачје од источното Средоземје. Како колевка на некои големи рани цивилизации, во Егејското Море се распрснати острови и островчиња. Нерамните контури на островите, на кои се расфрлани ситни, бели куќички кои блескаат на сончевата светлина, инспирирале еден поет да ги спореди со „камени коњи со развиорени гриви“.
Не е ни чудо што овие острови станале една од најпопуларните туристички атракции во светот! Нивната физичка убавина ја зголемуваат одличните особини на мажите и жените кои живеат и работат таму. Реалистични и гостољубиви, а сепак независни, овие луѓе додаваат една посебна карактеристика на единственоста на тоа подрачје.
Многу островјани живеат од рибарење во водите на Егејското Море. Меѓутоа, во тоа подрачје обилни резултати донесува и еден друг вид важно „рибарење“. ‚Рибарите на луѓе‘ (NW) — евангелизаторите на добрата вест за Божјето Царство — крстарат низ островите на Егејот правејќи христијански ученици (Матеј 4:18, 19; Лука 5:10).
Пред околу 19 века, христијанските евангелизатори ги посетиле островите на Егејот. Отприлика во 56 н.е. апостол Павле, враќајќи се од третото мисионерско патување, накратко застанал на островите Лезбос, Хиос, Самос, Кос и Родос. Бидејќи секогаш бил ревносен проповедник, Павле сигурно им проповедал на некои од островјаните (Дела 20:14, 15, 24; 21:1, 2). После двете години кои ги поминал в затвор во Рим, најверојатно го посетил Крит каде учествувал во христијанската активност. При крајот на првиот век, апостол Јован бил изгнан на островот Патмос ‚затоа што зборувал за Бога и сведочел за Исус‘ (Откровение 1:9, NW). Како поминуваат современите објавители на добрата вест на овие острови?
Наградувачки проповеднички кампањи
Проповедањето на овие островски групи е тешко и изискува многу. Бара голем напор и самопожртвуваност. Некои острови се многу оддалечени. Превозот по поморски и воздушен пат до некои од нив е редок, а до други воопшто не постои, особено в зима. Морето може да биде немирно, особено кога дуваат мелтемија — сезонски силни северни ветрови. Освен тоа, селата на многу острови се изолирани и тешко пристапни бидејќи прашливите, непоплочени патишта честопати се едвај проодни. Некои села можат да се достигнат само со мали чамци.
Земи го за пример островот Икарија. Единаесетте објавители на добрата вест за Царството во тамошното мало собрание не можат да ги обработат сите села на тој остров и на блиските островчиња. Затоа, христијанските браќа и сестри од Самос дојдоа да помогнат во проповедањето на луѓето на Икарија, како и на оние кои се на островите Фурни, Патмос и Липсос. Неодамна, во текот на една таква дводневна кампања, Сведоците поделија 650 списанија, 99 брошури и 25 книги со библиски теми! Беа изненадени што запознаа луѓе кои немаа поим кој е Јехова, луѓе кои ги молеа да останат и да ги поучат повеќе за Библијата. На една жена Сведок некоја госпоѓа ѝ рекла: „И сега вие си заминувате. Но, јас имам уште многу прашања за Библијата. Кој ќе ми помогне?“ Христијанската сестра ѝ ветила дека ќе го проследи интересот по телефон, и на тој начин започнала библиска студија.
Кога еден патувачки надгледник ја посетил Икарија, организирал да се обработи целиот остров за еден викенд. Добил помош од околу 30 објавители на Царството од Самос. Браќата кои дошле во посета морале да платат за престојот од две ноќи во хотел и за тоа што изнајмиле автомобили и лесни камиони. Два дена врнел пороен дожд, и временската прогноза за викендот била тмурна. Но, браќата не дозволиле ова да ги спречи, потсетувајќи се на зборовите од Проповедник 11:4: „Кој го набљудува ветрот, нема да сее, и кој гледа во облаците, нема да жнее“. На крај, времето малку се подобрило, и откако го обработиле целиот остров со важната порака, браќата се вратиле дома среќни и задоволни.
Шеснаесетте објавители кои живеат на островот Андрос вложиле голем напор да го обработат целиот остров. Кога двајца браќа дошле до едно изолирано село, биле одлучни да им проповедаат на сите жители. Разговарале со луѓето во нивните домови, на улиците и по полињата. Ја посетиле дури и полициската станица и таму оставиле литература. Уверени дека стапиле во контакт со сите селани, се спремале да си појдат. Додека заминувале од сретсело, виделе како доаѓа грчкиот православен свештеник. Сфаќајќи дека нему не му имале дадено сведоштво, му понудиле една мала публикација која тој со задоволство ја зел. Сега со сигурност знаеле дека немало ниту еден кого го пропуштиле во своите проповеднички напори!
Гавдос (или Кауда) — островче под издлабената страна на Крит со само 38 жители — се смета за најјужен дел од Европа (Дела 27:16). Еден патувачки надгледник и неговата сопруга, заедно со еден друг брачен пар, три дена проповедале таму. За да заштедат за трошоците, спиеле во шатор. Сите жители биле достигнати со добрата вест, а браќата биле одушевени што луѓето биле без предрасуди. Тие немале чуено ништо за Јеховините сведоци — ни добро ни лошо. Мештаните, вклучувајќи го и свештеникот, зеле 19 книги и 13 брошури. Додека Сведоците со едно чамче се враќале кон Крит, морето се разбранувало, и животот им бил во опасност. „Му благодаревме на Јехова што се вративме дома живи, но исто така го славевме што ни дозволи да му искажеме чест на неговото име во овој најјужен дел од Европа“, рекле тие.
Патмос е островот каде што апостол Јован ја напишал последната книга од Библијата, Откровението. Сѐ до неодамна, на Патмос немало ниеден Сведок на Јехова. Браќата од Самос грижливо организирале една проповедничка кампања на тој остров. Знаеле дека би можело да ги очекува жестоко противење бидејќи тој остров е тврдина на Грчката православна црква. Две сестри кои ѝ ја презентирале добрата вест на една госпоѓа биле поканети во нејзиниот дом. Сопругот на госпоѓата упорно прашувал кој ги испратил сестрите во нивната куќа. Кога објасниле дека ги посетуваат сите куќи, тој повторно ги прашал: „Сигурно ли не ве испратил некој сосед?“ Сопругата, која ги имала запознаено Јеховините сведоци додека биле во Заир, подоцна им објаснила на сестрите што се случило тоа утро. Таа рекла: „Му се молев на Јехова, како што го правев тоа и други денови, да испрати Сведоци на островот. Сопругот ми се смееше. Кога ве видов на вратата, се изненадивме и јас и мојот сопруг. Затоа цело време ве прашуваше кој ве испратил кај нас дома“. Со госпоѓата веднаш била започната библиска студија. Студијата била водена по телефон десет месеци, иако ова ги чинело многу пари и сестрата и интересентката. Таа се крстила и сега е единствениот Сведок на тој остров каде што апостол Јован бил изолиран пред 1.900 години.
„Рибарење“ во пристаништа
Патничките бродови застануваат на голем број пристаништа на егејските острови секое лето, донесувајќи мноштво посетители кои доаѓаат на годишен одмор. Така, Јеховините сведоци имаат единствена прилика да достигнат луѓе од многу нации и јазици. Собранијата имаат резерва библиска литература на најразлични јазици, а објавителите им делат илјадници списанија на туристите. Некои патнички бродови доаѓаат на истите пристаништа секоја седмица, а тоа им дава на браќата одлични прилики да прават повторни посети, па дури и да водат библиски студии со некои членови од посадата на бродовите.
Летото 1996 една сестра, која е полновремен проповедник на Родос, му сведочела на еден човек од Јамајка кој работел на патнички брод што доаѓал на тоа пристаниште секој петок. Следниот петок човекот бил поканет да присуствува на еден обласен конгрес кој требало да се одржи на островот. Со англиска Библија в рака, сестрата пионерка му помогнала да разбере некои од библиските вистини кои биле изнесени на програмата. Младичот бил длабоко импресиониран од љубовта и срдечноста кои ги покажале Сведоците на конгресот. Следниот петок, поканил двајца пионери на бродот. Пионерите зеле со себе литература на англиски и шпански. Нивните торби за сведочење се испразниле за помалку од еден час! Младиот Јамајчанец ја проучувал Библијата секој петок до крајот на летото. Следното лето се вратил, спремен да ја обнови студијата. Но, овојпат решил да ја смени работата за да може духовно да напредува. Потоа пак си заминал. Колку само биле среќни браќата на Родос кога дознале дека во почетокот на 1998 година овој младич се крстил!
Ловење ‚риби‘ преселници
Егејското Море е познато по изобилството риби преселници, како што се сардините и сабјарките кои минуваат во неговите води и завршуваат во мрежите на искусните рибари. На сличен начин, евангелизаторите на Царството наоѓаат многу приемчиви срца меѓу доселеничките работници кои се преселиле во Грција од многу источноевропски земји.
Рези имала десет години кога првпат прочитала за Јехова и за неговите намери на страниците на Стражарска кула и Разбудете се! Тоа било во Албанија. После три години со семејството се преселила на островот Родос. Еден ден, Рези му се молела на Јехова да ѝ помогне да го најде неговиот народ во својот нов дом. Следниот ден, на голема радост на Рези, татко ѝ си дошол дома со тие познати списанија — Стражарска кула и Разбудете се! Рези дошла во контакт со сестрата која му ги дала списанијата на татко ѝ, и наскоро почнала да ја проучува книгата Спознание кое води до вечен живот. Понекогаш замолувала да има студија по трипати во ист ден! После два месеца станала некрстен објавител, а во март 1998 се крстила, на 14-годишна возраст. Истиот ден почнала со помошна пионерска служба, а по шест месеци се пријавила за општ пионер, или полновремен министер.
Еден брат на островот Кос проучувал со некои луѓе од Русија. Кога ги запрашал дали имаат некои пријатели кои би сакале да ја проучуваат Библијата, тие го одвеле кај еден пар Ерменци — Леонидас и неговата сопруга Офелија — во едно село оддалечено околу 30 километри. Браќата ги чекало изненадување. Парот Ерменци донеле една торба полна со ерменска и руска библиска литература издадена од Watch Tower Society! Тие објасниле дека ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци и дека напредувале до тој степен што станале некрстени објавители. Поради политичкиот пресврт и економските тешкотии морале да ја напуштат татковината. Веднаш штом стигнале на Кос, почнале да проучуваат со мајката и сестрата на Леонидас, кои веќе биле таму. Наеднаш Сведокот имал три нови библиски студии — со Офелија, со Леонидас и една со неговата мајка и сестра. Ова барало да патува со мотоцикл по 30 километри во еден правец трипати седмично. Леонидас и неговата сопруга се крстиле после неколку месеци. Каква само награда за самопожртвуваниот дух на локалните браќа!
Јехова дава да расте
Јеховиниот благослов е очигледен врз неуморните напори на над 2.000 активни објавители на Царството на овие егејски острови. Сега таму има 44 собранија и 25 групи на Јеховините сведоци. Од тие групи, 17 се на странски јазици, бидејќи Јеховина волја е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4, NW). Освен тоа, 13 специјални пионери вложуваат зголемени напори да достигнат уште многумина на тие изолирани подрачја.
Егејското Море со векови било центар на културниот развој и трговијата. Во изминативе децении тоа стана омилено место за одмор на стотици илјади туристи. Но, што е уште поважно, како „рибари на луѓе“, објавителите на Царството на овие острови наоѓаат многу луѓе со искрени срца, желни да го фалат Јехова. Заедно, на еден величествен начин се одѕвале на пророчката покана: „Нека Му воздадат слава на Господа, похвалата Негова нека ја возвестат на островите“ (Исаија 42:12).
[Карта на страница 22]
(Види во публикацијата)
Егејско Море
ГРЦИЈА
Лезбос
Хиос
Самос
Икарија
Фурни
Патмос
Кос
Родос
Крит
ТУРЦИЈА
[Слика на страница 23]
островот Лезбос
[Слика на страница 24]
островот Патмос
[Слика на страница 24]
островот Крит