Кога срца од камен стануваат приемчиви
ВО 1989, ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ВО ПОЛСКА добија законско признание како религиозна организација. Сведоците кои беа затворени поради нивната христијанска неутралност беа постепено ослободувани, оставајќи зад себе во затворот многу затвореници кои копнееја да научат од нив повеќе за Библијата. Еве еден извештај за тоа како во еден таков затвор Јеховините сведоци настојуваат да им помогнат на оние кои некогаш имале срца од камен, да се оѕвијат на моќта на Божјата Реч.
ВО ВОЛОВ, град во југозападна Полска со 12.000 жители, има еден казнено-поправен дом стар 200 години каде што се држат некои од најтешките криминалци во Полска. Откако делото на Јеховините сведоци беше законски признато, тие настојуваат да им ја пренесат добрата вест на затворениците кои се таму, и тоа го прават со голем ентузијазам.
Патот за тоа го проби едно писмо кое го издаде Министерството за правда во февруари 1990 до сите затворски управници во Полска. Писмото ги известуваше да „не му прават проблеми“ на ниту еден затвореник кој сака да ги добива публикациите на Watch Tower или да се состанува со Јеховините сведоци. Сведоците од кои некои поминаа долги години во затворот во Волов добро знаеја дека таму има многу закоравени осуденици. Меѓутоа, тие се ослонуваа на Јехова да ги благослови нивните напори да дозволат библиската вистина да ги омекне камените срца на другите затвореници.
Започнување со работа
„Беше тешко да се започне програмата“, вели брат Чеслав од градот Вроцлав, оддалечен околу 40 километри, а кој бил овластен да го посети затворот во Волов. „Беа потребни многу долги дискусии со затворските службеници за да ги увериме дека нашите ‚религиозни служби‘ се корисни за затворениците.“
Колку за да се искомплицираат работите, се сеќава партнерот на Чеслав, Павел, „еден виш службеник тврдеше дека осудениците ги користат религиозните служби чисто како изговор за материјална корист“. Но, кога во 1991 тројца некогаш опасни криминалци се претставија за крштавање, затворските власти го променија својот став и така соработката се подобри.
„Започнавме да им сведочиме на осудениците, на нивните семејства кои доаѓаа да ги посетат во затворот, како и на персоналот од казнено-поправниот дом“, објаснува Чеслав. „Потоа ни беше дозволено да ја проповедаме добрата вест од оддел до оддел — еден многу необичен исклучок. На крај, кога ги најдовме првите заинтересирани лица, ни беше дозволен пристап во една мала сала во која можевме да ги водиме библиските студии и да ги одржуваме христијанските состаноци.“ Да, Јехова го отвори патот кон камените срца на затворениците.
Делотворна образовна програма
Наскоро таа мала сала стана претесна. Бидејќи во проповедничкото дело учествуваа и крстените затвореници и браќата кои доаѓаа однадвор, на состаноците почнаа да присуствуваат по околу 50 осуденици. „Тука ги одржувавме сите состаноци повеќе од три години и затворениците редовно присуствуваа на седмичните состаноци“, објаснува еден од локалните старешини. Затоа, во мај 1995 ни беше дадена на користење една поголема сала.
На кој начин одговорните браќа одредуваат кој може да дојде на состаноците кои се одржуваат во затворот? „Имаме список на затвореници кои покажуваат искрен интерес за вистината“, објаснуваат браќата Чеслав и Зѓислав. „Ако некој осуденик не напредува или ги пропушта состаноците без некоја оправдана причина, покажувајќи на тој начин недостиг на ценење за таквите подготовки, неговото име го бришеме од списокот и го информираме управникот на затворот.“
Исто така, за време на библиските студии браќата ги поучуваат затворениците за тоа како добро да се подготвуваат за состаноците и како делотворно да ја користат нашата литература. На тој начин, кога затворениците доаѓаат на состаноците, тие се добро подготвени и слободно учествуваат. Даваат изградувачки коментари, вешто ја користат својата Библија и го применуваат советот на себе, честопати вклучувајќи забелешки во своите коментари, како на пример: ‚Увидувам дека морам да го сторам ова или она‘.
„Во затворот во Волов се водат сѐ на сѐ 20 библиски студии. Осум од нив водат тројца објавители затвореници“, вели секретарот на собранието. Тие имаат добри резултати и додека проповедаат од оддел до оддел и за време на нивните прошетки во затворскиот комплекс. На пример, за десет месеци, од септември 1993 до јуни 1994, тие поделија 235 книги, речиси 300 брошури и 1.700 списанија. Неодамна, двајца затворски службеници побараа библиски студии.
Специјалните собири донесуваат радост
Со текот на времето, кон образовната програма во тој затвор беше придодаден и еден друг елемент, имено специјалните собири. Во фискултурната сала, патувачките надгледници и други квалификувани браќа ги изнесуваа главните делови од покраинскиот собир и од програмите на специјалните еднодневни собири. Првиот специјален собир се одржа во октомври 1993. Беа присутни педесет затвореници. „Од Вроцлав дојдоа цели семејства, вклучувајќи жени и мали деца“, извести весникот Słowo Polskie. Вкупно 139 присутни. Паузата на програмата на собирот пружи прилика за оброк кој го подготвија сестрите, како и време за убаво христијанско дружење.
Оттогаш се одржаа седум други специјални собири, а користите ги уживаа не само тие кои беа во затворот туку и оние кои се надвор. Кога една сестра Сведок посетила еден поранешен затвореник од Волов, кој сега живее во градот, тој во почетокот бил негативно настроен. Но, кога му било кажано за некој затвореник кој станал Сведок, човекот извикал во неверие: „Тој убиец сега е Сведок?!“ Како резултат на тоа, човекот прифатил библиска студија.
Се случува чудесно преобразување
Дали оваа образовна програма со широки размери навистина ги омекнала камените срца на затворениците? Да им дозволиме да ги раскажат своите приказни.
„Никогаш не ги запознав родителите бидејќи ме напуштија уште кога бев мал, и многу болно го осетив недостигот на чувството да се биде сакан“, се исповеда Зѓислав, човек кој по природа е склон кон размислување. „Уште рано во животот се впуштив во криминал и на крај извршив убиство. Чувството на вина ме тераше на помислата да извршам самоубиство, и очајнички барав вистинска надеж. Потоа, во 1987, случајно наидов на списанието Стражарска кула. Од него дознав за надежта за воскресение и вечен живот. Увидувајќи дека не е сѐ изгубено, ја отфрлив идејата за самоубиство и почнав да ја проучувам Библијата. Сега го сознав значењето на љубовта од Јехова и од браќата.“ Од 1993, овој поранешен убиец е слуга помошник и помошен пионер, а минатата година стана општ пионер.
Томаш, пак, од своја страна, спремно прифатил библиска студија. „Меѓутоа, тоа не беше искрен чекор“, признава тој. „Проучував само затоа што сакав да се топорам додека на другите им ги објаснував верувањата на Јеховините сведоци. Но, не правев многу околу библиската вистина. Еден ден решив и отидов на еден христијански состанок. Крстените затвореници ми изразија срдечно добредојде. Сфатив дека наместо да се обидувам да се топорам со спознанието, морав да го омекнам моето камено срце и да го преобразам умот.“ Томаш почнал да ја облекува новата христијанска личност (Ефесјаните 4:22—24). Денес, тој е предаден, крстен Сведок и наоѓа задоволство во проповедањето од оддел до оддел.
Притисоци од поранешните пријатели
Оние кои ја дознале библиската вистина в затвор се нашле под тежок притисок од поранешните пријатели во одделот и од затворските службеници. Еден од нив се сеќава: „Постојано ми се ругаа и ме исмејуваа. Но, јас ги имав на ум охрабрувачките зборови од браќата. ‚Продолжи да му се молиш на Јехова‘, ми велеа тие. ‚Читај ја Библијата и ќе осетиш внатрешен мир.‘ Тоа навистина ми помогна“.
„Другите затвореници беа беспоштедни во навредливите забелешки кои ми ги упатуваа“, вели Ришард, еден силен крстен брат. „Можеш да одиш на твоите состаноци, но не се обидувај да се истакнуваш и да се замислуваш дека си подобар, во ред?‘ ме предупредуваа. Кога направив промени во животот поради тоа што ги применував библиските начела, морав да страдам заради тоа. Ми го превртуваа креветот, ми ја расфрлаа наоколу библиската литература и правеа неред во мојот дел од одделот. Ќе го молев Јехова за сила за да се контролирам и потоа ќе отидев мирно да си ги средам работите. После извесно време, нападите престанаа“.
„Кога другите затвореници ќе сфатат дека сме донеле цврста одлука да му служиме на Јехова“, раскажуваат некои други крстени затвореници, „притисоците попримаат друг облик. Може да речат: ‚Запомни, повеќе не смееш да пиеш, да пушиш, ниту да лажеш‘. Таквиот притисок помага човек да го контролира своето тело, брзо ослободувајќи се од кои и да било пороци или зависности. Исто така, тоа помага да се негуваат и плодовите на духот“ (Галатјаните 5:22, 23).
Стануваат предадени Божји слуги
Со дозвола од затворските власти, првото крштавање се одигра пролетта 1991 во фискултурната сала. Среќниот кандидат беше Зѓислав. Беа присутни дванаесет затвореници и уште 21 брат и сестра кои дојдоа однадвор за таа прилика. Состанокот имаше охрабрувачки ефект врз затворениците. Извесен број од нив постигнаа толкав забележителен напредок што истата година беа потопени и други двајца осуденици. После две години, во 1993, имаше крштавања двапати, и уште седум осуденици го симболизираа своето предание на Јехова!
Известувајќи за крштавањето што се одржа во декември, локалниот дневник Wieczór Wrocławia забележа: „Луѓето се слеваат кон фискултурната сала, ги поздравуваат сите и се ракуваат со нив. Никој тука не е странец. Тие сочинуваат едно големо семејство, обединето во размислувањето, во нивниот начин на живот и во служењето на еден Бог, Јехова“. Тоа „едно големо семејство“ тогаш се состоеше од 135 лица, вклучувајќи и 50 осуденици. Да запознаеме некои од нив.
Јежи, крстен во јуни, раскажува: „Иако пред неколку години имав контакт со Библијата, во мене имаше навистина камено срце. Измама, развод со мојата прва сопруга, незаконски врски со Кристина, вонбрачно дете и често враќање в затвор — така изгледаше мојот живот“. Гледајќи како други закоравени криминалци стануваат Сведоци додека беа в затвор, тој почнал да се прашува: ‚Зарем не би можел и јас да станам подобар човек?‘ Побарал библиска студија и почнал да оди на состаноци. Меѓутоа, вистинската пресвртница се случила кога од јавниот обвинител дознал дека три години пред тоа Кристина станала Јеховин сведок. „Бев потполно изненаден!“ вели Јежи. „Си помислив: ‚А што е со мене? Што правам јас?‘ Сфатив дека за да бидам одобрен од Јехова, морам да си го средам животот.“ Како резултат на тоа, во затворот се случи едно среќно повторно обединување — со Кристина и нивната 11-годишна ќерка Марзена. Набрзо го легализираа својот брак. Иако сѐ уште е во затвор и има свои добри и лоши моменти, Јежи неодамна научи знаковен јазик и може да им помага на затворениците кои се глуви.
Мирослав бил вклучен во криминални активности уште во основното училиште. Многу се восхитувал на она што го правеле неговите пријатели и наскоро и самиот почнал да го прави истото. Многумина опљачкал или истепал. Потоа, завршил в затвор. „Кога се најдов в затвор, му се обратив на свештеникот за помош“, изјавува Мирослав. „Но горко се разочарав. Затоа одлучив да земам отров и да се убијам.“ Истиот ден кога планирал да си го одземе животот бил преместен во друг оддел. Таму нашол примерок од Стражарска кула кој зборувал за смислата на животот. „Едноставните и јасни информации се покажаа токму она што ми беше потребно“, додава тој. „Сега сакав да живеам! Затоа му се помолив на Јехова и ги замолив Сведоците за библиска студија.“ Брзо напредувал во својата библиска студија и се крстил во 1991. Сега служи како помошен пионер во затворот и ја има предноста да проповеда од оддел до оддел.
Досега се крстени вкупно 15 затвореници. Нивните казни изнесуваат вкупно скоро 260 години. Некои биле ослободени уште пред да истечат нивните казни. На еден затвореник 25-годишната казна му била намалена за 10 години. А неколкумина кои покажале интерес во затворот, станале крстени Сведоци откако биле ослободени. Покрај тоа, има уште четворица затвореници во затворот кои се подготвуваат за крштавање.
Признание од затворските власти
„Промената во ставот на осудениците беше особено забележлива“, наведува еден затворски извештај. „Многумина престануваат со пушење и ги одржуваат своите оддели чисти. Таквите промени во однесувањето се очигледни кај многу осуденици.“
Весникот Życie Warszawy известува дека управата на казнено-поправниот дом во Волов признала дека „осудениците се дисциплинирани; не им задаваат проблеми на затворските чувари“. Понатаму статијата наведува дека оние кои биле ослободени пред да им истечат казните, добро се вклопиле во кругот на Јеховините сведоци и не се враќаат на патот на криминалот.
А какво е мислењето на управникот на затворот? „Делото на Јеховините сведоци во овој казнено-поправен дом е многу пожелно и корисно“, вели тој. Управникот признава дека „во текот на нивната библиска студија [со Сведоците], вредностите и мерилата на осудениците се менуваат, давајќи им нова водечка сила во животот. Нивното однесување е многу тактично и учтиво. Тие се марливи работници и не предизвикуваат скоро никакви проблеми“. Таквите поволни коментари од властите, секако, им причинуваат задоволство на Сведоците кои работат со затворениците во затворот во Волов.
Сведоците кои ги посетуваат, потполно ги сфаќаат Исусовите зборови: „Ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене . . . ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир“ (Јован 10:14, 16). Дури ни затворските ѕидови не можат да го спречат Добриот Пастир, Исус Христос, да ги собере лицата слични на овци. Сведоците во Волов се благодарни што ја имаат предноста да учествуваат во оваа радосна служба. Тие се ослонуваат на Јехова за негов понатамошен благослов во помагањето уште на многу срца од камен да се оѕвијат на добрата вест за Царството пред да дојде крајот (Матеј 24:14).
[Рамка на страница 27]
Проблем на „големо дете“
„Откако некое време ќе биде в затвор, затвореникот честопати губи осет за тоа што значи да се живее на слобода, односно самостојно“, забележуваат Сведоците кои го обработуваат казнено-поправниот дом во Волов. „Она што ние го имаме во суштина е проблем на ‚големо дете‘ — лице кое откако е ослободено од затвор не знае како да се грижи за себеси. Затоа, улогата на собранието е повеќе од тоа само да го поучи за библиската вистина. Ние мораме да го подготвиме да стане дел од средината, предупредувајќи го за новите опасности и искушенија со кои би можел да се соочи. Но, додека внимаваме да не бидеме претерано заштитнички настроени, мораме да му помогнеме да направи еден нов почеток во животот.“