Вистинска правда — кога и како?
НЕВИНИОТ не треба ништо да го плаши од вистинската правда. Навистина, граѓаните речиси насекаде имаат причина да бидат благодарни доколку нивната земја има правен систем кој се обидува да обезбеди правда. Таков еден систем вклучува структура на закони, полициска сила за да ги спроведе и судови за да ја применат правдата. Вистинските христијани го респектираат судскиот систем во кој живеат, во склад со библиската опомена да ‚им се потчинуваме на претпоставените власти‘ (Римјаните 13:1—7).
Меѓутоа, судските системи во различни земји имаат направено штетни и непријатни грешки.a Наместо да го казнат виновникот и да го заштитат невиниот, понекогаш биле казнувани невини луѓе заради злосторства кои не ги извршиле. Други поединци поминале години в затвор само за да бидат ослободени пред истекувањето на нивната казна, проследена со сериозно сомнение во врска со тоа дали тие се виновни и дали нивната пресуда е оправдана. Оттука, многумина прашуваат: ‚Дали некогаш ќе постои вистинска правда за секого? Ако да, кога и како? Во кого можеме да имаме доверба дека ќе го заштити невиниот? И каква надеж постои за жртвите на неправда?‘
Правдата искривена
Во 1980-тите, Германија била сведок на „еден од најсензационалните судски процеси од послевоениот период“, во кој една мајка била осудена на доживотен затвор заради убиство на своите две ќерки. Меѓутоа, со години подоцна, повторно била извршена проценка на доказот против неа, и била ослободена до едно ново судење. Во 1995, Die Zeit известил дека „би можело да се докаже“ оти првобитната пресуда „е судска грешка“. До времето на пишувањето, оваа жена поминала девет години в затвор, опкружена со неизвесноста што се однесува до нејзината вина или невиност.
Една ноемвриска вечер во 1974, градскиот центар на Бирмингем (Англија) бил потресен од експлозијата на две бомби кои усмртиле 21 лице. Тоа бил настан кој „ниеден бирмингемец нема да го заборави никогаш“, напишал Крис Мален, член на Парламентот. После тоа, „шест невини мажи биле осудени за најголемото убиство во британската историја“. Подоцна, нивните пресуди биле укинати — но само откако мажите поминале 16 години зад решетки!
Правниот советник Кен Криспин известил за еден случај кој „ја пленил имагинацијата на јавноста на начин кој е уникатен во аналите на австралиската правна историја“. Едно семејство кампувало во близина на Аерс Рок кога нивното бебе исчезнало, за никогаш повторно да не биде најдено. Мајката била оптужена за убиство, осудена и казнета на доживотна робија. Во 1987, откако била затворена повеќе од три години, една официјална истрага открила дека доказот против неа не би можел да ја оправда пресудата. Била ослободена и помилувана.
Во 1986 била убиена една 18-годишна жена, која живеела во јужниот дел на Соединетите Држави. Еден средовечен човек бил оптужен, казнет и осуден на смрт. Поминал шест години во ќелијата за осудениците на смрт пред да биде установено дека немал ништо со злочинот.
Дали ова се ретки примери за судски грешки? Дејвид Рудовски од Правната школа при универзитетот во Пенсилванија, забележува: „Јас сум во тој систем отприлика 25 години и имам видено многу случаи. За оние што се осудени а всушност се невини би рекол . . . претпоставувам меѓу пет и 10%“. Криспин го поставува вознемирувачкото прашање: „Дали постојат и други невини луѓе кои потиштено седат во затворските ќелии?“ Како се возможни такви трагични грешки?
Човечките судски системи — со човечки слабости
„Од ниеден човечки систем не може да се очекува да биде совршен“, нагласил Британскиот апелационен суд во 1991. Еден судски систем може да биде толку праведен и доверлив колку што се и луѓето кои го креираат и спроведуваат. Луѓето се склони кон грешење, нечесност и предрасуди. Според тоа, не би требало да дојде како изненадување тоа што човечките судски системи ги манифестираат токму истите тие недостатоци. Разгледај го следново.
Според судијата Ролф Бендер од Германија, во 95 проценти од сите кривични случаи, изјавите од сведоците се одлучувачки како доказен материјал. Но, дали таквите сведоци на судот секогаш се доверливи? Судијата Бендер не мисли така. Тој проценува дека половина од сведоците кои се појавуваат на судот, кажуваат невистини. Бернд Шинеман, редовен професор по кривично право при универзитетот во Минхен (Германија), дал слична забелешка. Во едно интервју за Die Zeit, Шинеман потврдил дека изјавите на сведоците се главниот — иако недоверлив — облик на доказ. „Јас би рекол дека типичната причина за грешките во правдата е тоа што судијата се потпира на недоверливи изјави од сведоците.“
Сведоците се погрешливи; а таква е и полицијата. Особено после некој злочин кој предизвикува јавен бес, полицијата доаѓа под притисок да изврши апсење. Под такви околности, поединечни полицајци подлегнале на искушението да измислат доказ или да го присилат сомнителното лице да признае. Кога шесте мажи обвинети за бирмингемските бомбардирања биле ослободени, британскиот весник The Independent го носел овој ударен наслов: „Вината за пресудата на шестмината фрлена врз корумпираната полиција“. Според The Times: „Полицијата лажела, заговарала и мамела“.
Во некои случаи, предрасудите можат да ги наведат полицијата и јавноста да се посомневаат во поединци од извесна раса, религија или националност. Како што коментира U.S.News & World Report, тогаш разрешувањето на некој злочин може да се изроди во „спорно прашање на расизам наместо на причината“.
Штом еден случај стигне до суд, на одлуките може да влијае не само она што го велат сведоците туку и научниот доказ. Во сѐ покомплицираното форензично поле, судот или поротата може да бидат повикани да ја одредат вината или невиноста на темел на балистиката или на идентификацијата на отпечатокот од прсти, ракописот, крвните групи, боја на косата, конците од текстилот или примероци од ДНК. Еден правник забележал дека судовите се соочени со „чети од научници кои опишуваат процедури со збунувачка сложеност“.
Уште повеќе, списанието Nature забележува дека сите научници не се сложуваат со интерпретацијата на судскиот доказ. „Може да постои вистинско несложување меѓу судските научници.“ За жал, „погрешниот судски доказ веќе бил одговорен за повеќе отколку само за своето фер учество во погрешните пресуди“.
Без разлика каде живееме, сите судски системи кои моментално дејствуваат, ги одразуваат човечките недостатоци. Затоа, во кого можеме да имаме доверба дека ќе го заштити невиниот? Можеме ли да се надеваме дека некогаш ќе има вистинска правда? И каква надеж постои за жртвите на судската грешка?
„Јас, Господ, ја сакам правдата“
Ако ти или некој член на твоето семејство сте жртва на некоја грешка на правдата, Јехова Бог и неговиот Син, Исус, признаваат низ што поминувате. Најужасната неправда на сите времиња била извршена кога Христос бил погубен на маченички столб. Апостол Петар ни кажува дека Исус ‚не направил грев‘. Сепак, тој бил обвинет од лажни сведоци, прогласен за виновен и погубен (1. Петрово 2:22; Матеј 26:3, 4, 59—62).
Замисли како мора да се чувствувал Јехова поради таквото малтретирање на неговиот Син! Правдата е една од Јеховините кардинални особини. Библијата ни кажува: „Сите патишта Негови се праведни“ (5. Мојсеева 32:4; Псалм 32:5).
Јехова му дал на Израел еден извонреден судски систем. Во случај на некое нерешено убиство, смртта била искупувана преку жртва. Немало притисок да се реши секој злочин по цена на казнување на некое невино лице. Никој не можел да биде осуден за убиство чисто на темел на некој посреден или научен доказ; биле потребни барем двајца очевидци (5. Мојсеева 17:6; 21:1—9). Овие примери покажуваат дека Јехова има високи мерила и е заинтересиран правдата да биде исправно спроведена. Всушност, тој вели: „Јас, Господ, ја сакам правдата“ (Исаија 61:8).
Се разбира, израелскиот судски систем бил во рацете на луѓе кои имале недостатоци слични на нашите. Имало случаи кога законот бил погрешно применуван. Царот Соломон напишал: „Ако видиш некаде на сиромав да се врши неправда и да му се одзема судот на правдата, не се чуди на тоа“ (Проповедник 5:7).
Јехова можел да ја исправи неправдата која му била нанесена на неговиот Син. Сигурноста на ова го зајакнала Исус, кој ‚поради Неговата идна радост претрпел крст‘. Слично, радосниот изглед да се живее на рајска Земја под владетелството на Месијата, каде што ќе преовладува вистинска правда, може да нѐ зајакне да истраеме додека слушаме за неправдата во овој стар систем или, пак, ја доживуваме. Не постои штета или навреда која Јехова не може да ја исправи во свое одредено време. Дури и оние кои ги изгубиле своите животи преку некоја судска грешка можат да доживеат воскресение (Евреите 12:2; Дела 24:15).
Доколку страдаме како жртви на неправда, можеме да бидеме благодарни што многу судски системи имаат законски канали кои можат да ни овозможат да ја исправиме ситуацијата. Христијаните можат да ги користат таквите канали. Меѓутоа, тие го имаат на ум овој факт: Несовршените судски системи се одраз на едно човечко општество кое има потреба од едно поголемо реструктуирање. Тоа ќе се случи набргу — под Божјата рака.
Наскоро Јехова ќе го укине овој неправеден систем на ствари и ќе го замени со еден нов систем во кој „ќе се настани правда“. Ние можеме да имаме апсолутна доверба дека тогаш нашиот Творец ќе ја спроведе правдата преку својот месијански Цар, Исус Христос. На дофат е вистинска правда за секого! Колку само можеме да бидеме благодарни за овој изглед (2. Петрово 3:13).
[Фуснота]
a Во случаите спомнати тука, Стражарска кула не сугерира на вината или невиноста на некој поединец ниту, пак, списаниево го поддржува судскиот систем на некоја земја како тој да е подобар од оној на друга. Уште повеќе, ова списание не застапува некаков облик на казнување повеќе од некој друг. Оваа статија едноставно ги наведува фактите онака како што беа познати во времето на нејзиното пишување.
[Истакната мисла на страница 27]
Несовршените судски системи — заедно со корумпираната влада, обезвреднетата религија и непринципиелната трговија — се одраз на едно човечко општество кое има потреба од едно поголемо реструктуирање
[Рамка на страница 28]
Утеха од Светото писмо
Во ноември 1952, Дерек Бентли и Кристофер Крајг провалиле во едно складиште во Кројдон, близу Лондон (Англија). Бентли имал 19 години, а Крајг 16. Била повикана полицијата, и Крајг пукал убивајќи еден од полицајците. Крајг одлежал в затвор девет години, додека Бентли, во јануари 1953, бил обесен заради убиство.
Сестрата на Бентли, Ирис, повела една 40-годишна кампања за да го оправда дека тој не го извршил убиството. Во 1993, Круната издала извинување во врска со казната, признавајќи дека Дерек Бентли не требало никогаш да биде обесен. Во врска со случајот, Ирис Бентли во книгата Let Him Have Justice, напишала:
„Отприлика една година пред пукањето, тој сретнал на улица една жена Јеховин сведок . . . Сестра Лејн живееше недалеку од нас, на улицата Фервју, и го поканила Дерек дома за да слуша библиски приказни . . . Беше од помош тоа што сестра Лејн ги имала библиските приказни на касети, кои му ги позајми [бидејќи Дерек беше слаб читач] . . . Тој се враќаше дома и ми кажуваше што му кажала таа, работи како на пример дека сите ние повторно ќе се вратиме откако ќе умреме“.
Ирис Бентли го посетила својот брат во ќелијата за осуденици на смрт, пред неговото погубување. Како се чувствувал тој? „Оние работи кои му ги кажала сестра Лејн му помогнаа во текот на тие последни неколку денови“ (курзивот е од нас).
Ако поднесуваш тешкотија поради некоја грешка на правдата, би било добро да читаш и да медитираш за библиските вистини. Тоа може да обезбеди голема утеха, зашто Јехова Бог е „Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака“ (2. Коринтјаните 1:3, 4).
[Слика на страница 29]
Кога Христос бил погубен, била извршена една ужасна неправда