ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w98 15/6 стр. 9-11
  • Една многу посебна свадба

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Една многу посебна свадба
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Поднаслови
  • Подготовка за настанот
  • Радосна прилика
  • Тешкотии при патувањето
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
w98 15/6 стр. 9-11

Една многу посебна свадба

НА СЕВЕРОТ од Мозамбик лежи една бујна долина опкружена со прекрасни планини — некои карпести други, пак, покриени со бујна вегетација. Таму е лоцирано селото Фингое. Во јасните зимски ноќи, небесата блескаат од ѕвезди, а месечината е толку сјајна што ги осветлува домовите на селаните со сламени покриви. Во овој прекрасен амбиент се одигра една особена свадба.

Стотици луѓе со часови, па дури и со денови пешачеа за да присуствуваат на оваа посебна прилика. Некои преминаа преку негостољубиви и опасни региони населени со хиени, лавови и слонови. Освен личниот багаж, многу посетители со себе носеа пилиња, кози и зеленчук. Откако стигнаа во селото, тие отидоа на едно отворено подрачје кое обично се користи за христијанските конгреси. Иако уморни од патувањето, тие беа среќни, и нивните насмеани лица го одразуваа желното очекување на она што требаше да следи.

Кои беа лицата што се венчаваа? Ги имаше многу! Да, голем број двојки. Тие не беа дел од некоја сензационална масовна свадба. Напротив, тие беа искрени и исправно мотивирани двојки кои претходно не можеле да го регистрираат својот брак бидејќи живеат во оддалечени региони, далеку од матичните служби. Сите тие двојки, кога ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци, станале свесни за божествените мерила во поглед на бракот. Научиле дека, за да му угодат на својот Творец, Основачот на бракот, треба да се венчаат според законите на земјата, токму како што Јосиф и Марија се повиниле на барањата за попис отприлика во времето на Исусовото раѓање (Лука 2:1—5).

Подготовка за настанот

Канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мозамбик реши да помогне. Првин, беше контактирано со Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи во главниот град на земјата, Мапуто, за да се одреди кои процедури ги бара законот. Како следно, мисионерите од главниот град на провинцијата Тете стапија во контакт со локалните власти за понатаму да ги координираат подготовките. Беше одреден датум со цел мисионерите и службениците од нотариусот и од Граѓанскиот оддел за идентификација да допатуваат во селото Фингое. Во меѓувреме, канцеларијата на подружницата испрати едно писмо со објаснување кое им обезбедуваше упатства на сите собранија кои беа вклучени. И Сведоците и локалните службеници желно го очекуваа уникатниот настан.

Во неделата, на 18 мај 1997, тројца мисионери заедно со владините службеници пристигнаа во Фингое. Локалните власти подготвија удобно сместување за службениците, во соседството на административната зграда. Меѓутоа, посетувачките службеници беа толку импресионирани од гостољубивоста на Јеховините сведоци што тие претпочитаа да бидат сместени со мисионерите во импровизираните колиби. Беа изненадени кога дознаа дека еден од готвачите беше старешина во локалното собрание и дека, меѓу волонтерите кои вршеа пониски работи околу подготовката за свадбата беше и еден покраински надгледник. Исто така, тие го забележаа доброто расположение на мисионерите кои, без да се жалат, се сместија во една обична колиба и се капеа користејќи една мала канта. Никогаш пред тоа не виделе една таква силна врска меѓу луѓе со толку различни заднини. Меѓутоа, она што најмногу ги импресионираше беше верата која се покажа при правењето големи жртви за да се дојде во склад со законот на земјата и со Божјето уредување.

Радосна прилика

Како што двојките пристигнуваа, веднаш се подготвуваа за првата етапа од венчавката: набавување извод од книгата на родените. Сите стрпливо чекаа во ред пред тимот од Граѓанската матична служба за да ги добијат своите лични податоци. Потоа, продолжуваа во друг ред за да бидат фотографирани, а после тоа, одеа до тимот од Граѓанскиот оддел за идентификација со цел да ги добијат своите лични карти. Како следно, се враќаа кај тимот од Граѓанската матична служба заради подготовка на многу посакуваниот извод од книгата на венчаните. После тоа стоеја, стрпливо чекајќи нивните имиња да бидат прозвани преку мегафонот. Врачувањето на изводите од книгата на венчаните беше една емоционална сцена. Имаше голема радост додека секоја двојка го држеше својот извод од книгата на венчаните како некој драгоцен трофеј.

Сево ова се случуваше под горештото Сонце. Сепак, радоста на приликата не беше попречена од жештината и прашината.

Мажите беа елегантно облечени, многумина во сакоа и кравати. Жените беа облечени на традиционален начин, што вклучуваше долг материјал со богат колорит околу нивните струкови, наречен капулана. Некои носеа бебиња завиткани во сличен материјал.

Работите течеа добро, но имаше премногу луѓе за да поминат во еден единствен ден. Кога падна мрак, владините службеници љубезно решија да продолжат да ги опслужуваат двојките. Тие коментираа дека не би можеле да ги остават „нашите браќа“ да чекаат, откако овие направиле толку голема жртва да бидат таму. Овој дух на соработка и самопожртвуваност ќе биде засекогаш запаметен.

Со ноќта дојде и јак студ. Иако неколкумина беа сместени во колибите, повеќето од двојките беа надвор, свиткани околу огновите. Тоа не ја намали среќата на приликата. Над потпукнувањето на огновите се креваше глас на смеа и песна — пеење во четвороделно созвучје. Многумина споделуваа приказни за своето патување, стискајќи ги своите новодобиени документи.

Кога се раздени, некои се упатија кон центарот на селото за да ги продадат своите пилиња, кози и зеленчук, со цел да приложат кон трошокот за регистрирањето на своите бракови. Многумина навистина дадоа „жртви“ од тие животни, продавајќи ги далеку под нивната реална вредност. За сиромашните луѓе, една коза е драгоцена и скапа работа; сепак, тие беа спремни да ја дадат оваа жртва за да се венчаат и да му угодат на својот Творец.

Тешкотии при патувањето

Некои двојки пешачеле долги растојанија за да бидат таму. Тоа беше случај со Чамбоко и со неговата сопруга Хакулера. Тие ја раскажаа својата приказна на втората ноќ од настанот додека ги грееја своите нозе крај огнот. Иако стар 77 години, слеп со едното око и со слаб вид на другото, Чамбоко пешачел босоног три дена, придружуван од остатокот на неговото собрание, зашто бил решен да ја озакони својата 52-годишна заедница.

Анселмо Кембо, 72-годишен, веќе живеел со Нери околу 50 години. Неколку дена пред патувањето, тој сериозно ја набодел својата нога на еден голем трн додека ја култивирал својата плантажа. Брзо бил префрлен до најблиската болница заради лечење. Сепак, одлучил да патува пешки, куцајќи со болка сиот пат до Фингое. Тоа траело три дена. Анселмо не можеше да ја задржи својата радост додека в рака го држеше својот извод од книгата на венчаните.

Друг младоженец вреден за внимание беше Еванс Синоја, поранешен полигамист. Кога ја научил библиската вистина од Божјата Реч, решил да ја озакони својата заедница со првата сопруга, но таа одбила, напуштајќи го заради друг човек. Неговата втора сопруга, која исто така ја проучувала Библијата, се сложила да се венча со него. Обајцата пешачеле низ еден опасен регион населен со лавови и други диви животни. После тридневно патување, и тие успеаја законски да се венчаат.

Во петокот, пет дена по пристигнувањето на мисионерите и службениците, работата беше извршена. Како резултат на сето тоа, беа издадени 468 лични карти и 374 изводи од книгата на родените. Бројот на изводите од книгата на венчаните беше 233! Атмосферата беше еуфорична. И покрај заморот, сите се сложија дека тоа навистина беше исплатливо. Без сомнение, таа прилика ќе остане неизбришливо забележана во умовите и срцата на сите кои беа вклучени. Тоа навистина беше една многу посебна свадба!

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели