Семејството — итен случај!
„И ОТТОГАШ среќно си живееја.“ Овој завршеток од приказните денес се применува на сѐ помалку и помалку бракови. Венчалното ветување дека ќе се љубат еден со друг ‚во добро и во лошо сѐ додека се живи‘, премногу често е само реторичко. Веројатноста да се има среќно семејство изгледа како коцкање со мали шанси.
Меѓу 1960 и 1990, стапките на разводите во западните индустријализирани земји биле повеќе од двојни. Во некои земји, тие се зголемиле за четирипати. На пример, во Шведска секоја година се склучуваат околу 35.000 бракови, а околу половината од нив ќе се распаднат, вклучувајќи околу 45.000 деца. Двојките кои живеат заедно без брак, се разидуваат со уште поголема стапка, што влијае врз натамошни десетици илјади деца. Сличен тренд излегува на виделина во земји ширум светот, како што се гледа од рамката на страница 5.
Вистина, растурените семејства и распаднатите бракови не се новост во историјата. Хамурабиевиот законик од 18 век пр. н. е. вклучувал закони што дозволувале развод во Вавилонија. Дури и Мојсеевиот закон, воведен во 16 век пр. н. е., дозволувал развод во Израел (5. Мојсеева 24:1). Меѓутоа, семејните врски никогаш не биле послаби отколку во овој 20 век. Пред повеќе од една деценија, еден новински колумнист напишал: „За педесет години, можеби нема ни да имаме семејства во традиционална смисла. Тие би можеле да бидат заменети со колективи од поинакви видови“. А трендот оттогаш наваму изгледа го потврдува неговото мислење. Семејната институција толку брзо се расипува што прашањето: „Дали ќе преживее?“ станува сѐ позначајно.
Зошто на толку многу двојки им е толку тешко да се држат еден за друг и да задржат обединето семејство? Која е тајната на оние кои се држеле заедно во текот на еден долг живот, среќно прославувајќи ги своите сребрени и златни свадбени годишнини? Патем речено, во 1983 било известено дека еден човек и една жена во поранешната советска република Азербејџан ја прославиле својата 100-та свадбена годишнина — на возраст од 126 и 116 години.
Каква е заканата?
Во многу земји, некои од причините за законски развод се прељуба, ментална или физичка суровост, напуштеност, алкохолизам, импотенција, умоболност, бигамија и зависност од дрога. Меѓутоа, една поглавна причина е тоа што фундаменталниот став спрема бракот и традиционалното семејство радикално се променил, особено во текот на последниве децении. Почитта спрема една институција која долго била сметана за света, е нагризана. Алчните производители на музика, филмови, ТВ сапуници и популарна литература ја величаат таканаречената сексуална слобода, неморалноста, распуштеното однесување и егоистичкиот начин на живот. Тие унапредуваат една култура која ги загадила умовите и срцата и на младите и на старите.
Една анкета од 1996 покажала дека 22 отсто од Американците велат оти вонбрачните афери понекогаш можат да бидат добри за бракот. Едно специјално издание на еден од најголемите шведски весници, Aftonbladet, ги поттикнало жените да се разведат затоа што „тоа може само да биде подобро“. Некои поп-психолози и антрополози дури шпекулирале дека човекот е „програмиран“ од еволуцијата секои неколку години да ги менува партнерите. Со други зборови, тие сугерираат дека вонбрачните афери и разводи се природни. Некои дури аргументираат дека разводот на родителите би можел да биде добар за децата, подготвувајќи ги еден ден да се соочат со нивниот сопствен развод!
Многу младинци повеќе не сакаат да водат традиционален семеен живот со татко, мајка и деца. „Не можам да си замислам цел живот да живеам со истиот партнер“ — гласи едно популарно гледиште. „Бракот е како Божиќ, чиста бајка. Едноставно не верувам во него“ — рекло едно 18-годишно момче од Данска. „Чувството е зошто да се мачиш да живееш со [мажи] и да им ги переш чорапите“ — изјавила Норин Бирн од Националниот совет на жените од Ирска. „Само излези и играј си со нив . . . Многу жени заклучуваат дека не им се потребни мажи за да преживеат.“
Домаќинствата со еден родител во пораст
Насекаде низ Европа овој став довел до брз пораст на самохрани мајки. Некои од овие самохрани родители се тинејџери кои мислат дека една непланирана бременост не е грешка. Некои се жени кои сакаат сами да го подигаат своето дете. Повеќето се мајки кои некое време живеат заедно со таткото без никакви планови да се омажат за него. Минатата година, списанието Newsweek објавило насловна приказна во врска со прашањето „Смрт на бракот?“ Тоа навело дека во Европа процентуалноста на вонбрачни новороденчиња сѐ повеќе расте и дека изгледа никому не му е гајле. Шведска можеби е на врвот на листата, со половина од сите бебиња родени надвор од брак. Во Данска и во Норвешка е речиси секое второ, а во Франција и во Англија скоро секое трето.
Во Соединетите Држави, семејствата со два родитела драматично опаднале во последниве неколку децении. Еден извештај вели: „Во 1960 . . . 9 отсто од сите деца живееле во домови со еден родител. До 1990, тој број порасна за 25 отсто. Денес, 27,1 отсто од сите американски деца се родени во домови со еден родител, бројка која е во пораст . . . Од 1970 наваму, бројот на семејствата со еден родител се зголемил за повеќе од двојно. Традиционалното семејство денес е толку загрозено што би можело да биде на работ од истребување, велат некои истражувачи“.
Во земјите каде што Римокатоличката црква изгубила многу од својот морален авторитет, семејствата со еден родител се во пораст. Помалку од половината италијански домаќинства се состојат од мајка, татко и деца, а традиционалното семејство се заменува со бездетни двојки и со домаќинства со еден родител.
Системот за социјална помош во некои земји, всушност, ги охрабрува луѓето да не се венчаваат. Самохраните мајки кои добиваат социјална помош би ја изгубиле доколку се омажат. Самохраните мајки во Данска добиваат дополнителни детски додатоци, а во некои општини малолетните мајки добиваат екстра готовина и им се плаќа рентата. Значи, вклучени се пари. Алф Б. Свенсон тврди дека еден развод во Шведска даночните обврзници ги чини помеѓу 250 илјади и 375 илјади долари во додатоци, надоместоци за станарина и социјална помош.
Се чини дека црквите на христијанскиот свет прават малку или ништо за да се обидат да го променат овој опустошувачки тренд меѓу семејствата. Многу пастори и свештеници се борат со своите сопствени семејни кризи, на тој начин чувствувајќи се неспособни да им помогнат на другите. Се чини дека некои дури и го поддржуваат разводот. Aftonbladet од 15 април 1996 известил дека пасторот Стивен Ален од Брадфорд (Англија) составил една посебна разводна церемонија за која укажува дека треба да послужи како официјален чин во сите британски цркви. „Тоа е служба на лечење за да му се помогне на лицето да се фати во костец со она што му се случило. Тоа му помага да сфати дека Бог сѐ уште го љуби и дека го ослободува од болката.“
Според тоа, накаде оди семејната институција? Дали постои надеж за нејзино преживување? Можат ли поединечни семејства да го сочуваат своето единство додека се под една таква голема закана? Молиме, разгледај ја следната статија.
[Табела на страница 5]
ГОДИШНО СКЛУЧЕНИ БРАКОВИ СПОРЕДЕНИ СО РАЗВОДИ ВО НЕКОИ ЗЕМЈИ.
ЗЕМЈА ГОДИНА БРАКОВИ РАЗВОДИ
Австралија 1993 113.255 48.324
Германија 1993 442.605 156.425
Данска 1993 31.507 12.991
Естонија 1993 7.745 5.757
Јапонија 1993 792.658 188.297
Канада 1992 164.573 77.031
Куба 1992 191.837 63.432
Малдиви 1991 4.065 2.659
Норвешка 1993 19.464 10.943
Обединетото 1992 356.013 174.717
Кралство
Порторико 1992 34.222 14.227
Руска Федерација 1993 1.106.723 663.282
Соединетите 1993 2.334.000 1.187.000
Држави
Франција 1991 280.175 108.086
Чешка Република 1993 66.033 30.227
Шведска 1993 34.005 21.673
(Темелено на 1994 Demographic Yearbook, Обединетите нации, Њујорк 1996)