Добра вест за рајот на Тахити
ТАХИТИ! Се чини како името да носи извесна егзотична примамливост. Го направиле прочуено сликари и писатели како што се Пол Гоген, Роберт Луис Стивенсон и Херман Мелвил, чие сликовито прикажување на тропската убавина и на спокојството на Јужните морски острови ја пленило имагинацијата на многумина.
Тахити е најголемиот од повеќето од 120-те острови во Француска Полинезија, сместен во Јужниот Пацифик. Иако во мислите на повеќето луѓе овој остров од Јужното Море е речиси синоним за рајот, народот на Тахити сѐ уште има потреба да слушне за еден друг рај кој ќе дојде наскоро (Лука 23:43). Јеховините сведоци, кои денес на Тахити ги има вкупно 1.918, зафатени се со тоа да им ја кажуваат на 220.000 луѓе добрата вест дека Божјето Царство наскоро ќе воведе вистински рајски услови не само на Тахити туку и на целата Земја (Матеј 24:14; Откровение 21:3, 4).
Многу години делото на проповедање на Тахити беше управувано од канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society на Фиџи, оддалечен околу 3.500 километри. Големата далечина ги отежнуваше работите и напредокот беше бавен. Затоа, на 1 април 1975, на Тахити беше основана канцеларија на подружницата и тоа означи една пресвртница во активноста на вистинските христијани во ова подрачје. Што доведе до ваквиот развој и како започна делото на проповедање на Тахити?
Мал почеток
Добрата вест за Царството за првпат беше слушната на Тахити во 1930-тите, и многу од островјаните кои имаат здраво почитување за Библијата, одговориле со голем интерес. Меѓутоа, како резултат на забраната од владата и поради другите рестрикции, сѐ до доцните 1950-ти сѐ уште немаше Сведоци на островот. Во тоа време, Ањес Шенк, која беше родум од Тахити а живееше во Соединетите Држави, одлучи да се врати на Тахити заедно со својот сопруг и со синот. Таа објаснува како се случило сето тоа.
„Во 1957 година, на обласниот конгрес во Лос Анџелес, брат Нор [тогашен претседател на Watch Tower Society] објасни дека на Тахити има голема потреба од објавители на Царството. Тогаш веќе една година бев крстена и извикнав: ‚Ајде да одиме на Тахити!‘ Две семејства, Нил и Карано, наши добри пријатели, ме слушнаа. Ни рекоа дека би сакале да дојдат со нас, но ние немавме многу средства. Мојот сопруг беше болен долго време, а син ми беше многу мал. Затоа ни беше тешко да заминеме. Пријателите од соседните собранија слушнаа за нашата цел и ни испратија парични средства и работи за домаќинството. Така, во мај 1958 отпловивме на Тахити, а меѓу останатите работи имавме 36 чаршафи!
Кога пристигнавме на Тахити, се чувствував потполно изгубена затоа што веќе 20 години бев замината од островот. Почнавме да проповедаме, но моравме да внимаваме затоа што нашето христијанско дело беше под забрана. Моравме да ги криеме списанијата и ја користевме само Библијата. На почетокот им сведочевме само на луѓето кои веќе беа претплатени на списанијата Стражарска кула и Разбудете се!
Клајд Нил и Дејвид Карано, заедно со своите семејства, ни се придружија после меѓународниот конгрес во Њујорк Сити во 1958 година. Проповедавме заедно и ги каневме луѓето да дојдат да ги чујат предавањата што ќе се изнесат по домовите на браќата. Малку по малку работите се организираа и формиравме една група за проучување на Библијата со 15 луѓе. После три месеци, семејствата Нил и Карано мораа да си заминат бидејќи истекоа нивните туристички визи. Затоа браќата одлучија, пред да си заминат, да ги крстат сите заинтересирани кои се квалификуваа за тоа. Имав предност да бидам преведувач на првиот говор за крштавање. Во оваа прилика, осум родени островјани го симболизираа своето предание на Јехова со крштавање. После тоа семејствата Нил и Карано се вратија во Соединетите Држави.
Делото на проповедање продолжи. Се организиравме во мали групи и одевме кај луѓето навечер. Честопати, дискусиите со заинтересираните траеја сѐ до полноќ. Понекогаш дури и министрите на протестантите ни се придружуваа во дискусиите. До 1959 година беше формирано првото собрание. Потоа, на наша огромна радост, во 1960 година владата официјално го призна здружението на Јеховините сведоци. Тие рани години беа исполнети со радост и со духовни врвни моменти. Јехова навистина ја благослови нашата одлука да се преселиме онаму каде што потребата беше поголема“. Сега, сестра Шенк има 87 години и сѐ уште верно му служи на Јехова во своето собрание.
Делото оди напред
Во 1969 година, двајца Сведоци од Франција, Жак и Полет Иноди, беа доделени на Тахити како специјални пионери. Жак се сеќава: „Кога пристигнавме на Тахити, таму имаше само 124 објавители, едно собрание во Папете и двајца специјални пионери во Ваирао, на полуостровот“. Полуостровот е поврзан со Тахити преку една превлака. Наскоро требало да се одржи меѓународниот собир „Мир на Земјата“. „Тоа беше моето прво искуство во организирањето на конгрес“, продолжува Жак. „Требаше да планираме англиски дел за посетителите, да поставиме оркестар за песните на Царството и да извежбаме две драми. Целата оваа работа ја извршија само 126 објавители. Јас сум сигурен дека Јехова го направи најголемиот дел.“ Островјаните беа восхитени од 488-те присутни. Многу од нив тогаш за првпат сретнаа со-Сведоци од други земји.
Кратко после тоа, Жак Иноди беше доделен како патувачки надгледник. Додека тој ги посетуваше различните острови, виде дека имаше голем интерес но малку објавители на Царството за да го негуваат. „Затоа охрабрив многу семејства да се преселат на тие острови за да служат онаму каде што потребата е поголема“, објаснува Жак. „И така, малку по малку, добрата вест се рашири до тие архипелази.“ Брат Иноди служеше како патувачки надгледник од 1969 до 1974, а денес тој е старешина во едно од собранијата на Тахити.
Меѓу оние што одговорија на охрабрувањето на брат Иноди беше Огест Теманаха, кој беше еден од осумте крстени во 1958 година. Тој раскажува што се случило. „Во 1972, покраинскиот надгледник Жак Иноди нѐ охрабри да размислиме за преселба за да служиме на Хуахине, еден од островите Ливард во групата на Општествените острови. Јас се двоумев затоа што единствено одржував читање на Библијата во собранието и не се чувствував квалификуван за да ми биде доверена таква одговорност. Меѓутоа, брат Иноди постојано ми велеше: ‚Не грижи се, ти можеш да го направиш тоа!‘ После некое време донесовме одлука. Затоа, во 1973 година продадовме сѐ и со нашите три дечиња се преселивме на Хуахине.
Кога пристигнавме, открив дека ќе треба да почнам сѐ — студија на Стражарска кула, Теократска школа за служба итн. Не беше лесно, но ја искусивме Јеховината заштита и помош. Во неколку прилики ни помогна да најдеме место за живеење. Потоа, кога една група противници се обиде да ги истера Сведоците од островот, еден локален политичар застана за да нѐ одбрани. Јехова навистина нѐ чуваше сето тоа време“. Сега, на Хуахине има две собранија — едно француско со 23 објавители и едно тахитско со 55 објавители.
Во 1969 година, Хелен Мапу беше доделена како специјален пионер за да работи на полуостровот. „На полуостровот имаше голем интерес и за кратко време започнав многу библиски студии“, вели Хелен. Наскоро во Ваирао се оформи едно мало собрание, но беа потребни старешини. Со текот на времето, Колсон Ден, кој живееше на 35 километри, во Папара, можеше да даде помош. „Требаше да бидеме добро организирани за да служиме во Ваирао“, раскажува брат Ден. „Јас работев во Фа, 70 километри од Ваирао, на другата страна од островот. После работа морав да брзам дома, да го соберам семејството и потоа да одиме во Ваирао. Подоцна моравме да се преселиме во Фа заради мојата работа. Дали сѐ уште ќе можеме да го поддржуваме собранието Ваирао? Навистина сакавме да им помогнеме на браќата таму и затоа одлучивме да продолжиме. Вечерите кога имаше состаноци ретко бевме дома пред полноќ затоа што моравме да патуваме неколку пати за да ги однесеме дома оние што немаа автомобили. Тоа го правевме пет години. Сега причинува огромна радост да се видат четири собранија на овој дел од островот и имаме пријатни спомени од тие денови“.
Тахити станува подружница
До 1974 година, бројот на објавителите на Царството на Тахити порасна на 199. Следната година, кога Н. Х. Нор и Ф. В. Франц, тогашниот претседател со потпретседателот на Watch Tower Society, ја посетија Француска Полинезија, видоа дека ќе биде попрактично делото на проповедање во Француска Полинезија да биде управувано од Тахити, а не од Фиџи кој е оддалечен преку 3.500 километри. Со тоа, на 1 април 1975 година почна да дејствува подружница на Тахити и покраинскиот надгледник Алаин Џамет беше наименуван како надгледник на подружницата.
Пред неколку години, брат Џамет можеше да ги преброи прекрасните благослови од Јехова. „Од 1975 година се вложуваа огромни напори за да се однесе добрата вест до сите острови и архипелази на нашето подрачје, кое опфаќа простор колку Западна Европа. Резултатите нѐ правеа среќни. До 1983 година, бројот на објавителите порасна на 538. Во таа година, во Пеа беше изградена една зграда за канцеларија на подружницата и за бетелски дом. Сега, таму има околу 1.900 објавители кои се расеани во 30 собранија на Општествените острови, едно собрание и една изолирана група на островите Тубуај, едно собрание и две изолирани групи на Маркиските острови, како и неколку изолирани групи на островите Туамоту и Гамбиер. Се градат многу нови Сали на Царството — три на Маркиските острови и седум на Тахити — за да се води грижа за сѐ поголемиот број нови кои доаѓаат на состаноците. Во последните 20 години, Јехова навистина ги благослови нашите напори да го одгледуваме полето на Тахити.“
Сѐ уште има да се стори многу
Изгледите за пораст во Француска Полинезија се одлични. На 23 март 1997 година, околу 5.376 луѓе се собраа со Јеховините сведоци од цела Француска Полинезија за Меморијалот на смртта на Исус Христос. За да им се задоволат духовните потреби на овие заинтересирани луѓе, нашите библиски публикации се ставени на располагање на неколку локални јазици. Освен на тахитски, се подготвува литература и на паумоту, кој се зборува на Архипелагот Туамоту, како и на Јужните и на Северните Маркиски острови.
Постојаниот раст и убавите искуства им помогнале на објавителите на Царството на Тахити поцелосно да ја ценат љубовта и стрпливоста на Јехова „кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“, па дури и на оддалечените острови на Јужното Море (1. Тимотеј 2:4). Јеховините сведоци на Тахити и на другите острови на Француска Полинезија имаат целосна вера во Јеховиното ветување: „Островите ќе се надеваат на Мене и ќе се надеваат на мишката Моја“ (Исаија 51:5).
[Карта на страница 26]
Подружницата на Тахити се грижи за потребите на Француска Полинезија
АВСТРАЛИЈА
[Слика на страница 25]
Од лево надесно: брат Алаин Џамет, Мариен Џамет, Ањес Шенк, Полет Иноди и Жак Иноди
[Слика на страница 27]
Канцеларијата на подружницата на Тахити