Пасиште за лицата слични на овци во земјата Навахо
ХОЖОНИ — на јазикот на Навахо Индијанците значи „прекрасен“, и на тој начин Навахо народот ја опишува својата земја. Од 1868, владата на Соединетите Држави им додели на Навахо Индијанците околу 62.000 квадратни километри резерватска земја во североисточна Аризона, околу она што се вика четири агли, каде што се среќаваат четирите држави Аризона, Колорадо, Њу Мексико и Јута. Долината на Споменикот, прославена од вестерн филмовите, сега е сочувана како Навахо племенски парк и привлекува туристи од целиот свет. Долината се одликува со спектакуларни 300-метарски црвени песочни монолити, кои се извишуваат во прекрасна изолираност над високите пустински рамници. Соодветно на тоа, навахо терминот за долината значи „просторот меѓу карпите“.
Навахо народот како целина е познат по своите понизни манири, срдечната гостопримливост и тесно поврзаните проширени семејства. 170-те илјади жители на резерватот живеат главно во изолирани населби, следејќи ги традиционалните начини на живот. Некои сѐ уште одгледуваат овци и живеат во дрвени колиби покриени со земја, наречени хогани. Навахо уметностите и занаетите имаат постигнато широка популарност. Особено се ценети нивните ќилими и ќебиња со шарени геометриски или традиционални дизајни, исткаени од овча волна. Подеднакво добро познат е и навахо сребрениот накит со тиркизни и други природни материјали.
Донесување на добрата вест до земјата Навахо
Веќе преку 30 години Јеховините сведоци доаѓаат во земјата Навахо не само за да гледаат знаменитости туку и за да ја донесат добрата вест за Божјето Царство до луѓето во ова оддалечено подрачје (Матеј 24:14). Општите и специјалните пионери на Јеховините сведоци го презедоа водството во проповедничкото дело. Мнозина од нив дојдоа оѕвивајќи се на повиците од патувачките надгледници и од локалните Сведоци да помогнат таму каде што потребата е поголема. Некои дојдоа од блиските собранија додека, пак, други, вклучувајќи и членови на различни домородечки американски племиња, дојдоа од разни делови на Соединетите Држави.
Овие самопожртвувани мажи и жени својата овдешна служба ја споредија со мисионерска доделба. Зошто? Како најпрво, домородечките јазици се крајно тешки за учење поради нивните сложени гласови, структура и изрази. Потоа, домородечкиот народ во голема мера цврсто се држи за своите традиционални обичаи во поглед на религијата, структурата на семејството и живеењето блиску до земјата. Освен тоа, сместување и работа ретко се наоѓа за не-Индијанците, што им отежнува да останат овде оние кои се преселија. Најпосле, долгата историја на малтретирање на овие луѓе од рацете на белиот човек, разбирливо, во нив всадила извесен степен на недоверба спрема надворешните.a
Отпрвин, кога Сведоците одеа во посета од куќа до куќа, дотерани и со вратоврски, погрешно се мислеше дека се Мормони, и мнозина не сакаа да ја отворат вратата. Кога тие се префрлија на посекојдневна облека, беа примани внатре, честопати на еден час или подолго. Сега, луѓето ги препознаваат Јеховините сведоци иако деловната облека повторно се користи во службата.
Самото доаѓање до луѓето кои живеат во Навахо резерватот претставува вистински предизвик. Возењето со километри по необележани патишта, кои може да бидат карпести, песокливи и калливи, е вообичаеност. Се разбира, ова додатно ги истрошува возилата и патниците. Возилата може и да заглават, но минувачите обично се спремни да помогнат. Да се посетуваат заинтересираните, да се оди на домашна библиска студија или, пак, да се одвезе некого на христијански состанок — сето тоа изискува патување во два правца по повеќе часови. Но, Сведоците спремно се даваат себеси, со што ја покажуваат својата љубов кон домородечкиот народ. (Спореди 1. Солунјаните 2:8.)
Припадниците на Навахо уживаат во библиските дискусии. Обично, ќе го соберат целото семејство — деца, родители, дедовци и баби — за да чујат за надежта во врска со идниот рајски дом за човештвото. Кога бил запрашан како си го замислува рајот, еден Навахо Индијанец одговорил: „Зелен, со многу овци“, со што ја одразил нивната љубов кон земјата и кон нивните стада. Исто така, тие ја ценат и библиската литература, покажувајќи го ова повремено со тоа што даруваат бисери, некој калап сапун, конзервирано млеко и слично, за поддршка на службата за Царството. Еден специјален пионер во период од една година направи околу 200 претплати на списанијата Стражарска кула и Разбудете се! вклучувајќи и две кај еден човек кој јавал на коњ.
Подигање „овчи логор“
Кога ќе дојде лето, време е Навахо овчарот да го пресели своето стадо во некој овчи логор. Овој летен дом за овците, избран поради неговата близина до зелените пасишта и добрите извори со вода, му помага на стадото да напредува. Во симболична смисла, една Сала на Царството може да се спореди со еден таков логор — духовно пасиште и извор на води на вистината. Луѓето кои доаѓаат можат да најдат духовно освежување кое ги прави духовно здрави и цврсти.
Некое време, состаноците се одржуваа во една школска училница во Кајента (Аризона). Потоа, во август 1992, со помошта на стотици Сведоци волонтери од неколку држави, во Кајента беше изградена нова Сала на Царството. Оваа Сала на Царството, како и неколку други во регионот, во мислите на мештаните пренесува чувство на трајност во поглед на проповедничкото дело. Во другите Сали на Царството кои служат на ова огромно подрачје, спаѓаат оние во Туба Сити и Чинле — обете во резерватот, една во Кимс Кањон на племенската земја на Хопи Индијанците внатре во резерватот Навахо, како и повеќе други во градовите кои граничат со резерватот. Каков беше исходот?
Силен одѕив на пораката за Царството
Во Кајента, откако беше изградена Салата на Царството, беа крстени повеќе од дузина мештани, што го покажа Јеховиниот благослов врз ова место на вистинско обожавање. Салата дава доказ дека Јеховините сведоци ќе останат овде и истата гради доверба во добрата вест за Царството што ја проповедаат тие. Неодамна, таму беше одржано првото јавно библиско предавање на јазикот навахо. На 40-темина членови на собранието им беше драго да им изразат добредојде на 245 лица на предавањето за одговорностите на родителството. Со благодарни срца, едно семејство од осум души патуваше три часа во еден правец за го чуе предавањето — нивната прва посета воопшто на една Сала на Царството.
Друга корисна алатка што ја обезбеди Јехова е брошурата Радувај се на животот засекогаш на Земјата! на јазикот навахо. Преведувањето на брошурата на навахо — еден крајно сложен јазик — претставуваше огромен предизвик. Преведувачите колективно поминаа преку 1.000 часа за да се осигураат дека брошурата исправно ја пренесува пораката за Царството. Од нејзиното излегување при крајот на 1995, локалните Сведоци дадоа неколку илјади примероци од неа, што доведе до дузини библиски студии со трагачите по вистината.
Како што објавителите на Царството го учат, јазикот навахо сѐ повеќе и повеќе се користи во службата. Собранијата во подрачјето почнаа да го користат навахо јазикот во Теократската школа за служба, и се држат часови по навахо за обука на објавителите. Освен тоа, програмата на локалните собири исто така се преведува на навахо. Сиве овие напори секако ќе доведат до уште поголем одѕив во резерватот.
Меѓу плодовите на Царството во овој индијански резерват не треба да се превидат и прекрасните духовни особини што ги манифестираат нашите навахо браќа. Џими и Сандра седум години ги носеа своите пет деца по 120 километри во еден правец за да присуствуваат на седмичните состаноци. Семејството има драги спомени од пеењето песни на Царството и од заедничкото проучување на Библијата за време на нивните долги патувања. Родителската ревност и љубов кон вистината ги мотивираа децата да го следат нивниот пример за да станат предадени фалители на Јехова. Четири од нив сега служат како општи пионери, а Џими е старешина. За да биде радоста на ова семејство уште поголема, Џимиевата сестра Елси неодамна стана првата крстена личност која зборува само навахо.
Локалните овчари и нивните стада им придаваат едно чувство на пасторално спокојство на камените монументи кои го красат Навахо резерватот. Во врска со Јехова пророкот Исаија одамна прорекол: „Како пастир ќе го пасе Он стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Он во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води доените [доилките, НС]“ (Исаија 40:11). Преку својот Добар Пастир, Исус Христос, Јехова ги собира на своето духовно пасиште сите оние од Навахо резерватот кои посакуваат да ја чујат добрата вест за Царството и да имаат прилика да добијат негов вечен благослов.
[Фуснота]
a Види ги изданијата на Разбудете се! од 8 мај 1948; 22 февруари 1952; 22 јуни 1954 (сите англ.) и 8 септември 1996 (срп.).
[Слика на страница 24]
Навахо овчарка ја слуша добрата вест