ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 1/12 стр. 24-28
  • Јехова ми беше засолниште

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јехова ми беше засолниште
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Важна посета
  • Нашиот став за библиската вистина
  • Издржување силно прогонство
  • Борење со тешки болести
  • Пионерење и покрај прогонство
  • Наградувачко искуство
  • Јехова беше добар со мене
  • Најдов вистинско богатство во Австралија
    Разбудете се! 1994
  • Радосна што и покрај тешкотиите воспитав осум деца да му служат на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Повеќе од 50 години ‚преминување‘
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Едно оставено сираче си наоѓа грижлив татко
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 1/12 стр. 24-28

Јехова ми беше засолниште

РАСКАЖАЛА ПЕНЕЛОПИ МАКРИС

Мајка ми горливо ме преколнуваше: „Остави го твојот сопруг; твоите браќа ќе ти најдат подобар“. Зошто мајка ми, полна со љубов, бараше од мене да си го растурам бракот? Што толку ја вознемири?

РОДЕНА сум 1897, во малото село Амбелос, на грчкиот остров Самос. Сите во семејството бевме побожни членови на Грчката православна црква. Татко ми умрел кратко пред да се родам, а мајка ми, моите тројца браќа и јас моравме напорно да работиме само за да преживееме сред тоталната сиромаштија во тие времиња.

Во 1914 избувна Првата светска војна и, набрзо после тоа, на моите двајца постари браќа им беше наредено да стапат во армијата. Но, за да го избегнат тоа, тие имигрираа во Америка, оставајќи нѐ мене и мојот друг брат дома со мајка ми. После неколку години, во 1920, се омажив за Димитрис, еден млад учител во нашето село.

Важна посета

Кратко откако се омажив, дојде брат ѝ на мајка ми од Америка за да нѐ посети. Тој случајно со себе носеше еден од томовите на Studies in the Scriptures (Студии на Писмото), напишани од Чарлс Тејз Расел. Тоа беше публикација на Истражувачите на Библијата, кои сега се познати како Јеховини сведоци.

Кога Димитрис ја отвори книгата, забележа една тема за која тој се прашувал уште кога бил дете: „Што се случува со човекот кога умира?“ Во гимназија, тој му поставил прашање на еден грчки православен теолог токму во врска со таа тема, но не добил задоволителен одговор. Јасното и логично објаснување кое го даваше публикацијата толку многу го одушеви Димитрис што тој отиде право во слаткарницата на селото, каде што обично се собираат мажите во Грција. Таму ги раскажал работите што ги научил од Библијата.

Нашиот став за библиската вистина

Отприлика тоа време — раните 1920-ти — Грција беше сред друга војна. Димитрис беше регрутиран и испратен на турското копно во Мала Азија. Беше ранет и вратен дома. Откако закрепна, јас го придружував до Смирна, Мала Азија (сега Измир, Турција). Кога војната ненадејно заврши во 1922, моравме да бегаме. Всушност, едвај избегавме на Самос, со еден многу оштетен чамец. Откако пристигнавме дома, клекнавме и му се заблагодаривме на Бог — Бог за кого сѐ уште имавме само скудно знаење.

Наскоро Димитрис беше доделен да поучува во едно училиште во Вати, главниот град на островот. Тој продолжи да ја чита литературата од Истражувачите на Библијата и една дождлива ноќ двајца од нив дојдоа од островот Хиос за да нѐ посетат. Тие се вратиле од Америка за да служат како колпортери, како што беа нарекувани полновремените евангелизатори. Преноќија кај нас и ни зборуваа за многу работи во поглед на Божјите намери.

После тоа, Димитрис ми рече: „Пенелопи, сфаќам дека ова е вистината, морам да ја следам. Тоа значи дека ќе морам да престанам да пеам во Грчката православна црква и дека не ќе можам со учениците да присуствувам в црква“. Иако нашето спознание за Јехова беше ограничено, нашата желба да му служиме беше силна. Затоа одговорив: „Јас нема да ти бидам препрека. Само напред“.

Тој продолжи прилично колебливо: „Да, но ако нашиот начин на живеење стане очигледен, ќе ја изгубам мојата работа“.

„Не се плаши“, реков, „сите луѓе ли се издржуваат од учителската професија? Ние сме млади и силни и со Божја помош можеме да најдеме друга работа.“

Отприлика во тоа време, дознавме дека еден друг Истражувач на Библијата — исто така колпортер — дошол на Самос. Кога слушнавме дека полицијата одбила да му даде дозвола да одржи јавен библиски говор, отидовме да го побараме. Го најдовме во една продавница како разговара со двајца грчки православни теолози. Засрамени поради тоа што не можеа да ги одбранат своите верувања со Библијата, теолозите набрзо си заминаа. Мојот сопруг, импресиониран од спознанието на колпортерот, го праша: „Како тоа да ја употребуваш Библијата толку лесно?“

„Ние ја проучуваме Библијата систематски“, одговори тој. Отворајќи ја својата торба, ја извади студиската книга The Harp of God (Харфа Божја) и ни покажа како да ја користиме таа книга за една таква студија. Бевме толку желни да учиме, што мојот сопруг, јас, колпортерот и други двајца мажи веднаш му се придруживме на продавачот во неговиот дом. Колпортерот му врачи на секого од нас по еден примерок од Харфа Божја и веднаш почнавме да проучуваме. Продолживме со нашата студија сѐ до после полноќ, а потоа како што се приближуваше зората почнавме да ги учиме песните кои ги пееја Истражувачите на Библијата.

Оттогаш натаму, почнав да ја проучувам Библијата по неколку часа на ден. Истражувачите на Библијата од странство и понатаму нѐ снабдуваа со библиски помошни средства за проучување. Во јануари 1926, јас му се предадов на Бог во молитва, заветувајќи му се дека безрезервно ќе ја вршам неговата волја. Подоцна истото лето, мојот сопруг и јас го симболизиравме нашето предание со крштавање во вода. Имавме силна желба да им зборуваме на другите за работите што ги учевме, па затоа започнавме со службата од врата до врата со трактатот Message of Hope (Порака на надеж).

Издржување силно прогонство

Еден ден, ме покани една млада госпоѓа да присуствувам на литургија во една мала грчка православна капела. „Престанав да го обожавам Бог на таков начин“, ѝ објаснив. „Сега го обожавам со дух и вистина, како што учи Библијата“ (Јован 4:23, 24). Таа беше толку вчудовидена што надалеку и нашироко извести што се случило, вовлекувајќи го и мојот сопруг.

Скоро сите почнаа да ни се противат. Никаде не можевме да најдеме мир — ниту во нашиот дом ниту, пак, на состаноците кои ги држевме со неколку заинтересирани лица од островот. На подбуцнување од православните свештеници, надвор од нашето место на собирање се собираа мноштва, фрлајќи камења и извикувајќи навреди.

Кога го дистрибуиравме трактатот Порака на надеж, околу нас се собираа деца извикувајќи „Миленијалисти“ и други понижувачки изрази. Колегите на мојот сопруг исто така почнаа да му задаваат неволја. Во доцната 1926, тој беше даден на суд, обвинет дека е непогоден да биде учител во државно училиште и беше осуден на 15 дена затвор.

Кога мајка ми дозна за ова, ме советуваше да го оставам мојот сопруг. „Слушај, моја драга мајко“, ѝ одговорив, „и ти и јас добро знаеме колку те сакам и те почитувам. Но, јас едноставно не можам да ти дозволам да ни застанеш на патот на нашето обожавање на вистинскиот Бог Јехова.“ Таа си отиде во нејзиното село, горко разочарана.

Во 1927, во Атина беше одржан конгрес на Истражувачите на Библијата, а Јехова ни го отвори патот да присуствуваме. Бевме возбудени и духовно зајакнати што се собравме со голем број соверници. Кога се вративме на Самос, дистрибуиравме 5.000 примероци од трактатот со наслов A Testimony to the Rulers of the World (Сведоштво до владетелите на светот), во градовите и селата на нашиот остров.

Отприлика во тоа време, Димитрис беше отпуштен од неговата учителска служба и поради предрасудата кон нас, беше речиси невозможно да најдеме работа. Но, со оглед на тоа што Димитрис беше вешт молер, можевме да заработиме доволно за да излеземе на крај со нашите потреби. Во 1928, мојот сопруг како и четворица други христијански браќа од Самос, беа осудени на два месеца затвор поради проповедање на добрата вест. Бидејќи бев единствениот Истражувач на Библијата кој беше на слобода, можев да ги снабдувам со храна во затворот.

Борење со тешки болести

Во еден момент се разболев од туберкуларен спондилитис, тогаш непозната хронична болест. Го изгубив апетитот и имав постојано силна треска. Лекувањето вклучуваше да бидам завиткана во калап од гипс, од вратот до моите бедра. За да излеземе на крај финансиски, мојот сопруг продаде парче земја за да можам да продолжам со терапијата. Несреќна, секој ден го молев Јехова за сила.

Кога ме посетуваа, роднините постојано долеваа масло на огнот на противење. Мајка ми ми рече дека сите овие неволји ги доживуваме поради тоа што сме ја смениле нашата религија. Не можејќи да се поместам, ја топев мојата перница со солзи додека го преколнував нашиот небесен Татко да ми даде трпеливост и храброст за да издржам.

На мојата маса покрај креветот ја држев Библијата и залиха од џепни брошури и трактати за посетителите. Беше благослов тоа што состаноците на нашето мало собрание се одржуваа во нашиот дом; можев редовно да добивам духовно охрабрување. Моравме да продадеме и друго парче земја за да го платиме медицинското лечење од еден лекар од Атина.

Веднаш потоа, нѐ посети патувачкиот надгледник. Нему му беше многу жал што ме виде во таква состојба и што Димитрис беше без работа. Љубезно, тој ни помогна да направиме подготовки за да живееме во Митилен, на островот Лесбос. Таму се преселивме во 1934 и Димитрис можеше да добие вработување. Таму најдовме и прекрасни христијански браќа и сестри кои се грижеа за мене во мојата болест. Постепено, после пет години лечење, потполно се опоравив.

Но во 1946, кратко после II светска војна, повторно сериозно се разболев, овојпат од туберкуларен перитонитис. Пет месеци бев в кревет со силна треска и силни болки. Но, како и порано, никогаш не престанав на моите посетители да им зборувам за Јехова. Со текот на времето, повторно ми се поврати здравјето.

Пионерење и покрај прогонство

Сите Јеховини сведоци во Грција доживуваа непопустливо прогонство во повоените години. Бевме апсени повеќепати додека учествувавме во службата од куќа до куќа. Мојот сопруг одлежа вкупно речиси една година затвор. Кога тргнувавме во служба, обично планиравме да ја поминеме ноќта притворени во полициската станица. Сепак, Јехова никогаш не нѐ напушти. Тој секогаш ни ја даваше потребната храброст и сила за да издржиме.

Во 1940-тите, во Informant (сега Наша служба за Царството) прочитав во врска со подготовката за феријално пионерење. Решив да учествувам во оваа гранка од службата што бараше да се посветат во служба 75 часа месечно. Како резултат на тоа, имав сѐ повеќе повторни посети и библиски студии — за некое време водев 17 седмични студии. Исто така, развив обиколка со списанија во деловното подрачје на Митилен, каде што редовно врачував по околу 300 примероци Стражарска кула и Разбудете се! по продавниците, канцелариите и банките.

Кога еден патувачки надгледник служеше во нашето собрание во 1964, рече: „Сестра Пенелопи, од твојата Картичка за извештај на објавител видов какви прекрасни резултати имаш во твојата служба. Зошто не пополниш молба за општ пионер?“ Секогаш ќе бидам благодарна за неговото охрабрување; полновремената служба беше моја радост преку три децении.

Наградувачко искуство

Во Митилен има густо населено соседство наречено Лангада, каде што живееја грчки бегалци. Таму избегнувавме да одиме од врата до врата поради фанатичното противење на кое наидовме. Меѓутоа, кога мојот сопруг беше в затвор, за да го посетам, морав да поминувам низ тоа подрачје. Еден дождлив ден, една жена ме покани во нејзиниот дом за да ме праша зошто мојот сопруг е в затвор. Јас ѝ објаснив дека тоа е заради проповедање на добрата вест за Божјето Царство и дека тој страда токму како што страдал Христос.

Со текот на времето, една друга жена закажа со мене да запрам кај нејзиниот дом. Кога стигнав, затекнав уште 12 жени што таа ги поканила. Очекував можно противење, па затоа го молев Бог да ми даде мудрост и храброст за да се соочам со што и да се појави. Жените имаа многу прашања, а некои покренаа приговори, но јас можев да им дадам библиски одговори. Кога станав да си одам, госпоѓата од куќата ме замоли повторно да дојдам следниот ден. Среќна, ја прифатив поканата. Кога еден придружник и јас пристигнавме следниот ден, ги најдовме жените како веќе чекаат.

После тоа нашата библиска дискусија ја продолживме по редовна основа и беа започнати многу библиски студии. Извесен број жени напредуваа во точното спознание, а тоа го сторија и нивните семејства. Оваа група подоцна го формираше јадрото на едно ново собрание на Јеховините сведоци во Митилен.

Јехова беше добар со мене

Низ годините Јехова ги награди напорите на мојот сопруг и моите да Му служиме. Малкуте Сведоци на Самос во 1920-тите, прераснаа во две собранија и една група со околу 130 објавители. А на островот Лесбос има четири собранија и пет групи што вклучуваат околу 430 објавители на Царството. Мојот сопруг активно го објавуваше Божјето Царство сѐ до неговата смрт во 1977. Каква само предност е да се видат оние на кои им помогнавме како сѐ уште се ревни во службата! Зашто, со нивните деца, внуци и правнуци, тие сочинуваат едно големо мноштво кое обединето го обожава Јехова!

Мојот правец на христијанска служба, кој се протега преку 70 години досега, не беше лесен. Сепак, Јехова беше неспоредлива тврдина. Поради напреднатата возраст и сѐ полошото здравје, јас сум прикована за постела и многу сум ограничена во проповедањето што можам да го вршам. Но, како и псалмистот, можам на Јехова да му кажам: „Ти си мое прибежиште, моја тврдина, мој Бог во кого ќе се надевам“ (Псалм 91:2, НС).

(Сестра Маркис почина додека беше подготвувана оваа статија. Таа имаше небесна надеж.)

[Слика на страница 26]

Со нејзиниот сопруг во 1955

[Слика на страница 26]

Во јануари 1997, сестра Маркис ќе имаше 100 години

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели