Слободата на вероисповеста поддржана во Јапонија
ДОЛГИ години во Јапонија младите студенти кои се Јеховини сведоци, се соочуваа со една дилема: Дали да ја следат својата библиски школувана совест или, пак, школскиот наставен план што ја повредува нивната совест. Зошто таа дилема? Затоа што вежбите по боречките вештини се дел од предметот физичко воспитување во нивните школи. Младите Сведоци мислеа дека таквите вежби не се во склад со библиските начела, како што е она што се наоѓа во Исаија, поглавје 2, стих 4. Тоа гласи: „Ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“.
Не сакајќи да се учат на воени вештини кои вклучуваат нанесување штета на друго лице, младите христијански Сведоци им објаснија на своите наставници дека поради совеста не можат да учествуваат во боречките вештини. Откако се обидуваа да ги наговорат овие студенти да го прифатат школскиот наставен план, мнозина разборити наставници на крајот се согласија да ја почитуваат совеста на студентите и да обезбедат алтернативни активности.
Меѓутоа, некои наставници станаа емоционални, а некои школи им ги ускратија на младите Сведоци бодовите по физичко воспитување. Во 1993 година, најмалку на деветмина Сведоци им беше ускратено унапредување во повисок степен и беа принудени да го прекинат школувањето или, пак, беа истерани поради неучествување во боречките вештини.
Очигледно беше време да се брани правото на младите христијани за да добијат образование без да мораат да ја компромитираат својата совест. Петмина студенти на кои им беше ускратен вториот степен на Општинскиот индустриски технички колеџ во Кобе (скратено наречен Kobe Tech), одлучија да поведат правна постапка.
Што беше во прашање?
Пролетта 1990 година, кога петтемина студенти почнаа да одат на Kobe Tech, тие им објаснија на своите наставници дека не би можеле да учествуваат во вежбите по кендо (јапонско мечување) поради своите гледишта темелени на Библијата. Наставничкиот кадар по физичко образование остро се спротивстави и им ускрати секаков алтернативен начин да ги добијат бодовите по физичко воспитување. На крајот, студентите паднаа на предметот физичко воспитување и, како последица од тоа, мораа да го повторуваат првиот степен (првата година од колеџот). Во април 1991 година, тие поведоа парница при Окружниот суд во Кобе, тврдејќи дека постапката на школото е против уставното гарантирање на слободата на вероисповеста.a
Школото тврдеше дека обезбедувањето алтернативни активности би било еднакво на покажувањето наклоност спрема одредена религија и дека на тој начин би се нарушила неутралноста на јавното образование. Освен тоа, тие тврдеа дека немаат ниту објекти ниту персонал за да обезбедат алтернативна програма по физичко воспитување.
Одлуката на Окружниот суд ги поттикнува информираните
Додека беше сослушуван случајот, двајца од петтемина студенти повторно останаа без преодната оценка по физичко воспитување, додека тројцата други едвај поминаа и беа унапредени во следниот степен. Школските правила наведуваат дека студентите чии образовни достигнувања се слаби и кои во две последователни години го повторуваат истиот степен, би можеле да бидат истерани. Со оглед на ова, еден од двајцата студенти одлучи да го прекине школувањето пред да биде истеран, а другиот, Кунихито Кобајаши, одби да прекине. Затоа беше истеран. Интересно е што просекот на Кунихито по сите предмети, вклучувајќи го и физичко воспитување, во кое тој потфрли со резултат 48 бодови, беше 90,2 бода од можните 100. Тој беше прв во својот клас од 42 студенти.
На 22 февруари 1993 година, Окружниот суд во Кобе пресуди во полза на Kobe Tech и наведе: „Постапката преземена од страна на школото не го повреди уставот“, иако призна дека „не може да се порекне дека слободата на обожавање на жалителите донекаде била ограничена преку барањето на школото да учествуваат во вежбите по кендо“.
Како апостол Павле во првиот век, жалителите одлучија да се жалат до повисоките правни власти (Дела 25:11, 12). Случајот отиде до Првостепениот суд во Осака.
Несебичен став на жалителите
Еден угледен научник, професор Тецуо Шимомура од универзитетот Цукуба, се согласи да сведочи како вештак на Првостепениот суд во Осака. Како специјалист по образование и закон, тој нагласи колку безобѕирни биле постапките на школото во односот спрема студентите. Кунихито Кобајаши ги изрази своите чувства пред судот, а неговиот искрен став ги трогна срцата на оние во судницата. Понатаму, на 22 февруари 1994 година, Адвокатската комора од Кобе, изјавувајќи дека постапките на школото задреле во слободата на обожавање на Кунихито и во неговото право да добие образование, препорача школото повторно да го прими.
Како што се приближуваше времето да се изрече одлуката на Првостепениот суд во Осака, сите млади христијани што беа вклучени, беа желни да бидат дел од борбата сѐ до крајот. Тие чувствуваа дека водат правна битка во корист на илјадници млади Сведоци кои се соочуваат со истото спорно прашање во школите ширум Јапонија. Но, со оглед на тоа дека не беа истерани од школо, беше многу веројатно дека судот ќе го отфрли нивниот случај. И можеа да видат дека, ако ја повлечат својата жалба, би се истакнала неразумноста на школото со тоа што го истерало Кунихито. На тој начин, сите студенти, освен Кунихито, одлучија да се откажат од случајот.
На 22 декември 1994 година, врховниот судија Реисуке Шимада од Првостепениот суд во Осака изрече одлука што ја поништи одлуката на Окружниот суд во Кобе. Судот увиде дека причината на Кунихито за одбивањето на вежбите по кендо е искрена и дека штетата за него поради неговата постапка, темелена на неговото религиозно верување, била крајно голема. Школото, рече врховниот судија Шимада, требало да обезбеди алтернативни активности. Оваа извонредна одлука наиде на поволен одѕив во срцата на оние кои беа загрижени за човековите права. Меѓутоа, школото се жалеше до Врховниот суд на Јапонија, лишувајќи го Кунихито од образование за повеќе од уште една година.
До Врховниот суд
Една уводна статија во весникот Kobe Shimbun подоцна изјави: „Во тој момент [после одлуката на Првостепениот суд на Осака], школскиот колегиум на градот Кобе и школото требаше да го примат г-н Кобајаши назад во школото . . . Нивниот непотребно конфронтациски став лиши еден човек од еден важен период од неговата младост“. Па сепак, Kobe Tech зазеде цврст став во овој случај. Како резултат од тоа, ова стана тема во извештаите на вестите ширум земјата. Наставниците и школските власти ширум земјата го забележаа тоа, а одлуката на највисокиот суд во земјата би претставувала уште поцврст законски преседан за слични случаи во иднина.
На 17 јануари 1995 година, околу една седмица откако школото се жалеше до Врховниот суд во врска со случајот, земјотресот во Кобе го погоди градот Ашија каде што живееше Кунихито и неговото семејство. Околу пет и пол часот тоа утро, неколку минути пред земјотресот да го погоди подрачјето, Кунихито замина од својот дом на својата работа со скратено време. Возеше велосипед долж патот под Експресниот пат Ханшин, и кога се случи земјотресот, тој баш се приближуваше кон делот што се сруши. Веднаш се врати дома и го најде првиот кат од својата куќа потполно смачкан. Кунихито виде дека лесно можел да го загуби својот живот во земјотресот и му благодари на Јехова што му дозволи да преживее. Ако умреше, случајот кендо веројатно ќе завршеше без одлуката од Врховниот суд.
Врховниот суд на Јапонија обично ги испитува жалбите само на хартија и просудува дали одлуките на нижите судови биле исправни или не. Доколку нема некоја сериозна причина да се поништи одлуката на нижиот суд, нема сослушувања. Судот не ги известува вклучените странки кога треба да се даде мислењето. Затоа, Кунихито беше изненаден кога утрото на 8 март 1996 година му беше кажано дека тоа утро ќе биде изречена одлуката. На негова радост и задоволство, тој дозна дека Врховниот суд ја поддржал одлуката на Првостепениот суд на Осака.
Четворица судии, заедно со судијата Шиничи Кавај како претседавач, едногласно пресудија дека „постапките за кои станува збор треба да се сметаат како претерано неисправни од гледна точка на општествено прифатените норми, дека отстапуваат од подрачјето на дискрециските права и затоа се незаконски“. Судот ја призна искреноста на одбивањето на Кунихито да прави вежби по кендо и рече: „Причината на жалителот да одбива учество во вежбите по кендо беше сериозна и тесно поврзана со самата срж на неговата вера“. Врховниот суд пресуди дека школото можело и требало да обезбеди алтернативни средства за да можат да се почитуваат религиозните верувања на жалителот.
Далекосежен ефект
Оваа одлука несомнено ќе претставува добар преседан во полза на слободата на обожавањето во школите. The Japan Times рекол: „Пресудата е прва од страна на Врховниот суд во врска со спорното прашање на образованието и слободата на вероисповеста“. Меѓутоа, одлуката не ја отстранува одговорноста на секој млад студент да заземе свој сопствен совесен став кога се соочува со искушенија на верата.
Професор Масајуки Учино од универзитетот Цукуба коментирал дека еден од факторите кои ги поттикнале судиите да му дадат победа на Кунихито била таа што тој е „искрен студент чие академско достигнување било извонредно“. На христијаните кои се соочуваат со испити на својата вера, Библијата им го дава следниов совет: „Имајќи помеѓу себе добри односи [Задржете примерно однесување, НС] среде незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата“ (1. Петрово 2:12). Верните млади Сведоци можат да покажат дека нивниот библиски став е достоен за почитта на луѓето со тоа што целиот свој живот го управуваат според библиските мерила.
По одлуката на Врховниот суд, Кунихито Кобајаши повторно беше примен на Kobe Tech. Повеќето од студентите кои почнаа да одат во школата со Кунихито, веќе дипломираа. Кунихито сега студира со студенти кои се пет години помлади од него. Во очите на многу луѓе од светот, се чини дека се упропастени пет скапоцени години од неговата младост. Меѓутоа, интегритетот на Кунихито е скапоцен во очите на Јехова Бог, а неговата жртва сигурно не е залудна.
[Фуснота]
a За детали, молиме види ги страниците 10 до 14 во изданието на Разбудете се! од 8 октомври 1995 година (англ.), издадено од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слики на страница 20]
Лево: Домот на Кунихито после земјотресот
Долу: Кунихито денес