ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 15/10 стр. 25-29
  • Клима за раст во Екваторска Гвинеја

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Клима за раст во Екваторска Гвинеја
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Сеење на семето во раните денови
  • „Свесни за своите духовни потреби“
  • Унапредување на растот преку заедничко собирање
  • Стрпливо полевање на семето
  • Помагање на луѓето да го подобрат својот живот
  • Да се стане роб на Бога
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 15/10 стр. 25-29

Клима за раст во Екваторска Гвинеја

БУЈНИОТ раст е првиот впечаток што го добива патникот кога неговиот авион ќе слета на меѓународниот аеродром во Екваторска Гвинеја. Пистата е опкружена со величествени дрвја што ги надвиснуваат аеродромските згради. Раскошната вегетација успева од морскиот брег па до планинските врвови, поттикната од обилните дождови и температурите кои преку целата година се околу 45 степени.

Во Екваторска Гвинеја се случува силен раст и од еден друг вид — „растот што го дава Бог“ (Колосјаните 2:19, НС). Како етиопискиот службеник кој барал помош од Филип, и овде мнозина се желни да го разберат Писмото (Дела 8:26—39). Не е невообичаено некој да му пристапи на еден Јеховин сведок на улица и да замоли за библиска студија. Отприлика 325-те Јеховини сведоци во Екваторска Гвинеја водат преку илјада библиски студии.

Сеење на семето во раните денови

Екваторска Гвинеја, најмалата земја во Африка, е сместена на југ од Нигерија и Камерун. (Види ја картата.) Добрата вест овде најпрво ја донеле нигериски Јеховини сведоци, кои дошле да бараат работа на плантажите со какао. Иако биле формирани повеќе собранија на англиски јазик, подоцна тие биле растурени кога овие браќа морале да се вратат во Нигерија. Меѓутоа, набргу откако земјата добила независност во 1968 година, овде беа доделени три мисионерски двојки на Watchtower. Тие не беа во можност да останат долго поради политички тешкотии, но нивното сведочење даде добри резултати.

Сантјаго, еден од мисионерите, се запознал со Буенавентура, еден висок, мускулест човек, меѓу мештаните познат како супермен. Тој бил религиозен човек кој ја почитувал Библијата, но сепак имал жесток карактер. И најмала навреда му била доволна да удри некого. Кога ќе се разгневел во некој бар, сите присутни се распрснувале, дури се качувале и на прозорците за да побегнат од неговите удари. Всушност, додека го слушал Сантјаго, тој имал намера да го изнатепа доколку не успее да му даде уверлив библиски доказ за она што го рекол. ‚Никој нема да си игра мајтап со супермен‘ — си велел. Бил фасциниран од она што го чул, особено од надежта за вечен живот на рајска Земја, и затоа се согласил на библиска студија.

Како што напредувала студијата, желбата на Буенавентура да живее засекогаш во рајот станала посилна, и дознал дека ќе мора да го прилагоди својот живот на Божјите мерила за да постигне таква награда. Увидувајќи дека вистинските христијани не смеат да ‚враќаат зло за зло‘, почнал да вложува сериозен напор да го контролира својот карактер (Римјаните 12:17).

Вистинскиот испит дошол еден ден кога во еден бар случајно му ја кутнал чашата на еден муштерија. Човекот се разлутил и го удрил. Останатите во барот веднаш се распрснале, очекувајќи да избувне тепачка. Но, Буенавентура кротко ја платил скршената чаша, му платил на човекот друг пијалок и се извинил за својата несмасност. Кога соседите виделе дека една студија на Библијата направила такви промени кај него, повеќемина биле спремни да проучуваат со него. Додека Буенавентура се крстил, веќе водел пет библиски студии. Последниве пет години служи како старешина и, иако луѓето сѐ уште го викаат супермен, сега тоа го прават на шега.

„Свесни за своите духовни потреби“

Во текот на 1970-тите години, неколкуте локални Сведоци продолжија да проповедаат и да се состануваат колку што умееја најдобро. Подоцна, неколку шпански мисионерски двојки дојдоа да помогнат. Андрес Ботелја, кој 12 години служи во Екваторска Гвинеја, се присеќава дека набргу по неговото пристигнување, бил импресиониран од тоа како луѓето биле вистински „свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3, НС). „Беше вистинско задоволство да се проучува Библијата со такви благодарни луѓе“ — вели тој.

Мари, една шпанска сестра, ја проучувала Библијата со една млада жена по име Марија, која спомнала дека нејзините родители, Франсиско и Фауста, исто така биле заинтересирани за проучување. Поради тоа што Мари водела 15 студии а родителите на Марија живееле на извесна оддалеченост, поминале неколку седмици додека таа била во можност да ги посети.

Кога Мари и нејзиниот сопруг, Серафин, најпосле ги запознале родителите, тие веќе ја имале книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјатаa и Библија, и биле желни да почнат да проучуваат. И така, веднаш почнале. Серафин забележал дека родителите на Марија биле доста запознаени со материјалот. Истото се случило и при втората посета кога го обработиле второто поглавје. „Беше скоро како да проучуваш со двајца крстени Сведоци“ — се сеќава Серафин. При третата посета, поради тоа што изгледало дека толку добро го знаат материјалот, Серафин предложил една дискусија со прашања и одговори за да утврди колку тие навистина разбирале. Открил дека Франсиско и Фауста самите ја имале проучено целата книга!

Како влијаело врз нив нивното новопронајдено спознание? Во склад со она што го имале научено, тие веќе престанале да одат на спиритистички состаноци и ги прекинале врските со Католичката црква. Освен тоа, Франсиско престанал да пуши и повеќе не јаделе месо што не е правилно искрвавено. Со оглед на тоа дека очигледно примениле сѐ што научиле, биле охрабрени да почнат да го споделуваат своето спознание со другите. Тие веднаш почнале да им проповедаат на своите соседи. За само три месеци ги исполниле условите за крштавање. Франсиско сега е слуга помошник и, благодарение на нивниот добар пример и ревност во проповедањето, три од нивните ќерки сега се Сведоци, двајца синови присуствуваат на состаноците, а шестмина други роднини проучуваат.

Кратко по своето крштавање, Франсиско се запознал со Пабло, еден побожен католик кој служел како клисар во својата црква. Пабло имал обичај да држи проповед секогаш кога свештеникот бил отсутен. Ако некој црковен член бил болен, тој го посетувал; ако некој го немало во црквата, Пабло му се јавувал за да даде охрабрување, и ако некој умрел, правел сѐ што може за да го утеши семејството. Разбирливо е што сите епархијани многу го сакале Пабло.

Поради тоа што Пабло имал длабока почит спрема Библијата, тој спремно ја прифатил понудата на Франсиско да проучува со него. Пабло брзо видел колку е разумна библиската порака и, после неколку студии, одлучил при една своја „пастирска посета“ кај еден болен член на црквата да употреби некои од стиховите што ги научил. Кратко потоа, на една од неговите неделни проповеди, Пабло ја објаснил важноста од користењето на Божјето име, Јехова, и зошто не треба да се користат ликови.

Поради тоа што толку спремно ја прифатил вистината, очекувал и другите членови на неговата црква да реагираат слично. Но, по три или четири вакви проповеди темелени на Библијата, Пабло забележал дека луѓето биле незадоволни од информациите што тој ги изнесувал. Затоа, одлучил да ја напушти црквата и редовно да се дружи со Јеховините сведоци. За неколку месеци, ги исполнил условите за крштавање и сега е ревносен проповедник на добрата вест. Иако не е во можност да проповеда полновремено, моментално води десет библиски студии.

Унапредување на растот преку заедничко собирање

Сведоците во Екваторска Гвинеја сериозно го земаат налогот од Библијата да не го напуштаат своето заедничко собирање (Евреите 10:25). Од 1994 година, кога делото повторно беше официјално признаено од страна на владата, браќата беа желни да набават прикладни Сали на Царството. Всушност, повеќето собранија изградија свои сопствени сали или, пак, се во процес да го прават тоа.

Во Монгомо, каде што присутноста на состаноците во неделите достигнува два и пол пати повеќе од бројот на објавителите на Царството, собранието напорно работи на тоа да изгради едно големо место за состанување. Другите религии во Монгомо обично најмуваат работници за да ги изградат своите цркви, па затоа активноста на локалните Сведоци не помина незабележана. Еден ден, пасторот на Iglesia Nueva Apostólica (Новата апостолска црква) навратил за да праша еден од старешините колку ги плаќа овие вредни работници. Пасторот рекол дека иако вработил некои ѕидари кои се членови на неговата црква, работата одела многу бавно. Се прашувал дали би можел да ги изнајми работниците кои ја граделе Салата на Царството. Кога му било речено дека сите Сведоци работат бесплатно, овој си заминал вчудоневидено.

Присуствувањето на состаноците може да изискува значителна жртва од оние кои живеат далеку од Салата на Царството. Хуан, еден младич кој се крстил во 1994 година, се соочил со оваа ситуација. Тој чул за вистината во Габон, каде што ја проучил првата половина од книгата Живеј засекогаш. Потоа се вратил во Екваторска Гвинеја, во своето родно село на околу 100 километри од Монгомо. За него било предизвик да ја продолжи својата студија. Но, тој не се одвратил. Секој месец правел осумчасовно патување со велосипед до Монгомо, каде што Сантјаго, еден од локалните старешини, водел студија со него. Останувал во Монгомо неколку дена и проучувал три или четири пати за време на престојот. На овој начин, успеал да ја доврши својата студија и да ги исполни условите за крштавање.

Како се одржува Хуан духовно јак покрај толку малку дружење со други христијани? Пред сѐ, со тоа што е ревносен проповедник на добрата вест. Тој им проповедал на сите луѓе во своето село и, додека се крстил, водел 13 библиски студии. Шестмина од неговите ученици го придружуваа на Денот на посебниот состанок во Монгомо за да бидат очевидци на неговото крштавање. Сега тој води редовна студија на Стражарска кула со заинтересираните од своето подрачје, а обично присуствуваат по околу 20 лица.

Стрпливо полевање на семето

Секој духовен раст не е брз. Понекогаш е потребна голема стрпливост за да се види како семето најпосле дава плод. Ова било случај со Пака, која најпрво ја чула добрата вест во 1984 година, кога Едита, една сестра пионерка, ѝ сведочела на пазарот. Кога Едита ја посетила Пака дома следната седмица, Пака се согласила на библиска студија. Иако не напредувала многу, Едита не попуштила затоа што ги увидела добрите особини на Пака. „Изгледаше дека е лице слично на овца“ — објаснува Едита — „и го молев Јехова да ѝ го отвори срцето.“

Пака продолжувала со својата студија одвреме навреме четири и пол години, но сѐ уште многу малку напредувала. Затоа, кога ја завршиле книгата Живеј засекогаш, Едита имала отворен разговор со Пака во врска со важноста од тоа сериозно да се земе вистината. Во нејзиното настојување да ѝ го допре срцето на Пака, Едита дури и заплакала.

„Тој искрен совет навистина ме трогна“ — се сеќава Пака. „Оттогаш почнав да правам промени во својот живот. Се запишав во Теократската школа за служба и во истата година станав некрстен објавител. Денот кога најпосле се крстив, беше најсреќниот ден во мојот живот!“ Сегашниот ентузијазам на Пака е во спротивност со нејзината поранешна апатија. Моментално таа води 13 библиски студии и, се разбира, стрплива е со оние кои не напредуваат брзо.

Помагање на луѓето да го подобрат својот живот

Живеејќи во склад со библиските мерила, Јеховините сведоци во Екваторска Гвинеја стекнале репутација за чесност и пристојност. Еден човек, кој очигледно бил импресиониран од нивното однесување, му пристапил на еден старешина од собранието Бата и запрашал: „Дали ја имате книгата Reasoning (Расудување)?b Доста ми е од тоа да бидам световно лице. Би сакал да станам Јеховин сведок!“

Антонио, слуга помошник од собранието Малабо, е типичен пример за световно лице кое станало Сведок. Пред да ја проучува Библијата, тој водел распуштен живот. Повеќето од парите што ги заработувал како часовничар, ги трошел на пиење, а живеел и неморално. Што му помогнало да го промени својот начин на живот? Бил длабоко импресиониран од она што силно е наведено во 1. Коринтјаните 6:9, 10: „Не лажете се: ни блудниците . . . ни пијаниците . . . нема да го наследат царството Божјо“. Увидел дека, за да има Божја милост, мора да го промени својот начин на живот. За таа цел, почнал да внимава на своето друштво (Изреки 13:21). Кога поранешните пријатели го посетувале за да го викаат на пиење, тој ја одбивал нивната покана и, наместо тоа, им сведочел. Наскоро, тие престанале да му додеваат.

Дали тоа било вредно за сиот тој напор? „Многу сум среќен што го променив својот начин на живот“ — објаснува Антонио. „Моето здравје е многу подобро, иако сега сум во моите 60-ти, додека моите поранешни пријатели или умреа или страдаат од слабо здравје. Сега имам вистински пријатели, наместо оние кои само сакаа другар кој е спремен да им го плати следниот пијалок. Што е најважно од сѐ, имам добар однос со Бог. Сега служам како општ пионер и имам библиска студија со еден човек кој исто така има проблем со пиењето, така што можам да го употребам моето искуство за да му помогнам.“

Да се стане роб на Бога

Пред околу 200 години, луѓето долж брегот на Екваторска Гвинеја биле собирани и превезувани со брод во Америките како робови. Денес, многумина доброволно стануваат робови — робови на Бог. Овој облик на ропство им донел вистинска слобода, ослободувајќи ги од вавилонските доктрини и од спиритистичките обичаи. Тоа исто така ги поучило како да водат задоволувачки и продуктивен живот. Тие го доживеале она што го ветил Исус: „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).

Со 1.937 лица кои присуствуваа на прославата на Споменот во 1995 година — скоро шест пати повеќе од бројот на објавителите во оваа земја — постојат извонредни изгледи за натамошен духовен раст. Додека Сведоците во Екваторска Гвинеја ревносно продолжуваат да го садат и полеваат семето на вистината, тие се сигурни дека ‚Бог ќе направи да расте‘ (1. Коринтјаните 3:6). Без сомнение, во Екваторска Гвинеја постои идеална клима за духовен раст.

[Фусноти]

a Објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

b Објавена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели