Постои ли живот после смртта?
ДВЕ прашања со милениуми го бунеле човештвото: Зошто мораме да остарееме и на крајот да умреме? Дали постои некаков вид на свесен живот после смртта?
Првото збунувало многу луѓе затоа што дури и современата медицинска наука со сите нејзини импресивни откритија, не била во состојба да дојде до некаков конечен или задоволувачки одговор.
На второто прашање имало изобилство разновидни одговори. Меѓутоа, општо земено, одговорите во врска со тоа дали постои свесен живот после смртта, се поларизирани меѓу оние кои имаат позитивно гледиште дека овој живот не е сѐ, и оние кои се подеднакво непопустливи дека свесниот живот завршува при смртта. Повеќето од последнава група ни велат дека во нивните умови не постои сомневање во тоа дека човековиот краток животен век е сѐ што тој може да очекува. Честопати, какви и да било спротивни аргументи наидуваат на самозадоволното: ‚Па, никој никогаш не се вратил за да ни каже, зарем не?‘
Како и кај другите контроверзни прашања, има многумина кои сѐ уште не се одлучиле — тврдејќи дека се секогаш отворени за убедување на овој или на оној начин. Но, други можеби лекомислено ќе одговорат: ‚Ќе почекаме па ќе видиме кога ќе дојде време!‘
Долготрајно прашање
Едно рано прашање во врска со животот после смртта било покренато пред 3.500 години, од страна на добро познатиот ориенталец Јов, познат по својата стрпливост во период на страдање. Јов вака го поставил своето прашање: „Човек умира и е соборен; издивнува за последен пат и повеќе го нема. Како што исчезнува водата од морето или како што се исушува и суши речното корито, така и човекот легнува и не станува . . . Кога ќе умре човек, дали ќе живее пак?“ (Јов 14:10—14, New International Version).
Но, Јов не бил единствениот кој го поставил прашањето во врска со животот после смртта. Под заглавјето „Состојбата на умрените“, Encyclopædia of Religion and Ethics (Енциклопедијата на религијата и етиката) ја изложува следнава просветлувачка информација: „Ниедна тема поврзана со неговиот психички живот толку не го окупирал умот на човекот колку неговата состојба после смртта. [Домородците] во сите региони на светот, општо земено, имаат многу јасни и живи сфаќања за духовниот свет — неговиот живот, неговите карактеристики, неговите пејзажи — што укажува на една силна преокупираност со темата. Надалеку раширениот страв од мртвите укажува на една многу примитивна идеја дека нивната состојба не е таква во која животот завршил. Смртта ги пресекла енергиите; тоа било доволно очигледно; но, зарем не функционирале други енергии или зарем тие енергии не биле способни да се манифестираат на суптилни, мистериозни начини? Сеедно дали човекот отпрвин верувал во дух, душа или сениште, одвоено од телото или не, се чини дека постои секоја причина да се верува дека тие сметале оти умрените сѐ уште продолжуваат со некаков вид постоење“.
Ти би можел да спаѓаш во која и да е од трите гореспоменати категории: да не си сигурен што се случува после смртта; да бидеш убеден дека постои некаков вид живот после смртта; или, пак, да бидеш уверен дека со овој живот поминува сѐ. Како и да е, ние те покануваме внимателно да ја разгледаш следната статија. Види дали во неа ќе најдеш убедлив библиски доказ дека постои прекрасен изглед за среќен живот после смртта, како ќе се оствари тој, каде и кога.