Зошто го употребил најголемото име
„Сум направил грев, според еден од моите критичари, бидејќи сум го вовел зборот ‚Јехова‘ наместо ‚Господ‘, кој со векови бил неговиот вообичаен еквивалент.“
Тоа бил коментарот на Џ. Џ. Стјуарт Пероун во уводот на второто издание на неговиот превод на книгата Псалми, кој е првпат издаден во 1864 година. Пишувајќи во Saturday Review од 2 јули 1864, критичарот приговорил на употребата на Божјето име во преводот, затоа што веќе не бил во употреба нити во еврејските нити во христијанските цркви. Тој тврдел дека името Јехова е многу тесно поврзано со Евреите и дека треба да се употреби друг збор, како на пример „Господ“ или „Бог“, „што нема ни локално ни национално потекло“.
Пероун не се согласувал со тие аргументи затоа што не „сакал да избрише ниедна буква“ од Божјето откровение до човекот. Тој со право тврдел дека преведувачите кои го преведуваат хебрејското божествено име со „Господ“, пропуштаат да направат разлика помеѓу два хебрејски збора.
Понатаму, Пероун изјавил дека имало многу добри авторитети кои биле наклонети кон враќањето на божественото име. Тој го цитирал познатиот англиски поет Семјул Тејлор Колриџ:
„Зошто да се продолжи да се преведува од хебрејски на англиски од втора рака, со посредство на Септуагинтата? Зарем ние не сме го присвоиле хебрејскиот збор Јехова? Зарем Κύριος, односно Господ во Септуагинтата, не е во безброј случаи замена на грчки за хебрејскиот Јехова? Тогаш, зошто да не се врати првобитниот збор; во Стариот Завет совесно да се преведе Јехова со Јехова, а секој стих во Новиот Завет, кој се однесува на Стариот, со хебрејскиот збор во стихот за кој станува збор?“
Пероун признал дека е изгубен точниот изговор на хебрејскиот тетрагаматон, но сепак забележал: „Ако само поради суеверни скрупули името престанало да се употребува во еврејската црква и ако поради директното препишување од грчките и латинските верзии нашата [англиска] Верзија го изгубила зборот, тоа не се никакви причини зошто да не се врати првобитната употреба“. Пероун повеќе бил за обликот „Јехова“ затоа што тој бил добро познат. Оттогаш, извесен број посовремени преводи исто така го користеле божественото име. Преводот New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет превод на Светото писмо) повеќе од 7.200 пати го користи името Јехова во хебрејските и во Христијанските грчки списи.
Во својот превод на Псалмите, Пероун се трудел да се држи „тесно за обликот на хебрејски, како во неговиот идиом така и во структурата на клаузулите“. Кога го преведувал Псалм 69, стихови 5 и 6, тој ја увидел потребата да направи разлика помеѓу хебрејските зборови за „Бог“ (Елохим), „Господ“ (Адонај) и „Јехова“: „О Боже [Елохим], Ти ја знаеш мојата глупост, и мојата виновност не е сокриена од Тебе. Оние кои чекаат на Тебе нека не бидат засрамени поради мене. О Господи [Адонај], Јехова [Бог над] војските. Оние кои Тебе те бараат нека не бидат збунети преку мене, О Боже на Израел“.