ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 15/4 стр. 22-27
  • Проширување со благослов од Јехова

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Проширување со благослов од Јехова
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Пријатна програма
  • Свечено отворање на објектите
  • Зошто се потребни уште места за сместување
  • Приказната зад Сандз бр. 90
  • Очигледен е Јеховиниот благослов
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 15/4 стр. 22-27

Проширување со благослов од Јехова

ВЕЧЕРТА на 18 септември 1995 година, една програма за свечено отворање истакна дека Јехова Бог навистина го благословил проширувањето на локацијата на светското главно седиште на неговите Сведоци во Бруклин (Њујорк).

Програмата за свечено отворање ја слушаа повеќе од 6.000 лица. Тие се собраа во Бруклин, каде што се одржуваше програмата, како и на други локации, вклучувајќи ги и големите објекти на Јеховините сведоци во близината на Патерсон и Волкил (Њујорк), како и нивната подружница во близина на Торонто (Канада). Оние кои се наоѓаа надвор од локациите во Бруклин, ја слушаа програмата преку телефонски линии.

Пријатна програма

Бетелците, како што се нарекуваат доброволните работници, ја слушаа програмата и тие сочинуваа еден голем дел од 16.400-членото бетелско семејство кое е раширено низ целиот свет. Таквите членови служат во стотина земји, каде што печатат библиска литература и извршуваат помошни служби за над 78.600-те собранија на Јеховините сведоци во светот.

Очекувањата беа големи кога во 18.30 часот програмата на свеченото отворање започна со песна, после која следеше молитва што ја кажа Карл Клајн. Претседавачот на програмата, Лојд Бери, на сите им изрази срдечно добредојде со кратки коментари за значењето на таа прилика. Алберт Шредер го разгледа седмичното градиво на Стражарска кула, а после него Даниел Сидлик зборуваше на темата „Нашата света служба во Бетелот“. Сите тие кои учествуваа на почетокот од програмата, беа членови на Водечкото тело на Јеховините сведоци.

Следните два дела од програмата — „Да се задоволат нашите зголемени потреби за сместување, 1974-1995“ и „Врвни точки на реновирањето и конструирањето на Бетелот во Бруклин“ — истакнаа врвни точки од конструирањето или набавувањето на зградите кои беа свечено отворени. Забелешките свртеа внимание кон неодамна завршената зграда за живеење во која сега се сместени околу илјада бетелци. Овој дом кој е висок 115 метри, се наоѓа на Сандз Стрит бр. 90 и се граничи со комплексот од печатници.

Програмата ја одбележа говорот за свечено отворање што го одржа Милтон Хеншел, претседателот на Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула. Тој истакна некои библиски примери за свечено отворање на објекти кои требало да се користат во Јеховината служба. После завршната песна, собирот беше заклучен со молитва на Кери Барбер, кој исто така е член на Водечкото тело. Но, кои беа некои од врвните точки на програмата?

Свечено отворање на објектите

Џорџ Кауч, надгледникот на бетелскиот дом, објасни дека од последното свечено отворање на бетелски згради за живеење во Бруклин, на 2 мај 1969 година, беа додадени уште 17 згради за живеење.a Тие беа или новоизградени домови или згради кои беа купени и реновирани. Ова свечено отворање всушност беше приредено за овие 17 згради за живеење, за два мали објекта — купени во 1940-тите, но адаптирани во бетелски згради за живеење, како и за просториите на фабриката и канцелариите кои беа изградени или купени уште од свеченото отворање на извршните канцеларии на Јеховините сведоци, на 15 март 1982 година.b

Најголемиот од објектите што беа свечено отворени е објектот на Фурман Стрит бр. 360. Првобитно бил изграден во 1928 година, а Јеховините сведоци го купија на 15 март 1983 година и потполно го реновираа. Тој има површина од 93.000 м2, т.е. речиси 9 хектари. Меѓу другите објекти кои беа вклучени во свеченото отворање беа фабриката на Перл Стрит бр. 175 и големите гаражи што беа изградени во последниве години.

Зошто се потребни уште места за сместување

Во 1969 година, кога беше свечено отворена последната зграда за живеење на Бетелот во Бруклин, низ целиот свет имаше највисок број од 1.336.112 Сведоци кои ја проповедаа добрата вест за Божјето Царство. Но, во 1995 година имаше 5.199.895 лица кои го правеа истото — над три и пол пати повеќе! Затоа, за да се задржи чекор со сѐ поголемата потреба од библиска литература, бетелското семејство во Бруклин се зголеми од 1.042 редовни членови во 1969 година, на повеќе од 3.360 кои сега се сместени во 22 згради за живеење.

Џорџ Кауч дискутираше на кој начин во периодот од 1974 до 1995 година се задоволуваше потребата за дополнително сместување. Во раните 1970-ти, Јеховините сведоци закупија неколку спрата од блискиот хотел Тауерс, со цел да се смести сѐ поголемото бетелско семејство. Во декември 1973 година, Натан Нор, тогашниот претседател на Друштвото Стражарска кула, писмено се обрати и до бетелската канцеларија и до управата на Тауерс, известувајќи ги дека до 1 октомври 1974 година, Друштвото планира ‚да се исели од хотелот Тауерс‘.

Брат Кауч рече дека тој бил шокиран, со оглед на тоа што немаше каде да се сместат бетелците кои живееја во Тауерс. И управата на Тауерс била шокирана, бидејќи тие се ослонувале на наемнината од Друштвото за да можат да бидат рентабилни. Како резултат на тоа, управата на Тауерс ги наговараше Јеховините сведоци да го купат хотелот. „Вие се проширувате уште откако ние сме во соседството“, рекоа тие, „и вам ви е потребна зградата.“

„Но таа е полна со наемници“, гласеше одговорот на претставниците на Друштвото. „Ако ја купиме, ние сакаме во неа да сместиме само свои луѓе.“

„Ќе ви ја испразниме зградата“, вети управата на Тауерс. Кратко потоа, Јеховините сведоци ја купија зградата на Тауерс по поволна цена. „Зошто брат Нор го напиша тоа писмо?“, ги запраша Кауч фасцинираните слушатели. „Можеби и тој самиот не знаеше, но токму така хотелот Тауерс му беше продаден на Друштвото.“

Говорникот исто така објасни на кој начин Јеховините сведоци ја купија зградата на Колумбија Хајтс бр. 97, поранешна локација на прочуениот хотел Маргарет, токму спроти улицата на првобитниот бетелски дом. Локацијата е идеална бидејќи преку подземен тунел лесно може да се поврзе со бетелскиот комплекс. Во февруари 1980 година, додека се реновираше зградата, таа изгоре. Поради тоа што сопственикот имаше тешкотии да подигне нова зграда на тоа место, тој им го продаде имотот на Јеховините сведоци.

Брат Кауч забележа: „Може да се рече дека секој од овие објекти има зад себе интересна приказна која укажува на едно нешто: Јехова Бог е оној кој ја насочувал видливата организација да го набави токму тој објект“.

Приказната зад Сандз бр. 90

Најновата и најголемата зграда за живеење е на улица Сандз бр. 90. Во декември 1986 година, кога Јеховините сведоци го купија имотот, на него беше преселена големата фабрика од Џеј Стрит бр. 160.c Фабриката беше срушена и, на 30 август 1990 година, бетелското семејство беше известено дека е издадена дозвола за да се подигне една 30-спратна зграда за живеење на тоа место.

Во едно интервју што го водеше Теодор Џерес, член на Водечкото тело, надгледникот на бруклинската фабрика на Друштвото, Макс Ларсон, опиша како беше добиена градежна дозвола за зградата за живеење на Сандз Стрит бр. 90. Она што се случи во 1965 година, објасни брат Ларсон, беше пресудно.

Тогаш Друштвото сакаше да изгради една десетспратна фабрика во квартот што се наоѓаше веднаш до другите фабрики, но урбанизацијата на тој кварт дозволуваше само двоспратни конструкции. Еден архитект се согласи да подготви проекти за новопланираната фабрика, но рече: „Не сакам да се срамам со тоа што јас ќе ги поднесам пред комисијата“. Тој беше убеден дека Комисијата за нормирање и за молби никогаш нема да ги промени своите прописи за урбанизирање на квартот. Кога беа одобрени проектите за изградба, тој извикнал: „Како ли само успеавте во тоа!“

Причината, продолжи Ларсон, беше тоа што тогаш кога тој кварт бил преурбанизиран за нашата десетспратна фабрика, беа преурбанизирани и соседните квартови, вклучувајќи го и квартот со зградата на Џеј Стрит бр. 160. За чудо, преурбанизирањето дозволуваше изградба на хотел. Но, напомена Ларсон, тоа беше нешто што никој не го забележа — или барем после 25 години, откако почнавме да бараме место за изградба на нов бетелски дом. Тогаш повторно беше откриен прописот за урбанизирање.

Брат Ларсон објасни што се случило: „Кога ги подготвивме проектите за нашата 30-спратна зграда за живеење и кога ги однесовме во одделот за изградба, тие ни рекоа: ‚Таму не можете да градите згради за живеење. Сето тоа е за фабрики, а урбанизацијата нема да се промени заради вас‘.

‚Не мораат да ја променат‘, ги информиравме службениците. ‚Тоа веќе е урбанизирано за хотел.‘ Кога ги погледнаа досиејата, едвај можеа да поверуваат! Ете како ја добивме нашата 30-спратна зграда“, заклучи Ларсон.

Очигледен е Јеховиниот благослов

Еден библиски псалмист напишал: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини“ (Псалм 126:1). Јасно е дека врз градежната активност на Јеховините сведоци почива Јеховиниот благослов со цел да се олесни делото на проповедање и поучување низ целиот свет. Исус им заповедал на своите следбеници да го извршуваат тоа дело (Матеј 24:14; 28:19, 20).

Оние кои имаа предност да ја слушнат програмата на 18 септември 1995 година, беа восхитени од доказот за таквиот благослов на проширувањето на светското главно седиште на Јеховините слуги. Јеховиниот народ може да биде уверен во неговиот постојан благослов додека продолжува да го прави она што го заповеда тој.

[Фусноти]

a Стражарска кула од 15 јуни 1969 година, страници 379-382 (англиски).

b Стражарска кула од 1 декември 1982 година, страници 23-31 (англиски).

c Разбудете се! од 22 декември 1987 година, страници 16-18 (англиски).

[Слика на страница 23]

Сандз Стрит бр. 90 • 1995

[Слики на страници 24 и 25]

Некои од дополнителните згради за живеење што беа свечено отворени

Колумбија Хајтс бр. 97 • 1986

Хотелот Босерт, Монтаг Стрит бр. 98 • 1983

Оринџ Стрит бр. 34 • 1945

Хотелот Стандиш, Колумбија Хајтс бр. 169 • 1981

Ливингстон Стрит бр. 67 • 1989

Џоралемон Стрит бр. 108 • 1988

Хотелот Тауерс, Вилоу Стрит бр. 79-99 • 1975

[Слики на страница 26]

Перл Стрит бр. 175 • 1983

Адамс Стрит бр. 69 • 1991

Фурман Стрит бр. 360 • 1983

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели