ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 15/2 стр. 23-26
  • Ширење на библиската вистина во Португалија

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ширење на библиската вистина во Португалија
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Да им се помогне на оние кои се религиозно настроени
  • Споделување на вистината со роднините
  • „Ќе ги исклоцам одовде“
  • На често обработувано подрачје
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 15/2 стр. 23-26

Ширење на библиската вистина во Португалија

ОД КАМИЊА на север па до Вила Реал де Санто Антонио на југ, илјадници шарени рибарски бродови се начичкани долж 800-километарскиот атлантски брег на Португалија. Рибарите со векови ‚тргнувале по море на кораби‘, така што рибата станала главна храна на многу португалски трпези (Псалм 106:23).

Во изминатите 70 години, во Португалија се одвиваше еден друг вид рибарење. Јеховините сведоци беа зафатени со носењето на добрата вест до десетици илјади симболични риби (Матеј 4:19). Во мај 1995 година, постоеше најголем број од 44.650 објавители на Царството — сразмер од 1 на околу 210 жители. Во некои градови сразмерот е за половина помал.

Со толку многу работници, во многу области подрачјата за сведочење се обработуваат отприлика секоја седмица. Затоа, португалските Сведоци се многу желни да користат различни пристапи за да ја споделат својата библиска надеж со другите. Да, тие ја ценат важноста на разгласувањето на библиската вистина на секој можен начин (1. Коринтјаните 9:20-23).

Да им се помогне на оние кои се религиозно настроени

Според пописот од 1991 година, 70 отсто од Португалците од 18 години па нагоре, се изјасниле како римокатолици. И покрај ова, луѓето имаат многу мало спознание за Библијата. Весникот Jornal de Notícias забележал: „Ова е една од најголемите трагедии на католичкиот свет: Непознавање на Библијата!“ Зошто е тоа така? Португалскиот весник Expresso укажува на одговорот. Известувајќи за еден состанок на 500 свештеници во Фатима, весникот вели: „Според прелатот, неопходно е свештеникот да се ослободи од безбројните активности за исклучително да може потполно да го утврди одново својот положај на ‚гласник‘. . . . Ако свештеникот со сета душа го проповеда Евангелието, тој ќе нема време за никакви други активности“.

За разлика од нив, Јеховините сведоци во Португалија се зафатени со објавување на библиската вистина на секој можен начин. Како резултат на тоа, многумина искрени католици стекнуваат спознание за Библијата.

Карлота била побожна католичка и член на една младинска група во еден верски ред. Таа била и наставничка во една детска градинка каде што работел еден Сведок по име Антонио. Како општ пионер, односно полновремен слуга, Антонио секогаш настојувал да разговара со своите колеги за Библијата на паузата за ручек. Еден ден, Карлота го прашала за верувањето во пеколен оган и за култот на Марија. Антонио ѝ покажал што учи Библијата за овие теми, и така тоа било почеток на многу библиски дискусии. Кога Карлота за првпат присуствувала на еден состанок во локалната Сала на Царството, била многу импресионирана. Меѓутоа, термините на состаноците се совпаѓале со термините на религиозниот ред на којшто припаѓала. Сфатила дека мора да се одлучи. Што да направи?

Карлота ја собрала целата младинска група и на темел на Библијата им објаснила зошто се повлекува. Сите ја критизирале нејзината одлука, освен една млада девојка, по име Стела, која многу внимателно слушала. Кога Карлота подоцна зборувала со неа, Стела ѝ поставила многу прашања за потеклото и смислата на животот. Карлота ѝ ја дала книгата Life—How Did It Get Here? By Evolution or by Creation? (Животот — Како настанал? Преку еволуција или преку создавање?)a и започнала библиска студија со неа.

Во меѓувреме, Карлота добро напредувала духовно, се крстила во јуни 1991 година и по шест месеци почнала да служи како општ пионер. Во мај 1992 година, таа и Антонио се венчале, продолжувајќи заедно во пионерската служба во едно соседно собрание каде што постои поголема потреба. А Стела? Таа се крстила во мај 1993 година и сега служи како општ пионер.

Младиот Франсишку бил многу религиозен. Секоја недела присуствувал на утринската миса и на попладневните рецитирања на молитви со бројници. Служел како клисар, помагајќи му на свештеникот во текот на мисата. Дури и му се молел на Бог еден ден да стане „светец“!

Франсишку навистина сакал да има Библија, и еден ден ја позајмил од еден пријател. Бил изненаден кога открил дека Бог има име — Јехова (1. Мојсеева 6:3; Псалм 82:18). Кога прочитал во 2. Мојсеева 20:4, 5 дека Бог забранува употреба на ликови при обожавањето, бил уште поизненаден! Гледајќи дека црквата е полна со ликови, горливо го молел Бог да му помогне да ја разбере сета таа збрка. По неколку дена, сретнал еден поранешен школски другар и го прашал зошто ја напуштил вечерната школа.

„Сега одам на една подобра вечерна школа“, одговорил пријателот.

„Каква школа е тоа и што учиш?“, прашал Франсишку. Но, бил сосема неподготвен за одговорот на пријателот.

„Ја проучувам Библијата во Салата на Царството на Јеховините сведоци“, му рекол пријателот. „Дали би сакал да дојдеш со мене?“

Франсишку едвај можел да поверува во она што го видел на својот прв состанок — радосни, насмеани лица; луѓе кои разговараат меѓусебно на еден срдечен, пријателски начин; деца кои седат со своите родители и внимаваат на она што се кажува.

„Таму бев тотален странец, а се чувствував како дел од семејството!“, извикал Франсишку. Оттогаш редовно присуствувал на состаноците. Сега Франсишку служи како старешина во собранието, и заедно со својата сопруга и двете деца се радува на величествените ветувања за Царството што ги содржи Божјата Реч.

Споделување на вистината со роднините

Мануела, општ пионер од подрачјето на Лисабон, имала изобилен улов од духовни риби како резултат на нејзината истрајност во љубезното сведочење на сите, вклучувајќи ги и нејзините роднини. Меѓу нив бил и нејзиниот телесен брат, Жузе Едуарду, кој бил обучуван за борбени вештини и за употреба на оружје. Тој толку многу пати го имал прекршено законот што најпосле бил изведен пред суд за 22 точки од обвинението и осуден на 20 години затвор. Бил толку насилен што дури и останатите затвореници се плашеле од него, па затоа бил чуван во ќелија со специјално обезбедување.

Седум години Мануела стрпливо го посетувала Жузе Едуарду, но тој секогаш ја одбивал нејзината библиска порака. Најпосле, кога била издадена книгата Животот — Како настанал? Преку еволуција или преку создавање?, тој ја прифатил и била започната библиска студија. Брзо направил огромни промени во своето однесување. По една седмица, лично им сведочел на 200 затвореници, а следната седмица уште на 600 други. Добил дозвола дури и да ги посетува затворениците во останатите затворски блокови. Поради забележливата промена во неговото однесување, казната била намалена на 15 години. Откако издржал 10 години, бил пуштен условно. Оттогаш има поминато пет години, а Жузе Едуарду сега е крстен Сведок на Јехова и служи како слуга помошник во локалното собрание. Навистина, ова е случај ‚волк да живее со јагне‘! (Исаија 11:6).

Како резултат на нејзиниот постојан напор да му сведочи на своето семејство, Мануела ја доживеала радоста да му помогне на својот сопруг, како и на четворица други членови од семејството да станат активни во Јеховината служба. Нејзиниот сопруг сега е слуга помошник.

„Ќе ги исклоцам одовде“

Марија ду Кармо живеела во едно лисабонско предградие кога ја посетиле Сведоците. Ѝ се допаднало она што го чула и го прашала својот сопруг, Антонио, дали би можела да има библиска студија во домот. „Да не си ни помислила!“, одговорил тој. „Ако некогаш ги видам Јеховините сведоци во нашиот дом, ќе ги исклоцам одовде.“ Патем речено, Антонио бил инструктор по карате и носител на црн појас трети дан. Затоа, Марија ду Кармо одлучила да ја одржува својата студија на друго место.

Подоцна, Антонио требало да патува за Англија на осумдневен курс по карате, а Марија ду Кармо внимателно му ја спакувала во куферот публикацијата My Book of Bible Stories (Моја книга со библиски приказни).b Со оглед на тоа што Антонио имал доста време во текот на своето патување, ја прочитал книгата. Кога летал назад, една луња силно го затресла авионот поради што тој имал тешкотии при слетувањето. За првпат во својот живот, Антонио му се помолил на Јехова.

Кога Антонио стигнал дома, Сведокот којшто ја водел студијата со неговата сопруга, го поканил да дојде на состанок. Тој прифатил и видел дека сите се многу пријателски настроени. Биле направени подготовки за библиска студија и, по кусо време, Антонио знаел дека ќе мора да донесе некои одлуки. Исходот бил тоа што престанал да поучува карате и почнал да ги учи своите ученици како да водат мирољубив живот сега и засекогаш. Еден од нив, исто така носител на црн појас, сега е крстен христијанин.

Што се однесува до Антонио, тој се крстил во април 1991 година. Дента после крштавањето почнал да служи како помошен пионер. По шест месеци почнал да служи како општ пионер, и наскоро водел 12 домашни библиски студии. Во јули 1993 година бил наименуван за слуга помошник во собранието.

На често обработувано подрачје

Во многу области од земјата, подрачјето се обработува отприлика секоја седмица. Како ги вршат Сведоците своите „рибарски“ активности на продуктивен начин?

Жоао се труди да стапи во контакт со секое лице во секој дом. Кога бил во посета кај една госпоѓа, прашал дали има и други кои живеат во домот. Госпоѓата одговорила дека тука живеат нејзиниот сопруг и двата сина, но дека нема да биде лесно да стапи во контакт со нив затоа што тие работат и само навечер се дома. Така, Жоао продолжил понатаму, посетувајќи ги другите во тој реон. По час и половина, му пристапил некој човек.

„Вие сте рекле дека сакате да разговарате со мене“, му рекол човекот на Жоао. „Ве молам, кажете ми што сакате.“

„Извинете, ама јас не Ве познавам“, одговорил Жоао изненадено. „Кој сте Вие?“

„Јас сум Антонио и живеам на оваа улица. На мајка ми сте ѝ рекле дека сакате да разговарате со останатите од семејството, па дојдов да видам што сакате.“

Жоао му дал темелно сведоштво и започнал библиска студија со него. После втората студија, Антонио прашал дали може студијата да се одржува двапати во неделата. За само четири месеци, му се придружил на Жоао и почнал да ја проповеда добрата вест во својата улица. По три месеци се крстил. Од неодамна и мајка му почнала да ја проучува Библијата. Колку само е важно да се трудиме во службата да разговараме со сите членови на домаќинството!

Таквите восхитувачки искуства покажуваат дека сѐ уште има богато духовно рибарење во водите на Португалија. Јехова ги благословил марливите Сведоци со илјадници напредни библиски студии. Додека тие продолжуваат да бараат сѐ повеќе и повеќе начини како да им ја разгласуваат библиската вистина на сите, денес во Португалија се исполнуваат зборовите на апостол Павле упатени до христијаните во Филипи: „Како и да е [На секој начин, НС], . . . Христос се проповеда“ (Филипјаните 1:18).

[Фусноти]

a Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.

b Издадена од Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.

[Карта на страница 23]

(Види во публикацијата)

ШПАНИЈА

ПОРТУГАЛИЈА

[Слики на страници 24 и 25]

Сведоците во Португалија ја користат секоја прилика за да ја разгласат библиската вистина

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели