‚Божјиот Израел‘ и ‚големото мноштво‘
„Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое што никој не можеше да го преброи“ (ОТКРОВЕНИЕ 7:9).
1-3. а) Какви славни небесни изгледи имаат помазаните христијани? б) Како се обидувал Сатана да го уништи собранието од првиот век? в) Кои настани во 1919 година покажале дека Сатановите обиди да го расипе помазаното христијанско собрание не успеале?
ОСНОВАЊЕТО на „Израилот Божји“ во 33 година н. е. претставувало главен чекор во остварувањето на Јеховините намери (Галатјаните 6:16). Неговите помазани членови ја имаат надежта да бидат бесмртни духовни суштества и да владеат заедно со Христос во Божјето небесно Царство (1. Коринтјаните 15:50, 53, 54). На тој положај тие имаат водечка улога во посветувањето на Јеховиното име и во згмечувањето на главата на големиот Противник, Сатана Ѓаволот (1. Мојсеева 3:15; Римјаните 16:20). Не е ни чудо што Сатана правел сѐ што е во негова моќ за да го уништи ова ново собрание, како со прогонства така и со обиди да го расипе! (2. Тимотеј 2:18; Јуда 4; Откровение 2:10).
2 Додека биле живи апостолите, Сатана не успеал да го расипе собранието. Меѓутоа, по нивната смрт, отпадот неконтролирано се ширел. На крајот, од човечка гледна точка, изгледало дека чистото христијанско собрание што го основал Исус, било расипано кога Сатана ја создал отпадничката религиозна карикатура, денес позната како христијански свет (2. Солунјаните 2:3-8). Меѓутоа, вистинското христијанство истрајало (Матеј 28:20).
3 Во својата илустрација за житото и каколот, Исус прорекол дека вистинските христијани ќе растат некое време заедно со „каколот“, т. е. со лажните христијани; а тоа и се случило. Но, исто така, тој рекол дека во текот на последните денови, „синовите на царството“ повторно ќе бидат видливо одделени од „каколот“ (Матеј 13:36-43). И тоа се покажало точно. Во 1919 година, вистинските помазани христијани излегле од вавилонското заробеништво. Тие биле божествено признати како ‚верен и разумен роб‘ и смело продолжиле да ја проповедаат добрата вест за Царството (Матеј 24:14, 45-47, НС; Откровение 18:4). Скоро сите биле пагани; но, бидејќи ја имале верата на Авраам, тие биле всушност ‚Авраамово потомство‘. Биле членови на „Израилот Божји“ (Галатјаните 3:7, 26-29).
„Големо мноштво“
4. Која група христијани станала забележлива, особено во 1930-тите?
4 Во почетокот, оние кои се оѕвале на проповедањето на овие помазани христијани, исто така станале духовни Израелци, преостанатите од 144-те илјади што имаат небесна надеж (Откровение 12:17). Меѓутоа, особено во 1930-тите, уште една група станала забележлива. Таа била идентификувана со ‚другите овци‘ од илустрацијата за трлата (Јован 10:16). Тие биле Христови ученици со надеж за вечен живот на рајската Земја. Така да се каже, тие биле духовното потомство на помазаните христијани (Исаија 59:21; 66:22; спореди 1. Коринтјаните 4:15, 16). Го препознале помазаното христијанско собрание како верен и разумен роб и, како и нивните помазани браќа, тие имале длабока љубов кон Јехова, вера во Исусовата жртва, ревност да го фалат Бог и спремност да страдаат за праведноста.
5. Како постепено била подобро разбрана положбата на другите овци?
5 Отпрвин, статусот на овие други овци не бил добро разбран, но со текот на времето, работите станале појасни. Во 1932 година, помазаните христијани биле охрабрени да ги поттикнуваат другите овци да учествуваат во делото на проповедање — нешто што многу други овци веќе го правеле. Во 1934, другите овци биле охрабрени да се подложат на крштевање во вода. Во 1935 биле идентификувани со ‚големото мноштво‘ од Откровение, поглавје 7. Во 1938 биле повикани да присуствуваат на Споменот на смртта на Исус Христос како набљудувачи. Во 1950, зрелите мажи меѓу нив биле препознати како ‚кнезови‘ кои служат како „заштита од ветар и засолниште за лошо време“ (Псалм 44:16; Исаија 32:1, 2). Во 1953, Божјата земна организација — чијшто поголем дел дотогаш го сочинувале други овци — била видена како јадро на земното општество кое ќе постои во новиот свет. Во 1985 било разбрано дека на темел на Исусовата откупна жртва, другите овци се прогласени за праведни како Божји пријатели и со изглед да го преживеат Армагедон.
6. Какви се денешните релативни положби на помазаниците и на другите овци, и до кои прашања води тоа?
6 Досега, во овој подоцнежен дел од „последните денови“, поголемиот дел од 144-те илјади умреле и ја добиле својата небесна награда (2. Тимотеј 3:1; Откровение 6:9-11; 14:13). Христијаните со земна надеж сега го извршуваат поголемиот дел од проповедањето на добрата вест, и за нив претставува предност да ги поддржуваат Исусовите помазани браќа во ова (Матеј 25:40). Меѓутоа, овие помазаници се верниот и разумен роб преку кого се дава духовна храна во текот на овие последни денови. Каква ќе биде ситуацијата со другите овци кога сите помазаници ќе ја добијат својата небесна награда? Какви подготовки ќе бидат направени тогаш за другите овци? Еден краток поглед на древниот Израел ќе ни помогне да одговориме на овие прашања.
„Царство на свештеници“ како претслика
7, 8. До кој обем древниот Израел бил царство на свештеници и свет народ под сојузот на Законот?
7 Кога го избрал Израел за свој посебен народ, Јехова склучил сојуз со него, велејќи: „Ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи, зашто Моја е земјата цела. И вие ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет“ (2. Мојсеева 19:5, 6). Израел бил Јеховин посебен народ на темел на сојузот на Законот. Но, како требало да се исполни ветувањето во врска со царство на свештеници и свет народ?
8 Кога бил верен, Израел ја признавал Јеховината сувереност и го прифаќал како свој Цар (Исаија 33:22). Затоа, тој бил царство. Но, како што подоцна било откриено, ветувањето за „царство“ требало да значи многу повеќе. Освен тоа, додека го слушале Јеховиниот Закон, тие биле чисти, одделени од народите околу нив. Биле свет народ (5. Мојсеева 7:5, 6). Дали биле царство на свештеници? Па, во Израел, Левиевото племе било одвоено за храмска служба, а во тоа племе постоело левитско свештенство. Кога бил воведен Мојсеевиот Закон, машките левити биле земени во замена за првородените од секое нелевитско семејствоa (2. Мојсеева 22:29; 4. Мојсеева 3:11-16, 40-51). На тој начин, секое семејство во Израел, така да се рече, било застапено во храмската служба. Од ваквата застапеност во свештенството, нацијата и не можела да добие повеќе. Сепак, тие го претставувале Јехова пред народите. Сите странци кои сакале да го обожаваат вистинскиот Бог, морале да го прават тоа заедно со Израел (2. Летописи 6:32, 33; Исаија 60:10).
9. Што предизвикало Јехова да го отфрли северното царство Израел ‚од свештенодејството пред Него‘?
9 По смртта на Соломон, Божјиот народ се поделил на северна нација Израел под царот Јеровоам и на јужна нација Јуда под царот Ровоам. Со оглед на тоа што храмот — центарот на чистото обожавање — се наоѓал на територијата на Јуда, Јеровоам вовел незаконски облик на обожавање, поставувајќи ликови на телиња на својата национална територија. Освен тоа, ‚изградил идолско светилиште и поставил од народот свештеници, кои не биле од Левиевите синови‘ (3. Царства 12:31). Северната нација западнала уште подлабоко во лажното обожавање кога царот Ахав ѝ дозволил на својата жена туѓинка, Језавела, да го воведе во земјата обожавањето на Ваал. На крајот, Јехова објавил осуда над бунтовното царство. Преку Осија, тој рекол: „Мојот народ се оприличил на тие што немаат знаење, зашто ти си отфрлил знаење, и Јас ќе те отфрлам од свештенодејството пред Себе“ (Осија 4:6). Набргу потоа, Асирците го уништиле северното царство Израел.
10. На кој начин јужното царство Јуда, кога било верно, го претставувало Јехова пред народите?
10 А што е со јужната нација Јуда? Во времето на Језекија, Јехова им рекол преку Исаија: „Мои сведоци, . . . сте вие и Мојот слуга, што го избрав, . . . Овој народ го создадов за Себеси; тој ќе ја разгласува славата Моја“ (Исаија 43:10, 21; 44:21). Кога било верно, јужното царство служело за да им ја објавува на народите Јеховината слава и да ги привлекува лицата со праведни срца да го обожаваат во неговиот храм и да извлечат корист од службата на законското левитско свештенство.
Странци во Израел
11, 12. Наброј некои странци кои почнале да му служат на Јехова заедно со Израел.
11 За странците кои се оѕвале на ова национално сведоштво била направена подготовка во Законот што им бил даден преку Мојсеј, чија сопруга, Сепфора, била Мадијамка. „Многу други придојдени“ не-Израелци го напуштиле Египет со Израел и биле присутни кога бил даден Законот (2. Мојсеева 2:16-22; 12:38; 4. Мојсеева 11:4). Раав и нејзиното семејство биле спасени од Јерихон и подоцна прифатени во еврејското собрание (Исус Навин 6:23-25). Набргу потоа, Гаваонците склучиле мир со Израел и им биле доделени задачи во врска со шаторот за обожавање (Исус Навин 9:3-27; види и 3. Царства 8:41-43; Естира 8:17).
12 На крајот, странците служеле на високи положаи. Урија Хетеецот, сопругот на Вирсавија, бил вброен меѓу ‚главните‘ на Давид, како што бил и Селик Амонецот (1. Летописи 11:26, 39, 41; 2. Царства 11:3, 4). Авдемелех, еден Етиопјанин, служел во палатата и имал пристап до царот (Јеремија 38:7-9). По враќањето на Израел од егзилот во Вавилон, на неизраелските Нетинејци им била дадена зголемена одговорност во помагањето на свештениците (1. Ездра 7:24). Со оглед на тоа што било сметано дека извесен број од овие верни странци, односно странски доселеници, го предочуваат денешното големо мноштво, нивната ситуација е од голем интерес за нас.
13, 14. а) Кои биле предностите и одговорностите на прозелитите во Израел? б) Како требало да гледаат Израелците на верните прозелити?
13 Таквите лица биле прозелити — предадени обожаватели на Јехова под Мојсеевиот Закон, кои заедно со Израелците биле одделени од народите (3. Мојсеева 24:22). Тие принесувале жртви, се држеле чисти од лажно обожавање и се воздржувале од крв, исто како Израелците (3. Мојсеева 17:10-14; 20:2). Помагале при изградбата на Соломоновиот храм и се придружиле во обновувањето на вистинското обожавање во времето на царевите Аса и Езекија (1. Летописи 22:2; 2. Летописи 15:8-14; 30:25). Кога Петар го употребил првиот клуч на Царството на Пентакост 33 година н. е., неговите зборови ги слушале и „Евреи и [нееврејски] прозелити“ (НС). Веројатно, некои од трите илјади кои се крстиле тој ден биле прозелити (Дела 2:10, 41). Кратко потоа, Филип крстил еден етиопски прозелит — пред Петар да го употреби последниот клуч на Царството за Корнилиј и неговото семејство (Матеј 16:19; Дела 8:26-40; 10:30-48). Очигледно е дека прозелитите не биле сметани за пагани.
14 Сепак, положбата на прозелитите во Израел не била како положбата на домородните Израелци. Прозелитите не служеле како свештеници и нивните првородени не биле застапени во левитското свештенство.b Исто така, не наследувале земја во Израел. Сепак, на Израелците им било заповедано да бидат обѕирни кон верните прозелити и да ги сметаат за браќа (3. Мојсеева 19:33, 34).
Духовен народ
15. Што се случило кога природните Евреи одбиле да го прифатат Месијата?
15 Целта на законот била да го чува Израел чист, одделен од народите околу него. Но, служел и за една друга цел. Апостол Павле напишал: „Законот беше за нас воспитувач во Христа, за да се оправдаме преку верата“ (Галатјаните 3:24). За жал, повеќето Израелци не дозволиле Законот да ги доведе до Христос (Матеј 23:15; Јован 1:11). Затоа, Јехова Бог го отфрлил тој народ и овозможил да се роди „Израилот Божји“. Освен тоа, до сите не-Израелци го проширил повикот да станат полноправни граѓани во овој нов Израел (Галатјаните 3:28; 6:16). Јеховиното ветување од 2. Мојсеева 19:5, 6 за кралско свештенство, конечно се исполнило на еден прекрасен начин, токму врз овој нов народ. Како?
16, 17. Во која смисла помазаните христијани на Земјата се ‚царски‘? Во која смисла се „свештенство“?
16 Петар цитирал од 2. Мојсеева 19:6 кога им напишал на помазаните христијани од негово време: „Вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени“ (1. Петрово 2:9). Што значи ова? Дали помазаните христијани на Земјата се цареви? Не, нивното царување допрва претстои во иднина (1. Коринтјаните 4:8). Меѓутоа, тие се ‚царски‘ во таа смисла што се избрани за идни кралски предности. Уште сега, тие претставуваат народ под еден цар, Исус, поставен од Големиот Суверен, Јехова Бог. Павле напишал: „[Јехова] нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот возљубен Син“ (Колосјаните 1:13).
17 Дали помазаните христијани на Земјата се свештенство? Во извесна смисла, да. Како собрание, тие извршуваат неоспорна свештеничка функција. Петар го објаснил ова кога рекол: „Вие самите . . . сте изградени во духовен дом заради свето свештенство“ (1. Петрово 2:5, НС; 1. Коринтјаните 3:16). Денес, остатокот од помазани христијани колективно го претставува ‚верниот и разумен роб‘ — каналот за делење на духовна храна (Матеј 24:45-47, НС). Како што било случај во древниот Израел, секој кој сака да го обожава Јехова, мора да го прави тоа во соработка со овие помазани христијани.
18. Како свештенство, која првенствена одговорност ја има помазаното христијанско собрание на Земјата?
18 Освен тоа, помазаните христијани ја презеле од Израел предноста да сведочат за Јеховината величина меѓу народите. Контекстот покажува дека, кога Петар ги нарекол помазаните христијани кралско свештенство, го имал на ум делото на проповедање. Всушност, тој го споил во еден цитат Јеховиното ветување од 2. Мојсеева 19:6 со Неговите зборови до Израел од Исаија 43:21, кога рекол: „Вие сте . . . царско свештенство . . . за да ги возвестите совршенствата [извонредностите, НС] на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина“ (1. Петрово 2:9). Во склад со ова, објавувањето на Јеховините извонредности Павле го нарекол храмска жртва. Тој напишал: „Преку [Исус], пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Евреите 13:15).
Небесно исполнување
19. Кое е конечното, величествено исполнување на ветувањето дека Израел ќе биде царство на свештеници?
19 Меѓутоа, 2. Мојсеева 19:5, 6 конечно има едно многу поголемо исполнување. Во книгата Откровение, апостол Јован ги слуша небесните суштества како го применуваат овој стих додека го фалат воскреснатиот Исус: „Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе, и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници; и ќе царуваме на [над, НС] земјата!“ (Откровение 5:9, 10). Значи, во неговата конечна смисла, кралското свештенство го претставува Божјето небесно Царство, владејачкиот авторитет за којшто Исус нѐ учел да молиме (Лука 11:2). Сите 144.000 помазани христијани кои верно ќе истраат до смрт, ќе имаат удел во таа подготовка на Царството (Откровение 20:4, 6). Какво прекрасно исполнување на ветувањето кое уште одамна му било дадено на Мојсеј!
20. Кое прашање уште треба да биде одговорено?
20 Каква врска има сево ова со ситуацијата на големото мноштво и со нивната иднина кога сите помазаници ќе го добијат своето прекрасно наследство? Тоа ќе биде објаснето во последната статија од оваа серија.
[Фусноти]
a Кога било воведено израелското свештенство, биле броени првородените синови од нелевитските израелски племиња и машките од Левиевото племе. Имало 273 провородени повеќе отколку машки левити. Затоа, Јехова заповедал да се платат по пет сикли за секој од тие 273, како откупнина за вишокот.
b Кога бил воведен Законот во 1513 година пр. н. е., било присутно и големото мешано мноштво од не-Израелци, но нивните првородени не биле вклучени кога левитите биле земени како замена за израелските првородени. (Види пасус 8.) Затоа, левитите не биле земени во замена за првородените од овие не-Израелци.
Можеш ли да објасниш?
◻ Како положбата на другите овци постепено била подобро разбрана?
◻ Зошто Јехова го отфрлил северното Царство Израел за да не му служи како свештеник?
◻ Додека била верна, каква била положбата на Јуда пред народите?
◻ Каква била положбата на верните прозелити во Израел?
◻ На кој начин помазаното собрание служи како царство на свештеници?
[Слика на страница 16]
Како кралско свештенство, помазаните христијани ја објавуваат Јеховината слава на Земјата
[Слика на страница 18]
Конечното исполнување на 2. Мојсеева 19:6 е Царството