„Што е вистина?“
ДВАЈЦАТА мажи кои стоеле еден наспроти друг не можеле да бидат поразлични. Едниот бил политичар кој бил циничен, амбициозен, богат, спремен да стори сѐ за да ја унапреди својата кариера. Другиот бил учител кој го презирал богатството и престижот и бил спремен да го жртвува својот живот за да ги спаси животите на другите. Излишно е да се каже дека овие двајца мажи немале иста гледна точка! Особено во една работа тие апсолутно се разликувале — тоа било вистината.
Овие мажи биле Понтиј Пилат и Исус Христос. Исус стоел пред Пилат, осуден како злочинец. Зошто? Исус објаснил дека причината за ова — да, вистинската причина поради која дошол на Земјата и ја презел својата служба — е вистината. „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот“, рекол тој, „за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37).
Пилатовата реплика била едно значајно прашање: „Што е вистина?“ (Јован 18:38, НС). Дали тој навистина барал одговор? Веројатно не. Исус бил човек кој можел да одговори на кое и да е прашање што би му било поставено од искрени мотиви, но тој не му одговорил на Пилат. А Библијата вели дека, откако го поставил прашањето, Пилат веднаш излегол од собата за сослушување. Веројатно, римскиот гувернер го поставил прашањето во циничен сомнеж — како да рекол: „,Вистина‘? Што е тоа? Не постои такво нешто!“a
Пилатовото скептично гледиште за вистината денес не е нешто невообичаено. Многумина мислат дека вистината е релативна, со други зборови, дека она што е вистина за едно лице може да биде невистина за друго, така што обајцата можат да бидат „во право“. Ова верување е толку раширено што постои дури и еден термин за тоа: „релативизам“. Дали и ти гледаш така на прашањето за вистината? Ако да, можно ли е да си го прифатил ова гледиште без темелно да го испиташ? Дури и ако не си го прифатил, дали знаеш колку многу оваа филозофија влијае на твојот живот?
Напад на вистината
Понтиј Пилат не бил првиот кој ја довел во прашање идејата за апсолутна вистина. Некои антички грчки филозофи, учењето за ваквите сомневања го направиле речиси нивна животна определба! Пет века пред Пилат, Парменид (кој бил сметан за татко на европската метафизика) верувал дека вистинското спознание е недостижно. Демокрит, кој се смета за „најголем од античките филозофи“, тврдел: „Вистината е длабоко закопана. . . . Ние не знаеме ништо со сигурност“. Веројатно, најреспектираниот од сите нив, Сократ, рекол дека едно сигурно знае, а тоа е дека ништо не знае.
Овој напад на идејата дека вистината може да се запознае, продолжил сѐ до наше време. На пример, некои филозофи велат дека, бидејќи спознанието допира до нас преку нашите сетила кои можат да бидат измамени, ниту едно спознание не е докажано како вистинито. Францускиот филозоф и математичар Рене Декарт решил да ги испита сите работи за кои мислел дека ги знае како сигурни. Тој ги отфрлил сите, освен една вистина за која сметал дека е непобитна: „Cogito ergo sum“, или „Мислам, значи постојам“.
Културата на релативизмот
Релативизмот не е ограничен само на филозофите. Го научуваат религиозните водачи, индоктриниран е во училиштата и раширен е преку медиумите. Епископалниот бискуп Џон С. Спонг пред неколку години изјавил: „Мислењето дека ние ја имаме вистината, а другите мораат да го прифатат нашето гледиште, мора . . . да го промениме во сфаќање дека крајната вистина е вон дофатот на сите нас“. Спонговиот релативизам, како и оној на толку многу свештеници денес, брзо ги отфрла библиските морални учења во корист на филозофијата „секој за себе“. На пример, во еден обид да направи хомосексуалците да се чувствуваат „покомотно“ во Епископалната црква, Спонг напишал една книга во која тврди дека апостол Павле бил хомосексуалец!
Изгледа во многу земји школските системи создаваат сличен начин на размислување. Во својата книга The Closing of the American Mind (Затворање на американскиот ум), Ален Блум напишал: „Има една работа во која професорот може да биде апсолутно сигурен: Скоро секој студент кој доаѓа на универзитет верува, или барем така вели, дека вистината е релативна“. Блум открил дека кога ја проверувал убеденоста на студентите по ова прашање, тие реагирале вчудовидено, „исто како кога би го довел во прашање тоа дека 2 + 2 = 4“.
Истото размислување се поткрепува на безброј други начини. На пример, новинарите на ТВ и во весниците, честопати изгледаат позаинтересирани да ги забавуваат своите гледачи и читатели отколку да дојдат до вистината во врска со некој одреден случај. Некои програми на кои се емитуваат вести, маскирале дури и снимки, или прикажувале лажни снимки за настанот да изгледа подраматичен. Исто и во забавата, на вистината ѝ е нанесен силен удар. Вредностите и моралните вистини по кои живееле нашите родители и нашите дедовци и баби, нашироко се сметаат за застарени и честопати се изложени на отворено исмејување.
Се разбира, некои можеби тврдат дека голем дел од овој релативизам е израз на непристрасност, па според тоа има позитивно влијание врз човечкото општество. Меѓутоа, дали е навистина така? А што е со влијанието што го има врз тебе? Дали веруваш дека вистината е релативна или дека не постои? Ако да, тогаш потрагата по неа може да ти изгледа како губење време. Таквото гледиште ќе влијае на твојата иднина.
[Фуснота]
a Според библискиот научник Р. Ц. Х. Ленски, „тонот со кој Пилат го кажал тоа, е израз на еден индиферентен световен човек кој со своето прашање сака да каже дека, сѐ што е во врска со религиозна вистина, е бескорисна шпекулација“.