ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 15/6 стр. 24-27
  • Искачување по планина повисока од Хималаите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Искачување по планина повисока од Хималаите
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Непал — планината Кралство
  • Мали почетоци
  • Ширење и покрај тешкотиите
  • Непал денес
  • Искачување повисоко од Хималаите
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 15/6 стр. 24-27

Искачување по планина повисока од Хималаите

ХИМАЛАИ! На што те асоцира овој збор? На застрашувачки, ледени планински врвови со силни ветришта? На возбудата од освојување — да се застане на врвот на највисоката планина на Земјата? За повеќето од нас би било невозможно да се искачиме на Монт Еверест, на планините Хималаи, во Непал. Сепак, денес многу луѓе од Непал се искачуваат на една многу повисока планина од Хималаите! Пред да откриеме каков е овој поход на величествената планина, да фрлиме поглед на малото, но убаво Кралство Непал.

Непал — планината Кралство

Кралството Непал е необично по тоа што е едно од неколкуте преостанати монархии во светот, а исто така и по тоа што не е световно, туку религиозно кралство. Непал е единствената хиндуистичка држава во светот. Поголемиот дел од нејзините 20 милиони жители се хиндуисти. Меѓутоа, постои голема разноликост во етничкото потекло на нејзините луѓе. Оние кои живеат во северните планински предели, претежно се од тибето–бурманско потекло, додека во јужните низини луѓето се претежно од индо–ариевско потекло. Непалскиот е службен јазик во земјата, а воедно и мајчин јазик на околу 60 отсто од населението. Преостанатите зборуваат на повеќе од 18 етнички јазици.

Непал е донекаде правоаголен по форма, а се протега на 880 километри од исток кон запад и 200 километри од север кон југ. Застрашувачките Хималаи, кои ја образуваат северната граница, го опфаќаат Монт Еверест, највисокиот врв на светот со 8.848 метри, како и уште осум други врвови со преку 8.000 метри. Во централен Непал се пониските планини, езерата и долините. Понатаму, на југ, на границата со Индија, лежи плодородната Тараи, главната земјоделска област.

Катманду, главниот град кој е лоциран во централниот дел, е вистинска туристичка атракција. Тој нуди авионски летови над величествените планини, екскурзии во националните паркови, како и многу локални обиколки. Непал понекогаш го нарекуваат и долина на боговите, бидејќи религијата игра голема улога во животот на неговите луѓе. Религијата е исто така и причината зошто милиони ширум светот се на поход на „планината“ повисока од Хималаите.

Пред околу 2.700 години, хебрејскиот пророк Исаија бил инспириран да прорече дека „во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините . . . Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова . . . Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови‘“ (Исаија 2:2, 3). Овде, возвишеното, чисто обожавање на Јехова, Творецот и Суверениот Владетел на универзумот, е споредено со планина која е високо издигната над сите други облици на обожавање, слични на планини. Тоа е темата на светското образовно дело кое им помага на луѓето гладни за вистина да учат за Јеховините патишта. Како започнало ова дело во Непал?

Мали почетоци

Еден војник на британската војска, во II светска војна, бил во потрага по вистинската религија. Неговите родители, хиндуисти, кои биле од Непал, се преобратиле на католицизам. Кога пораснал, тој ја согледал бесмисленоста на идолопоклонството, ги отфрлил учењата како што е доктрината за пеколниот оган и почнал да ги испитува верувањата на Протестантските цркви. Но, не бил задоволен.

Заробен од страна на Јапонците, во тогашен Рангун (Бурма), овој војник се молел да ја преживее суровоста на логорите за присилна работа за да продолжи со потрагата по вистинското обожавање. Подоцна, успеал да побегне од таму, преку еден учител во чиј дом ја нашол брошурата Where Are the Dead? (Каде се мртвите?), напишана од Џ. Ф. Ратерфорд. Препознавајќи го звукот на вистината, тој спремно се согласил да проучува кога во 1947 го посетиле Јеховините сведоци во Рангун. За неколку месеци бил крстен, а наскоро се крстила и неговата млада сопруга. Тие решиле да се вратат во Индија, населувајќи се во родниот Калимпонг, во североисточните планини. Овде им се родиле и биле школувани нивните две деца. Во март 1970, се преселиле во Катманду.

Уставот на Непал забранувал прозелитизам. Секој кој ќе бил фатен да пропагира т. н. странска религија подлежел на седум години затвор, а лицето кое ќе се приклучело на таквата религија можело да добие тригодишна затворска казна плус голема парична глоба. Затоа, сведочењето требало да се врши претпазливо. Службата од куќа до куќа значела да се посети еден дом, а потоа да се оди во друга област и таму да се направи друга посета. Разбирливо е дека неформалното сведочење играло главна улога во ширењето на добрата вест.

Напредокот бил доста бавен. Со популација од околу десет милиони, полето изгледало обесхрабрувачки. Семето на вистината било посеано кога ова единствено семејство им посведочило на пријателите, познајниците, работодавците и колегите на работа. Тие одржувале редовни состаноци во својот дом и ги повикувале заинтересираните да им се придружат. Конечно, во март 1974, после четиригодишно постојано садење и залевање, се појавиле и првите плодови од Непал — и тоа од еден неверојатен извор!

При посетата на еден дом, објавителот зборувал со некој богат човек кој бил секретар на еден член од кралското семејство. Човекот рекол: „Разговарај со син ми“. Синот се согласил за библиска студија. Со текот на времето го сменил своето работно место, бидејќи работел во коцкарница. Татко му, кој бил ревен хиндуист, му се спротивставувал. Сепак, овој млад човек зазел став за Јехова. Кој бил резултатот? Подоцна, татко му престанал да му се спротивставува, а група од блиски роднини ја прифатиле библиската вистина. Тој сега служи како старешина во христијанското собрание.

За да останат духовно јаки и да се придржуваат кон библиската заповед да не го напуштаат заедничкото собирање, малата група во Катманду одржувала редовни состаноци во приватен дом. Но, повеќето од браќата не биле во состојба да присуствуваат на поголемите собири. Оние кои можеле да си дозволат такво нешто, патувале во Индија на конгреси — долго и скапо патување преку планинските венци.

Колку радосен настан било тоа кога целокупната програма од обласниот конгрес била одржана во домот каде што се состанувале! Замисли, четири браќа, вклучувајќи и еден член на индиската подружница, ја одржале целата програма! Била прикажана дури и драмата. Како? Во Индија биле направени слајдови од генералната проба. Во Непал, овие слајдови биле прожектирани на платно, придружени со снимен дијалог. Присутните уживале во тоа. Колку броеле тие присутни? Осумнаесет луѓе!

Помошта однадвор во делото на проповедање била ограничена. За мисионерско дело воопшто не станувало збор, а освен тоа не било ни лесно за странците да најдат световна работа. Меѓутоа, двајца индиски Сведоци сепак нашле вработување во Непал, во различно време. Тие поминале неколку години во Катманду и помагале да се зајакне новоформираното собрание. До 1976, во Катманду имало 17 објавители на Царството. Во 1985, браќата изградиле своја сопствена Сала на Царството. Кога била завршена, таму почнале редовно да се одржуваат годишните обласни конгреси, како и другите собири. Салата навистина била центар на вистинското обожавање во таа оддалечена планинска област.

Ширење и покрај тешкотиите

Во тие рани години, делото на проповедање, вршено со голема претпазливост, не им привлекло баш некое големо внимание на властите. Меѓутоа, кон крајот на 1984 почнале да се воведуваат ограничувања. Биле уапсени еден брат и три сестри и биле чувани во притвор четири дена пред да бидат пуштени со предупредување да прекинат со својата дејност. Во едно село биле уапсени девет лица за време на библиската студија во своите домови. Шест од нив биле 43 дена в затвор. Следеле уште неколку други апсења, но не била покрената судска постапка.

Не така одамна, во 1989, биле уапсени сите браќа и сестри на една Собраниска студија на книга, биле притворени три дена, а потоа ослободени. Понекогаш од нив се барало да потпишат изјава во која се велело дека нема да проповедаат. Тие одбивале. Некои биле ослободувани само откако потпишале изјава дека ќе бидат спремни да се соочат со последиците ако повторно бидат фатени да проповедаат.

И покрај ваквите тешкотии, браќата продолжиле ревно да ја проповедаат добрата вест за Царството. На пример, во 1985 — годината по започнувањето на владината интервенција — имало 21 отсто пораст во бројот на оние кои проповедале. Објавителите, кои вкупно броеле 35, просечно поминувале 20 часови месечно, зборувајќи им на другите за чистото обожавање.

Како што минувало времето, во Непал почнале да дуваат ветровите на политички промени. Владините службеници почнале да сфаќаат дека Јеховините сведоци не претставуваат никаква опасност. Всушност, нивното библиско образовно дело имало корисен, изградувачки ефект врз луѓето, правејќи ги подобри граѓани. Функционерите увиделе дека чесноста, марливоста и исправното морално однесување се нагласени како основни барања за обожавателите на Јехова.

Добро сведоштво било дадено кога една бивша ревна хиндуистка станала Сведок и одбила да прими трансфузија на крв. Докторите биле изненадени од нејзиниот непопустлив став и добра информираност. На оваа жена и било помогнато да ја запознае вистината со помош на брошурата Радувај се засекогаш на животот на Земјата! И покрај противењето и исмејувањето од нејзиното семејство, таа се крстила во 1990, кога имала приближно 70 години. Подоцна си ја скршила ногата, а имала и други компликации поради кои требало да се подвргне на тешка операција. Цели две недели се спротивставувала на притисокот од докторите и роднините да прими крв. На крајот, хируршкиот тим успешно ја оперирал без употреба на крв. Иако сега е ограничена во движењето, оваа верна сестра секое утро седнува пред својата порта и ги кани минувачите да седнат со неа и да слушнат некои радосни добри вести.

Непал денес

Каква е денес ситуацијата во Непал? Јеховините сведоци уживаат слобода на обожавањето, како што е случај и со нивните браќа ширум светот. Од времето кога еден или двајца симболични планинари почнале да им се придружуваат на оние кои се искачуваат по планината на вистинското обожавање, еден растечки број луѓе рекол: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова‘. До 1989, секој месец имало во просек по 43 објавители кои учествувале во делото на проповедање, а таа година на Споменот на Христовата смрт присуствувале 204 лица.

Тогаш, како што било ветено, Јехова почнал да го забрзува собирањето на трагачите по вистината, во својот дом (Исаија 60:22). Неодамна, во Катманду било формирано второ собрание, а сега таму има и две одделни групи, надвор од главниот град. Во април 1994 имало 153 христијани кои известиле проповедничка дејност. Тоа било пораст од 350 отсто за помалку од пет години! Тие воделе 386 домашни библиски студии со заинтересираните луѓе. На Споменот во 1994 имало еден восхитувачки број од 580 присутни. За Денот на посебен состанок во салата се собрале 635 лица, од кои 20 се крстиле. Така, големиот пораст што го уживаат Јеховините сведоци ширум светот се случува и овде, во малата земја Непал.

Во последниве години, бројот на литературата објавена на непалски јазик многу се зголеми, помагајќи им на понизните да заземат цврст став за вистината. Преведувачите кои биле оспособувани за преведувачките методи и употребата на компјутер, во индиската подружница, сега служат полновремено во Катманду. Опремени за ширење, непалските теократски планинари напредуваат понатаму!

Искачување повисоко од Хималаите

И ти можеш да уживаш во искачувањето на планината која е повисока од Хималаите. Правејќи го тоа, ќе им се придружиш не само на оние од Непал туку и на милионите „од сите племиња и колена, народи и јазици“ (Откровение 7:9). Заедно со нив, ќе имаш задоволство да бидеш поучен од Творецот на величествените планини, како оние во Непал. Ќе видиш како Творецот ќе ги „исправи работите“, и ќе бидеш во можност да се надеваш на вечен живот на една исчистена и прекрасна Земја (Исаија 2:4, НС).

[Карта на страница 24]

(Види во публикацијата)

Катманду

Монт Еверест

[Слика на страница 25]

Надвор од Салата на Царството во Катманду

[Слика на страница 26]

Многумина Непалци извлекуваат корист од библиските студии

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели