Исусовите чуда — историја или мит?
„На четвртата стража, преку ноќта, дојде Исус при нив, одејќи по морето“ (Матеј 14:25).
ЗА МИЛИОНИ луѓе ширум светот, верувањето дека Исус Христос правел чуда е скоро исто толку важно како и верувањето во Бог. Писателите на евангелијата — Матеј, Марко, Лука и Јован — опишуваат околу 35 Исусови чуда. Меѓутоа, нивните извештаи навестуваат дека тој извршил многу повеќе натприродни дела (Матеј 9:35; Лука 9:11).
Овие чуда не биле правени заради забава. Тие биле суштината на Исусовото тврдење дека е Син Божји, долго очекуваниот Месија (Јован 14:11). Мојсеј правел чудесни знаци кога се претставил пред заробената нација Израел (2. Мојсеева 4:1-9). Логично е дека и од Месијата, за кого било проречено дека ќе биде поголем од Мојсеј, би се очекувало да прави некакви знаци со божествена поддршка (5. Мојсеева 18:15). Затоа, Библијата го нарекува Исус ‚човек посведочен пред [Евреите] од Бога, со сили, чудеса и знаци‘ (Дела 2:22).
Во минатото, луѓето обично без сомневање го прифаќале библискиот опис на Исус како чудотворец. Но, во последниве децении евангелијата дошле под оган од критики. Во својата книга Deceptions and Myths of the Bible (Измами и митови на Библијата), Лојд Греам се осврнува на библискиот запис за Исусовото одење по водата и оди толку далеку што дури вели: „Потребно е големо незнаење за да се верува дословно во ова, но сепак, милиони дословно веруваат. И после се прашуваме, во што е проблемот со нашиот свет. Каков подобар свет би можеле воопшто и да очекуваме, покрај толкаво незнаење?“
Невозможно?
Меѓутоа, ваквите критики не се разумни. The World Book Encyclopedia го дефинира чудото како „настан кој не може да се објасни преку познатите закони на природата“. Според таа дефиниција, ТВ во боја, мобилен телефон или еден лептоп компјутер, само пред еден век би биле сметани за чуда! Дали е разумно да се биде догматичен и да се вели дека нешто е невозможно само затоа што таквото нешто не можеме да го објасниме според сегашното научно сознание?
Еве уште еден факт кој треба да се земе предвид: Во оригиналниот грчки јазик, на кој бил напишан „Новиот завет“, зборот употребен за „чудо“ бил ди́намис — збор со основно значење „моќ“. Тој е преведен и како „моќни дела“ или „способност“ (Лука 6:19; 1. Коринтјаните 12:10, НС; Матеј 25:15, НС). Библијата тврди дека Исусовите чуда биле манифестација на „величината Божја“ (Лука 9:43). Дали такви дела би биле невозможни за еден Семоќен Бог — Оној кој има ‚изобилство на динамичка енергија‘? (Исаија 40:26, НС).
Доказ за автентичност
Поблиското испитување на четирите евангелија дава понатамошен доказ за нивната веродостојност. Една работа која треба да се земе предвид е тоа што овие извештаи се значително поинакви од прикаските и легендите. Разгледај ги, на пример, лажните прикаски за Исус, кои кружеле во вековите по неговата смрт. Апокрифното „Евангелие на Тома“ раскажува: „Кога ова дете Исус имаше пет години . . ., минуваше низ селото, и едно момче протрча и го удри по рамото. Исус се разбесни и му рече: ‚Нема веќе да одиш по твојот пат‘, и детето веднаш падна и умре“. Не е тешко да се распознае вистинската природа на оваа прикаска — чиста фикција. Освен тоа, каприциозното, гневливо дете што е прикажано овде, нема никаква сличност со Исус од Библијата. (Спореди Лука 2:51, 52.)
Сега разгледај ги извештаите од автентичните евангелија. Во нив нема претерување и призвук на фикција. Исус ги правел чудата како одговор на некоја вистинска потреба, а не едноставно да задоволи некаков каприц (Марко 10:46-52). Тој никогаш не ја употребил својата моќ за лична корист (Матеј 4:2-4). И никогаш не ја користел за да се фали. Всушност, кога љубопитниот цар Ирод сакал Исус да направи некакво „чудо“ пред него, Исус ‚ништо не одговорил‘ (Лука 23:8, 9).
Исусовите чуда исто така биле во остра спротивност со делата на професионалните илузионисти, маѓесници и исцелители со вера. Неговите моќни дела секогаш го славеле Бог (Јован 9:3; 11:1-4). Неговите чуда биле без емоционални ритуали, маѓеснички гатања, блескави паради, лукавство и хипноза. Кога Исус наишол на еден слеп питач по име Вартимеј, кој викал: „Да прогледам, Учителе!“, Исус едноставно му рекол: „,Оди си, верата твоја те спаси!‘ И тој веднаш прогледа“ (Марко 10:46-52).
Записите во евангелијата покажуваат дека Исус ги правел своите моќни дела без реквизити, без посебно подготвени сцени и без светлосни ефекти. Тие биле изведувани надвор, на отворено, честопати пред голем број очевидци (Марко 5:24-29; Лука 7:11-15). За разлика од обидите на современите исцелители со вера, неговите напори за исцелување никогаш не промашиле затоа што на некој болен наводно му недостасувала вера. Матеј 8:16 вели: „И ги излекува сите болни“.
Во својата книга “Many Infallible Proofs:” The Evidences of Christianity („Многу непогрешливи докази:“ Траги на христијанството), за Христовите чуда, научникот Артур Пирсон вели: „Нивниот број, моменталниот и комплетниот карактер на лечењата што ги вршел, како и отсуството на секаков неуспех дури и во обидот да ги воскресне мртвите, создава бесконечно растојание помеѓу овие чуда и божемните чуда од ова или било кое друго време“.
Световна потврда
Пирсон нуди уште еден аргумент кој ги поддржува извештаите на евангелијата, кога вели: „Нема ниту една поистакната потврда за чудата во Писмото, од молчењето на непријателите“. Еврејските водачи имале многу силен мотив за нивната желба да го озлогласат Исус, но неговите чуда биле толку добро познати што противниците не се осмелиле да ги негираат. Сѐ што можеле да сторат било ваквите дела да ги припишат на демонските сили (Матеј 12:22-24). Со векови по Исусовата смрт, писателите на еврејскиот Талмуд продолжиле да му припишуваат на Исус чудесна моќ. Според книгата Jewish Expressions on Jesus (Еврејските изјави за Исус), тие го отфрлиле како оној кој „ги следел делата на магијата“. Дали ќе дошло до ваков коментар ако постоела макар минимална можност да се отфрлат Исусовите чуда како обичен мит?
Понатамошни докази доаѓаат од црковниот историчар Еузебиј, од четвртиот век. Во својата книга The History of the Church From Christ to Constantine (Историјата на црквата од Исус до Константин), тој цитира извесен Квадрат кој во одбрана на христијанството напишал писмо до императорот. Квадрат напишал: „Делата на нашиот Спасител беа секогаш видливи бидејќи беа вистинити — луѓето кои беа излекувани и оние кои беа воскреснати од мртвите, кои не беа видени само во моментот кога беа излекувани или воскреснати, туку секогаш беше можно да се видат, не само кога Спасителот беше меѓу нас, туку и долго време по неговото заминување; всушност некои од нив преживеаја дури и до мое време“. Научникот Вилијам Баркли забележал: „Квадрат вели дека некои луѓе кои ги искусиле чудата биле сѐ уште живи до негово време и можеле да послужат како доказ. Ако тоа не било вистина, за римската власт ќе немало ништо полесно од тоа да го жигоса таквото нешто како лага“.
Верувањето во Исусовите чуда е оправдано, разумно, и во потполн склад со доказите. Сепак, Исусовите чуда не се мртва историја. Евреите 13:8 нѐ потсетува: „Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки“. Да, тој сега е жив на небото и во можност е да ја користи чудесната моќ на еден многу поголем начин отколку кога бил како човек на Земјата. Освен тоа, извештаите од евангелијата за неговите чуда 1) денес ги поучуваат христијаните за практични работи, 2) ги откриваат фасцинантните аспекти на Исусовата личност и 3) укажуваат на едно време во блиската иднина кога ќе се случат дури и поспектакуларни настани!
Следната статија ќе се сосредоточи на три добро познати библиски извештаи за да ги објасни овие точки.