Доминиканска република — сѐ уште отворена за откривање
КАКО младич, Кристифор Колумбо се впуштил во живот на море кој со текот на времето го довел до откривање на островите кои денес се познати како Западноиндиски острови. Во декември 1492, неговиот команден брод, Санта Марија, се заринкал во северното крајбрежје од островот Еспањола — денес познат како Хиспаниола — поделен помеѓу Хаити и Доминиканската република. Таму Колумбо ја основал првата европска колонија, набрзина изградена тврдина и ја нарекол Ла Навидад. Овој остров станал центар за неговите понатамошни истражувања.
Колумбо открил дека островот е населен со видно убави, доверливи и гостопримливи луѓе — Тано индијанците. Се проценува дека во тоа време ги имало околу 100.000. Меѓутоа, под суровиот режим на освојувачите, чијшто примарен интерес бил да најдат злато, бројот на домородното население рапидно се смалил. Според извештајот, до 1570 година таму останале само уште околу 500 Тано индијанци.
Денес, Доминиканската република е населена со луѓе од многу раси и различна боја на кожата, чиишто претци имигрирале овде. Па сепак, се чини дека тие имаат многу од прекрасните особини на индијанците Тано, со тоа што во основа се пријателски настроени и се безгрижни луѓе. Ова, заедно со искрената вера во Бог и почитувањето кон Библијата, го направило проповедањето и поучувањето на Јеховините сведоци во оваа земја значително успешно.
Откритие од друг вид
Првите мисионери на Стражарска кула, Ленарт и Вирџинија Џонсон, пристигнале во Доминиканската република во времето на диктаторот Трухилјо. На нивна радост, откриле дека на библиската порака многумина одговориле брзо и позитивно. Меѓутоа, ова не им било по волја на властите и на нивните религиозни советници. Наскоро избил бран на прогонства и верата на тие први доминикански Сведоци била ставена на тежок испит. До ден денес се раскажува многу за нивната лојалност и вера до самата смрт.
Јеховините сведоци, кои денес бројат околу 16.000, се добро познати во земјата. Пред извесно време, пет телевизиски куќи ја емитуваа видеокасетата Jehovah’s Witnesses—The Organization Behind the Name (Јеховини сведоци — организација која стои зад името).a
Ова му дало голем публицитет на делото на Сведоците, не само во поголемите градови туку и во помалите гратчиња, како и во некои селски подрачја. После тоа, тие организирале посебна кампања за да ги достигнат и овие изолирани подрачја со добрата вест за Царството.
Благослови од проширеното подрачје
Многумина млади, енергични и ревни Сведоци се пријавиле како доброволци да сведочат по два месеца на овие оддалечени подрачја. Нивните напори биле богато наградени. Во едно подрачје, двајца Сведоци откриле исклучителен интерес. Бидејќи било време да се одржи годишниот Спомен на Исусовата смрт, направиле подготовки и ги повикале луѓето да дојдат. Салата се наполнила и тие го воделе состанокот. Кога завршиле, на свое големо изненадување, виделе дека надвор од салата чека уште една голема група луѓе. Така, ги повикале да влезат и ја повториле програмата. Во таа област сега има собрание.
Великодушната и пријателска природа на луѓето честопати ги поттикнува, библиската вистина која ја дознаваат, да ја споделуваат со членовите на своето семејство и со другите. Еден библиски ученик горел од радост кога конечно се оспособил да учествува во службата од куќа до куќа. Тој веќе водел пет библиски студии во своето соседство, но сакал да има уште поголем удел во службата.
Бидејќи има големо подрачје во кое луѓето не биле редовно посетувани од објавителите на Царството, направени се напори да им се сведочи на луѓето во автобусите, како и на оние кои доаѓаат во градовите по работа или на пазар. Ова довело до задоволувачки резултати, како што е илустрирано преку следново искуство во поврзаност со едно писмо кое пристигнало во канцеларијата на подружницата. Писмото било од двајца луѓе, од едно селско подрачје, кои барале библиска студија. Кога ги посетил еден Сведок, се покажало дека „луѓето“ се на возраст од 10 и 11 години. Но, како дознале за подготовката за библиска студија? Па, еден човек од тоа село отишол во главниот град по некоја работа. Тој сретнал еден Сведок на улицата, кој му дал трактат и му понудил бесплатна домашна библиска студија. Кога се вратил во своето село, човекот му го дал трактатот на едно 12-годишно девојче од соседството и му кажал за подготовката за библиска студија. Девојчето, пак, им ги пренело информациите на двете момчиња, кои веднаш го напишале писмото. Била започната библиска студија со момчињата, со девојчето, со човекот и со неговите две деца.
Извонреден одзив на младите
Навистина, младите луѓе — не само оние кои растеле во вистината туку и другите — изгледа сериозно го сфатиле нивното обожавање на Бог. На пример, Тамар и нејзината сестра Кејла биле крстени на 10-годишна возраст, а на 11 години започнале со полновремената пионерска служба. Венди Каролина имала 12 години кога го симболизирала своето предание со крштевање во вода, а две години подоцна, во 1985, започнала со општа пионерска служба. Денес таа е делотворен учител на библиските вистини и сѐ уште ужива во полновремената служба. Младиот Ховани, кој се крстил на 10, а со пионерската започнал на 11 години, води четири домашни библиски студии. Кога десетгодишниот Реј открил дека еден продавач на стари книги има брошура објавена од Јеховините сведоци, ја замолил својата мајка да му ја купи. Ја прочитал од почеток до крај. Неговата потрага по уште повеќе библиска литература, конечно, го довела до тоа да се обрати до канцеларијата на подружницата. Денес тој ужива во полновремената служба, а исто така и неговата мајка му служи на Бог.
Што им помогнало на овие, а и на други млади, да ја ценат вредноста на духовните работи? Во многу случаи исправното водство од родителите одиграло битна улога. Така било во случајот со Хосуе, чиишто христијански родители се просветни работници. Кога патувачкиот надгледник дал совет — родителите да се обидат да му помогнат барем на едно свое дете да започне со полновремената служба — тие му посветиле внимание на Хосуе. Бидејќи бил истакнат ученик, му била подарена државна стипендија да студира машински факултет. После година и пол студии, Хосуе ја прифатил поканата да се приклучи на градежниот проект во склоп на комплексот на подружницата на Јеховините сведоци во Доминиканската република. Неговите родители биле особено радосни што го дале својот син во Јеховината служба.
„Истражувачи“ од други земји
Исусовите зборови „жетвата е голема, а работници малку“, може навистина да се применат на овдешното подрачје (Матеј 9:37). Големата потреба и извонредниот одзив ги поттикнале Сведоците од други земји да дојдат и да учествуваат во истражувањето на подрачјето, односно во потрагата по вистинското богатство од нашево време — искрените луѓе кои ја бараат вистината.
Од соседниот остров Порторико дошле неколку фамилии Сведоци кои нашле вистинско задоволство во служењето на различни подрачја од Доминиканската република. Таткото на едно семејство рекол: „Можноста да ги изразиш својата вера и надеж на луѓе кои се спремни да слушаат, навистина ја оживотворува вистината!“ Кога дознале за овдешната потреба, Сесилија од Шведска и Ниа од САД ги здружиле своите сили да работат овде, заедно со уште неколку други млади полновремени слуги. Тие служат во внатрешноста на поголема надморска височина и каде што има поумерена клима. На сличен начин, високо на планините прекриени со борова шума, две канадски семејства му се придружиле на едно доминиканско семејство кое се вратило од САД. Тие се дел од едно мало собрание и се во можност да ги достигнат луѓето кои не биле посетени од Јеховините сведоци дури и по десет години.
Алфредо и Лурдес, заедно со своите пет деца, се вратиле од Њујорк и се поврзале со малото собрание во едно од прекрасните туристички гратчиња. Тие се радуваат што можат да имаат удел во пронаоѓањето на поединците со искрени срца и што можат да помагаат во растот на собранието. Роланд, еден компјутерски оператор од Австрија и неговата сопруга Јута, се сместиле во топлиот, сув, јужен дел од земјата. Од нивното доаѓање па наваму, тие ја имаа радоста да го видат формирањето на едно ново собрание. Во соседниот град, група од три сестри пионерки и еден брачен пар од Калифорнија известиле дека имаат толку многу барања за библиски студии што не можат да постигнат да ги водат сите. Затоа ги охрабриле заинтересираните да ги посетуваат состаноците во месната Сала на Царството и да се запишат на листата на чекање, за библиски студии. Братот на Јута, Стефан, верно служи во малото собрание во прекрасниот град Самана, кој се наоѓа на североисточното крајбрежје. За само две години, бројот на тамошните објавители на Царството се удвоил.
Љубовта и ревноста што ги покажуваат овие а и други кои дошле да помогнат, навистина се за пофалба. Тие го прифатиле предизвикот — не само да се преселат во нова земја со поинаква култура и обичаи туку и, во повеќето случаи, да учат нов јазик со цел да се грижат за духовните потреби на луѓето слични на овци. Нивните напори резултирале со позитивна реакција од месното население.
Некои доминикански семејства ја напуштиле удобноста на големите градови и се преселиле во селските подрачја. Сите тие се богато наградени со радоста на откривање на вистинското богатство — искрените трагачи на вистината.
Трагачите на богатство од XV век, на домородечкиот народ Тано не му донеле благослови, туку ропство и неискажливо страдање. Дури ни самиот Колумбо не извлекол корист од богатствата на Новиот Свет. На крајот, бил заробен и отстранет од островот што го открил и, окован во вериги, бил вратен во Шпанија.
Денес се врши еден друг вид истражување и пронајдено е многу повредно богатство. Јеховиниот народ марливо ги бара луѓето со искрени срца кои се одзиваат на добрата вест за Царството. Резултатот е едно постојано растечко мноштво кое ужива во слободата што може да ја донесе само Божјата Реч (Јован 8:32). Тие го очекуваат времето кога оваа земја на планини, прекрасни водопади, убави плажи и волшебни пештери ќе биде не само еден остров–рај туку и дел од еден нов свет кој ќе ја опфаќа целата Земја (2. Петрово 3:13).
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула.
[Карта на страница 24]
(Види во публикацијата)
Доминиканска република
[Слики на страници 24 и 25]
Младите ја откриваат вредноста на духовните работи преку учеството во полновремената служба