Иако бегалци, среќни што му служат на Бог
ВОЈНИ, глад, катастрофи и безредија. За некои луѓе ова се само новински наслови. За многу други тие се дел од секојдневниот живот. Со тоа што се дел од друштвото на христијани распространети по целиот свет, Јеховините сведоци се сосема свесни дека секогаш кога ќе букне војна или ќе се случи некоја катастрофа, еден дел од нивното меѓународно братство може да биде во неволја. И кога луѓето треба да бегаат за да ги спасат своите животи, можеби нашите браќа мора да го сторат истото.
Со години Сведоците во голем број африкански земји морале да поднесуваат такви искуства. Многумина од нив морале да си спакуваат тоа што можеле да понесат со себе и да бараат засолниште на друго место. Иако малкумина имале некакви превозни средства, можеби велосипед, поголемиот дел од нив требало да пешачат и пешачат и пешачат — со денови, дури и со недели — за да стигнат до својата цел.
Една таква цел бил малиот град по име Мбоки, во Централноафриканската Република. Со текот на годините дошле илјадници мажи и жени, млади и стари. Помеѓу нив била и една група од наши христијански браќа и сестри, придружувани од заинтересирани лица. Секако, сохристијаните во подружницата на Watch Tower Society во Банги, главниот град на Централноафриканската Република, беа многу заинтересирани да се сретнат со овие бегалци за да им достават помош. Пет пати бил испраќан застапник, со пари, храна, облека, лекови, дарежливо набавени од Сведоците во Банги, оддалечени околу 1.130 километри. Иако оние кои ја дарувале оваа великодушна помош слабо стоеле финансиски, сепак, тие биле радосни да го сторат она што било во нивна можност.
Пристигнување во Мбоки
Браќата во канцеларијата на подружницата сакаа да видат што друго може да се стори и како може да им се помогне духовно на бегалците. Така, мојата сопруга и јас тргнавме на пат со џип — Ленд крајсер, придружувани од Симфориен, еден специјален пионер, и неговата сопруга. Симфориен добро го познаваше патот, а тој зборува и занде, јазик на бегалците во Мбоки. Ни беа потребни четири напорни денови за да стигнеме таму.
Последните 400 километри беа низ една прекрасна ритчеста област со големи баобаб дрвја. Одвреме навреме поминувавме низ мали села. На овој дел од патот, мојата сопруга изброи точно 50 мостови — многу од нив беа во мошне лоша состојба, некои во непроодна. Поправивме неколку мостови употребувајќи шипки и изгниени греди, го ставивме џипот во погон, се помоливме и продолживме многу внимателно. Ако имаше некое мало село во близина, децата ќе дотрчаа да ни помогнат — за мала награда. Бевме изненадени што во густата трева и под грмушките во близина тие секогаш наоѓаа парчиња дрва и штици од мостот. Тоа нѐ стави во мисла дека можеби тие биле отстранети од мостот и чувани таму за муштериите во незгода.
Во три случаи ја одбивме помошта од децата, бидејќи мостовите изгледаа премногу опасни за преминување. Така, скршнавме од патот возејќи надолу во потокот, преку карпи, повторно по угорница и назад на патот. Колку бевме радосни што беше сушната сезона, бидејќи инаку не би можеле да го завршиме патот, освен можеби со хеликоптер!
Како ќе изгледа Мбоки? Ова често ни доаѓаше на памет додека се возевме по оваа бесконечна „писта“ — француски збор кој во Централноафриканската Република се користи за пат или патека со песок, карпи и чакал — и илјадници дупки.
На четвртиот ден, веднаш попладне, Симфориен покажа на некакви сламени колиби опкружени со дрвја папаја и полиња со касава. „Вуала! Овде почнува Мбоки“, извика тој. Бевме прилично изненадени од она што го видовме. „Ова е Мбоки? Каде е логорот?“, прашавме, бидејќи не видовме никаков логор, само куќи расфрлани наоколу. Тоа беа мали но чисти колипки со покриви од трева. Исто така, насекаде имаше дрвја и грмушки. Луѓето садат житни култури веднаш до своите куќи. Мбоки не беше онаков логор каков што очекувавме да видиме; тоа беше едно големо село, долго околу 35 километри.
Средба со браќата
Браќата во Мбоки знаеја дека доаѓаме, иако тие мислеа дека нашето патување ќе трае пет дена. Кога го слушнаа нашиот автомобил, дојдоа трчајќи. Мажи, жени и деца истрчаа од своите колиби и бараки и дојдоа од своите полиња да нѐ поздрават. Секој се насмевнуваше, се смееше и се ракуваше, ако беше можно и по неколку пати. Мајките нѐ поздравуваа со своите деца в прегратка. Сите сакаа да нѐ поздрават, и ни изразија најсрдечно добредојде.
Во моментот, мојата сопруга и јас не можевме многу да сториме поради јазичната бариера. Се обидовме со малку француски, малку санго, малку англиски и арапски. Повеќето од нашите браќа зборуваат, читаат и пишуваат занде. Симфориен требаше да преведува, објаснувајќи го планот на нашата посета.
Продолживме уште неколку километри и стигнавме во Салата на Царството. Тоа беше првата „црква“ во Мбоки што ја изградиле бегалци кои припаѓале на некоја религија. Уште браќа дојдоа заедно со своите деца и со заинтересираните лица за да се поздрават. Дури и многу деца од соседството дојдоа заедно со браќата за да се поздрават со нас.
Нашите браќа приготвија две мали куќи за нас, нивните посетители. Тие беа беспрекорно чисти. Ведра со чиста вода чекаа на нас. Си бевме донеле храна и чиста вода за пиење, очекувајќи го најлошото, а и за да не ги оптоваруваме нашите браќа. Додека го растоваравме камионот, дојде едно девојче и нѐ праша како би сакале да ни биде приготвена кокошката за таа вечер, печена или варена во сос? Такво нешто не очекувавме ни најмалку, но прашавме со што планирале тие да ја јадат. Одговорот беше: касава, односно маниок. Така, избравме кокошка во пикантен сос. Нашиот огромен глад беше добро заситен таа ноќ. Но, тие продолжија да нѐ хранат секој ден — напладне и навечер. Не ни се веруваше дека нѐ хранат бегалци и се грижат за нас, иако и тие самите немаа многу.
Едно среќно мало собрание
Бевме овде, во едно толку оддалечено место, но помеѓу 21 наши браќа. Само двајца од нив дошле овде како крстени. Останатите биле заинтересирани лица кога дошле. Тие продолжиле да проучуваат и се крстиле во текот на последниве две години. За време на нашата посета беа крстени уште четворица, во реката која се наоѓаше во близина.
Еден истакнат пример е Фаустино. Пред да дојде во Мбоки ги научил основните библиски вистини од еден пријател. Фаустино го ценел она што го учел. Наскоро, тој и неговиот пријател почнале да им проповедаат на другите, но наишле на противење и биле ставени в затвор заради „подбуцнување на населението“ со својата религија. Додека биле в затвор, пријателот на Фаустино од страв се откажал и бил ослободен. Два месеца подоцна Фаустино бил одведен пред суд. Меѓутоа, било јасно дека обвиненијата против него биле неосновани, и така бил пуштен на слобода. Кога избувнала војна во неговата област, Фаустино пребегал во Централноафриканската Република каде што се сретнал со браќата и ја продолжил библиската студија. Бил крстен во јули 1991, а во 1992 започнал со полновремената служба како општ пионер.
Среќното и пријателски настроено мало собрание во Мбоки сега се состои од еден специјален пионер и 21 објавител. Двајца браќа кои зборуваат англиски служат како старешини и се во можност да бидат во добра врска со подружницата во Банги. Очекувавме нашите браќа бегалци да бидат во ужасна, очајна состојба, но тоа не беше случај. Иако материјално сиромашни, никој не се жалеше, не беше загрижен, или не мрмореше. По нивното пристигнување, браќата ги изградиле своите колиби и куќички и почнале да одгледуваат житни култури и кокошки. Имаат помалку отколку што имале порано, но тие се живи и се заедно со сохристијаните.
Бидејќи во Мбоки има помеѓу 17.000 и 20.000 бегалци, и плус новите кои доаѓаат секој месец, нашите браќа имаат големо поле за служба. Отидовме да проповедаме со нив, што беше навистина интересно. Тие често ја користат Библијата на занде, а овој превод го има Божјето име во Хебрејските списи и на неколку места во Христијанските Грчки списи. За овие луѓе, Бог не е само „Мболи“ („Бог“ на занде), туку „Јекова“, како што го изговараат Божјето лично име. „Мболи Јекова“ е општо познат израз. Протестантските преводи во многу други африкански јазици не го следат овој исправен израз; наместо тоа, тие го заменуваат „Јехова“ со „Нзапа“, „Нзамбе“, или со други африкански називи за Бог.
Согласно со Исусовото пророштво, добрата вест за Божјето Царство се проповеда по целиот свет, дури и во Мбоки (Матеј 24:14). Собранието сега е добро снабдено со Библии, книги, списанија, брошури и трактати на сите јазици кои им се потребни. Можеби во иднина ќе бидат достапни повеќе публикации на јазикот занде.
Исчекување на постојан дом
Првата вечер ја прикажавме програмата со слајдови од Друштвото: „Среќните учесници на конгресите во Источна Европа го слават Јехова“. Следната вечер на програмата беше: „Водење на мнозина кон правда во времето на крајот“. Проекцијата се одвиваше надвор, до Салата на Царството, под јасното небо и сребрената месечина. Каква атмосфера! Стотици дојдоа да го гледаат ова прикажување на слајдови, а нашите браќа беа среќни и горди да му прикажат нешто посебно на населението.
Во понеделникот се приготвивме за враќање назад. Тоа ќе биде уште едно четиридневно патување преку истите патишта и преку истите 50 мостови. Една сестра инсистираше да приготви нешто храна за по пат — уште две кокошки, веќе испечени и зачинети со лук. Тие мирисаа толку добро во текот на утринските часови во џипот. Напладне запревме во шумата за да уживаме во печените кокошки, мислејќи на нашите браќа во Мбоки. Иако присилени да бидат бегалци, тие продолжуваат да му служат верно на Јехова, чекајќи постојан дом на мир, во Божјата ветена нова Земја (2. Петрово 3:13). Приложено.