Дали ограничувањата те обесхрабруваат?
ОГРАНИЧУВАЊА! Никој всушност не ги сака; сепак, сите ние треба да ги поднесуваме до извесна мера. Меѓутоа, дали понекогаш си разочаран затоа што твојот живот изгледа премногу ограничен? Можеби ќе се чувствуваш подобро ако го смениш своето гледиште. Наместо да се вознемируваш поради она што не можеш да го правиш, зошто да не извлечеш потполна корист од слободата што ја уживаш?
На пример, многумина кои се материјално сиромашни посакуваат да бидат богати. Меѓутоа, додека сиромаштијата го ограничува она што можеме да го сториме во овој систем на ствари, најважните работи во животот им се достапни на сите. Сиромашните луѓе како и богатите се вљубуваат, се венчаваат, имаат деца, уживаат во добри пријателства и. т. н. Што е уште поважно, и сиромашните и богатите го познаваат Јехова и го очекуваат ветениот нов свет. И едните и другите напредуваат во христијанската мудрост и спознание, кои се подобри отколку богатството (Изреки 2:1-9; Проповедник 7:12). Сите — и богати и сиромашни — можат да си стекнат добро име пред Јехова (Проповедник 7:1). Во Павлово време, поголемиот дел од христијанското собрание го сочинувале луѓе од пониските општествени слоеви — некои од нив биле робови — кои мудро ја користеле слободата која им ја допуштале нивните околности (1. Коринтјаните 1:26-29).
Библиско поглаварство
Во христијанскиот брак, сопругата е потчинета на својот сопруг — подготовка која била замислена за корист на целото семејство (Ефесјаните 5:22-24). Дали би требало жената да се чувствува понижена поради ова? Никако. Сопругот и сопругата се како еден тим. Поглаварството на сопругот, кога се применува на христијански начин, ѝ става на сопругата релативно малку ограничувања и ѝ остава многу можности да го искористи својот потенцијал (Ефесјаните 5:25, 31). „Способната жена“ од Изреките поглавје 31 била зафатена со многу интересни и предизвикувачки задачи. Очигледно, подложноста кон нејзиниот сопруг за неа не било нешто фрустрирачко (Изреки 31:10-29, НС).
Исто така, за жената не постои подготовка таа да преземе водство над оспособените мажи во христијанското собрание (1. Коринтјаните 14:34; 1. Тимотеј 2:11, 12). Дали христијанските жени би требало да се лутат поради ова ограничување? Не. Повеќето од нив се благодарни што тој дел од христијанската служба е организиран на теократски начин. Тие се радосни што можат да извлечат корист од пастирењето и поучувањето од страна на наименуваните старешини, и се грижат околу важното дело на проповедање и правење ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Христијанските жени постигнуваат многу на ова поле, а тоа им донесува чест во очите на Јехова Бог (Псалм 67:11; Изреки 3:35).
Ограничувања за младите
Младите исто така понекогаш приговараат дека нивниот живот е премногу ограничен, честопати поради тоа што се под авторитетот на своите родители. Па сепак, ова е исто така библиски (Ефесјаните 6:1). Наместо да бидат иритирани поради ограничувањата кои им ги наметнуваат родителите, мудрите млади христијани се концентрираат на тоа да уживаат во слободите што ги имаат — честопати вклучувајќи ја и слободата од тешки одговорности. На тој начин тие извлекуваат корист од својата младешка сила и околности за да се припремат за живот како зрели луѓе.
Еден поранешен покраински надгледник во Бразил добро се сеќава на едно 12-годишно момче во една мала изолирана група објавители, кое било ограничено во она што можело да го стори. Братот кој бил задолжен за извештаите бил многу зафатен во световната работа и не можел да посвети многу внимание на групата, но се погрижил за тоа овој млад човек да му помогне. Тој научил каде стојат сите собраниски формулари и секогаш стоел на располагање кога била потребна помош. Неговиот интерес бил охрабрувачки, а бил и верен другар во службата на проповедање. Тоа младо момче денес е наименуван старешина.
Постојат многу ситуации кои можат да ја ограничуваат нечија слобода. Некои се ограничени поради болест. Други живеат во разделени домови и сфаќаат дека нивната слобода е ограничена поради барањата на брачниот партнер кој не е верник. Додека оние кои живеат под ограничувања посакуваат работите да бидат поинакви, тие можат и покрај тоа да водат задоволувачки живот. Ова списание донело многу извештаи за такви поединци кои биле големо охрабрување за другите затоа што се ослонувале на Јехова и правеле најмногу што можеле во своите околности.
Зборувајќи за една вообичаена ситуација во негово време, апостол Павле рекол: „Роб ли си призван, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството“ (1. Коринтјаните 7:21). Каков урамнотежен став! Некои ситуации се менуваат. Младите стануваат возрасни. Противнички настроените партнери понекогаш ја прифаќаат вистината. Економската ситуација се подобрува. Болните луѓе можат да оздрават. Во некои случаи, некои работи можеби нема да се променат до Јеховиниот нов свет. Но сепак, што може да се постигне со вознемирувањето заради тоа што не може да се прави она што другиот го може?
Си ги гледал ли некогаш птиците на небото како се извишуваат над Земјата и си ѝ се восхитувал ли на убавината и на слободата на нивните движења? Можеби си посакувал да леташ како нив? Сепак не можеш, а никогаш нема ни да можеш да леташ како птиците! Но, веројатно не се жалиш. Наместо тоа, уживаш во способностите кои ти ги дал Бог. Ти можеш да живееш добро и покрај тоа што се движиш по површината на Земјата. Слично на тоа, каква и да е нашата ситуација во животот, ако се концентрираме на она што можеме да го сториме, наместо да се вознемируваме поради она што не можеме да го сториме, животот ќе ни биде задоволувачки и ќе најдеме радост во Јеховината служба (Псалм 125:5, 6).
[Слика на страница 28]
Дали мислиш дека твоите родители те заградуваат?