Етиопскиот конгрес „Божествена поука“ — време на посебна радост
ТОА не беше прв етиопски обласен конгрес по забраната, но сигурно беше посебен. По добивањето на законско признавање на 11. ноември 1991, Јеховините сведоци по трет пат се состанаа во самиот центар на Адис Абеба, на најголемиот стадион во земјата, Градскиот стадион. Бидејќи арената не беше на располагање во неделата и не можеше да се најде друг доволно голем објект, програмата беше збиена во три дена, од четврток до сабота, 13-15. јануари 1994.
Овие три дена беа вистинско уживање не само поради прекрасното мирно време под синото небо, туку и поради духовното просветлување со потполно влијание на „Божествената поука“. Во амбиент од прекрасна флора аранжирана околу подиумот, конгресното мото стоеше истакнато на амхарско писмо.
Но, што е тоа што го направи овој конгрес посебен? Покрај богатата програма, мислите и чувствата на сите присутни беа сосредоточени на нашето меѓународно братство полно со љубов и очигледната манифестација на Божјиот благослов над неговиот народ во облик на пораст на Царството. Имаше околу 270 странски делегати од 16 земји, вклучувајќи ги дури Џибути и Јемен. Повеќе од половината дојдоа од места во кои беше зимско годишно време, од Европа и Северна Америка. Меѓу посетителите беа и двајца членови од Водечкото тело на Јеховините сведоци, Лојд Бери и Даниел Сидлик.
Традиционалната етиопска гостољубивост здружена со искрената љубов кон нивните браќа кои ги посетија, резултираше со една разиграност која ги надминуваше јазичните бариери. Поздравите не беа само ракувања туку прегратки и бакнежи, дури до шестпати! Многумина од посетителите читале за делото на Царството во Етиопија и знаеја дека нивните етиопски браќа беа искушани чувари на беспрекорноста кои истрајале кога биле затворани и во други видови прогонства.a Но, делегатите кои дојдоа во посета беа изненадени кога видоа толку многу млади луѓе со весели лица и учтивост која во повеќето земји денес е во опаѓање. Многу од етиопските сестри беа облечени во своите бели, вешто извезени традиционални носии, што придонесе за вистинско празнично расположение.
Крштевањето во петокот беше сензационално. Долг ред од 530 новопредадени лица, од 10 до 80 годишна возраст, се протегаше преку целата половина од игралиштето на стадионот. Ова беше многу повеќе отколку што очекуваше било кој — повеќе од 1 на секои 7 Сведоци во земјата. Каков доказ за Јеховиниот благослов над неговиот народ овде! При оваа сцена потекоа многу солзи радосници, а сето тоа беше разубавено со прекрасното пеење на преку 40-те италијански делегати. Многумина помислија на пророчките зборови од Исаија 60:5: „Тогаш ќе видиш и ќе се зарадуваш, и срцето твое ќе затрепери и ќе се рашири, зашто богатството на морето ќе се сврти кон тебе, имотот на народите ќе дојде при тебе“.
Посебни причини за радост
Јеховиниот благослов и понатаму беше истакнат во петокот, кога малите почетоци на делото на Царството во Етиопија беа оживеани во интервјуа. Овие интервјуа беа водени со една група мисионери кои први служеле таму во 1950-тите и 1970-тите. Повеќе од 8.000 ги слушнаа Реј Касон, Џон Камфес и Хејвуд Вард, како го опишуваат своето дело на библиско поучување, кое започнало на 14. септември 1950, кога пристигнале во Адис Абеба. Царската влада во тие денови бараше од нив да бидат активни во општото поучување. Така, во центарот на градот, тие основаа едно училиште за школување на возрасни, поучувајќи различни предмети. Но, во нивното слободно време овие мисионери се залагале за поучување сосредоточено на божествената поука. Требало да се напрегаат да учат амхарски, еден комплициран јазик со 250 букви. Помина околу пола година пред да започнат да ја водат својата прва библиска студија. Околу 43 години подоцна, сретнаа луѓе на улица кои се сеќаваа на тие поранешни учители. Меѓутоа, тие се радуваа што можеа на овој конгрес да бидат обединети со нивните поранешни библиски интересенти кои станале цврсти во верата и кои ги претставуваа на своите сопствени духовни деца и внуци (1. Солунјаните 2:19, 20).
Радосните и многу внимателни слушатели аплаудираа долго не само на интервјуата со поранешните мисионери туку и на извештаите и поздравите од Британија, Германија, Израел, Италија, Канада, Кенија, САД и Холандија — донесени од странските претставници. Ова уште еднаш го потенцира братството полно со љубов на Божјиот народ ширум светот. Главните говори, изнесени од страна на браќата од Водечкото тело, како и нивните искрени молитви, длабоко ги трогнаа слушателите. Младите луѓе на стадионот се поистоветија со ликовите во драмата за младите кои се сеќаваат на својот Створител, драма која беше прикажана на еден многу природен и жив начин. Покрај новите изданија на англиски, трите нови изданија на амхарски јазик предизвикаа големо воодушевување.b
За време на паузите, како и во други ситуации, имаше добри можности да се стекне познанство со многу благородни поединци. На пример, десно во првиот ред, со својот рачно изработен бастун, седеше најстариот објавител во Етиопија, Тулу Мекуриа. Минатата година, во длабока старост од 113 години, беше крстен како Јеховин сведок. На овој конгрес тој го имаше задоволството да ја види својата 80-годишна сопруга како го следи неговиот пример со тоа што станала и негова духовна сестра. Неговото присуство во текот на целата програма беше добар поттик за младите. Еден од таквите беше Јоханес Горемс, кој на 16-годишна возраст и сѐ уште со училишни обврски, веќе четири години служел како општ пионер. Тој и други пионери на школска возраст, дури и помлади од него, научиле да го ползуваат поволното време, како на пример да сведочат рано наутро по патот до училиште или користејќи ги паузите и времето после часовите.
Каков пример на беспрекорност!
Стотици од публиката доживеале затворање и мачење под претходните власти. Мандефро Јифру се осврнува на пет такви затворски години, но сега тој се радува на својата служба во неодамна изградената канцеларија во Адис Абеба, којашто се грижи за превод, печатење и испорака. Зекариас Ешету, еден друг млад брат кој служи со него, не скршна од својата беспрекорност пред осум години кога неговиот татко беше убиен поради тоа што ја задржал христијанската неутралност во текот на три години затвор. Зекариас, едно од петте деца, имал десет години кога неговиот татко отишол во затвор. Месват Гирма и неговата сестра Јоалан, сега во своите доцни тинејџерски години и сѐ уште во училиште, се сеќаваат на нивниот татко само од фотографии, бидејќи биле многу мали кога тој бил ненадејно погубен поради својата неутралност. Неговата лојалност ги поттикнала, па така сега обајцата служат како општи пионери, исто како и нивниот татко во времето на неговата смрт.
Друг чувар на беспрекорноста бил Тамират Јадет кој сега служи како специјален пионер во прекрасната област на Рифт Вали. Поради неговата христијанска неутралност, тој поминал три години во седум различни затвори, понекогаш во окови, а бил и сурово тепан. Сепак, во затворот тој помогнал на повеќе од дванаесетмина луѓе да заземат став за Божјето Царство. Тесфу Темелсо, кој служи како покраински надгледник, 17 пати бил затворан во текот на годините додека бил специјален пионер. Тој има лузни од тепањето, но се восхитува кога гледа дека постојат собранија во неговите поранешни доделби. Многу браќа и сестри од собранието Акаки претрпеа затворања и свирепост, но и покрај тоа, собранието порасна на преку сто објавители. Тие ја изградија првата Сала на Царството на Јеховините сведоци во Етиопија. Од Десие, град во една живописна околина, околу 300 километри северно од главниот град, дојде група од петмина кои се нашле очи в очи со смртта и кои виделе како еден брат од тоа место умрел поради малтретирањето на кое бил изложен. Помеѓу нив еден старешина, Масереша Каса, објасни дека издржал во текот на шестгодишниот затвор не затоа што на некој начин бил посебен, туку само затоа што научил да се ослонува на Јехова (Римјаните 8:35-39; спореди Дела 8:1).
Дури и неодамна, некои ја покажаа својата верност под испит. На конгресот дојде една поголема група од соседната земја, каде што поради нивната неутралност, Сведоците биле лишени од полициска заштита, патни исправи, венчаница, болничка нега и работа. Кога во близината на Масауа — едно еритрејско пристаниште на Црвеното Море, беснееше војната, целото собрание, вкупно 39 вклучувајќи и деца, околу четири месеци живееја под еден низок мост во пустината, за да го избегнат бомбардирањето на нивните домови од страна на претходната власт. Во овој пустински амбиент на горештина и сиромаштија, разгледувањето на дневниот стих и другите состаноци им дадоа голема сила и приврзаност кон Јехова, како и едни спрема други. Две сестри специјални пионерки, кои служат близу до изворот на Синиот Нил, издржале под заканите на толпите и малтретирањето подбуцнато од страна на Православната црква, но тие истрајале и видоа неколку библиски интересенти како своето предание го симболизираат со крштевање на овој конгрес.
Еден брат раскажуваше за неговите маки на изолација со принудна работа, длабоко во неплодната област Огаден, недалеку од Сомалија. Тој се одржувал духовно жив со тоа што проповедал и подоцна одржувал состаноци со заинтересираните, вклучувајќи и лекари, кои извлекле корист од божествената поука, а сега и самите поучуваат други. Еден друг извонреден пример на чување на беспрекорноста е специјалниот пионер во Адис Абеба, кој во 1992 бил брутално тепан и оставен да умре, од страна на толпите кои биле поттикнати од православните свештеници. За среќа тој заздравел и продолжува да служи на истото подрачје. Веселата насмевка на неговото лице не открива никакви знаци на огорченост. За него, за сите други кои биле искушани, како и за поновите, овој конгрес „Божествена поука“ беше фестивал на радоста.
Конгресната организација функционираше како подмачкана, предизвикувајќи кај посетителите чувство дека волонтерите кои беа вклучени имаат зад себе многу години искуство. Всушност, тие направиле рапиден напредок во текот на изминатите две години. Тродневниот конгрес заврши премногу брзо. Највисокиот број на присутни во сабота беше 9.556. Националната телевизија, радиото и печатот направија поволна репортажа. Сите можеа да видат дека Јехова го прави својот народ духовно богат. Помеѓу слушателите имаше илјадници заинтересирани кои почнаа да извлекуваат корист од „Божествената поука“. Во оваа земја со околу 50 милиони луѓе, на Јеховините сведоци им е отворено пространо поле, а конгресот ги зајакна сите во нивната решеност да го искористат преостанатото време во овој систем на ствари за да им помогнат на искрените поединци исто така да извлечат корист од божествената поука.
[Фусноти]
a Види во Годишник на Јеховините сведоци за 1992, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Направи ја успешна својата младост, Направи го среќен семејниот живот и Јеховините сведоци — Обединето ја извршуваат Божјата волја ширум светот.
[Слики на страница 23]
Адис Абеба, 13-15. јануари 1994
[Слики на страница 24]
Група пионери во Адис Абеба (десно); чувари на беспрекорноста кои биле затворени (долу); 113-годишен Сведок и неговата сопруга