Страв го обзема светот
ЕДНА гигантска експлозија на автомобил-бомба, на 26. февруари 1993, во Њујорк, го стресе 110 спрата високиот Ворлд Трејд Центар. Илјадници работници беа заглавени во лифтовите или мораа да бегаат надолу по зачадените скали. Тие го почувствуваа сега стравот кој е раширен во овој насилнички свет.
Во многу земји, луѓето биле застрашувани со бомби, кои станале секојдневие во земјите како што се Ирска и Либан. Замисли, 13 експлодираа во само еден ден — 12. март 1993, во Бомбај (Индија), убивајќи околу 200 луѓе! Еден набљудувач рекол: „Во цел Бомбај владее паника“. Според списанието Newsweek, „вообичаеноста на автомобили-бомби го прави тоа само уште пострашно“.
Стравот од атомска војна не попушта
Постои страв дека нуклеарните реактори се отворени за бомбашки напади. Успешен напад на една нуклеарна централа може да предизвика непресметлива штета и страдање. Свесен за овој страв, еден човек се обидел да провали со својот автомобил низ сигурносната капија на нуклеарната електрична централа Три Мајл Ајленд во САД.
Многумина се плашат дека терористите и владетелите желни за власт ќе набават атомско оружје. Некои се плашат дека илјадниците невработени советски атомисти ќе се обидат да го продадат своето знаење. Згора на тоа, иако СТАРТ-спогодбата апелира на елиминација на сето стратешко нуклеарно оружје, спроведувањето на оваа намера нема да биде завршено сѐ до крајот на 1999, па дури и подоцна. Во меѓувреме, можната употреба на ова оружје од страна на некои фанатици, ќе се надвива над човештвото како некој олуен облак.
Насилството потхранува страв
Нашироко раширениот пораст на насилнички криминал ги плаши луѓето, било да се во своите домови или на улица. Според една проценка, во 1990 биле убиени 23.200 Американци. На пример, во градот Чикаго порастот во користењето на крак-кокаинот придонел за околу 700 убиства годишно. Одредени подрачја на некои градови станале бојни полиња каде што минувачи, вклучувајќи и деца, биле убиени во крстосан оган. Едно списание вели: „Насилството рапидно ескалира во средно големите градови . . . Никој не е имун додека населбите низ [САД] се преплавени со дрога и млади силеџии. Секоја година, 1 од 4 американски домаќинства доживува насилнички препад или кражба“ (U.S.News & World Report, 7. октомври 1991).
Стравот од силување ги загрижува жените. Во Франција, бројот на пријавените силувања помеѓу 1985 и 1990, достигнал пораст од 62 отсто. За само шест години сексуалните напади во Канада се удвоиле до 27.000. Германија известува по еден сексуален напад на секои седум минути.
Децата исто така се плашат за својата сигурност. Newsweek известува дека во САД, „децата, дури четврто и петтоодделенците, се вооружуваат, така што учителите и школските службеници почнуваат да се плашат“. Ситуацијата е толку сериозна што една четвртина од големите градски школски области користат детектори за метал, но решителните деца и покрај ова изнаоѓаат пат, доставувајќи им пиштоли на другите преку прозорците.
Стравот од сидата
Сѐ повеќе и повеќе луѓе се плашат да не добијат сида. Само во САД има преку 230.000 случаи на сида. Таа станала шеста по ред водечка причина за смрт, меѓу 15 до 24 годишниците. „Иднината е исполнета со застрашувачкиот изглед за уште многу поголемо ширење на болеста“, вели Newsweek.
Смртта од сида е во зголемена мерка присутна кај луѓето од професии како што се танцот, театарот, филмот, музиката. модата, телевизијата, уметноста, и слични на овие. Еден извештај вели дека 60 отсто од смртните случаи кај парижаните помеѓу 25 и 44 години, од областа на новинарството, уметноста и забавата, се должеле на сидата. WHO (Светската здравствена организација) известува дека осум до десет милиони луѓе ширум светот се инфицирани со ХИВ. Д-р Мајкл Мерсон, директор на WHO, вели: „Сега е јасно дека данокот на ХИВ инфекцијата ширум светот нагло се зголемува, особено во земјите во развој“.
Секако, постојат и стравувања во врска со околината како и разни други стравови. Сепак, претходните извештаи самите по себе покажуваат дека светот го обзема страв. Има ли нешто особено значајно во врска со ова? Можеме ли воопшто да се надеваме дека ќе бидеме ослободени од стравот?
[Извор на слика на страница 2]
Фотографии на насловна страница: лево — Tom Haley/Sipa Press; долу — Malanca/Sipa Press
[Извор на слика на страница 3]
Bob Strong/Sipa Press