„Рибарење“ во водите на Фиџи
ФИЏИ — самото име асоцира на рај од Јужните мориња. Сино-зелена вода, корални гребени, разнишани кокосови палми, зелени планини, тропски риби, егзотично овошје и цвеќиња. Сето ова можеш во изобилство да го најдеш на овој архипелаг од 300 острови, сместен во Јужниот Пацифик на околу 1.800 километри северно од Нов Зеланд. Затоа, можеби ќе се сложиш дека Фиџи би можел да биде сечиј сон за еден тропски рај.
Меѓутоа, Фиџи не фасцинира само со својата природна убавина. Да, како што е голема разноликоста помеѓу рибите на коралните гребени, голема е и разноликоста на копното. Можеби контрастите во етничката разноликост на Фиџи се неспоредливи со оние на островите во Јужниот Пацифик. Двете најголеми групи од скоро 750.000 жители се домородечки Фиџијци со меланезиско потекло и Индијци родени на Фиџи, потомци на работници донесени од Индија за време на британскиот колонијализам. Но има и Банабјани, Кинези, Европејци, Гилбертјани, Ротуманци, Тувалу Полинезијци и други.
Јеховините сведоци се активно вработени во делото на „рибарење“ во оваа мултикултурна средина (Марко 1:17, НС). Предизвик е да се проповеда добрата вест за Божјето Царство во една толку разнолика заедница. Како прво, треба да се надминат јазичните и културните бариери. Иако англискиот е „лингва франка“, многупати мора да се користат и фиџи, хинди, ротуман или други јазици.
Исто така мора да се користат различни пристапи за да се започне разговор со оние од поинаква религиозна средина. Поголемиот дел од автохтоното население на Фиџи и другите островјани припаѓаат на различни христијански деноминации. Индиското население се состои од хиндуси, муслимани и сики, од кои хиндусите го сочинуваат поголемиот дел. Градовите и селата се полни со цркви, но сепак, на двата најголеми острови на Фиџи, многуте хиндуистички храмови се во контраст со муслиманските џамии.
Многумина од месните Сведоци израснале зборувајќи ги трите главни јазика: англиски, фиџи и хинди. Ваквата способност претставува голема помош во делото на „рибарење“. Понекогаш луѓето се изненадени кога ќе слушнат како некој Фиџиец течно зборува хинди или Индиец кој течно зборува фиџи. За да се излезе на крај со културните, религиозните и јазичните разлики, потребна е прилагодливост во пристапот за да се биде „учесник во евангелието“ (1. Коринтјаните 9:23).
„Рибарење“ во едно село на Фиџи
Домородните Фиџијци се љубезни, гостопримливи луѓе. Тешко е да се претстави дека пред само малку повеќе од еден век, племенските војни не биле реткост. Всушност, во времето на првиот контакт со Европа, Фиџи биле познати како Канибалски острови. Со текот на времето, под влијание на највисокиот главатар и неговото обраќање, борбите и канибализмот изумреле. Меѓуплеменските разлики се задржале само во многуте дијалекти кои се среќаваат во различните провинции, иако дијалектот бауан го знаат и пошироко.
Покрај Сува, главниот град, има и многу други градови ширум Фиџи. Повеќето Фиџијци живеат во селски заедници под управа на турага ни коро, односно поглаварот. Кога се влегува во некое село заради „рибарење“, вообичаено е прво да се појде кај овој човек за да се побара одобрување за посета на различните бури, или локални домови. Само понекогаш, обично поради спротивставувањето спрема Јеховините сведоци од страна на некој селски свештеник, дозволата е одбиена. Како изгледа посетата на еден фиџиски дом?
По влегувањето во една бура седнуваме крснозе на подот. Грижливо подготвениот увод кој се користи да го привлече вниманието во западните земји овде не е потребен. Секој кој доаѓа да разговара за Бог е добредојден. Кога домаќинот е замолен да ја донесе својата Библија, тој спремно станува и, со изразот „тулу“ (извинете), посегнува кон полицата, дофаќа примерок на Библијата на фиџи и со ревност ги чита стиховите кои му ги навел посетителот. Меѓутоа, гостољубивиот и учтив став кој го покажуваат Фиџијците претставува предизвик на свој начин. Потребни се добра моќ на расудување и тактичност за да се вовлечат луѓето во разговор, да се охрабрат да ја следат линијата која води до заклучок или да им се помогне да ја согледаат потребата да ги споредат своите лични верувања со библиските науки.
Обично Фиџијците се повеќе заинтересирани да дискутираат за доктрини отколку за социјалните услови и проблеми. Всушност многумина од над 1.400 активни Сведоци на Јехова на Фиџи, се заинтересирале за библиските вистини како резултат на дискусија за прашања како што се: Какво место е пеколот? Кој оди на небо? И, дали Земјата ќе биде уништена? Меѓутоа, за да се следи покажаниот интерес неопходни се прилагодливост и истрајност. При повторната посета кај некој кој еднаш покажал интерес, често се случува домаќинот да отишол на тејтеј (плантажа) или на некое друго место. Не, тоа не значи дека тие не ја ценат посетата, туку едноставно, нивниот осет за време е поинаков. Секако, за месните Сведоци ова не е нешто необично. Тие се истрајни и доаѓаат повторно во некое друго време. Улиците немаат имиња или броеви кои можат да се запишат, па затоа е потребна добра меморија при повторните посети.
„Рибарење“ на полинезиски начин
Ајде да појдеме на „рибарење“ со еден патувачки слуга, односно покраински надгледник, додека е во посета на малото собрание на Ротума. Оваа група на вулкански острови се наоѓа 500 километри северно од Фиџи. Дотаму патуваме со авион 19-сед. Главниот остров зафаќа површина од само 50 квадратни километри, со околу 3.000 жители. Долж морскиот брег се протега песочен пат, поврзувајќи околу 20-тина села. Ротума е под управа на Фиџи, но со поинаква култура и јазик. Бидејќи се од полинезиско потекло, овдешните луѓе по надворешниот изглед се разликуваат од меланезиските Фиџијци. Во религиозен поглед, повеќето од нив се или римокатолици или методисти.
Додека авионот се спушта и маневрира за слетување, ја посматраме бујната зелена вегетација на островот. Пердувестите листови на кокосовите палми можат да се видат насекаде. Едно поголемо мноштво приредува дочек на летот кој е организиран еднаш неделно. Меѓу нив е и една група Сведоци. Срдечно сме поздравени и подадени ни се неколку големи, зелени кокосови ореви со отвори на врвот за да ја згаснеме нашата жед. По краткото патување, пристигнуваме до нашите места за престој. Приготвен ни е оброк во земјена печка. Пред нас изнесуваат печено свинско месо, кокошка, пржена риба, јастог и репа и таро компир. Каква гозба, и каква рајска околина под младите кокосови палми!
Следниот ден ги посетуваме луѓето во селата, на ротумански наречени хоага. Додека се приближуваме кон првиот дом, едно прасенце кое беше избегало од една од кочините, протрчува покрај нас квичејќи. Домаќинот нѐ гледа како идеме и со насмевка ни ја отвора вратата, поздравувајќи нѐ на ротумански со „Ноја!“, а потоа нѐ поканува да седнеме. Пред нас е поставена чинија полна со зрели банани и понудени сме да се напиеме кокосово млеко од зелени кокосови ореви. На Ротума гостољубивоста е на прво место.
Овде нема агностици или еволуционисти. Секој верува во Библијата. Теми како што е — Божјата намера со Земјата — лесно го привлекуваат нивното внимание. Домаќинот е изненаден кога ќе дознае дека Земјата нема да биде уништена, туку ќе биде населена со праведни луѓе кои ќе живеат вечно на неа (Псалм 36:29). Тој внимателно следи додека се читаат библиските стихови кои го докажуваат ова гледиште, и желно ја прима библиската литература што му ја нудиме. Додека се спремаме да си заминеме, ни се заблагодарува за посетата и ни дава пластично ќесе полно со зрели банани за по пат. Проповедајќи овде, човек лесно може да се здебели!
Прилагодување на индиската заедница
Иако и многу други островски земји во Јужниот Пацифик се мултикултурни средини, сепак, Фиџи предводи во овој поглед. Покрај меланезиската, микронезиската и полинезиската култура пренесена е и култура од Азија. Помеѓу 1879 и 1916-та биле доведени сезонски работници од Индија за да работат на полињата со шеќерна трска. Како резултат на оваа подготовка наречена гирмит (договор), илјадници Индијци дошле на Фиџи. Потомците на овие работници сочинуваат еден голем дел од населението на оваа земја. Тие си ја задржале својата култура, јазик и религија.
На заветната страна на главниот остров на Фиџи се наоѓа градот Лаутока. Тој е центар на индустријата за преработка на шеќерна трска и воедно дом на голем дел од индиската популација во оваа земја. Членовите на трите собранија на Јеховините сведоци треба да бидат особено флексибилни во своето дело на „рибарење“. Кога се оди од куќа до куќа, човек треба да биде спремен да ја прилагоди темата зависно од расата и религијата на домаќинот. Ајде да им се придружиме на групата месни Сведоци додека сведочат во домовите расфрлани по полињата со шеќерна трска надвор од Лаутока.
Додека наближуваме кон првата куќа, забележуваме некакви високи бамбусови столбови со парчиња од црвен штоф врзани на врвовите на предниот агол од населбата. Ова го идентификува семејството како хиндуси. Повеќето хиндуистички домови се декорирани со слики од нивните богови. Многумина имаат свој омилен бог, како Кришна, а често имаат и по еден мал олтар.a
Повеќето хиндуси веруваат дека сите религии се добри и дека тоа се само различни начини на обожавање. Навистина, домаќинот може учтиво да слуша, да земе нешто од литературата, да понуди освежувачки пијалак и да мисли дека ја исполнил својата должност. За да се постават соодветни прашања со кои станарите ќе се вовлечат во посмисловна дискусија, честопати е од помош да се знаат некои од прикаските кои се дел од нивното обожавање. На пример, знаејќи дека некои од нивните прикаски ги прикажуваат нивните богови како се впуштаат во постапки над кои многу луѓе би се замислиле, може да прашаме: „Дали би го одобриле Вие таквото однесување на Вашата сопруга (сопруг)?“ Одговорот обично гласи: „Не, секако дека не!“ Тогаш, може да се праша: „Добро, а зарем така треба да постапува еден бог?“ Ваквите дискусии често пати отвораат можности да се прикаже вредноста на Библијата.
Верувањето во реинкарнација, една друга карактеристика на хиндуизмот, е плодна тема за разговор. Една добро образована хиндуска, чиј татко неодамна умрел, била запрашана: „Дали сакате да го видите својот татко онаков каков што бил порано?“ Таа одговорила: „Да, тоа би било прекрасно“. Од нејзиниот одговор и разговорот кој следел, било јасно дека не била задоволна со верувањето дека нејзиниот татко е сега жив во некоја друга форма и дека таа никогаш повеќе нема да го препознае. Но, прекрасната библиска наука за воскресението го трогнала нејзиното срце.
Некои хиндуси навистина имаат прашања и се во потрага по задоволувачки одговори. Кога еден Сведок дошол во некој хиндуски дом, човекот го прашал: „Кое е името на вашиот Бог?“ Сведокот му го прочитал Псалм 83:18 (НС) и објаснил дека Божјето име е Јехова и дека во Римјаните 10:13 се вели, за да се спасиме, мора да го привикуваме тоа име. Човекот бил импресиониран и сакал да дознае повеќе. Всушност, тој очајнички сакал да знае. Објаснил дека неговиот татко, кој бил особено предан на нивниот фамилијарен идол, по обожавањето паднал болен пред него и кратко по тоа умрел. Истото му се случило и на неговиот брат. Тогаш додал: „Тој идол ни носи смрт, а не живот. Значи, мора да има нешто погрешно во таквото обожавање. Можеби овој Бог, Јехова, ќе може да ни помогне да го најдеме патот кон живот“. И така била започната библиска студија со него, неговата сопруга и неговите две деца. Рапидно напредувале и набргу се крстиле. Ги оставиле своите идоли и сега чекорат по патот на Јехова, Богот на животот.
Потоа одиме во домот на едно муслиманско семејство. И таму е видлив истиот дух на гостољубивост, па набргу сме поседнати со ладен пијалак во рацете. Нема никакви религиозни слики по ѕидовите, со исклучок на еден мал урамен текст на арапски. Спомнуваме дека Библијата и Коранот имаат заедничка жица, имено патријархот Авраам, и дека Бог му ветил на Авраама дека преку неговото семе ќе бидат благословени сите народи. Ова пророштво треба да се исполни на Исус Христос, Неговиот Син. Некои муслимани ќе приговорат на идејата дека Бог има Син. На тоа ние објаснуваме дека, исто како што и првиот човек, Адам, е наречен Божји син бидејќи бил создаден од Бог, така и Исус е Божји Син. На Бог не му треба дословна жена за да создаде такви синови. Бидејќи муслиманите не веруваат во науката за тројството, го користиме овој заеднички темел за да покажеме дека Јехова Бог е врховен.
Време е за ручек, па членовите на нашата група се враќаат на патот, надвор од полињата со шеќерна трска, да чекаат автобус за назад во градот. Иако по малку уморни, сите се воодушевени од утринското „рибарење“. Вложениот труд за прилагодување на различните ситуации и судири во мислењата добро се исплати.
Водите и гребените на Фиџи се полни со најразлични видови риба. За да биде успешен, фиџискиот гонеду (рибар) треба да биде вешт во својата работа. Истото се однесува и за делото на „рибарење“ кое Исус им го доверил на своите ученици. Христијанските „рибари на луѓе“ мораат да бидат вешти и да ја прилагодат својата презентација и докази така што ќе одговарат на разновидните верувања помеѓу населението (Матеј 4:19, НС). Ова навистина е потребно на Фиџи. А резултатите се видливи на годишните конгреси на Јеховините сведоци, каде Фиџијци, Индијци, Ротуманци и луѓе од различно етничко потекло го обожаваат Јехова во единство. Да, неговиот благослов е врз делото на „рибарење“ во водите на Фиџи.
[Фуснота]
a Види во книгата Mankind’s Search for God (Човештвото во потрага по Бог), издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., стр. 115-117.
[Карта на страница 23]
(Види во публикацијата)
Вити Леву
Вануа Леву
Сува
Лаутока
Нади
0 100 км
0 100 ми
18°
180°
[Слика на страница 24]
Бура, односно локален дом
[Слика на страница 24]
Хиндуски храм на Фиџи
[Слики на страница 25]
Успешно „рибарење“ на луѓе на Фиџи
[Извор на слика на страница 24]
Туристичко биро на Фиџи