Кревање на завесата од последната граница на Алјаска
ВЕЌЕ два дена, четворица се стискаме во една мала собичка во познатиот град од времето на златната треска, Ном (Алјаска). Во 1898, повеќе од 40.000 трагачи се слеале овде во потрага по само едно — злато! Ние, од друга страна, сме во потрага по едно поинакво богатство.
Моментално сме заинтересирани за „пожелните работи“ кои можеби живеат во изолираните села Гамбел и Савунга на островот Св. Лоренц, кој се наоѓа на 300 километри западно во Беринговиот Проток (Хагај Аг 2:7, НС). Таму Инуитите храбро ги сечат ледените арктички води и ловат китови на само неколку километри од бившиот Советски Сојуз. Но снежните виулици и густата сива покривка од магла нѐ држат заробени. Нашиот авион е приземјен.
Додека чекаме, размислувам за настаните од изминатите неколку години и му се заблагодарувам на Јехова Бог за неговите благослови на сведочењето во ретко населените подрачја. На Алјаска — која некои ја викаат, последната граница на светот — има повеќе од 60.000 староседелци кои живеат во преку 150 оддалечени општини, расфрлани на преку 1.600.000 квадратни километри пустелија, кои не се поврзани со никаков пат. Со помош на авионот од Watch Tower Society веќе достигнавме преку една третина од овие изолирани села, носејќи им ја добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14).
За да ги достигне овие оддалечени населби, авионот често требаше да атерира низ облаци и магла кои некогаш може да ја покриваат земјата со денови. По слетувањето, нѐ очекуваше друг вид магла која треба да се пробие. Како завеса, таа ги покрива умовите и срцата на овие љубезни и мирољубиви луѓе. (Спореди со 2. Коринтјаните 3:15, 16.)
Мачен премин
Шумите на Алјаска се населени со Инуити, Алеути и Индијанци. Сите тие си имаат свои сопствени навики и особини, својствени за нивното индивидуално наследство. За да ја преживеат арктичката зима, научиле да живеат со и од Земјините извори на богатство, занимавајќи се со лов, риболов и ловење на китови.
Во средината на 1700-тите години, паднале под странско влијание. Руските трговци со крзна наишле на луѓе облечени во животински крзна кои смрделе на маст од фока, а живееле не во иглуи направени од мраз туку во полуподземни куќи направени од тратина, со покриви од трева и подземни влезови. На овие љубезни, кротки, а сепак смели луѓе, трговците им донеле многу сериозни проблеми, вклучувајќи нови култури и нови болести кои кај некои племиња го смалиле бројот на популацијата за половина. Наскоро алкохолот станал проклетство над луѓето. Новата економија наложила промена од супстанцијален облик на живот во монетарен. До ден–денес некои мислат дека тоа бил мачен премин.
Кога пристигнале мисионерите на т. н. христијанство, на домородците на Алјаска им била наметната промена од друг вид. Додека едни неволно се откажале од своите традиционални религиозни обичаи — обожавање на духовите на ветрот, мразот, мечката, орелот итн. — други направиле мешање на идеи, кое резултирало со фузија, односно конфузија на религии. Сето ова често имало за последица сомнение и недоверба кон странците. Посетителот не е секогаш добредојден во некои села.
Затоа, предизвикот кој стои пред нас е: Како ќе ги достигнеме сите староседелци раштркани низ оваа огромна краина? Како ќе ги срушиме нивните сомненија? Што можеме да сториме за да ја тргнеме завесата?
Рани обиди за сведочење
Во раните 1960-ти години, неколку смели Сведоци од Алјаска храбро им се спротивставија на природните сили — диви ветришта, температури под нулата, тешки услови — и пилотираа со своите приватни едномоторни авиони на кружно проповедничко патување помеѓу селата расфрлани на север. Ако направиме ретроспектива, ќе видиме дека овие храбри браќа навистина се изложувале на голем ризик. Едно откажување на моторот скоро сигурно би довело до катастрофа. Дури и кога би било можно безбедно приземјување, тие би биле со километри оддалечени од помошта, на температури под нулата и без никаква можност за патување. Опстанокот би им зависел од наоѓање на храна и засолниште, коешто би било едвај можно. За среќа, не се случиле сериозни инциденти, но таквите опасности не смеело да се игнорираат. Затоа, канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society на Алјаска ги одврати браќата од ваквиот начин на проповедање.
За да продолжат и понатаму со работата, верните браќа од Фербанкс и собранијата од Северниот пол ги концентрираа своите напори на поголемите села, како што се Ном, Бароу и Коцебу, кои се поврзани со комерцијални авиолинии. Тие го користат својот приватен капитал да патуваат преку 720 километри на север и запад до овие подрачја. Некои се задржуваат во Ном по неколку месеци за да водат библиски студии со заинтересираните. Во Бароу беше изнајмен еден апартман како засолниште од ниските температури, минус 45 степени Целзиусови. Во изминатите неколку години, беа потрошени повеќе од 15.000 американски долари од страна на оние кои ја зеле при срце Исусовата заповед да ја проповедаат добрата вест до краевите на Земјата (Марко 13:10).
Пристигнува неочекувана помош
Потрагата по начинот да се достигнат поизолираните заедници продолжи, а Јехова го отвори патот. Беше ставен на располагање еден двомоторен авион — токму тоа што беше потребно безбедно да се преминат острите планински венци на Алјаска. На Алјаска има многу планини кои се издигнуваат над 4.200 метри, а прочуениот врв Мак Кинли (Денали) е на 6.193 метри надморска висина.
Конечно, авионот пристигна. Претставете си го нашето разочарување кога едно истрошено, избледено, повеќебојно парче летачка машина слета на пистата. Дали ќе биде способно за летање? Дали може да му ги довериме животите на нашите браќа? Повторно, Јеховината рака не беше кратка. Предводени од овластени механичари, преку 200 браќа доброволно ги ставија на располагање своите услуги, поминувајќи неколку илјади часови да го реновираат целиот авион.
Какво задоволство беше да се види тоа! Сјаен како нов, авионот со ознака 710WT испишана на опашката, се крева во небото на Алјаска! Бидејќи и двата броја, и седум и десет, во Библијата се употребуваат како симбол за потполност, бројот 710 може да се сфати како нагласок на поддршката која Јеховината организација ја дала за да го тргне превезот од срцата обвиткани во темнина.
Кон Алеутскиот синџир
Откако го добивме авионот, поминавме 80.000 километри пустелија, носејќи ја добрата вест на Царството и библиска литература во преку 54 села. Ова е исто како и 19 пати да се премине континенталниот дел од Соединетите американски држави!
Трипати ги бевме поминале Алеутските острови долги 1.600 километри, кои го одделуваат Тихиот Океан од Беринговото Море. Повеќето од 200-те скоро голи острови кои го сочинуваат синџирот, се дом не само за Алеутските домородци туку и за илјадници морски птици, белоглави орли и царски гуски со снежно-бели глави и карактеристични црно-бели ребрести пердуви.
Меѓутоа, привлечната убавина на пределот не е без свои опасности. Летајќи над морето, можевме да ги видиме високите, 3 до 5 метри, бели врвови од брановите на пенливата ледена вода, толку ладна што дури и во лето човек може во неа да преживее само 10 до 15 минути. Ако е присилен да атерира, единствениот избор на пилотот му е остриот карпест остров или леденото фатално море. Колку сме им благодарни на нашите вешти браќа, квалификувани А & Е (Авион и Мотори) механичари, кои работеа доброволно да го одржуваат авионот во тип-топ форма!
На едно од патувањата, се упативме кон холандското пристаниште и рибарско село Уналашка. Пределот е познат по своите ветришта кои достигнуваат брзина од 130 до 190 километри на час. За среќа, тој ден беше многу помирно, но сепак доволно турбулентно за да нѐ вознемири неколку пати. Какво изненадување беше кога на видик се појави провизорниот аеродром — само еден зарез во карпестата страна на планината! На едната страна од пистата се наоѓаше стрмен карпест понор, а на другата, ледената вода од Беринговото Море! Кога слетавме, пистата беше мокра. Таму врне дожд повеќе од 200 дена годишно.
Колкава радост беше да се дискутира за Божјата Реч и намера со жителите на тоа подрачје! Неколку ветерани покажаа ценење за надежта во свет без војни. Тие сѐ уште имаа живи сеќавања на бомбардирањето на холандското пристаниште од страна на Јапонците за време на II-та светска војна. Нашите сеќавања на ваквите проповеднички патувања се подеднакво незаборавни.
Тренд на споро загревање
Контролирајќи го уште еднаш времето, забележуваме постепено покачување на температурата. Тоа ме наведува да размислувам за нашето дело на сведочење во ретко населените подрачја. Полека но сигурно забележавме тенденција срцата на луѓето да се загреваат за вистината.
Требаше да помине време додека се отстрани обвивката на сомнение и недоверба која луѓето ја имаа спрема странците. Во нашите рани обиди не беше невообичаено црковните водачи да го пресретнат авионот, да се распрашуваат за причината на нашата посета и потоа остро да ни речат да си одиме. Секако, ваквите дочеци беа обесхрабрувачки. Но ние се присетивме на Исусовиот совет запишан во Матеј 10:16: „Бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“. Па така, повторно дојдовме, но со авионот натоварен со свежа салата, патлиџани, дињи и некои други артикли кои не се лесно достапни во ова подрачје. Порано непријателски расположените жители беа радосни кога го видоа нашиот товар.
Додека еден брат се грижеше околу „дуќанот“, прифаќајќи прилози за свежите артикли, другите отидоа од куќа до куќа, известувајќи ги станарите за пристигањето на свежите артикли. На вратите тие исто така прашуваа: „О патем, дали ја читате Библијата? Верувам дека ќе уживате во ова помошно средство за проучување на Библијата кое покажува дека Бог ни ветил рај“. Кој би можел да одбие една толку примамлива понуда? Секој ја ценеше како телесната така и духовната храна. Дочекот беше пријатен, поделено беше многу литература и беа загреани неколку срца.
Преку границата
Од другата страна, на територијата на Јукон, собранието Вајтхорс ни го испрати „македонскиот“ повик да „преминеме“ во Канада и да посетиме некои од областите во далечните Северозападни територии (Дела 16:9). Бевме петмина кога се упативме кон Туктојактук, едно село во близина на заливот Макензи на Бофоровото Море, северно од арктичкиот поларен круг.
‚Како се изговара ова необично име?‘ — се прашувавме кога пристигнавме.
„Тук“ — ни одговори еден млад човек со широка насмевка.
„Како не се сетивме на тоа?“ — се чудевме.
Бевме изненадени кога видовме дека луѓето од Туктојактук беа добри познавачи на Писмото. Како резултат на тоа, водевме многу пријателски разговори и беше поделено многу литература. Еден од нашите млади пионери имаше интересен разговор со еден станар.
„Јас сум англиканец!“ — рекол домаќинот.
„Дали знаете дека Англиканската црква ја одобрува хомосексуалноста?“ — го прашал нашиот пионер.
„Навистина?“ — се зачудил човекот. „Е па тогаш, повеќе не сум англиканец.“ Се надеваме дека уште еден човек го отворил своето срце за добрата вест на Библијата (Ефесјаните 1:18).
Еден ветеран беше импресиониран од нашата одлучност да го достигнеме секој дом во таа област. Како и секогаш, сета наша работа требаше да ја вршиме пешки. Тоа обично е пешачење од околу километар или повеќе од провизорниот аеродром до селото. Потоа, за да го достигнеме секој дом, треба да одиме со усилен о̂д по крупен песок и калливи патеки. Човекот ни го позајми неговиот камионет, а каков само благослов беше тоа! Преминувањето на границата и помагањето на канадското подрачје беше извонредна предност.
Дали се исплаќа?
Кога времето е лошо и ние сме во неволја или доцниме неограничено време, како што доцниме сега, или кога еден цел ден на сведочење изгледа дека не донел ништо освен незаинтересираност, или дури непријателство, тогаш почнуваме да се прашуваме дали се исплаќа сето тоа време, енергија и трошок. Можеби помислуваме на луѓето кои навидум покажуваат интерес и ветуваат дека ќе ја студираат Библијата преку писмо, но не го прават тоа. Тогаш се потсетуваме дека многумина од месното население немаат навика да пишуваат писма, а пријателскиот став лесно може да се побрка со интерес за библиската порака. Понекогаш изгледа толку тешко да се одмери успехот.
Овие негативни мисли брзо исчезнуваат кога ќе се присетиме на добрите искуства од другите објавители на Царството. На пример, една сестра од Фербанкс проповедала во селото Бароу на далечниот север. Таму сретнала една тинејџерка која била во колеџ во Калифорнија и се вратила дома за празниците. Сестрата го поттикнувала интересот преку допишување и продолжила да ја храбри девојката дури и по нејзиното враќање во колеџот. Денес, младата девојка е среќен, крстен слуга на Јехова.
Чукање на вратата ме тргна од мислите за ова искуство, а воедно даде уште еден доказ дека сето тоа се исплаќа. На вратата стоеше Елмар, досега единствениот предаден, крстен инуитски Сведок во Ном.
„Ако времето се расчисти може ли да појдам со вас?“, запраша. Тој живее изолирано и е оддалечен преку 800 километри од најблиското собрание, а сака да учествува во службата со своите браќа додека ја има таа можност.
Сончевите зраци почнуваат да се пробиваат низ облаците и ние знаеме дека наскоро ќе се расчисти и ќе можеме да заминеме. Додека Елмар се качува во авионот, одушевени сме од неговото среќно, сјајно лице. Ова е посебен ден за Елмар. Тој доаѓа со нас до нашата следна цел, село во кое ќе може да им проповеда на своите сонародници, придружувајќи ни се во нашиот обид да го тргнеме превезот од срцата на оние кои живеат на крајната граница од светот. (Приложено.)
[Карта на страница 23]
(Види во публикацијата)
1. Гамбел
2. Савунга
3. Ном
4. Коцебу
5. Бароу
6. Туктојактук
7. Фербанкс
8. Анкориџ
9. Уналашка
10. Холандско пристаниште
[Слика на страница 24]
За да се достигнат изолираните заедници, многупати е потребно да се премине еден од многуте планински венци на Алјаска
[Слика на страница 25]
Бети Хоз, Софи Мезак и Кери Типлс заедно имаат повеќе од 30 години полновремена служба