Подготовките за помош одразуваат христијанска љубов
‚САКАЈТЕ ги браќата [целото братство, NW]‘ — ги поттикнувал апостол Петар сохристијаните (1. Петрово 2:17). Таквата љубов требало да ги премине расните, социјалните и национални граници, поврзувајќи ги луѓето во вистинско братство. Кога меѓу првите христијани се појавила материјална потреба, љубовта мотивирала многумина да им дадат на апостолите прилози за тие да им ги распределат на оние кои биле во оскудица. Извештајот вели дека „сѐ им беше заедничко“ (Дела на св. апостоли 2:41-45; 4:32).
Ваквата љубов се покажала кон крајот на 1991 кога Водечкото тело на Јеховините сведоци повикало неколку подружници на Друштвото Стражарска кула од Западна Европа да обезбедат храна и облека за нивните сиромашни браќа во Источна Европа, вклучувајќи ги и деловите на поранешниот Советски Сојуз. Ќе претставиме серија извештаи од подружниците кои се вклучени во таа акција.
Шведска
На 5. декември 1991, до сите 384 собранија во Шведска беше испратено едно писмо во кое се објаснуваше оскудицата. Веднаш реагираа. За само неколку дена, првиот камион со полуприколка беше на пат за Санкт Петерсбург (Русија), натоварен со 15 тони брашно, маст за готвење, конзервирано говедско месо, млеко во прав и слично. Месните Јеховини сведоци го растоварија камионот и набрзина ги распределија 750-те пакети за оние кои се во оскудица. Подоцна, уште два камиона со полуприколки однесоа храна за Русија. Сѐ на сѐ, од Шведска беа испратени над 51,5 тони храна.
Спремноста за давање облека и чевли ги надмина сите очекувања. Купишта пакети со облека брзо се насобраа во Царските сали. Многу христијани подарија облека од своите ормани, а други купија нови работи. Еден брат купил пет костума. Кога изненадениот продавач дознал за намерата, подарил уште пет костума. Еден друг брат купил една кутија со чорапи, ракавици и шалови. Кога ја објаснил целта, сопственикот му понудил 30 нови костуми за цената на два. Некој продавач за спортска облека подарил 100 рала нови чевли и чизми.
Сиот тој материјал потоа беше донесен во подружницата на сортирање, препакување и товарење. Облеката — по количина еднаква на она што би можеле да го носат 40 камиони со полуприколки — исполни огромни површини од подружницата! Браќата и сестрите работеа со недели, сортирајќи ја на купови за мажи, жени и деца и пакувајќи ја во картонски кутии. Беа користени петнаесет различни камиони со полуприколки за облеката безбедно да се однесе во Русија, Украина и Естонија.
Еден брат кој осум пати возеше камион на Друштвото до поранешниот Советски Сојуз, рече: „Приемот што ни го укажаа браќата на нашите одредишта беше голема награда. Нѐ прегрнуваа и бакнуваа, а и покрај оскудните средства, ни дадоа нам добра поука за христијанска дарежливост“.
Финска
И покрај суровата рецесија во Финска, раширената невработеност и економските проблеми, спремноста на приближно 18.000 фински браќа да им помогнат на своите браќа во поранешниот Советски Сојуз беше голема. Тие испратија преку 58 тони храна во 4.850 картонски кутии до Санкт Петерсбург, Естонија, Латвија, Литванија и Калињинград. Го исполнија и празниот простор во камионите со 420 кубни метри облека. Беа подарени и околу 25 користени автомобили и комбиња за да се употребуваат во делото на Царството.
Некои од кутиите со храна достигнаа до едно собрание со 14 објавители во Сланци, во областа на Санкт Петерсбург. Објавителите со писмо изразија голема благодарност. „Во нашето собрание имаме десет постари сестри. Повеќето од нас сме тешко болни и не можеме да стоиме со часови во ред за храна. Меѓутоа, нашиот небесен Татко не ни дава причина да бидеме обесхрабрени во овие тешки времиња, туку ни ги исполнува срцата со веселост. Водиме 43 библиски студии во домовите на луѓето.“ Кога една сестра од Санкт Петерсбург го добила својот пакет со помош, толку била трогната што плачела два часа пред да го отвори.
Данска
Во оваа мала земја на влезот на Балтичкото Море се собраа околу 16.000 Сведоци на Јехова кои во Украина испратија 19 камиони со 64 тони храна во 4.200 кутии, 4.600 кутии со висококвалитетна облека и 2.269 рала нови чевли. Еден брат од Германија ѝ отстапи на подружницата на користење пет камиона, кои потоа им ги подари на браќата во Украина. На враќање дома, еден од возачите рекол: „Откривме дека повеќе вративме отколку што однесовме. Љубовта и самопожртвуваниот дух што ги покажаа нашите украински браќа во многу ја зајакнаа нашата вера“.
По патиштата на поранешниот Советски Сојуз возачите мораа да се чуваат од крадци. Неколку дена пред да помине еден од данските камиони, на тој пат се случила голема кражба. Користејќи хеликоптери и автомати крадците запреле еден конвој од пет камиона со храна од некоја хуманитарна организација. Ги зеле сите пет камиона, оставајќи ги возачите крај патот. И покрај таквата опасност, сета помош од данската подружница безбедно стигна до браќата. Тие пак, од своја страна, на еден од возачите му го дадоа да го однесе дома следново писменце, со голема тешкотија напишано на англиски јазик: „Драги браќа и сестри од Данска: Ја добивме вашата помош. Јехова ќе ве награди“.
Холандија
Холандската подружница испрати 52 тона храна во 2.600 кутии. Беа однесени во Украина во два различни конвоја. Секојпат шестте камиони беа оставани, затоа што браќата од Германија ги подарија за делото на Царството на Исток. Украинските браќа поголемиот дел од храната ја испратија во Москва, Сибир и други места каде што имаше голема потреба. Освен тоа, холандските браќа подарија и 736 кубни метри облека и чевли. Беа донесени во Лавов (Украина) со 11 камиони во конвој придружуван од еден приватен автомобил.
После долго возење низ Германија и Полска, конвојот мирно помина преку украинската царина и стигна до периферијата на Лавов во 3.00 часот наутро. Возачите известуваат: „За само кратко време дојде чета од 140 браќа за да ги растоварат камионите. Пред да ја започнат работата, тие понизни браќа својата доверба во Јехова ја покажаа така што изговорија заедничка молитва. Кога работата беше завршена, повторно нѐ собраа во молитва да му се заблаодариме на Јехова. Откако ни беше укажано гостопримство од страна на месните браќа, кои изобилно дадоа од она малку што го имаа, нѐ придружуваа до главниот пат и застанати крај патот изговорија молитва пред да си заминеме.
Во текот на долгиот пат до дома имавме и доволно време да размислуваме за: гостопримството на браќата од Германија и Полска и браќата од Лавов; нивната јака вера и молитвен став; нивното гостопримство во обезбедувањето на сместување и храна, иако и самите беа во сиромашни околности; нивниот израз на единство и блискост и за нивната благодарност. Размислувавме и за браќата и сестрите дома кои толку дарежливо дадоа“.
Швајцарија
Швајцарската подружница својот извештај го започнува со цитирање на Јаков 2:15, 16: „Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: ‚Одете си со мир, грејте се и наситете се!‘, а не им даде што им е потребно за телото — каква полза?“ Понатаму извештајот продолжува: „Се сетивме на овој библиски стих кога Водечкото тело на Јеховините сведоци нѐ повика да им пружиме материјална помош на нашите сиромашни браќа.
Сите се фатија за работа! За само два дена, во Украина беа испратени 12 тони храна во 600 кутии со три камиона од Германија, кои потоа беа подарени за делото таму. Веста дека сѐ безбедно стигнало предизвика голема радост меѓу нашите браќа овде. Во меѓувреме, собранијата собраа облека, па наскоро нашата подружница беше преплавена со картонски кутии, куфери и торби! Оние кои содржеа детска облека имаа и играчки од швајцарските деца за непознатите пријателчиња на далечниот Север. А меѓу облеката се најдоа и доста чоколади“.
Како сето тоа ќе се однесе? Извешатајот вели: „Во пресрет ни излезе подружницата од Франција која ни даде два камиона со полуприколки и четворица возачи. Освен тоа, за да се однесат 72 тона во Украина беше потребен уште еден камион од нашата подружница и четири браќа“. Конвојот долг 150 метри, безбедно стигнал до депото во Лавов каде што чекале околу стотина браќа за да ги растоварат камионите. Возачите известија дека јазичната бариера не претставувала никаква пречка затоа што нивните лица ја одразувале нивната длабока благодарност.
Австрија
Австриските браќа испратија 48,5 тони храна, 5.114 картонски кутии со облека и 6.700 рала чевли во Лавов и Ужгород во Украина. Испратија и 7 тони храна, 1.418 кутии со облека и 465 рала чевли до Белград, Загреб, Мостар, Осијек и Сараево, во поранешна Југославија. Извештајот од подружницата наведува: „Имавме 12 камиони со натоварени полуприколки, кои патуваа 34.000 километри. Поголемиот дел од преносот го изврши еден брат заедно со својот син кои имаат своја автотранспортна фирма“.
Што се однесува до подарената облека, извештајот продолжува: „Користевме една Царска сала како централно депо. Постојано доаѓаа камионски товари еден по друг, сѐ додека повеќе немаше место. Како во деновите на Мојсеј, луѓето мораа да престанат да носат (2. Мојсеева 36:6). Дури и некои луѓе кои не се Јеховини сведоци подарија пари, ‚бидејќи‘, како што рекоа: ‚знаеме дека на овој начин оние кои се во оскудица сигурно ќе ги добијат‘. Повеќето од потребните празни картонски кутии ги набавивме од световни фирми бесплатно“. Браќата и сестрите кои сортираа и пакуваа беа од 9 до 80–годишна возраст. Се обидоа дури заедно да сложат соодветна вратоврска со кошула на секој костум.
Извештајот наведува: „Властите во Австрија и на границите беа мошне услужни кога ни овозможуваа разновиден транспорт за помош, а и кога ни издаваа потребни документи за да можеше сите пратки да се достават со помалку тешкотии“.
Италија
Од Рим беа испратени околу 188 тони храна во два големи камионски конвоја преку Австрија, Чешкословачка и Полска до поранешниот Советски Сојуз. Секоја конвојска екипа имаше по шест возачи, механичар, автоелектричар, преведувач, шпедитер, готвач, лекар, конвојски водич со џип и еден брат со камп-приколка.
Храната беше добиена од седум снабдувачи. Подружницата известува: „Кога нашите снабдувачи ја слушнаа причината за нашата иницијатива, некои посакаа да учествуваат. Световни снабдувачи подарија повеќе стотици килограми тестенини и ориз, како и кутиите за пакување. А други пак подарија зимски гуми за камионите или се понудија да приложат пари.
Браќата во Италија ја ценеа таа прилика што можеа да помогнат. И децата сакаа да приложат. Едно петгодишно момче испратило мал прилог со кој се надеваше дека ќе може да се купи ‚конзерва со риби голема колку небото за браќата во Русија‘. Заради добрите оценки на училиште, едно мало девојче добило пари од баба ѝ и дедо ѝ да купи подарок за своите родители. ‚Но‘, напишало тоа, ‚кога сфатив дека многу мои браќа ги немаат сите добри работи што јас ги имам за јадење, си помислив дека најдобриот подарок што би можела да им го купам на моите родители е да им помогнам на тие браќа‘. Таа ставила прилично голема сума пари во кутијата за прилог. ‚Се надевам дека и понатаму ќе добивам добри оценки за да можам да испраќам повеќе пари‘, вели таа“. Извештајот од подружницата завршува со зборовите дека писмата на срдечна благодарност од браќата во Украина, многуте зборови на благодарност од италијанските браќа и прекрасните искуства при подготвувањето и доставувањето на материјалите беа трогателни, охрабрувачки и обединувачки.
Храна за илјадници делегати
Првиот меѓународен конгрес на Јеховините сведоци во поранешниот Советски Сојуз беше одржан на стадионот Киров во Санкт Петерсбург (Русија) од 28-30. јуни 1992. На овој конгрес–пресвртница со тема „Светлоносци“ присуствуваа преку 46.200 делегати од 28 земји. Со тоа се укажа уште една прилика да се покаже христијанска љубов „кон целото братство“ (1. Петрово 2:17, NW).
Тони храна од Данска, Финска, Шведска и други земји од западна Европа бесплатно се разделија на илјадници конгресни делегати од поранешниот СССР, како храна за време на конгресот. На крајот од конгресот, им беше даден и по еден пакет храна со продукти за нивниот пат до дома.
Овде споменатите извештаи кои се покажуваат дека давањето не било само еднонасочно, спрема исток. Постоела размена на давање. Храна и облека кон исток, а кон запад безброј охрабрувачки изрази на љубов и искуства кои вдахнуваат вера, а кои ја одразуваат истрајноста и верноста на илјадници Јеховини обожаватели во текот на децении под притисок и потешкотии. Според тоа, обете страни ја доживеаја вистинитоста на Исусовите зборови: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела на св. апостоли 20:35).
[Графикон/слика на страница 21]
1. Од Финска: Санкт Петерсбург (Русија); Талин и Тарту (Естонија); Рига (Латвија); Вилнус и Каунас (Литванија); Калињинград (Русија); Петрозаводск (Карелија)
2. Од Холандија: Лавов (Украина)
3. Од Шведска: Санкт Петерсбург (Русија); Лавов (Украина); Невиномиск (Русија)
4. Од Данска: Санкт Петерсбург (Русија); Лавов (Украина)
5. Од Австрија: Лавов (Украина); Белград, Загреб, Мостар, Осијек, Сараево (во поранешна Југославија)
6. Од Швајцарија: Лавов (Украина)
7. Од Италија: Лавов (Украина)
[Слики на страница 23]
Кутии со облека во шведската подружница
Товарење на средствата за помош
Прехранбени артикли во еден пакет
Сланина и шунка од Данска
Конвој од 11 камиони и 1 автомобил
Пакети и куфери во австриската подружница
Растоварање на камион во Лавов (Украина)