Објавителите на Царството известуваат
Тие го промениле својот начин на живот
СИГУРНО веќе си ги видел како разговараат со другите на улица, како ги посетуваат луѓето од куќа до куќа или одат на состаноци во нивните Царски сали. Станува збор за уредно облечените млади Јеховини сведоци. Веројатно си заклучил дека тие се Сведоци затоа што нивните родители ги поучувале да бидат такви, а таков е случајот со многумина од нив. Но од друга страна, постојат некои од овие млади луѓе кои имаат многу поинакво потекло и чиишто поранешен начин на живот бил сосем различен од животот што сега го водат. Всушност, овие, кои се прикажани на следната страница, се дружеле со групи во кои криминалот и злоупотребата на дрога биле секојдневна појава. Што ги навело потполно да го променат својот начин на живот? Да посетиме едно гратче во Норвешка и да се запознаеме со некои млади луѓе кои направиле такви промени.
Основа за промената
Кога двајца Сведоци ја сретнале Анете во службата од куќа до куќа, таа имала 19 години. „Секогаш ми велеа да не разговарам со Јеховините сведоци, но бев љубопитна, па ги повикав внатре“ — се присеќава. Се дрогирала уште од својата единаесетта година и учествувала во неколку провали и кражби на автомобили.
Добрата вест за Царството ја привлекла. Особено се охрабрила со надежта во воскресение, со оглед на тоа што ја загубила мајка си на возраст од пет години. Така, ја прифатила бесплатната библиска студија и почнала да доаѓа на состаноците во Царската сала. За она што го научила му кажала на своето момче и на останатите. И каква била реакцијата? Тие не сакале да имаат ништо со тоа и ја обвиниле Анете дека ѝ го измиле мозокот. Сепак, некои од оние кои најмногу се противеле, подоцна започнале да ја проучуваат Библијата.
Таков пример е Еспен, дваесетгодишен младич. За добрата вест слушнал од момчето на Анете и веднаш побарал библиска студија. Меѓутоа, чекал додека ја издржи четиримесечната затворска казна, бидејќи бил вовлечен во шверц на дрога, и како и Анете во неколку провали. Исто така пушел тутун, марихуана и други видови на дрога. Но, што би можело да поттикне едно лице кое било вовлечено во такви работи да сака да започне со проучување на Библијата? Еспен почнал да ја сфаќа ништожноста и бесцелноста на неговиот живот. Тој раскажува: „Ме привлече библиското ветување за иднината кое ми даде цел во животот. Така започнав да проучувам со намера да откријам дали тоа што ми беше речено е вистина“.
И други сакаат да ја проучуваат Библијата
Во исто време младич од истото друштво ја слушнал добрата вест, па почнал да проучува и да ги посетува состаноците. Понатаму била воспоставена студија со уште едно од тие момчиња кое исто така почнало да ги посетува состаноците. Набргу потоа, во проучувањето на Библијата и во духовниот напредок им се придружило на своите пријатели уште едно момче. Тогаш уште едно момче од истото друштво било импресионирано од позитивните промени кои неговите пријатели ги направиле и за кратко време и тоа сакало да ја проучува Библијата.
Сега и Гилберт, млад музичар од истото друштво, започнал да ја проучува Библијата. Обајцата негови родители умреле од рак, па така и тој бил утешен со библиската надеж за воскресение (Јован 5:28, 29). И тој употребувал марихуана, водел разуздан живот и имал амбиции да стане рок ѕвезда. Меѓутоа, како што времето минувало, тој прекрасно напредувал уховно и набргу одлучил да стане Сведок за Јехова. На крајот, помладиот брат на Еспен почнал да ја истражува Библијата и да се дружи со Сведоците.
Библиската вистина менува животи
Со овие млади луѓе, кои се облекувале немарно, оделе неисчешлани и се занимавале со дрога, кражби и друг криминал, се случила голема промена. Анете е прекрасен објавител на Царството и една година служела како пионер. Еспен и Гилберт служеле како помошни пионери, а исто така се слуги помошници. Обајцата се оженети во христијанското собрание. Четворица други од поранешното друштво исто така се ревни објавители на Царството!
Но, што се случило со четиримесечната казна која Еспен морал да ја издржи? Поради промените кои ги направил во својот живот, неговата казна била преиначена на осумдесетчасовна работа која служи за јавноста. Со одобрение на полицијата и другите, овие часови ги поминал работејќи на месната Царска сала на Јеховините сведоци. Полицијата била мошне задоволна со овој предлог.
Да, уште многу други млади во светот имаат искуство како криминалци. Но вистината од Божјата Реч им дава одговори на животоважни прашања и сигурна надеж за иднината. Така, тие не се повеќе криминалци или корисници на дрога и повеќе не одат неуредно облечени. Со тоа што го смениле својот начин на живот, тие се токму како луѓето споменати на почетокот — млади, пристојно облечени и активни Сведоци на Јехова. Сакаат на другите да им ги објават трајните библиски решенија за проблемите што толку млади луѓе денес ги имаат. (Види 1. Коринтјаните 6:9-11.)
[Слика на страница 8]
Еспен, Анете и Гилберт