ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w92 15/12 стр. 24-28
  • Достигнување на „сите луѓе“ во Белгија

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Достигнување на „сите луѓе“ во Белгија
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Поднаслови
  • Иницијативата донесува резултати
  • „Пуштај го лебот свој“
  • Јазичниот предизвик
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
w92 15/12 стр. 24-28

Достигнување на „сите луѓе“ во Белгија

АПОСТОЛ Павле ги потсетил своите помазани сохристијани дека Божја волја е „сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината“. Затоа требало да се молат за да им биде овозможен „тих и мирен живот“, за да можеле да им ја објават добрата вест за Царството на сите кои имаат уво спремно да слуша (1. Тимотеј 2:1-4).

Достигнувањето на „сите луѓе“ со добрата вест денес добива посебно значење за Јеховините сведоци во Белгија. По завршетокот на Втората светска војна, оваа мала земја која лесно би можело да се смести во езерото Тангањика или во половината од езерото Мичиген, претрпе драстични промени во својот етнички и културен состав. Освен нејзините три традиционални заедници — фламанска (холандска), француска и германска — во Белгија сега постои шаренило од јазични и културни групи. Постои арапско, турско, индиско, кинеско, филипинско, африканско и американско население, да наброиме само некои. Се проценува дека секој десетти човек во Белгија е со странско потекло.

Така, Сведоците во Белгија, како и нивните сохристијани ширум светот, се соочуваат со предизвикот да ги достигнат „сите луѓе“ со добрата вест. Како изгледа да се проповеда меѓу една таква разновидност од националности? Како да им се пристапи на поединци кои имаат сосема поинакво културно и религиозно минато? И како тие реагираат на библиската порака?

Иницијативата донесува резултати

Да им се зборува на „сите луѓе“ за добрата вест за Царството е радосно и возбудливо доживување. На прометните улици, на пазарите, во средствата за јавен превоз, од куќа до куќа можат да се сретнат луѓе од сите континенти. Со малку иницијатива, објавителот на Царството може лесно да започне разговор кој честопати води до наградувачки резултати.

На една автобуска постојка една жена Сведок започнала разговор со некоја госпоѓа од Африка така што едноставно срдечно ѝ се насмевнала. Набрзо госпоѓата ја изразила својата радост кога слушнала за Божјето Царство и посакала да дознае повеќе за Библијата. Ги примила списанијата Стражарска кула и Разбудете се! и ѝ ја дала својата адреса на жената Сведок. Кога оваа ѝ рекла дека наскоро ќе ја посети, госпоѓата приговорила: „Не! Не! Ајде точно да се договориме за да бидам дома кога ќе дојдете“.

По три дена, кога требало да отиде во посета, жената Сведок открила дека ја изгубила адресата од госпоѓата. Но го зпамтила името на улицата, па отишла и ја проверила секоја куќа за да види дали ќе може да најде некое африканско име. Дошла до крајот на улицата, но она што го барала го немало. Какво разочарување! Токму решила да си оди, кога одеднаш, пред неа како некое чудо, стоела госпоѓата којашто ја барала, и тоа токму во времето во кое се договориле да се најдат! Започнале со библиска студија.

А како е со различните обичаи, верувања и традиции? На пример, како е со хиндуистичките верувања? Па, една пионерка се сеќава што прочитала во книгата Расудување на темел на Писмото. Таму пишува: „Наместо да се обидуваш да излезеш на крај со сложеностите на хиндуистичката филозофија, изнеси задоволувачки вистини од Библијата. . . . Јасните вистини од неговата Реч ќе допрат до срцата на оние кои се гладни и жедни за праведност“.

Токму тоа и го сторила пионерката кога се запознала со Каши, една Индијка која прифатила библиска студија. Каши брзо напредувала и наскоро почнала да им зборува на сите свои пријатели за она што го учела. Еден ден пионерката се запознала со сопругата на еден амбасадор, која прашала: „Дали сте вие таа која ја поучува Каши за Библијата?“ Колку пионерката била изненадена кога госпоѓата рекла: „Каков учител ви е таа! Успеа да ме убеди за многу работи. Замислете си, таа Индијка, ме поучува мене, католичка, за Библијата!“

Кога ќе сретнете Филипинци, веднаш забележувате дека повеќето од нив ја сакаат Библијата. Тие се срдечни и гостољубиви и многу лесно се започнува разговор со нив. Една госпоѓа од Филипините радо примила две списанија, но бидејќи била католик, ги фрлила. По неколку недели пак примила две списанија, кои ги оставила во својата чанта. Една ноќ добила желба да чита нешто. Откако побарала наоколу нешто интересно, наишла на списанијата. Колебливо почнала да чита, а нејзиниот интерес почнал да расте. Наскоро после тоа, дома ја посетил еден Сведок, на кого му поставила многу прашања. Тоа било првпат таа да ги спореди своите католички верувања со она што го вели Библијата. Логичното, библиско изнесување ја уверило дека конечно ја нашла вистината.

„Пуштај го лебот свој“

Многу странски жители во Белгија се наоѓаат поради деловни причини, затоа што работат во некоја од 150-те акредитирани амбасади или во Комисијата на Европската заедница. Повеќето од нив остануваат само неколку години. Да им се сведочи и да се студира Библијата со нив можеби на прв поглед изгледа бесплодно. Но, Библијата нѐ потсетува: „Пуштај го лебот свој по водите, зашто по многу дни пак ќе го најдеш“ (Проповедник 11:1). Честопати резултатите се неочекувано наградувачки.

Тоа е случајот со една Американка која редовно добивала списанија од една жена Сведок. Со текот на времето, жената Сведок ја истакнала користа од редовното проучување на Библијата и ѝ понудила да проучува со неа. Жената ја прифатила понудата и брзо напредувала. Наскоро ја видела разликата помеѓу вистинската и лажната религија. Затоа од својата куќа ги исфрлила сите религиозни ликови. Но, дошло времето да се врати во САД. Дали тоа значело и крај на нејзиниот духовен напредок? Замисли си ја радоста и изненадувањето на објавителката кога добила телефонски повик од една жена Сведок од САД, која ѝ кажала дека госпоѓата продолжила со проучувањето, го предала својот живот на Јехова Бог и се крстила! Всушност, таа веќе служела како помошен пионер.

Истото беше случај и со Каши, Индијката, и со госпоѓата од Филипините, кои ги споменавме на почетокот. Кога се вратиле во Индија, Каши и нејзиниот сопруг продолжиле со својата библиска студија. Најпосле обајцата му го предале животот на Јехова и се приклучиле во делото на проповедање. Бидејќи живееле во подрачје во кое немало други Сведоци, го понудиле својот дом во него да се одржува Собраниска студија на книга. Каши служела како помошен пионер во онаа мера колку што ѝ допуштало здравјето и водела шест домашни библиски студии, во кои биле вклучени вкупно 31 лице. На сличен начин, со текот на времето, Филипинката се преселила во САД, напредувала до предание и крштение и станала општ пионер. Таквите радосни резултати се едни од многуте коишто објавителите на Царството во Белгија ги доживуваат додека продолжуваат да им проповедаат на луѓето на своите подрачја.

Јазичниот предизвик

За да ја исполни задачата да им се проповеда на „сите луѓе“, подружницата мораше да има на залиха библиска литература на преку стотина јазици. Сега таму има белгиски собранија на десет јазици. Од 341 собрание, 61 се на странски јазици, а од 26.000 објавители, 5.000 се од странска националност. Во едно собрание има мажи и жени од 25 различни земји. Претстави си ги интересните варијанти на национални, културни и расни карактеристики на нивните состаноци! Но, љубовта и единството помеѓу браќата е силно сведоштво за вистинското христијанско учеништво (Јован 13:34, 35).

Бидејќи во Белгија има толку многу жители кои треба да ја чујат добрата вест на странски јазик, некои објавители го прифатиле предизвикот да учат тешки јазици, како што се турски, арапски и кинески. Нивните напори се богато наградени.

Оние кои работат меѓу арапско население, забележале дека често можат да разгорат интерес за Библијата ако ја истакнат нејзината практична вредност. Еден објавител на Царството водел интересен разговор со некој арапски професор; потоа три години не можел да го најде професорот дома. Не дозволувајќи лесно да биде обесхрабрен, објавителот решил да остави порака до професорот со некои библиски прашања. Тоа го заинтересирало, така што бил спремен објективно да ја испита Библијата. Толку бил восхитен од она што го дознал, што и тој и неговата сопруга, обајцата муслимани, одвоиле неколку вечери за да ја читаат Библијата заедно.

Оние кои се трудат да му помогнат на големото кинеско население во поголемите градови, освен јазичната бариера, мораат да совладаат и друга препрека. Повеќето Кинези не веруваат во Бог како Творец или во Библијата како Божја Реч. Па сепак љубопитни се и сакаат да знаат за што се работи. Тие се и страсни читатели. За нив не е необично само за неколку дена да прочитаат која и да било библиска литература што ќе им ја оставите, па дури и поголем дел од Библијата. Ако нивното срце е исправно, тие се поттикнати од силата на Божјата Реч.

На една кинескиња ѝ било многу тешко да ја прифати идејата за Творец. За време на втората студија, ѝ навреле солзи во очите кога рекла: „Сега верувам во Јехова Бог, зашто ако Библијата била пишувана во период од 1.600 години од 40 различни луѓе, а сепак во потполн склад со една иста тема, тогаш пишувањето мора да го водел Јехова. Тоа е толку логично!“

На една друга госпоѓа од Кина во трамвај ѝ пристапила една објавителка. „Дали сте вие христијанка?“ — таа ја прашала жената Сведок. Потоа рекла дека е многу разочарана што гледа толку многу противречности кај оние кои тврдат дека се христијани. Објавителката се согласила со нејзината изјава, но објаснила дека Библијата не си противречи. Токму тогаш госпоѓата морала да слезе од трамвајот. Ѝ ја дала својата адреса на жената Сведок и, кога оваа ја посетила, госпоѓата извикала: „Само да знаев, ќе се возев во трамвај една година порано!“ Кога била запрашана на што мисли, госпоѓата објаснила: „Тоа беше првпат да одам на факултетот со трамвај. Можете ли да си замислите? Сум пропуштила една цела година!“ Била многу среќна што можела да ја проучува Библијата макар само неколку месеци пред да се врати во Кина.

Ваквите искуства на белгиските Сведоци им пружија поука. „Изутрина сеј го семето свое и навечер да не ти почиваат рацете, зашто не знаеш што ќе биде подобро, ова или она, или обете ќе бидат еднакво добри“ (Проповедник 11:6, ДК). Напорите што беа вложени за да се надминат јазичните бариери, обичаите и традицијата, навистина ги заслужија резултатите. А над сѐ, срдечните реакции докажуваат дека Бог навистина „не гледа на лице; туку, кај секој народ оној, кој се бои од Него, и постапува правично, мил Му е“ (Дела на св. апостоли 10:34, 35).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2026)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2026 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели