Нигерискиот Врховен суд ја брани религиозната слобода
СЕЛАНИТЕ му ја ограбуваат жетвата на еден земјоделец. Други му ја напаѓаат куќата на еден ѕидар и му ги разграбуваат алатите. Трети, пак, спречуваат една жена да купува и продава. Зошто вакви малтретирања? Затоа што жртвите, од кои сите се Јеховини сведоци, не сакале да учествуваат во генерациски групи. „Во што?“ — можеби зачудено прашуваш.
Здруженијата на генерациски групи ги сочинуваат луѓе, обично машки лица, кои биле родени отприлика во исто време и во исто село. Ваквите групи се вообичаени во источна Нигерија. Тие можат да финансираат општински проекти, но исто така се впуштаат во идолопоклоничко обожавање и вршат спиритистички ритуали за да покажат дека членовите станале полнолетни. Бидејќи Библијата им ги забранува таквите постапки на вистинските христијани, Јеховините сведоци не членуваат во такви групи (1. Коринтјаните 10:20, 21; 1. Јованово 5:21).
Самуел Окогбуе работел како шивач во Аба (Нигерија). На почетокот од 1978, членовите на Здружението на генерациските групи Умункалу од Алаји, барале од него да плати „такса“ за да ја помогне изградбата на некој здравствен центар. Како вистински христијанин, Самуел се труди да им помага на другите луѓе, но совесно одбил да биде вовлечен во некаква генерациска група. На 22. април таа година, шестмина членови на групата провалиле во неговиот дуќан и му ја грабнале машината за шиење, велејќи му дека ќе ја задржат сѐ додека не ја плати сумата. Самуел протестирал дека не бил должен да плаќа ништо затоа што не бил член на нивното здружение. Бидејќи не можел да ја добие својата машина за шиење, Самуел ја дал работата на суд.
Од суд до суд
На Судот за прекршоци, генерациската група аргументирала дека поради неговата возраст, Самуел автоматски бил еден од нивните членови и дека е должен да ги плаќа сите такси коишто тие самите си ги наметнале. Освен тоа, според тамошниот обичај, ако некој член не плати такса, имотот му бил одземан сѐ додека не плати.
Судот не се согласил со тоа. На 28. февруари 1980 тој донел одлука Самуел да не може да биде присилен да стане член на некоја генерациска група. Судијата за прекршоци изјавил: „Обичајот кој го лишува граѓанинот од слободен избор постапува против Чл[ен] 37 од Уставот на Федерална Република Нигерија и затоа не може да ја добие поддршката на законот“.
Генерациската група се обратила до Вишиот суд и ја добила парницата. Тамошниот судија наредил Самуел да ја плати таксата, изјавувајќи дека тоа било само начин на придонес за развојот на неговото родно место.
Тогаш Самуел се пожалил дека тоа е неправда. Апелациониот суд ја поништил пресудата на Вишиот суд, и донел одлука во корист на Самуел. Неспремни да го признаат поразот, генерациската група го дала случајот до Врховниот суд на Нигерија.
Во меѓувреме, членовите на групите биле зафатени со работа во селото на Самуел. Аргументирајќи дека Сведоците се против сите општински проекти, ги убедиле селските главатари да ги забранат активностите на Јеховините сведоци во тоа подрачје. Селскиот протуѓер објавил дека секој што ќе има работа со Јеховините сведоци ќе биде парично казнет. Сведоците од соседните градови интервенирале и им ја разјасниле работата на постарите мажи во селото. Објасниле дека Божјиот народ на никаков начин не се противи на општинскиот развој. Всушност, Самуел му поднел признаници на судот како доказ дека тој плаќал придонеси за општински проекти коишто генерациските групи не ги финансирале. Тогаш селските старешини ја промениле одлуката да ги бојкотираат Сведоците.
Религиозната слобода триумфира
На 21. октомври 1991, петмина судии од нигерискиот Врховен суд едногласно пресудиле во корист на Самуел. Образложувајќи ја главната пресуда на судијата Пол Нвокеди, судијата Абубакар Вали изјавил: „Она на коешто обвинетиот [Самуел] се противи да го плати не е наметнатиот данок [оданочувањето], туку тоа што не сака да биде член на никакво друштво, клуб или генерациска група, затоа што тоа е против неговите религиозни верувања како член на Јеховините сведоци“.
Судијата продолжил: „Уставот од 1963 година, дел 24(1), на сите нигериски граѓани им ја гарантираше слободата на совеста, мислењето и вероисповеста. Обвинетиот има право да се држи на начелото на својата религија, на мислењето и совеста кои му забрануваат да им се приклучи на. Полнолетните врсници. Секој обичај што наметнува нешто поинакво е спротивен на Уставот и затоа до тој степен нема никаква вредност“.
Накусо, судот пресуди ниедно лице да не може да биде законски присилено да ѝ се приклучи на некаква генерациска група, дури и ако членството е месен обичај. Тој исто така одлучи ниедно лице да не може да биде присилено да плаќа долгови преку некакво здружение ако не е негов член, дури и ако долговите се наменети за развој на општината. Така, преку овој навидум мал детаљ беше одбранета религиозната слобода за сите Нигеријци.